Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 67

Ѕидот околу Ерусалим

Ѕидот околу Ерусалим

Да се вратиме неколку години наназад, кога ѕидот околу Ерусалим сѐ уште не бил обновен. Неемија бил Израелец кој живеел во персискиот град Суза и му бил слуга на цар Артаксеркс. Неговиот брат дошол од Јуда и му кажал една лоша вест: „Луѓето што се вратија во Ерусалим се во тешка ситуација. Градските ѕидови и порти кои Вавилонците ги уништија сѐ уште не се обновени“. Неемија многу се загрижил. Сакал да оди во Ерусалим и да им помогне на луѓето, па затоа го молел Јехова царот да го пушти да оди.

По некое време, царот забележал дека Неемија е тажен. Затоа му рекол: „Што се случило? Никогаш не сум те видел толку тажен“. Неемија одговорил: „Како да не сум тажен кога мојот град, Ерусалим, е целиот во урнатини?“ Царот го прашал: „Како можам да ти помогнам?“ Во тој момент, Неемија кратко се помолил во себе. Потоа рекол: „Те молам, царе, дозволи ми да појдам во Ерусалим за да ги обновам ѕидовите на градот“. Цар Артаксеркс му дозволил на Неемија да оди на тој долг пат, а му дал и сѐ што му било потребно за да пристигне безбедно во Ерусалим. Исто така, царот го поставил Неемија за управител на Јуда и му дал доволно дрва за градските порти.

Кога Неемија пристигнал во Ерусалим, проверил во каква состојба е градскиот ѕид. Потоа ги повикал свештениците и управителите и им рекол: „Ситуацијата е многу лоша. Мора веднаш да се фатиме за работа“. Луѓето се согласиле и почнале да ги поправаат ѕидовите.

Но, некои непријатели на Израелците им се потсмевале и им велеле: „Ѕидот што го градите е толку јак што може да го сруши и обична лисица“. Работниците не обрнувале внимание на исмевањето и продолжиле да градат. Малку по малку, ѕидот станувал сѐ повисок и сѐ појак.

Непријателите решиле да го нападнат Ерусалим од различни страни кога никој нема да очекува. Но, Евреите дознале за тоа и многу се уплашиле. Неемија им рекол: „Не плашете се. Јехова е со нас“. Потоа поставил стражари да ги штитат работниците, па така непријателите не можеле да ги нападнат.

Градските ѕидови и порти биле завршени за само 52 дена. За да ја прослават успешната работа, Неемија ги повикал сите левити во Ерусалим. Пејачите ги поделил на две групи. Тие се искачиле на градскиот ѕид и тргнале да го обиколат градот — едните од едната страна, а другите од другата. Свиреле на труби, чинели и харфи и му пееле на Јехова. Езра тргнал со едната група, а Неемија со другата. Двете групи на крајот се сретнале кај храмот, и сите луѓе — мажи, жени и деца — му принеле жртви на Јехова и се веселеле. Нивната радост била толку голема што се слушала надалеку.

„Никакво оружје направено против тебе нема да успее“ (Исаија 54:17)