Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЛЕКЦИЈА 35

Како може да носиме добри одлуки?

Како може да носиме добри одлуки?

Сите ние мора да носиме одлуки. Многу од тие одлуки може да се одразат позитивно или негативно врз нас и врз нашето пријателство со Јехова. На пример, можеби треба да одлучиме каде да живееме, како да се издржуваме или дали да стапиме во брак. Кога носиме добри одлуки, имаме среќен живот и го радуваме Јехова.

1. Како може Библијата да ти помогне да носиш добри одлуки?

Пред да донесеш некоја одлука, моли го Јехова за помош и истражувај во Библијата за да видиш кое е неговото гледиште во врска со тоа. (Прочитај Изреки 2:3-6.) За некои работи Јехова дал јасна заповед. Во таков случај најдобро е да ја послушаш таа заповед.

Но, што ако за некоја работа нема конкретна заповед во Библијата? Дури и во таков случај, Јехова ќе те води „по патот по кој треба да одиш“ (Исаија 48:17). Како? Преку начелата кои можат да ти го дадат потребното водство. Библиските начела се основни вистини од кои дознаваме како Бог размислува и како се чувствува. Честопати може да дознаеме како Јехова гледа на некоја работа кога читаме некој извештај од Библијата. Кога сфаќаме кое е Јеховиното гледиште, може да носиме одлуки со кои ќе го радуваме.

2. Кои работи треба да ги земеш предвид пред да донесеш некоја одлука?

Библијата вели: „Паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15). Ова значи дека, пред да донесеме некоја одлука, треба добро да размислиме за опциите што ни стојат на располагање. Додека ја разгледуваш секоја можна опција, прашај се: „Кои библиски начела треба да ги земам предвид? Која одлука ќе ми донесе внатрешен мир? Како она што ќе го одлучам ќе влијае врз другите? И најважно од сѐ, дали со одлуката ќе го израдувам Јехова?“ (5. Мојсеева 32:29).

Јехова има право да ни каже што е добро, а што не. Колку повеќе учиме за неговите закони и начела и сме решени да ги следиме, толку повеќе ја изоструваме нашата совест. Совеста е внатрешно чувство кое ни кажува што е исправно, а што погрешно (Римјаните 2:14, 15). Ако нашата совест е добро обликувана, ќе носиме мудри одлуки.

ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ

Во овој дел ќе дознаеш како библиските начела и нашата совест ни помагаат да носиме добри одлуки.

3. Дозволи ѝ на Библијата да те води

Како библиските начела можат да нѐ водат кога носиме одлуки? Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ, а потоа разговарајте за следниве прашања:

  • Што е слободна волја?

  • Зошто Јехова ни дал слободна волја?

  • Што ни дал Јехова за да ни помогне да ја користиме слободната волја на најдобар можен начин?

Да разгледаме едно библиско начело. Прочитај Ефешаните 5:15, 16 и фуснотата за стих 16, а потоа разговарајте за следниве прашања: Како би можел добро да го користиш времето...

  • за редовно да ја читаш Библијата?

  • за да станеш подобар сопружник, родител, син или ќерка?

  • за да присуствуваш на собраниските состаноци?

4. Обликувај ја својата совест за да носиш добри одлуки

Кога за некоја работа има конкретна заповед во Библијата, можеби не ни е тешко да ја донесеме исправната одлука. Но што ако нема таква заповед? Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ, а потоа разговарајте за следново прашање:

  • Кои работи ги направи сестрата за да си ја обликува совеста и да донесе одлука со која ќе го радува Јехова?

Зошто не треба да бараме од другите тие да ни кажат што да одлучиме? Прочитај Евреите 5:14, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • Можеби ни е полесно да ги прашаме другите каква одлука да донесеме. Сепак, што би требало да научиме самите да разликуваме?

  • Што ти стои на располагање за да можеш да си ја обликуваш совеста и да носиш добри одлуки?

Исто како што една мапа ни помага да го најдеме исправниот пат, така и совеста нѐ води во животот и ни помага да носиме добри одлуки

5. Почитувај ја совеста на другите

Сите ние сме различни и затоа носиме различни одлуки. Како може да покажеме дека ја почитуваме совеста на другите? Да разгледаме два примера:

Пример 1: Една сестра која многу сака да се дотерува се сели на друго место и доаѓа во ново собрание. Иако таа не се облекува непристојно, многу сестри од собранието не се чувствуваат убаво поради нејзиниот стил на облекување.

Прочитај Римјаните 15:1 и 1. Коринќаните 10:23, 24, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • На темел на овие стихови, што би можела да одлучи сестрата? Што ќе направиш ти ако си со некој чија совест не одобрува нешто што твојата совест го одобрува?

Пример 2: Еден брат знае дека Библијата не го забранува умереното пиење алкохол, но сепак одлучил воопшто да не пие. Тој е поканет на едно дружење и гледа дека некои браќа пијат алкохол.

Прочитај Проповедник 7:16 и Римјаните 14:1, 10, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • На темел на овие стихови, што би можел да одлучи братот? Што ќе направиш ти ако гледаш дека некој прави нешто што твојата совест не го одобрува?

 Што ќе ти помогне да носиш добри одлуки?

1. Моли го Јехова да ти помогне (Јаков 1:5).

2. Истражувај во Библијата и во библиските публикации за да видиш кои начела се однесуваат на твојата ситуација. Би можел да разговараш и со некои зрели христијани.

3. Размисли како твојата одлука ќе влијае врз твојата совест и врз совеста на другите.

НЕКОИ ВЕЛАТ: „Можеш да правиш што сакаш, и никој нема право да ти се меша. Што е важно што мислат другите?“

  • Зошто треба да земаме предвид што мисли Бог и што мислат другите луѓе?

ШТО НАУЧИ:

Пред да донесеме некоја одлука, треба да дознаеме што мисли Јехова и да размислиме како она што сакаме да го направиме ќе влијае врз другите. Така ќе може да носиме добри одлуки.

Како би одговорил?

  • Како можеш да носиш одлуки со кои ќе го радуваш Јехова?

  • Како можеш да ја обликуваш својата совест?

  • Како можеш да покажуваш почит кон совеста на другите?

Цел:

ИСТРАЖУВАЈ

Како можеш да носиш одлуки со кои ќе си го зацврстиш пријателството со Бог?

„Донесувај одлуки со кои ќе го славиш Бог“ (Стражарска кула од 15 април 2011)

Дознај нешто повеќе за тоа како Јехова ни дава водство и совети.

Јехова го води својот народ (9:50)

Види што му помогнало на еден човек да донесе тешка одлука.

Јехова ни гарантира дека ќе добиеме убави работи (5:46)

Прочитај како може да носиме одлуки кои му се допаѓаат на Јехова дури и во ситуации за кои нема конкретна заповед.

„Дали секогаш ти треба библиска заповед?“ (Стражарска кула од 1 декември 2003)