Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЛЕКЦИЈА 46

Зошто е важно да му се заветуваш на Бог и да се крстиш?

Зошто е важно да му се заветуваш на Бог и да се крстиш?

Што значи да му се заветуваш на Јехова? Тоа значи во молитва да му ветиш дека ќе го обожаваш само него и дека најважно во животот ќе ти биде да ја вршиш неговата волја (Псалм 40:8). Потоа следи крштавање. На тој начин им покажуваш на другите дека си се заветувал. Одлуката да му го заветуваме животот на Јехова е најважната одлука што можеме да ја донесеме. Што може да те поттикне да донесеш една толку важна одлука која ќе ти го промени животот?

1. Што може да нѐ поттикне да се заветуваме?

Љубовта кон Јехова нѐ поттикнува да му го заветуваме својот живот (1. Јованово 4:10, 19). Библијата вели: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила“ (Марко 12:30). Покажуваме дека го сакаме Бог не само со нашите зборови туку и со нашите постапки. Исто како што љубовта поттикнува еден дечко и една девојка да се венчаат, така и нашата љубов кон Јехова нѐ поттикнува да му го заветуваме животот и да се крстиме.

2. Како Јехова ги благословува своите крстени слуги?

Кога ќе се крстиш, ќе станеш дел од Јеховиното среќно семејство. Тогаш ќе ја почувствуваш неговата љубов на многу начини и ќе станеш уште поблизок со него. (Прочитај Малахија 3:16-18.) Освен што Јехова ќе биде твој Татко, ќе имаш и духовни браќа и сестри низ целиот свет кои го сакаат него и те сакаат тебе. (Прочитај Марко 10:29, 30.) Се разбира, за да можеш да се крстиш, треба да направиш одредени чекори. Треба да учиш за Јехова, да го засакаш и да стекнеш вера во неговиот Син. И на крај, треба да му го заветуваш својот живот. Ако ги направиш овие работи и се крстиш, ќе имаш можност да му се радуваш на животот засекогаш. Како што вели Божјата Реч, крштавањето нѐ спасува (1. Петрово 3:21).

ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ

Во овој дел ќе дознаеш зошто е важно да му го заветуваш својот живот на Јехова и да се крстиш.

3. Сите ние мора да одлучиме кому ќе му служиме

Во древниот Израел, некои луѓе мислеле дека можат истовремено да му служат и на Јехова и на лажниот бог Ваал. Но, Јехова го испратил пророкот Илија за да го исправи тоа погрешно размислување. Прочитај 1. Царевите 18:21, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • Што требало да одлучат Израелците?

Исто како Израелците, и ние мора да одлучиме кому ќе му служиме. Прочитај Лука 16:13, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • Зошто не можеме истовремено да му служиме и на Јехова и на некој друг (или на нешто друго)?

  • Како може да му покажеме на Јехова дека сме одлучиле да го обожаваме само него?

4. Размислувај за тоа колку Јехова те сака

Јехова ни дал безброј прекрасни дарови. Што можеме ние да му дадеме нему? Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ.

Кои се некои работи што ги направил Јехова со кои покажал дека те сака? Прочитај Псалм 104:14, 15 и 1. Јованово 4:9, 10, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • За кои дарови од Јехова си особено благодарен?

  • Што чувствуваш кон Јехова поради тие дарови?

Кога ќе добиеме подарок кој многу ни се допаѓа, сакаме да покажеме благодарност кон оној што ни го дал. Прочитај 5. Мојсеева 16:17, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • Што си поттикнат да направиш за Јехова кога размислуваш што сѐ направил тој за тебе?

5. Ако се заветуваш, ќе доживееш многу благослови

Многу луѓе мислат дека славата, кариерата или парите ќе ги направат среќни. Но, дали тоа е точно? Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ, а потоа разговарајте за следниве прашања:

  • Иако многу сакал да игра фудбал, зошто Андриј престанал професионално да се бави со овој спорт?

  • Тој одлучил најважен во животот да му биде Јехова, а не фудбалот. Што мислиш, дали донел добра одлука? Зошто мислиш така?

Пред да стане христијанин, апостол Павле бил поучуван за еврејскиот закон од еден познат учител. Иако можел да биде успешен и влијателен човек во тоа општество, тој го оставил сето тоа за да стане христијанин. Дали Павле се покајал за таа одлука? Прочитај Филипјаните 3:8, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • Зошто Павле го сметал за смет она што го правел пред да стане христијанин?

  • Што добил во замена за она од кое се откажал?

  • Што мислиш, дали ќе имаш подобар живот ако одлучиш да му служиш на Јехова? Зошто мислиш така?

Кога станал христијанин, Павле добил многу повеќе од она од кое се откажал

НЕКОИ ВЕЛАТ: „Знам дека ова е вистината, но јас не можам да живеам така“.

  • Што мислиш, зошто вреди да му го заветуваш животот на Јехова?

ШТО НАУЧИ:

Љубовта кон Јехова нѐ поттикнува да му го заветуваме својот живот и да се крстиме.

Како би одговорил?

  • Зошто Јехова заслужува да го сакаме со сето срце и да го обожаваме само него?

  • Како Јехова ги наградува своите крстени слуги?

  • Дали сакаш да му го заветуваш својот живот на Јехова?

Цел:

ИСТРАЖУВАЈ

Дознај зошто една оперска пејачка и еден рагбист одлучиле да му го заветуваат својот живот на Јехова.

Младите прашуваат — на што да го посветам мојот живот? — Навраќање на минатото (6:54)

Прочитај уште некои причини зошто да се заветуваш.

„Зошто да му се заветуваш на Јехова?“ (Стражарска кула од 15 јануари 2010)

Во овој музички спот, забележи колку се радосни оние што му го заветувале својот живот на Јехова.

За тебе живеам (4:30)

Во животната приказна со наслов „Со години се прашував: ’Зошто постоиме?‘“ прочитај што поттикнало една жена да размисли што ѝ е најважно во животот.

„Библијата менува животи“ (Стражарска кула од 1 ноември 2012)