Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 79

Исус правел многу чуда

Исус правел многу чуда

Исус дошол на Земјата за да ја објавува добрата вест за Божјето Царство. Со помош на светиот дух што го добил од Јехова, тој направил многу чуда со кои покажал што ќе стори во иднина како Цар. Исус можел да лекува секакви болести. Каде и да одел, кај него доаѓале болни луѓе, и тој ги лекувал. Слепите почнувале да гледаат, глувите да слушаат, сакатите да одат, а ги лекувал и оние што биле обземени од демони. Луѓето оздравувале дури и ако само го допреле работ на неговата облека. Постојано го следеле многу луѓе. Исус им помагал дури и кога сакал да биде сам.

Еднаш, додека Исус бил во една куќа, некои луѓе донеле парализиран човек на носилка. Но, во куќата имало толку голема гужва што не можеле да го внесат човекот внатре. Затоа направиле дупка во покривот и го спуштиле долу. Исус му рекол на човекот: „Стани и оди“. Човекот навистина станал, и луѓето биле восхитени.

Во друга прилика, додека Исус влегувал во едно село, 10 мажи болни од лепра стоеле малку подалеку од него и викале: „Исус, помогни ни!“ Во тоа време, лепрозните луѓе не смееле да се доближуваат до други луѓе. На 10-те лепрозни Исус им рекол да одат во храмот. Според Јеховиниот закон, така требало да направи секој што ќе оздравел од лепра. Тие тргнале и, додека уште оделе по патот, оздравеле. Кога сфатил дека повеќе не е болен, еден од нив се вратил за да му се заблагодари на Исус и да го слави Бог. Иако сите 10 оздравеле, само еден му кажал фала на Исус.

Една жена која 12 години била многу болна, очајно сакала да се излечи. Додека Исус бил меѓу група луѓе, таа му се приближила од зад грб и го допрела работ на неговата облека. Во истиот момент, нејзината болест исчезнала. Тогаш Исус прашал: „Кој ме допре?“ Жената се исплашила, но сепак дошла пред него и му ја кажала вистината. Исус ја утешил и ѝ рекол: „Ќерко, оди си во мир“.

Еден угледен човек по име Јаир го молел Исус: „Те молам дојди кај мене! Мојата ќеркичка е многу болна“. Но, уште пред Исус да стигне таму, девојчето починало. Кога дошол пред куќата на Јаир, видел многу луѓе кои плачеле за девојчето. Исус им кажал: „Не плачете — таа само спие“. Тогаш го фатил девојчето за рака и рекол: „Дете, стани!“ Ќерката на Јаир станала во истиот момент. Исус им кажал на родителите да ѝ дадат да јаде. Можеш ли да си замислиш колку биле среќни?

„Бог го помаза со свет дух и сила, а тој минуваше низ земјата правејќи добро и лекувајќи ги сите кои Ѓаволот ги угнетуваше, зашто Бог беше со него“ (Дела 10:38)