Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 58

Уништувањето на Ерусалим

Уништувањето на Ерусалим

Луѓето во Јуда многу пати го заборавале Јехова и почнувале да им служат на лажни богови. Јехова со години се обидувал да им помогне. Им испраќал многу пророци, но наместо да ги слушаат, тие им се потсмевале. Како Јехова им покажал дека не треба да им служат на идоли?

Навуходоносор, кој бил цар на Вавилон, почнал да поразува многу народи. Кога за првпат го освоил Ерусалим, тој ги заробил цар Јоахин, кнезовите, војниците и занаетчиите, и сите ги одвел во Вавилон. Освен тоа, го зел сето богатство од храмот на Јехова. Потоа Навуходоносор го поставил Седекија за цар на Јуда.

Во почетокот, Седекија му бил послушен на Навуходоносор. Но, народите што живееле во близина и лажните пророци му велеле на Седекија да се побуни против Вавилон. Еремија го предупредил: „Ако се побуниш, во Јуда ќе има многу убиства, глад и болести“.

Откако владеел осум години, Седекија одлучил да се побуни против Вавилон. Тој побарал помош од египетската војска. Но, Навуходоносор ја испратил својата војска да го нападне Ерусалим, и таа го опколила целиот град. Еремија му рекол на Седекија: „Ако им се предадеш на Вавилонците, Јехова вели дека ќе останеш жив и дека градот нема да биде уништен. Но ако не се предадеш, Вавилонците ќе го запалат Ерусалим, а тебе ќе те заробат“. Седекија рекол: „Нема да се предадам!“

По една и пол година, вавилонската војска ги пробила ѕидовите на Ерусалим и го запалила целиот град. Храмот изгорел, загинале многу луѓе, а илјадници други биле заробени.

Седекија избегал од Ерусалим, но Вавилонците тргнале по него. Тие го фатиле близу градот Ерихон и го одвеле кај Навуходоносор. Вавилонскиот цар наредил Седекија да гледа како неговите синови се убиени пред негови очи. Потоа Навуходоносор го ослепил Седекија и го ставил во затвор, каде што подоцна умрел. И покрај сѐ што се случило, Јехова им ветил на луѓето од Јуда: „По 70 години повторно ќе ве вратам во Ерусалим“.

А што се случило со младите кои биле одведени како заробеници во Вавилон? Дали му останале верни на Јехова? Ајде да видиме.

„Јехова Боже, Семоќен, исправни и праведни се твоите пресуди“ (Откровение 16:7)