Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Работење на „нивата“ — пред жетвата

Работење на „нивата“ — пред жетвата

Работење на „нивата“ — пред жетвата

УЧЕНИЦИТЕ на Големиот Учител биле збунети. Исус штотуку им раскажал кратка приказна за пченицата и плевелот. Таа била една од бројните параболи кои ги кажал тој ден. Кога завршил, повеќето од слушателите си заминале. Но, неговите следбеници знаеле дека неговите параболи мора да имаат посебно значење — особено онаа за пченицата и плевелот. Знаеле дека Исус не бил само интересен раскажувач.

Матеј известува дека тие го прашале: „Објасни ни ја илустрацијата за плевелот на нивата“. Во својот одговор Исус ја протолкувал параболата, претскажувајќи дека меѓу оние кои се исповедуваат како негови ученици ќе се развие голем отпад (Матеј 13:24—30, 36—38, 43). Тоа навистина се случило, а отпадот брзо се раширил по смртта на апостол Јован (Дела 20:29, 30; 2. Солуњаните 2:6—12). Неговите ефекти биле толку продорни што прашањето кое го поставил Исус, а е запишано во Лука 18:8, изгледа многу соодветно: „Кога Синот човечки ќе дојде, дали навистина ќе најде вера на земјата?“

Исусовото доаѓање требало да го означи почетокот на „жетвата“ на христијаните слични на жито. Ова требало да биде обележје на „завршетокот на системот на работи“ кој започнал во 1914. Затоа, не би требало да нѐ изненади тоа што во периодот кој водел до почетокот на жетвата имало искри на интерес за библиската вистина (Матеј 13:39).

Од едно испитување на историскиот запис се гледа дека особено од 15 век па наваму, биле разбранувани умовите дури и меѓу масите на христијанскиот свет кои биле како „плевел“ или фалсификат христијани. Како што Библијата станувала подостапна и биле изготвувани библиски конкорданци, поединците со искрени срца почнале внимателно да трагаат по Писмото.

Светлината станува посјајна

Еден од таквите мажи во почетокот на 19 век бил Хенри Гру (1781—1862), од Бирмингем (Англија). На 13-годишна возраст отпловил со своето семејство преку Атлантикот кон Соединетите Држави, каде пристигнале на 8 јули 1795. Се населиле во Провиденс (Род Ајленд). Неговите родители всадиле во него љубов кон Библијата. Во 1807, на 25-годишна возраст, Гру бил поканет да служи како пастор во баптистичката црква во Хартфорд (Конектикат).

Тој сериозно ја сфатил својата одговорност да поучува и се обидел да им помогне на оние кои биле доверени под негова грижа да живеат во склад со Писмото. Меѓутоа, тој верувал дека собранието треба да се задржи чисто од кое и да е лице што намерно практикува грев. Понекогаш, тој и другите одговорни мажи во црквата морале да ги истераат (исклучат) оние кои извршиле блуд или кои се впуштиле во други нечисти практики.

Во црквата имало и други проблеми што го вознемирувале. Мажи кои не биле членови на црквата биле користени за да ги извршуваат нејзините деловни работи и да предводат во пеењето за време на богослужбите. Тие мажи можеле и да гласаат за работи кои биле од интерес за собранието и со тоа имале извесна контрола над него. На темел на начелото за одвоеност од светот, Гру бил цврсто уверен дека овие функции треба да ги вршат само верни мажи (2. Коринќаните 6:14—18; Јаков 1:27). Според неговото гледиште, било богохулство неверници да пеат песни за фалба на Бог. Поради ваквиот став, во 1811 Хенри Гру бил отфрлен од црквата. Истовремено, други членови со слични гледишта се одвоиле од црквата.

