Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 66

Езра поучувал за Божјиот закон

Езра поучувал за Божјиот закон

Поминале околу 70 години откако повеќето Израелци се вратиле во Ерусалим. Но, некои сѐ уште живееле во различни места во Персиското Царство. Еден од нив се викал Езра. Тој бил свештеник и го поучувал народот за Божјиот закон. Езра дознал дека луѓето во Ерусалим не му се послушни на Законот, па затоа сакал да појде кај нив и да им помогне. Персискиот цар Артаксеркс му рекол: „Бог ти дал мудрост за да поучуваш за неговиот Закон. Оди, а со тебе нека појде и секој што сака“. Езра и сите што сакале да се вратат во Ерусалим се сретнале на едно место, му се помолиле на Јехова да ги чува по патот и тргнале на тоа долго патување.

По четири месеци, пристигнале во Ерусалим. Кнезовите му рекле на Езра: „Израелците не го послушаа Јехова и си зедоа жени кои им служат на лажни богови“. Што направил Езра? Пред целиот народ, клекнал на колена и се помолил: „Јехова, ти направи многу работи за нас, а ние толку ти згрешивме!“ Луѓето се покајале, но сѐ уште правеле работи што не се добри. Затоа, Езра избрал старешини и судии да видат што е проблемот. Во текот на следните три месеци, на сите што не му служеле на Јехова им било кажано да си заминат.

Поминале 12 години. Во меѓувреме, ѕидовите околу Ерусалим повторно биле изградени. Езра ги собрал луѓето на плоштадот за да им чита од Божјиот закон. Кога ја отворил книгата, луѓето станале. Езра кажал неколку зборови за фалба на Јехова, и тие ги кренале рацете во знак на согласност. Потоа Езра почнал да го чита и објаснува Законот, а луѓето внимателно слушале. Тие признале дека повторно се оддалечиле од Јехова и заплакале. Следниот ден, Езра повторно им читал од Законот. Луѓето дознале дека за кратко време треба да го прослават Празникот на сениците. Затоа, веднаш почнале да прават подготовки за празникот.

Во текот на седумте дена од празникот, луѓето се радувале и му благодареле на Јехова за добрата жетва. Таков Празник на сениците немало уште од времето на Исус Навин. По празникот, луѓето се собрале и се помолиле: „Јехова, ти нѐ спаси од ропство, нѐ хранеше во пустината и ни ја даде оваа прекрасна земја. Но ние секогаш одново ти бевме непослушни. Ти ни испраќаше пророци да нѐ опоменуваат, но ние не ги слушавме. Сепак, ти беше многу стрплив и не заборави што му вети на Авраам. Ветуваме дека отсега ќе ти бидеме послушни“. Тие го запишале своето ветување, а потоа кнезовите, левитите и свештениците му ставиле печат.

„Среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:28)