Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 95

Ништо не можело да ги запре

Ништо не можело да ги запре

Пред портата на храмот, секој ден просел еден човек кој не можел да оди. Едно попладне, тој ги видел Петар и Јован како влегуваат во храмот. Човекот им рекол: „Ве молам, имајте милост“. Петар му одговорил: „Пари немам, ама имам нешто многу подобро. Во името на Исус, стани и оди!“ Петар му помогнал да стане, и човекот почнал да оди. Луѓето што го виделе ова чудо биле воодушевени и многумина станале ученици.

Но, свештениците и садукеите збеснале! Тие ги грабнале апостолите и ги извеле пред Судскиот совет, кој се состоел од верски водачи. Водачите прашале: „Кој ви дал моќ да лекувате?“ Петар одговорил: „Моќта ја добивме од Исус Христос, кого вие го убивте“. Верските водачи почнале да викаат: „Престанете да зборувате за тој Исус!“ Но, апостолите им вратиле: „Не можеме да престанеме да зборуваме за него“.

Кога Петар и Јован биле ослободени, отишле кај другите ученици за да им кажат што се случило. Тие заедно се помолиле: „Јехова, те молиме дај ни храброст за да можеме да ја вршиме задачата што ни ја даде“. Јехова им дал свет дух и тие продолжиле да проповедаат и да лекуваат. Сѐ повеќе луѓе станувале ученици. Садукеите биле толку љубоморни што ги уапсиле апостолите и ги фрлиле во затвор. Но, во текот на ноќта Јехова испратил ангел кој ги отворил вратите на затворот и им кажал на апостолите: „Одете пак во храмот и поучувајте!“

Уште следното утро, до членовите на Судскиот совет стигнала веста: „Затворот е заклучен, но луѓето што ги уапсивте не се таму! Тие се во храмот и ги поучуваат луѓето!“ Апостолите повторно биле уапсени и изведени пред судот. Првосвештеникот им рекол: „Нели ви наредивме да не зборувате за Исус?“ Петар одговорил: „Мораме да го слушаме Бог како наш владетел, а не луѓето“.

Верските водачи вриеле од лутина и сакале да ги убијат апостолите. Но, еден фарисеј по име Гамалиел станал и рекол: „Не брзајте! Можеби Бог е со овие луѓе. Зарем сакате да се борите против Бог?“ Тие го послушале. Сепак, пред да ги пуштат апостолите, ги истепале со стапови и повторно им забраниле да проповедаат. Но, ова не ги исплашило апостолите. Тие продолжиле храбро да им зборуваат на другите за добрата вест — и во храмот и од куќа до куќа.

„Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:29)