Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 62

Сонот за големото дрво

Сонот за големото дрво

Една ноќ, Навуходоносор имал страшен сон. Ги викнал мудрите луѓе за да му кажат што значи сонот. Но, никој не можел да му го објасни. На крајот, царот зборувал со Даниел.

Навуходоносор му рекол на Даниел: „Во сонот видов едно дрво. Тоа порасна многу високо, до небото. Можеше да се види од секое место на Земјата. Имаше убави лисја и многу плодови. Под неговата сенка се одмараа животните, а на неговите гранки птиците си правеа гнезда. Тогаш од небото слезе ангел и извика: ’Пресечете го дрвото и отсечете му ги гранките. Но, пенушката со корењата оставете ја, а околу неа ставете железни и бакарни окови. Срцето на дрвото ќе се промени од човечко во животинско, и тоа ќе трае седум времиња. Сите луѓе ќе видат дека Бог е тој што ја има сета власт и дека го дава царството на кого сака‘“.

Јехова му открил на Даниел што значи сонот. Кога Даниел го сфатил значењето, многу се исплашил. Тој рекол: „Камо овој сон да беше за твоите непријатели, царе. Ама за тебе е. Големото дрво што било пресечено си ти. Ќе го изгубиш царството и ќе јадеш трева по ливадите како дивите животни. Но, тоа што ангелот рекол да ја остават пенушката со корењата значи дека повторно ќе бидеш цар“.

Една година потоа, Навуходоносор се шетал по рамниот покрив на неговата палата и му се восхитувал на Вавилон. Тој рекол: „Колку убав град сум изградил! Никој не ми е рамен!“ Додека уште зборувал, еден глас од небото рекол: „Навуходоносор! Царството веќе не е твое“.

Во тој миг, Навуходоносор го изгубил паметот и станал како диво животно. Морал да ја напушти палатата, и живеел заедно со дивите животни. Неговата коса пораснала и почнала да личи на орелски пердуви, а неговите нокти на птичји канџи.

По седум години, на Навуходоносор му се вратил разумот и Јехова му дозволил повторно да биде цар на Вавилон. Навуходоносор рекол: „Нека биде славен Јехова, Царот на небото. Сега знам дека Јехова владее над сѐ. Ги учи на понизност гордите луѓе, и поставува за цар кого сака“.

„Гордоста оди пред пропаста, и вообразеноста — пред падот“ (Изреки 16:18)