Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сум го направил светиот дух мој личен помошник?

Дали сум го направил светиот дух мој личен помошник?

Дали сум го направил светиот дух мој личен помошник?

ТЕОЛОЗИТЕ, а да не говориме за луѓето во глобала, имаат безброј идеи во врска со идентитетот на Божјиот свет дух. Сепак, таквата неизвесност е непотребна. Библијата јасно објаснува што е светиот дух. Тоа не е личност, како што тврдат некои, туку моќната активна сила која ја користи Бог за да ја извршува својата волја (Псалми 104:30; Дела 2:33; 4:31; 2. Петрово 1:21).

Со оглед на тоа што светиот дух е толку тесно поврзан со извршувањето на Божјите намери, ние треба да сакаме нашиот живот да биде во склад со него. Треба да сакаме тој да биде наш личен помошник.

Помошник — зошто е потребен?

Пред да замине од Земјата, Исус ги уверил своите ученици: „Ќе го замолам Таткото и тој ќе ви даде друг помошник за да биде со вас засекогаш“. И повторно рекол: „Сепак, ви ја кажувам вистината: За ваше добро е тоа што јас си одам. Зашто ако не си одам, помошникот сигурно нема да дојде кај вас; но ако си одам, ќе ви го испратам“ (Јован 14:16, 17; 16:7).

Исус им дал на своите ученици сериозен налог на тој начин што ги поучил: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Ова немало да биде баш лесно бидејќи требало да се изврши наспроти противење (Матеј 10:22, 23).

Противењето однадвор требало да биде проследено со извесна мера неслагање во самото собрание. „А ве поттикнувам браќа“, им напишал Павле на христијаните во Рим околу 56 н.е., „да ги држите на око оние кои предизвикуваат поделби и кои предизвикуваат прилики за спрепнување, спротивно на учењето што сте го научиле, и избегнувајте ги“ (Римјаните 16:17, 18). Оваа ситуација требало уште повеќе да се влоши со смртта на апостолите. Павле предупредил: „Јас знам дека после моето заминување меѓу вас ќе влезат угнетувачки волци кои нема да постапуваат нежно со стадото, и од вас самите ќе станат луѓе кои ќе зборуваат искривени работи за да ги одвлечат учениците по себе“ (Дела 20:29, 30).

За да се дејствува против овие препреки била потребна Божја помош. Тој дал таква помош преку Исус. По своето воскресение, на ден Пентекост 33 н.е., 120 негови следбеници ‚се исполниле со свет дух‘ (Дела 1:15; 2:4).

Учениците увиделе дека светиот дух излеан во таа прилика бил помошта што им ја ветил Исус. Несомнено, тогаш подобро ја разбрале идентификацијата што ја дал Исус: „Помошникот, светиот дух, кого Таткото ќе го испрати во мое име, тој ќе ве научи на сѐ и ќе ве потсети на сѐ што ви реков“ (Јован 14:26). Исто така, тој го нарекол ‚помошникот, духот на вистината‘ (Јован 15:26).

Како духот е помошник?

Духот требало да служи како помошник на неколку начини. Прво, Исус ветил дека духот ќе ги потсети неговите ученици на работите што тој им ги кажал. Со ова мислел на нешто повеќе отколку само да им помогне да се сетат на зборовите. Духот требало да им помогне да го разберат подлабокото значење и важноста на она за кое тој ги поучувал (Јован 16:12—14). Накратко, духот требало да ги води неговите ученици кон подобро разбирање на вистината. Апостол Павле подоцна напишал: „Бог нам ни го откри тоа преку својот дух, зашто духот сѐ истражува, дури и длабоките работи Божји“ (1. Коринќаните 2:10). За да можат да им го пренесат точното спознание на другите, Исусовите помазани ученици требало да имаат добро втемелено разбирање.

Второ, Исус ги поучил своите ученици да се молат, и тоа често. Ако понекогаш не биле сигурни за што треба да молат, духот би можел да посредува за нив или да им помогне. „На сличен начин и духот доаѓа на помош за нашите слабости; зашто не знаеме за што треба да се молиме, како што е потребно, туку самиот дух се зазема за нас со неискажливи воздишки“ (Римјаните 8:26).

Трето, духот требало да им помогне на Исусовите ученици во јавната одбрана на вистината. Тој ги предупредил: „Ќе ве предаваат на месните судови, и ќе ве камшикуваат во нивните синагоги. Да, поради мене ќе ве довлекуваат пред управители и цареви за сведоштво на нив и на нациите. Меѓутоа, кога ќе ве предадат, немојте тегобно да се грижите како или што ќе зборувате; зашто во тој час ќе ви се даде што да зборувате; зашто не сте само вие тие кои зборувате, туку духот на вашиот Татко е тој кој зборува преку вас“ (Матеј 10:17—20).

Светиот дух требало да помогне и да се идентификува христијанското собрание и да ги поттикне неговите членови да донесуваат мудри лични одлуки. Да подискутираме подетално за овие два аспекта на оваа тема и да видиме какво значење имаат за нас денес.

Да служи како знак на распознавање

Евреите со векови служеле под Мојсеевиот закон како Божји избран народ. Бидејќи го отфрлиле Исус како Месија, тој претскажал дека за кратко време и самите ќе бидат отфрлени: „Зарем никогаш не сте читале во Писмото: ‚Каменот што го отфрлија градителите, тој стана главен аголен камен. Тоа е од Јехова, и прекрасно е во нашите очи‘? Затоа ви велам: Божјето царство ќе се одземе од вас и ќе ѝ се даде на нација која ги донесува неговите плодови“ (Матеј 21:42, 43). Со основањето на христијанското собрание на Пентекост 33 н.е., Христовите следбеници станале „нација која ги донесува неговите плодови“. Оттогаш наваму ова собрание било Божји канал за комуникација. За да им овозможи на луѓето да го препознаат ова пренасочување на божествената наклоност, Бог дал непогрешлив знак на распознавање.

