Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 84

Исус одел по вода

Исус одел по вода

Исус можел да лекува болни и да воскреснува мртви, но имал моќ и над ветрот и дождот. Откако се молел на планината, Исус погледнал кон Галилејското Море и видел дека беснее бура. Апостолите биле на чамецот и се мачеле да веслаат спроти ветрот. Исус слегол до брегот и тргнал кон нив одејќи по водата. Кога апостолите виделе дека некој оди по водата, многу се уплашиле. Но, Исус им довикнал: „Не плашете се, јас сум!“

Петар рекол: „Господару, ако навистина си ти, заповедај ми да дојдам кај тебе“. Исус му рекол: „Ајде, дојди!“ Така, среде силната бура, Петар излегол од чамецот и почнал да оди по водата кон Исус. Но, кога се доближил до него, погледнал во големите бранови и се уплашил. Петар почнал веднаш да тоне. Тогаш извикал: „Господару, спаси ме!“ Исус го фатил за раката и му рекол: „Зошто се исплаши? Зар немаш вера?“

Исус и Петар се качиле на чамецот, и бурата веднаш престанала. Можеш ли да си замислиш како се чувствувале апостолите? Тие му рекле на Исус: „Навистина си Божји Син“.

Исус и во други прилики покажал дека има моќ над временските услови. Еднаш, додека со апостолите пловел кон другата страна на морето, заспал во чамецот. Одеднаш настанала силна бура. Брановите удирале во чамецот, и тој почнал да се полни со вода. Апостолите го разбудиле Исус, силно викајќи: „Учителе, ќе умреме! Помогни ни!“ Исус станал и му рекол на морето: „Смири се!“ Во истиот момент, ветрот и морето се смириле. Исус им рекол на апостолите: „Зарем немате вера?“ Тие почнале да си велат еден на друг: „Дури и ветрот и морето го слушаат“. Апостолите научиле дека, ако имаат целосна доверба во Исус, не треба да се плашат од ништо.

„Не плаши се, само верувај!“ (Марко 5:36)