Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 68

Елисавета родила дете

Елисавета родила дете

Поминале повеќе од 400 години откако биле обновени ѕидовите на Ерусалим. Во близина на овој град живеел еден свештеник по име Захарија со својата жена, Елисавета. Тие биле во брак многу години, но немале деца. Еден ден, додека Захарија принесувал темјан во Светињата во храмот, му се појавил ангелот Гавриел. Захарија многу се исплашил, но Гавриел му рекол: „Не плаши се. Ти носам добра вест од Јехова. Жена ти, Елисавета, ќе роди син кој ќе се вика Јован. Јехова го избра Јован за една важна задача“. Захарија прашал: „Како да верувам во тоа? Јас и жена ми сме престари за да имаме дете“. Гавриел рекол: „Бог ме испрати да ви ја кажам оваа вест. Но бидејќи не ми поверува, ќе бидеш нем сѐ додека бебето не се роди“.

Захарија се задржал во Светињата подолго од обично. Кога конечно излегол, луѓето што биле таму сакале да знаат што се случило. Но, Захарија не можел да зборува. Можел само да прави знаци со рацете. Тогаш луѓето сфатиле дека Захарија добил порака од Бог.

По некое време, Елисавета забременила и родила машко дете, токму како што рекол ангелот. Нејзините пријатели и роднини дошле да го видат бебето. Тие многу се радувале за Елисавета. Таа им рекла: „Ќе му го дадеме името Јован“. Тогаш тие ѝ рекле: „Ама никој во вашата фамилија не се вика Јован. Нека се вика Захарија, како татко му“. Но, Захарија зел една плочка и напишал: „Јован му е името“. Од тој момент, Захарија повторно можел да зборува! Луѓето од цела Јудеја дознале за ова дете и велеле: „Што ли ќе стане од него кога ќе порасне?“

Потоа Захарија се исполнил со свет дух и кажал едно пророштво: „Нека биде славен Јехова. Тој му вети на Авраам дека ќе испрати Месија, кој ќе нѐ спаси. Јован ќе биде пророк, и ќе му го подготви патот на Месијата“.

Нешто посебно ѝ се случило и на Марија, која ѝ била роднина на Елисавета. Што било тоа? Да видиме во следното поглавје.

„За луѓето тоа е невозможно, но за Бог сѐ е возможно“ (Матеј 19:26)