Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вистинското обожавање ги обединува луѓето

Вистинското обожавање ги обединува луѓето

Вистинското обожавање ги обединува луѓето

ИАКО религијата, во глобала, има тенденција да го подели човештвото, обожавањето на единствениот вистински Бог има моќ да ги обедини луѓето. Кога Израел бил Божја избрана нација, многу искрени не-Евреи биле привлечени кон вистинското обожавање. На пример, Рута ги напуштила боговите на родниот Моав и на Ноемина ѝ рекла: „Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог — мој Бог“ (Рута 1:16). До првиот век н.е., голем број не-Евреи станале обожаватели на вистинскиот Бог (Дела 13:48; 17:4). Подоцна, кога Исусовите апостоли почнале да патуваат до далечни места со добрата вест, и други искрени луѓе биле обединети во обожавањето на вистинскиот Бог. „Од вашите идоли се свртивте кон Бог за да му робувате на живиот и вистински Бог“, напишал апостол Павле (1. Солуњаните 1:9). Дали обожавањето на вистинскиот Бог има таква обединувачка моќ денес?

Скептиците тврдат дека е погрешно да се зборува за „вистински обожаватели“ или за „вистински Бог“. Можеби мислат така бидејќи не познаваат ниеден извор од кој може да се научи вистината. Но, лица со различно потекло, кои ја барале вистината, увиделе дека обожавањето не е работа на тоа што повеќе му се допаѓа некому. Единствениот што го заслужува нашето обожавање е Творецот на сѐ — Јехова Бог (Откровение 4:11). Тој е вистинскиот Бог и има право да одлучува како да биде обожаван.

За да ни помогне да ги сфатиме неговите барања, Јехова комуницирал со нас преку својата Реч, Библијата. Речиси на секој човек на Земјата денес му е достапна целата Библија или делови од неа. Освен тоа, Божјиот Син рекол: „Ако останете во мојата реч . . . ќе ја спознаете вистината“ (Јован 8:31, 32). Според тоа, вистината може да се спознае. И милиони искрени луѓе со различно религиозно потекло храбро ја пригрнуваат оваа вистина и се обединуваат во вистинското обожавање (Матеј 28:19, 20; Откровение 7:9, 10).

Светско единство во нашево време!

Едно извонредно пророштво во библиската книга Софонија зборува за собирање на луѓе со различно потекло. Таму се вели: „Тогаш јас [Јехова Бог] ќе го променам јазикот на народите во чист јазик, за сите да го привикуваат името Јеховино, да му служат рамо до рамо“ (Софонија 3:9NW). Каква само прекрасна слика е тоа за променети народи кои му служат на Бог во единство!

Кога требало да се случи ова? Во Софонија 3:8 се вели: „Затоа чекајте Ме Мене — говори Господ — до денот кога ќе станам како Обвинител, зашто Јас одредив да се соберат народите, да се зберат царствата, за да го излеам врз нив Својот гнев, сета горчина на Својата расрденост: во огнот на Мојата ревност ќе биде изгорена сета земја“. Да, во времето кога Јехова ги собира нациите, но пред да го излее врз нив својот гнев, тој на кротките на Земјата им ја дава промената во чист јазик. Тоа време е сега, зашто собирањето на сите нации за војната на големиот ден на Семоќниот Бог — Армагедон — веќе е во тек (Откровение 16:14, 16).

За да го обедини својот народ, Јехова му дава чист јазик. Овој нов јазик вклучува исправно разбирање на библиската вистина за Бог и за неговите намери. Зборувањето чист јазик вклучува и да се верува во вистината, да се поучуваат другите за неа и да се живее во согласност со Божјите закони и начела. Тоа бара држење настрана од раздорната политика и да се искоренат од срцето себичните ставови, како што се расизмот и раздорниот национализам, кои се карактеристика на овој свет (Јован 17:14; Дела 10:34, 35). Сите искрени луѓе кои имаат љубов кон вистината можат да го научат овој јазик. Разгледај како петте луѓе спомнати во претходната статија — некогаш толку религиозно поделени — сега се обединети во обожавањето на едниот и единствен вистински Бог, Јехова.