На Пентекост светиот дух им овозможил на учениците да зборуваат на јазици кои никогаш не ги учеле, што било причина набљудувачите да реагираат со восхит и да прашаат: „Па како тоа да го слушаме, секој од нас, својот јазик во кој сме се родиле?“ (Дела 2:7, 8). Способноста да се зборува на непознати јазици, заедно со ‚многуте предзнаци и знаци што се случувале преку апостолите‘, навеле околу три илјади лица да признаат дека навистина дејствувал Божјиот дух (Дела 2:41, 43).

Исто така, со донесувањето на „плодот на духот“ — љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување — Христовите ученици биле јасно идентификувани како Божји слуги (Галатите 5:22, 23). Всушност, љубовта на извонреден начин го идентификувала вистинското христијанско собрание. Исус претскажал: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:34, 35).

Членовите на раното христијанско собрание го прифатиле водството од Божјиот свет дух и ја искористиле помошта што им ја понудил тој. Иако христијаните денес сфаќаат дека Бог сега не ги подига мртвите и не извршува чуда како во првиот век, тие дозволуваат плодот на Божјиот дух да ги идентификува како вистински ученици на Исус Христос (1. Коринќаните 13:8).

Помошник во донесување лични одлуки

Библијата е производ на светиот дух. Затоа, кога дозволуваме да бидеме убедени од Библијата, тоа е како светиот дух да нѐ поучува (2. Тимотеј 3:16, 17). Тој може да ни помогне да донесуваме мудри одлуки. Но, дали му дозволуваме?

Како е со нашиот избор на занимање или вработување? Светиот дух ќе ни овозможи да гледаме на некоја потенцијална работа од Јеховина гледна точка. Нашето вработување мора да биде во склад со библиските начела, и по можност би требало да ни помогне да се стремиме кон теократски цели. Платата или угледот и престижот поврзани со работата се навистина од помала важност. Позначајно е дали тоа нѐ снабдува со она што ни е потребно за живот и дали ни остава доволно време и можност да ги исполниме своите христијански обврски.

Желбата да се ужива во животот е нормална и исправна (Проповедник 2:24; 11:9). Затоа, еден урамнотежен христијанин може да се стреми кон рекреација заради освежување и уживање. Но, треба да избере рекреација која ги одразува плодовите на духот, а не таква која ги истакнува „делата на телото“. Павле објаснува: „А делата на телото се видливи, и тоа се блуд, нечистота, распуштено однесување, идолопоклонство, вршење спиритизам, непријателства, кавги, љубомора, изливи на гнев, препирки, поделби, секти, зависти, пијанки, лумпувања и слично“. Исто така, треба да се избегнува да се стане ‚егоистичен, предизвикувајќи натпреварување еден со друг, завидувајќи си еден на друг‘ (Галатите 5:16—26).

Слично е и со изборот на пријатели. Мудро е да ги избираме според духовноста, а не според надворешниот изглед или нивните поседи. Давид очигледно бил Божји пријател, зашто Бог го опишал како ‚човек по [неговото] срце‘ (Дела 13:22). Игнорирајќи го надворешниот изглед, Бог го избрал Давид да биде цар на Израел, според начелото: „Бог не гледа како што гледа човекот: човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето“ (1. Самоил 16:7).

Илјадници пријателства пропаднале бидејќи се темелеле на надворешниот изглед или на поседите. Пријателствата темелени на несигурното богатство можат да завршат ненадејно (Пословици 14:20). Божјата реч инспирирана со дух нѐ советува дека за пријатели треба да ги избереме оние кои можат да ни помогнат да му служиме на Јехова. Таа ни кажува да се сосредоточиме на давањето а не на примањето бидејќи давањето донесува поголема радост (Дела 20:35). Времето и наклоноста спаѓаат меѓу најскапоцените работи што можеме да им ги дадеме на нашите пријатели.

За еден христијанин кој бара брачен партнер, Библијата дава совет инспириран со духот. На некој начин, таа вели: ‚Гледај зад лицето и појавата. Гледај во нозете‘. Во нозете? Да, во смисла: Дали тие се користат за да го извршуваат Јеховиното дело на проповедање на добрата вест и дали се, така да се каже, прекрасни во негови очи? Дали се обуени со пораката на вистината и со добрата вест на мирот? Читаме: „Колку се прекрасни по планините нозете на гласоносецот на радоста кој разгласува мир, носи среќа и проповеда спасение, говорејќи му од Сион: ‚Твојот Бог царува!‘“ (Исаија 52:7; Ефешаните 6:15).

Со оглед на тоа што живееме во „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“, потребна ни е помош за да ја вршиме Божјата волја (2. Тимотеј 3:1). Помошникот, Божјиот свет дух, давал силна поддршка во делото на христијаните во првиот век, вклучувајќи го и тоа што бил нивни личен помошник. Марливото проучување на Божјата реч, која е производ на светиот дух, е првенствен начин на кој и ние можеме да го направиме светиот дух наш личен помошник. Дали веќе сме го направиле?

[Слика на целата страница 23]