Одвојување од христијанскиот свет

Членовите на оваа група, во која спаѓал и Хенри Гру, почнале да ја проучуваат Библијата со цел да ги приспособат своите животи и активности кон нејзините совети. Нивните студии брзо воделе до поголемо разбирање на библиската вистина и ги довеле до тоа да ги разоткријат грешките на христијанскиот свет. На пример, во 1824 Гру го напишал добро промисленото побивање на тројството. Обрни внимание на логиката во овој пасус од неговите записи: „,За тој ден, и за тој час не знае ниеден човек, ниту ангелите кои се на небото, ниту Синот, туку ТАТКОТО‘ [Марко 13:32]. Забележи го овде степенувањето во скалата на постоењето. Човекот, ангелите, Синот, Таткото . . . Нашиот Господ нѐ учи дека само Таткото знае за тој ден. Но, ова не е вистина, ако, како што претпоставуваат некои, Таткото, Речта и Светиот дух се три личности во еден Бог; зашто, според ова [учење — доктрината за тројство] . . . Синот го знаел тоа исто како и Таткото“.

Гру го разоткрил лицемерството на свештениците и на воените заповедници кои се преправале дека му служат на Христос. Во 1828 тој изјавил: „Можеме ли да си замислиме поголем несклад од тоа кога еден христијанин излегува од својата собичка, каде што се молел за своите непријатели, и потоа им заповеда на своите војски оружјето на смртта да го забијат со нечовечки бес во срцата на истите тие непријатели? Во првиот случај, тој за среќа личи на својот Господар кој умира; но на кого личи во вториот случај? Исус се молел за своите убијци. Христијаните ги убиваат оние за кои се молат“.

Гру напишал и нешто уште посилно: „Кога ќе веруваме во Семоќниот кој нѐ уверува дека со него ‚нема подигрување‘? Кога ќе ја разбереме природата, генијот на таа света религија која бара да се воздржуваме дури и од ‚појава на зло‘? . . Зарем не е тоа клевета на Синот на Блажениот, да претпоставиме дека неговата религија бара човек да постапува како ангел во една ситуација, а му дозволува да постапува како демон во друга?“

Вечниот живот не е вроден

Во тие години, пред појавата на радиото и телевизијата, популарен начин да се изрази сопственото гледиште било да се напишат и да се дистрибуираат памфлети. Околу 1835, Гру напишал еден важен памфлет во кој ги разоткрил учењата за бесмртност на душата и за пеколниот оган како небиблиски. Тој сметал дека со овие доктрини се хули на Бог.

Овој памфлет имал далекосежни ефекти. Во 1837, 40-годишниот Џорџ Сторс нашол примерок од него во воз. Сторс бил жител на Либан (Њу Хемпшир), а во тоа време живеел во Јутика (Њујорк).

Тој бил високо почитуван министер во методистичко-епископалната црква. Откако го прочитал памфлетот бил импресиониран што можело да се наведе еден толку силен аргумент против овие основни учења на христијанскиот свет, во кои никогаш порано не се сомневал. Не знаел кој е авторот, и дури после неколку години, најрано во 1844, го запознал Хенри Гру кога обајцата живееле во Филаделфија (Пенсилванија). Сепак, Сторс сам ја проучил таа тема за три години, зборувајќи за тоа само со другите министри.

На крај, со оглед на тоа што никој не можел да ги побие работите што ги научил, Џорџ Сторс дошол до заклучок дека не би можел да му биде верен на Бог ако остане во методистичката црква. Во 1840 се повлекол од неа и се преселил во Олбени (Њујорк).

Во раната пролет 1842, Сторс одржал серија од шест предавања за шест седмици, на тема: „Испитување — дали злобните се бесмртни?“ Интересот бил толку голем што тој материјал го преработил за објавување, и во следните 40 години достигнал тираж од 200.000 примероци во Соединетите Држави и во Велика Британија. Сторс и Гру соработувале во дебатите против доктрината за бесмртна душа. Гру ревносно продолжил да проповеда сѐ до својата смрт на 8 август 1862 во Филаделфија.

