Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 100

Павле и Тимотеј

Павле и Тимотеј

Тимотеј бил млад брат во собранието во Листра. Татко му бил Грк, а мајка му Еврејка. Мајка му, која се викала Евника, и баба му Лоида го поучувале Тимотеј за Јехова уште од мал.

Кога Павле дошол во Листра за време на своето второ проповедничко патување, видел дека Тимотеј многу ги сака браќата и дека има голема желба да им помага. Павле го повикал Тимотеј да дојде со него на патувањето. Со текот на времето, Павле му помогнал на Тимотеј да научи добро да проповеда и да ги поучува другите за добрата вест.

Светиот дух ги водел Павле и Тимотеј секаде каде што оделе. Една ноќ, еден човек во видение го молел Павле да дојде во Македонија и да им помогне. Така Павле, Тимотеј, Сила и Лука отишле таму да проповедаат и да основаат собранија.

Во Солун, многу мажи и жени станале христијани. Но, некои Евреи им биле љубоморни на Павле и на оние што го придружувале. Тие собрале група луѓе, ги однеле браќата кај градските управители и почнале да викаат: „Овие се непријатели на Рим!“ Бидејќи животот им бил во опасност, Павле и Тимотеј во текот на ноќта избегале во Верија.

Жителите на Верија многу сакале да учат за Божјето Царство, па така и Грци и Евреи станале ученици на Исус. Но, кога некои Евреи од Солун дошле и го подбуцнале народот, Павле побегнал во Атина. Тимотеј и Сила останале во Верија за да ги храбрат браќата. По некое време, Павле го испратил Тимотеј да оди пак во Солун за да им помогне на браќата да го издржат силното прогонство. А подоцна, Павле го испратил Тимотеј да посети и многу други собранија за да ги охрабри.

Павле му рекол на Тимотеј: „Секој што сака да му служи на Јехова ќе биде прогонуван“. Поради својата вера, Тимотеј навистина бил прогонуван и ставен во затвор. Тој бил среќен што можел да покаже дека му е верен на Јехова.

Павле им рекол на Филипјаните: „Ви го праќам Тимотеј. Тој ќе ве поучи како треба да живее еден слуга на Јехова и ќе ве научи да проповедате“. Павле имал потполна доверба во Тимотеј. Тие долги години соработувале како пријатели и слуги на Јехова.

„Немам никој друг како него, кој вистински би се грижел за вашата благосостојба. Зашто, сите други се грижат само за себе, а не за она што му припаѓа на Христос Исус“ (Филипјаните 2:20, 21)