Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Писмо од Водечкото тело

Писмо од Водечкото тело

Драги читатели,

Како слуги на Јехова, ние ја сакаме неговата Реч, Библијата. Уверени сме дека таа дава точна слика за минатото, содржи практични совети и поуки и на прекрасен начин покажува дека Јехова ги сака сите луѓе (Псалм 119:105; Лука 1:3; 1. Јованово 4:19). Сакаме да им помогнеме и на другите луѓе да ги дознаат скапоцените вистини од Божјата Реч. Затоа, драго ни е што сега ја имаме оваа книга, која носи наслов Поуки од Библијата. Да видиме која е нејзината цел.

Оваа книга главно е наменета за деца. Меѓутоа, може да се користи за да им се помогне и на возрасните лица што сакаат да дознаат повеќе за Библијата. Со оглед на тоа што Библијата е книга за сите луѓе, поуките од оваа публикација можат да му помогнат на секого од нас да биде вистински среќен.

На темел на библиските извештаи, оваа книга ни раскажува што се случувало од создавањето на првиот човек па натаму. Беше вложен голем труд за настаните од Библијата да бидат раскажани на јасен и едноставен начин и, колку што е можно, по редоследот по кој се случиле.

Но, оваа книга не содржи само прераскажани настани од Библијата. Беше обрнато внимание текстот и сликите да ги оживеат библиските случувања и да ги доловат чувствата на луѓето спомнати во нив.

Оваа публикација ни помага да се увериме дека Библијата е книга што зборува за вистински луѓе — и за некои што му биле послушни на Јехова и за некои што не му биле послушни. Исто така, таа нѐ поттикнува да извлечеме поука од нивниот пример (Римјаните 15:4; 1. Коринќаните 10:6). Оваа книга е поделена на 14 делови. На почетокот на секој дел има резиме на главните поуки што можеме да ги извлечеме.

Ако си родител, би можеле заедно со твоето дете да прочитате едно поглавје, да разговарате за сликите и потоа да ги прочитате библиските стихови на кои се темели поглавјето. Помогни му на детето да сфати како се поврзани библиските стихови со поуките од поглавјето. Нешто слично можеш да направиш и доколку му помагаш на возрасно лице да стекне општо познавање за пораката од Библијата.

Се надеваме дека оваа книга ќе им помогне на сите искрени луѓе — без оглед на нивната возраст — да учат од Божјата Реч и да ги применуваат поуките од неа во својот живот. Така, и тие ќе можат да станат дел од Божјето семејство во кое владее топлина и љубов.

Вашите браќа,

Водечко тело на Јеховините сведоци