Кратко откако ги презентирал шесте штотуку спомнати предавања, Сторс се заинтересирал за проповедањето на Вилијам Милер, кој го очекувал видливото враќање на Христос во 1843. Околу две години Сторс бил активно вклучен во проповедањето на оваа порака низ североисточниот дел на Соединетите Држави. После 1844, тој повеќе не се сложувал со поставување на некаков датум за враќањето на Христос, но сепак не приговарал ако другите сакале да ја испитаат хронологијата. Сторс верувал дека враќањето на Христос било близу и дека за христијаните било важно да бидат будни и духовно претпазливи, подготвени за денот на прегледување. Но, тој се разидувал со групата на Милер бидејќи тие прифатиле небиблиски доктрини, како што се бесмртност на душата, тоа дека светот ќе изгори и отсуство на каква и да било надеж за вечен живот за оние кои умираат во незнаење.

Кон што ќе води љубовта на Бог?

На Сторс му било одвратно адвентистичкото гледиште дека Бог ќе ги воскресне злобните луѓе со единствена цел повторно да ги врати во смрт. Во Писмото не можел да види доказ за таков бесмислен и одмазднички чин од Божја страна. Сторс и неговите соработници отишле во друга крајност и заклучиле дека злобните нема воопшто да бидат воскреснати. Иако им било тешко да објаснат извесни стихови кои укажувале на воскресение на неправедните, им се чинело дека нивниот заклучок повеќе е во склад со Божјата љубов. Наскоро требало да се направи понатамошен чекор во разбирањето на Божјата намера.

Во 1870 Сторс тешко се разболел и не можел да работи неколку месеци. Во тоа време, можел да преиспита сѐ што имал научено во текот на своите 74 години. Дошол до заклучок дека пропуштил еден витален дел од Божјата намера со човештвото, она што е наведено во Авраамскиот сојуз — дека ‚сите семејства на Земјата ќе бидат благословени бидејќи Авраам го послушал Божјиот глас‘ (Битие 22:18; Дела 3:25).

Со ова му паднала на ум една нова мисла. Ако требало да бидат благословени „сите семејства“, зарем не треба сите да ја чујат добрата вест? Како би ја чуле? Зарем милиони и милиони не биле веќе мртви? Со понатамошно испитување на Писмото, дошол до заклучок дека имало две класи мртви „злобни“ поединци: лица кои убедливо ја отфрлиле Божјата љубов и лица кои умреле во незнаење.

Последниве, како што заклучил Сторс, морало да бидат подигнати од мртвите за да им се даде шанса да извлечат корист од откупната жртва на Христос Исус. Оние кои ќе ја прифатат ќе живеат засекогаш на Земјата. Оние кои ќе ја отфрлат, ќе бидат уништени. Да, Сторс верувал дека Бог нема да подигне никого без да му даде некаква надеж. Конечно, никој нема да биде мртов заради Адамовиот грев, освен самиот Адам! Но, што е со оние кои ќе бидат живи за време на враќањето на Господ Исус Христос? Сторс конечно сфатил дека за да се достигнат сите треба да се преземе една глобална проповедничка кампања. Тој немал ни најмала претстава како би можело да се изврши такво нешто, но со вера напишал: „Премногу луѓе, пак, само затоа што не можат да увидат како некоја работа може да се изврши, ја отфрлаат, како да е невозможна и за Бог бидејќи тие не можат да видат како таа ќе се одвива“.

Џорџ Сторс умрел во декември 1879, во својот дом во Бруклин (Њујорк), на оддалеченост од само неколку блока од она што подоцна станало средишна точка на глобалната проповедничка кампања која тој толку желно ја очекувал.

Потребна е понатамошна светлина

Дали луѓето како Хенри Гру и Џорџ Сторс ја разбрале вистината толку јасно како ние денес? Не. Тие биле свесни за својата борба, како што рекол Сторс во 1847: „Би било добро да запомниме дека ние само испливавме од мрачниот век на црквата; и воопшто нема да биде чудно ако откриеме дека сѐ уште сме облечени во некои ‚вавилонски облеки‘ како вистина“. Гру, на пример, ја сфатил откупнината која ја дал Исус, но не разбрал дека тоа е „соодветна откупнина“ т.е. совршениот човечки живот на Исус даден во замена за изгубениот совршен човечки живот на Адам (1. Тимотеј 2:6). Исто така, Хенри Гру погрешно верувал дека Исус ќе се врати и ќе владее видливо на Земјата. Меѓутоа, Гру се грижел за посветување на Јеховиното име, тема за која се интересирале многу малку луѓе од вториот век н.е. па наваму.