Тие се обединети во вистинско обожавање

Кога Фиделија, ревна римокатоличка, купила Библија заради домашната задача на својата ќерка, го замолила свештеникот на темел на неа да ѝ објасни што се случило со нејзините пет мртви деца. „Какво разочарување!“ — вели таа. Затоа, кога ја посетиле Јеховини сведоци, им поставила слично прашање. Откако во својата сопствена Библија ја прочитала вистината за состојбата на мртвите, сфатила колку црквата ја мамела. Дознала дека мртвите не се свесни за ништо и дека, според тоа, не страдаат во лимб ниту на некое друго место (Псалм 146:4; Проповедник 9:5). Фиделија ги исфрлила сите свои религиозни слики, ја напуштила црквата и почнала да ја проучува Библијата (1. Јованово 5:21). Последниве десет години ужива да ги поучува другите за библиската вистина.

Тара од Катманду се преселила во земја каде што немало многу хиндуистички храмови. Затоа посетила една методистичка црква со надеж дека ќе ги задоволи своите духовни потреби. Но, не нашла одговор на своето прашање за човечките страдања. Потоа, со неа контактирале Јеховини сведоци и ѝ понудиле да ја проучуваат Библијата. Тара вели: „Сфатив дека еден Бог на љубовта не би можел да биде одговорен за сите страдања во светот . . . Бев восхитена од изгледот за еден нов свет на мир и хармонија“ (Откровение 21:3, 4). Тара се ослободила од хиндуистичките ликови, престанала да ги следи религиозните обичаи од својата татковина и, како сведок на Јехова, нашла вистинска среќа помагајќи им на другите да ги задоволат своите духовни потреби.

Кога Јеховините сведоци првпат го посетиле во Бангкок, Паниј, будистот, бил гатач, па затоа пророштвата од Библијата го фасцинирале. Тој раскажал: „Кога дознав зошто сегашниве околности се разликуваат од оние што Творецот во почетокот ги имал на ум и начинот на кој уредил да ја поправи штетата предизвикана од оние што го отфрлиле него и неговата сувереност, како превез да ми се симна од очите. Сѐ во врска со библиската порака беше толку хармонично. Почнав да го сакам Јехова како личност; тоа ми даде мотивација да го практикувам она за кое знаев дека е исправно. Бев желен да им помогнам на другите да ја увидат разликата меѓу човечката и побожната мудрост. Вистинската мудрост навистина ми го смени животот“.

Со текот на времето, кај Вирџил се појавиле сериозни сомневања во врска со неговите религиозни верувања. Наместо да му се моли на Бог за начин да им помогне на црнците и за она што тој го сметал за расистичка организација што изгледа создавала омраза кон белците, тој се помолил за вистината, каква и да е, каде и да е. „Кога се разбудив следниот ден, по моето горливо молење на Бог“, се сеќава Вирџил, „дома најдов списание Стражарска кула . . . Сигурно беше пуштено под вратата.“ Набрзо почнал интензивно да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Тој продолжува: „За првпат во животот се почувствував задоволен . . . Во мене почна да блеска зрак на надеж“. Наскоро Вирџил се обединил со оние што им ја нуделе на луѓето единствената вистинска надеж изложена во Божјата реч, Библијата.

Чаро од Латинска Америка била импресионирана кога една жена Сведок по име Гледис, откако видела дека таа има тешкотии со своите мали деца, почнала да ѝ помага така што ја носела на пазар. Со текот на времето, Чаро ја прифатила понудата од Гледис — бесплатна домашна библиска студија. Кога од сопствената Библија дознала дека нема сите добри луѓе да одат на небо, туку дека Јехова ќе ги благослови и луѓето на Земјата со вечен живот, Чаро се зачудила (Псалм 37:11, 29). Самата таа веќе 15 години ја споделува оваа надеж со другите.

Замисли си ја целата Земја населена со искрени луѓе обединети во обожавањето на Јехова, единствениот вистински Бог! Ова не е фантазија. Тоа е она што Јехова го ветил. Преку својот пророк Софонија, Бог изјавил: „Ќе оставам во твојата средина скромен и сиромашен народ, и во Господовото име ќе имаш закрила . . . нема да прави неправда, не ќе зборуваат веќе лаги; во нивните усти не ќе се најде веќе измамлив јазик . . . и никој не ќе им пречи“ (Софонија 3:12, 13). Ако ова ветување те привлекува, земи го при срце библискиот поттик: „Барајте Го Господа, сите скромни на земјата, сите кои ги извршувате Неговите закони. Барајте ја правдата, барајте ја смиреноста: можеби вие ќе бидете заштитени во денот на Господовиот гнев“ (Софонија 2:3).