Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 63

Зборовите на ѕидот

Зборовите на ѕидот

Со текот на времето, цар на Вавилон станал Валтазар. Една вечер, тој поканил на гозба илјада луѓе кои биле меѓу најважните во царството. Тој им наредил на своите слуги да ги донесат златните садови кои претходно Навуходоносор ги донел од храмот на Јехова. Валтазар и неговите гости пиеле од тие чаши и ги славеле своите богови. Одеднаш, се појавила човечка рака и почнала да пишува чудни зборови на ѕидот.

Валтазар се извадил од памет. Веднаш ги повикал своите магионичари и им рекол: „Тој што ќе ми каже што значат овие зборови ќе стане третиот најмоќен човек во Вавилон“. Сите се обидувале да го откријат значењето на зборовите, но никој не успеал. Тогаш дошла царицата и рекла: „Има еден човек по име Даниел кој му откриваше многу работи на Навуходоносор. Тој може да ти каже што значат овие зборови“.

Кога Даниел дошол, царот му рекол: „Ако ми ги прочиташ и објасниш овие зборови, ќе ти дадам златен ланец и ќе те направам третиот најмоќен човек во Вавилон“. Даниел рекол: „Не сакам ништо да ми даваш, царе, ама ќе ти кажам што значат зборовите. Татко ти Навуходоносор беше горд, но Јехова го понизи. Иако ти знаеше што му се случи, сепак го навреди Јехова со тоа што пиеше вино од златните садови од неговиот храм. Затоа Бог напиша: мене, мене, текел, фарсин. Овие зборови значат дека Медијците и Персијците ќе го освојат Вавилон, а ти повеќе нема да бидеш цар“.

Дотогаш луѓето мислеле дека никој не може да го победи Вавилон. Целиот град бил опкружен со дебели ѕидови и со длабока река. Но таа ноќ, Медијците и Персијците го нападнале Вавилон. Персискиот цар Кир ја пренасочил реката и така војниците можеле да стигнат до градските порти. За чудо, портите биле ширум отворени! Војската влегла внатре, го освоила градот и го убила царот. Потоа, со Вавилон почнал да владее Кир.

Уште во првата година, Кир објавил: „Јехова ми рече да го изградам неговиот храм во Ерусалим. Сите што му служат на Јехова, може слободно да одат таму ако сакаат“. Токму како што ветил Јехова, многу Евреи се вратиле дома во Ерусалим 70 години откако овој град бил уништен. Кир ги вратил златните и сребрените садови и другите предмети кои Навуходоносор ги зел од храмот. Забележа ли како Јехова му помогнал на својот народ преку Кир?

„Падна блудницата Големиот Вавилон и стана живеалиште на демони“ (Откровение 18:2)