На сличен начин и Џорџ Сторс немал точно разбирање на некои важни точки. Можел да види дека свештенството унапредува лаги, но понекогаш одел во сосема друга крајност. На пример, изгледа како претерана реакција на гледиштето што го имало ортодоксното свештенство за Сатана, Сторс ја отфрлил идејата дека Ѓаволот е вистинска личност. Тој го отфрлил тројството; сепак, не бил сигурен сѐ до кратко пред својата смрт во врска со тоа дали светиот дух е личност. Иако очекувал Христовото враќање во почетокот да биде невидливо, Џорџ Сторс мислел дека со текот на времето ќе има видливо појавување. Сепак, се чини дека обајцата биле чесни и искрени, и дошле поблиску до вистината отколку повеќето други.

„Нивата“ која ја опишал Исус во параболата за житото и плевелот не била сосема спремна за жетва (Матеј 13:38). Гру, Сторс и другите работеле на „нивата“ во подготовка на жетвата.

Чарлс Тејз Расел, кој почнал да го издава ова списание во 1879, во врска со своите рани години напишал: „Господ ни даде многу помагала во проучувањето на Неговата реч, меѓу кои се истакнува нашиот многу сакан и постар брат, Џорџ Сторс, кој и со збор и со перо ни даде голема помош; но ние секогаш настојуваме да бидеме не следбеници на луѓе, сеедно колку се тие добри и мудри туку ‚следбеници на Бог како драги деца‘“. Да, искрените Библиски студенти можеле да извлечат корист од напорите на луѓе како што биле Гру и Сторс, но сѐ уште било витално да се испита Божјата реч, Библијата, како вистински извор на вистината (Јован 17:17).

[Рамка/слика на страница 26]

Што верувал Хенри Гру

На Јеховиното име му е нанесен прекор, и треба да се посвети.

Тројството, бесмртноста на душата и пеколниот оган се измамнички доктрини.

Христијанското собрание мора да биде одвоено од светот.

Христијаните не треба да имаат удел во војните на нациите.

Христијаните не се под законот за саботен или неделен сабат.

Христијаните не треба да припаѓаат на тајни заедници, како што се масоните.

Меѓу христијаните не треба да има класи на свештеници и лаици.

Религиозните титули се од антихристот.

Сите собранија треба да имаат старешинско тело.

Старешините мора да бидат свети во целокупното свое однесување, беспрекорни.

Сите христијани мора да ја проповедаат добрата вест.

Ќе има луѓе кои засекогаш ќе живеат во Рајот на Земјата.

Христијанските песни треба да бидат фалби на Јехова и на Христос.

[Извор на слика]

Фотографија: Збирка од New-York Historical Society/69288

[Рамка/слика на страница 28]

Што верувал Џорџ Сторс

Исус го дал својот живот како откупна цена за човештвото.

Проповедањето на добрата вест сѐ уште не е извршено (во 1871).

Поради тоа, крајот не би можел да е близу во тоа време (во 1871). Треба да настапи еден иден период во кој ќе се изврши проповедањето.

Ќе има луѓе кои ќе наследат вечен живот на Земјата.

Ќе има воскресение на сите кои умреле во незнаење. Оние кои ја прифаќаат откупната жртва на Христос ќе добијат вечен живот на Земјата. Оние кои ја отфрлаат, ќе бидат уништени.

Бесмртноста на душата и пеколниот оган се лажни доктрини кои го обесчестуваат Бог.

Господовата вечера е годишно држење на 14 нисан.

[Извор на слика]

Фотографија: ШЕСТ ПРОПОВЕДИ од Џорџ Сторс (1855)

[Слики на страница 29]

Во 1909 Ч. Т. Расел, уредник на „Сионска Стражарска кула“, се преселил во Бруклин (Њујорк, САД)