Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЛЕКЦИЈА 49

Како може твоето семејство да биде среќно? (прв дел)

Како може твоето семејство да биде среќно? (прв дел)

Оние што стапуваат во брак се надеваат дека среќата што ја чувствуваат на денот на нивната венчавка ќе трае засекогаш. Дали тоа е можно? Да. Христијаните кои долги години се во брак и кои вложуваат голем труд за да ги применуваат библиските совети знаат дека тоа е возможно.

1. Какви совети им дава Библијата на сопрузите?

Јехова им дал одговорност на сопрузите да бидат глава на своето семејство. (Прочитај Ефешаните 5:23.) Јехова очекува од нив да носат одлуки кои ќе бидат за доброто на целото семејство. Библијата им го дава следниов совет на мажите: „Сакајте ги своите жени“ (Ефешаните 5:25). Како еден сопруг покажува дека ја сака својата жена? Така што се однесува љубезно и обѕирно со неа — и кога се сами и кога се заедно со други луѓе. Тој води грижа неговата сопруга да се чувствува заштитено и се труди да ѝ го пружи она што ѝ е потребно во физички и во емоционален поглед (1. Тимотеј 5:8). Но најважно од сѐ, тој се грижи за нејзините духовни потреби (Матеј 4:4). Меѓу другото, тој го прави тоа така што се моли и ја чита Библијата заедно со неа. Ако еден маж со љубов се грижи за својата жена, неговото пријателство со Јехова ќе остане цврсто. (Прочитај 1. Петрово 3:7.)

2. Какви совети им дава Библијата на сопругите?

Божјата Реч вели дека жената треба „длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:33). Како може една сопруга да развие таква почит? Така што ќе размислува за убавите особини на нејзиниот сопруг и за тоа колкав труд вложува да се грижи за неа и за нивните деца. Таа може да покаже дека го почитува така што ќе ги поддржува одлуките што тој ги носи. Освен тоа, ќе зборува љубезно со него и ќе кажува убави работи за него пред другите, дури и ако тој не му служи на Јехова.

3. Како можат сопружниците да си го зајакнат својот брак?

Во врска со оние што се во брак, Библијата вели: „Двајцата ќе бидат едно тело“ (Матеј 19:5). Ова значи дека тие мора да се борат против сето она што би можело да ги оддалечи еден од друг. Тие го прават тоа така што редовно поминуваат време заедно и така што отворено и со љубов си ги искажуваат своите мисли и чувства. Тие не дозволуваат ништо друго и никој друг, освен Јехова, да им биде поважен од нивниот брачен другар. Освен тоа, и едниот и другиот мора особено да внимаваат да не се врзат емотивно со некое трето лице.

ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ

Во овој дел ќе дознаеш кои библиски начела можат да ти помогнат да си го зајакнеш бракот.

4. Сопругот треба да ја сака својата жена и да се грижи за неа

Библијата вели дека „мажите треба да ги сакаат своите жени како своите тела“ (Ефешаните 5:28, 29). Што значи тоа? Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ, а потоа разговарајте за следново прашање:

  • Кои се некои начини на кои еден сопруг може да покаже дека ја сака својата жена и дека се грижи за неа?

Прочитај Колошаните 3:12, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • Како еден сопруг би можел да ги покажува овие особини во својот брак?

5. Сопругата треба да го сака и да го почитува својот маж

Библијата ги поттикнува сопругите да го почитуваат својот сопруг без разлика дали тој му служи на Јехова или не. Прочитај 1. Петрово 3:1, 2, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • Ако твојот сопруг не му служи на Јехова, сигурно би сакала еден ден и тој да ја прифати вистината. Што мислиш, како би можела да му помогнеш во врска со тоа — ако постојано му зборуваш за Бог или ако му покажуваш љубов и почит со своите зборови и постапки? Зошто мислиш така?

Добро е мажот и жената заеднички да носат одлуки. Сепак, понекогаш сопругата може да има поинакво мислење од својот сопруг. Во таков случај, таа треба смирено и со почит да му каже како гледа на работите. Но, жената не смее да заборави дека Јехова му дал одговорност на мажот да одлучува што е најдобро за семејството. Затоа, таа треба да дава сѐ од себе за да ја поддржи неговата одлука. Правејќи го тоа, придонесува да има убава атмосфера во семејството. Прочитај 1. Петрово 3:3-5, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • Како се чувствува Јехова кога гледа дека жената го почитува својот маж?

6. Како да се надминат проблемите во бракот

Ниту еден брак не е совршен. Затоа, сопружниците треба заеднички да се трудат да ги надминат проблемите. Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ, а потоа разговарајте за следниве прашања:

  • По кои работи можеше да се забележи дека овие сопружници почнаа да се оддалечуваат еден од друг?

  • Што направија за да си го зајакнат бракот?

Прочитај 1. Коринќаните 10:24 и Колошаните 3:13. Откако ќе го прочитате секој стих, разговарајте за ова прашање:

  • Како овој совет може да им помогне на мажот и на жената да си го зајакнат бракот?

Библијата вели дека треба да покажуваме почит и ценење еден кон друг. Меѓу другото, тоа значи дека треба да се однесуваме на убав и обѕирен начин. Прочитај Римјаните 12:10, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • Што мислиш, дали сопружниците треба да чекаат прво другиот да покаже почит? Зошто мислиш така?

НЕКОИ ВЕЛАТ: „Јас и мојот брачен другар веќе не сме толку блиски“.

  • Како би објаснил дека Библијата може да им помогне на оние што се во таква ситуација?

ШТО НАУЧИ:

Мажот и жената можат да бидат среќни ако се сакаат, си покажуваат почит и ги применуваат библиските начела.

Како би одговорил?

  • Како може сопругот да придонесе бракот да биде среќен?

  • Како може сопругата да придонесе бракот да биде среќен?

  • Ако си во брак, кое библиско начело може да ти помогне да си го зајакнеш бракот?

Цел:

ИСТРАЖУВАЈ

Прочитај некои практични совети кои можат да ти помогнат да имаш среќно семејство.

Твоето семејство може да биде среќно (брошура)

Погледни еден музички спот во кој се истакнати благословите од применувањето на библиските совети во бракот.

Заедно сме (4:26)

Дознај што значи библиското начело дека мажот е глава на жената.

„Жени, зошто да бидете подложни на поглаварството?“ (Стражарска кула од 15 мај 2010)

Како еден брачен пар успеал да надмине сериозни проблеми, вклучувајќи го и разводот?

Со помош од Бог си го спасивме бракот (5:14)