Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЛЕКЦИЈА 57

Што ако направиш сериозен грев?

Што ако направиш сериозен грев?

Без сомнение, ти многу го сакаш Јехова и даваш сѐ од себе за да не направиш нешто со што ќе го повредиш. Сепак, одвреме-навреме ќе правиш грешки. Но, сите грешки не се подеднакво сериозни (1. Коринќаните 6:9, 10). Ако направиш тежок грев, не заборавај дека Јехова сѐ уште те сака и дека е спремен да ти прости и да ти помогне.

1. Што мора да правиме за Јехова да ни прости?

На оние што го сакаат Јехова им паѓа многу тешко кога ќе сфатат дека направиле сериозен грев. Но, тие можат да најдат утеха во зборовите што Јехова им ги кажал на своите слуги: „Ако бидат вашите гревови како црвено платно, ќе станат бели како снег“ (Исаија 1:18). Ако искрено се каеме, Јехова потполно ќе ни прости. Што значи да се каеме? Тоа значи да ни биде многу жал за она што сме го сториле, да бидеме решени повеќе да не го правиме тој грев и сесрдно да го молиме Јехова да ни прости. Потоа треба да вложиме голем труд за да го промениме погрешното размислување или лошите навики кои воделе до тој грев и да се трудиме да живееме во склад со Јеховините морални мерила. (Прочитај Исаија 55:6, 7.)

2. Како Јехова ни помага преку старешините?

Ако направиме тежок грев, Јехова нѐ поттикнува да ги повикаме „старешините од собранието“. (Прочитај Јаков 5:14, 15.) Старешините го сакаат Јехова, а ги сакаат и неговите овчички. Благодарение на поуките што ги добиваат од Јехова, тие можат да ни помогнат да си го обновиме пријателството со него (Галатите 6:1).

Како ќе ни помогнат старешините ако направиме сериозен грев? Двајца или тројца старешини ќе се состанат со нас и со помош на Библијата ќе ни помогнат да сфатиме зошто она што сме го направиле е погрешно. Исто така, ќе ни дадат практични совети и предлози за да не ја повториме истата грешка. Тие можеби ќе одлучат некое време да не учествуваме во одредени активности во собранието, сѐ додека не оздравиме во духовен поглед. Ако некој направил сериозен грев и не се кае, старешините ќе го исклучат за да го заштитат собранието од лошо влијание.

ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ

Во овој дел ќе видиме нешто повеќе за тоа како Јехова може да ни помогне ако направиме сериозен грев и како да покажеме благодарност за неговата помош.

3. Треба да го признаеме гревот за духовно да оздравиме

Кога ќе направиме некој грев, го повредуваме Јехова. Затоа, треба нему да му го признаеме гревот. Прочитај Псалм 32:1-5, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • Зошто е за наше добро да му ги признаеме гревовите на Јехова наместо да се обидуваме да ги скриеме?

Освен што ќе му го признаеме гревот на Јехова, многу ќе ни олесни и кога ќе побараме помош од старешините. Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ, а потоа разговарајте за следново прашање:

  • Како старешините му помогнале на Кенон да се врати кај Јехова?

Треба да зборуваме искрено и отворено со старешините бидејќи тие сакаат да ни помогнат. Прочитај Јаков 5:16, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • Зошто на старешините ќе им биде полесно да ни помогнат ако сме искрени со нив?

Признај го гревот, зборувај искрено со старешините и прифати ја помошта што Јехова со љубов ти ја дава

4. Зошто исклучувањето е корисна мерка

Ако некој направил сериозен грев и не сака да живее според Јеховините мерила, повеќе не може да биде дел од собранието. Тој ќе биде исклучен, и затоа повеќе не се дружиме, па дури и не зборуваме со него. Прочитај 1. Коринќаните 5:6, 11 и 2. Јованово 9-11, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • Библијата вели дека „малку квасец го потквасува целото тесто“. Според тоа, како би можело да влијае врз целото собрание ако се дружиме со некој што згрешил и не се кае?

Многумина кои биле исклучени подоцна се вратиле во собранието. Колку и да било болно, исклучувањето им помогнало да сфатат колку е сериозно она што го направиле (Псалм 141:5). Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ, а потоа разговарајте за следново прашање:

  • Како исклучувањето ѝ помогна на Соња?

Што мислиш, како исклучувањето...

  • спречува да се извалка Јеховиното име?

  • покажува дека Јехова е разумен и полн со љубов?

5. Јехова ни простува кога се каеме

Исус раскажал една споредба од која може да видиме како се чувствува Јехова кога некој ќе се покае. Прочитај Лука 15:1-7, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • Што учиш од оваа споредба за Јехова?

Прочитај Езекиел 33:11, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • По што се гледа дека некој вистински се кае?

Јехова е како пастир кој се грижи за секоја своја овчичка

НЕКОИ ВЕЛАТ: „Ако им кажам на старешините што направив, се плашам дека ќе ме исклучат“.

  • Што би му рекол на некој кој размислува вака?

ШТО НАУЧИ:

Јехова ќе ни прости и тежок грев ако искрено се каеме и сме решени никогаш повеќе да не го повториме.

Како би одговорил?

  • Зошто е за наше добро да му ги признаеме гревовите на Јехова?

  • Што треба да правиме за Јехова да ни прости?

  • Ако направиме сериозен грев, зошто треба да побараме помош од старешините?

Цел:

ИСТРАЖУВАЈ

Види како еден човек почувствувал колку се вистинити зборовите од Исаија 1:18.

Никогаш не се сомневај во Јеховината милост (5:02)

Прочитај зошто исклучувањето е корисно и за оној што е исклучен и за сите во собранието.

„Зошто исклучувањето е израз на љубов“ (Стражарска кула од 15 април 2015)

Дознај нешто повеќе во врска со тоа што значи некој да биде исклучен од собранието.

„Дали Јеховините сведоци ги избегнуваат оние што порано припаѓале на нивната религија?“ (Статија на интернет)

Во животната приказна со наслов „Требаше да му се вратам на Јехова“ прочитај како еден човек кој се оддалечил од вистината повторно станал близок со Јехова.

„Библијата менува животи“ (Стражарска кула од 1 април 2012)