Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 96

Исус го избрал Савле

Исус го избрал Савле

Савле бил римски граѓанин роден во Тарс. Тој бил фарисеј кој одлично го познавал еврејскиот закон и ги мразел христијаните. Савле упаѓал во куќите на христијаните, ги апсел и мажите и жените и ги фрлал во затвор. Во една прилика, една разлутена група луѓе го каменувале ученикот Стефан до смрт, а Савле стоел и гледал.

Но, на Савле не му било доволно да ги уапси само христијаните од Ерусалим. Тој од првосвештеникот побарал да го испрати во градот Дамаск за да ги прогонува и христијаните таму. Кога бил во близина на градот, одеднаш околу него блеснала силна светлина и тој паднал на земја. Тогаш еден глас му рекол: „Савле, зошто ме прогонуваш?“ Савле прашал: „А кој си ти?“ Гласот рекол: „Јас сум Исус. Оди во Дамаск, па ќе дознаеш што треба да правиш“. Во тој момент, Савле ослепел, и некој требало да го води за рака за да стигне во градот.

Во Дамаск живеел еден верен христијанин по име Ананија. Во видение, Исус му рекол: „Оди во куќата на Јуда, на улицата Права, и побарај го Савле“. Ананија рекол: „Господару, ама јас го знам тој човек! Тој ги фрла твоите ученици во затвор!“ Но, Исус му рекол: „Оди кај него. Го избрав Савле за да им ја проповеда добрата вест на многу народи“.

Така Ананија го нашол Савле и му рекол: „Савле, брате, Исус ме испрати кај тебе да ти ги отворам очите“. Во истиот момент, Савле прогледал. Тој почнал да учи за Исус и станал негов следбеник. Откако се крстил, Савле почнал да проповеда во синагогите заедно со другите христијани. Колку биле изненадени Евреите кога виделе дека Савле ги учи луѓето за Исус! Тие велеле: „Не е ли ова истиот човек кој ги прогонуваше учениците на Исус?“

Во текот на три години, Савле им проповедал на луѓето што живееле во Дамаск. Евреите го мразеле Савле и планирале да го убијат. Но, браќата дознале за тоа и му помогнале да побегне. Тие го ставиле во кошница и го спуштиле низ еден отвор на градскиот ѕид.

Кога Савле отишол во Ерусалим, сакал да биде заедно со браќата таму. Но, тие се плашеле од него. Тогаш еден ученик по име Варнава го однел Савле кај апостолите и ги уверил дека тој навистина се сменил. Савле почнал ревносно да ја проповеда добрата вест заедно со браќата од собранието во Ерусалим. Подоцна, тој станал познат како Павле.

„Христос Исус дојде во светот за да ги спаси грешниците, од кои најголемиот сум јас“ (1. Тимотеј 1:15)