Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 73

Јован го подготвил патот за Месијата

Јован го подготвил патот за Месијата

Јован, синот на Захарија и Елисавета, станал пророк кога пораснал. Јехова му дал задача да објавува дека наскоро ќе дојде Месијата. Јован не поучувал во синагогите или во градовите, туку во пустината. Многу луѓе од Ерусалим и од цела Јудеја доаѓале за да го слушаат. Тој ги учел дека мора да престанат да прават лоши работи ако сакаат да го радуваат Бог. Откако ги чуле поуките на Јован, многумина се покајале за своите гревови и тој ги крстил во реката Јордан.

Јован живеел многу скромно. Носел облека од камилски влакна и јадел скакулци и див мед. Затоа луѓето се прашувале каков човек е тој. Дури и горделивите фарисеи и садукеи дошле да го видат. Јован им кажал: „Мора да се смените и да се покаете. Немојте да си мислите дека сте нешто посебно само затоа што велите дека сте деца на Авраам. Тоа не значи дека сте деца на Бог“.

Многу луѓе го прашувале Јован: „Што треба да правиме за да го радуваме Бог?“ Јован им одговорил: „Ако имате две облеки, дајте му ја едната на оној што нема ниту една“. Знаеш ли зошто го рекол тоа? За да ги поучи дека, за да го радуваат Бог, мора да ги сакаат другите.

Јован им рекол на даночниците: „Бидете чесни и немојте да крадете од луѓето“. А на војниците им кажал: „Не примајте поткуп и не лажете“.

Дури и некои свештеници и левити дошле кај Јован за да го прашаат: „Кој си ти? Сите сакаат да знаат“. Јован им одговорил: „Јас сум гласот од пустината кој ги води луѓето до Јехова, токму како што прорече Исаија“.

На луѓето многу им се допаднале учењата на Јован. Многумина мислеле дека можеби тој е Месијата. Но, Јован отворено им кажал: „Доаѓа некој што е поважен од мене. Јас не сум достоен ни да му ги одврзам сандалите. Јас крштавам со вода, а тој ќе крштава со свет дух“.

„Тој дојде заради сведоштво, да сведочи за светлината, за да можат најразлични луѓе да поверуваат преку него“ (Јован 1:7)