Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 89

Петар одрекол дека го познава Исус

Петар одрекол дека го познава Исус

Додека Исус бил со апостолите во горната соба, им рекол: „Оваа ноќ, сите ќе ме напуштите“. Петар рекол: „Јас нема! Дури и сите други да те напуштат, нема шанси јас да те напуштам“. Но, Исус му рекол: „Пред петелот да запее, трипати ќе речеш дека не ме познаваш“.

Подоцна, кога војниците го одвеле Исус во куќата на Кајафа, повеќето апостоли побегнале. Но, двајца од нив го следеле заедно со другите луѓе од групата. Едниот бил Петар. Тој отишол во дворот на куќата на Кајафа и се греел крај огнот. Но, една слугинка го погледнала и рекла: „Знам кој си! Ти беше со Исус!“

Петар одговорил: „Не е точно! Не знам што зборуваш!“ Потоа тргнал кон портата. Но, една друга слугинка го видела и им рекла на луѓето: „Овој човек беше со Исус!“ Петар рекол: „Јас не го ни познавам Исус!“ Тогаш еден човек рекол: „И ти си со нив! По зборувањето се гледа дека си од Галилеја, како Исус“. Но, Петар упорно тврдел: „Не го познавам!“

Во тој миг запеал петел. Исус се свртел и го погледнал Петар во очи. Тогаш Петар се сетил на зборовите на Исус, излегол надвор и силно заплакал.

Во меѓувреме, членовите на Судскиот совет се собрале во куќата на Кајафа за да му судат на Исус. Тие веќе биле решени да го убијат, само требало да најдат за што да го обвинат. Бидејќи не можеле да најдат ништо против Исус, Кајафа отворено го прашал: „Дали си Син на Бог?“ Исус му одговорил: „Да“. Тогаш Кајафа рекол: „Не ни требаат други докази. Слушнавте и сами — го навреди Бог!“ Членовите на судот се согласиле: „Заслужува смрт“. Тие почнале да му удираат шлаканици и да го плукаат. Освен тоа, му ги покриле очите, го удирале и велеле: „Ако си пророк, кажи кој те удри!“

Кога се разденило, го одвеле Исус во салата на Судскиот совет и повторно го прашале: „Дали си Син на Бог?“ Исус им одговорил: „Вие сами велите дека сум“. Тогаш рекле дека е виновен бидејќи го навредил Бог и го одвеле во палатата на римскиот управител Понтиј Пилат. Што се случило потоа? Ајде да видиме.

„Часот... веќе дошол, кога ќе се распрснете, секој во својата куќа, и ќе ме оставите сам. Но јас не сум сам, бидејќи Таткото е со мене“ (Јован 16:32)