Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова — Бог што вреди да се познава

Јехова — Бог што вреди да се познава

Јехова — Бог што вреди да се познава

МОЖНО ли е да пропушташ нешто важно во животот? Ако знаеш само малку за Бог, тогаш сигурно пропушташ. Зошто? Затоа што, како што откриле милиони луѓе, да се запознае Богот од Библијата донесува големи користи во животот. Овие користи почнуваат веднаш и продолжуваат да траат и во иднина.

Јехова Бог, Авторот на Библијата, сака да го запознаеме. Псалмистот напишал: „Нека знаат: Ти си, Чие Име е — Господ [Јехова, NW]! Единствен, Сѐвишен на целата земја“. Јехова потврдува дека е за наше добро да го познаваме. „Јас Господ [Јехова, NW], твојот Бог, те учам за твое добро.“ Како извлекуваме корист од тоа што го познаваме Јехова Бог, Севишниот? (Псалм 83:18; Исаија 48:17).

Една вистинска корист е тоа што добиваме водство за да се справиме со секојдневните проблеми, цврста надеж за иднината и душевен мир. Понатаму, тоа што добро го познаваме Јехова нѐ поттикнува да развиеме поинаков став за најважните прашања со кои се соочуваат луѓето низ целиот свет. Кои се тие прашања?

Дали твојот живот има смисла?

И покрај зачудувачкиот технолошки напредок на човештвото, поединци денес сѐ уште си ги поставуваат истите основни прашања: ‚Зошто сум тука? Каде одам? Која е смислата на животот?‘ Ако човек не добие задоволувачки одговори, на неговиот живот ќе му недостасува вистинска смисла. Дали многу луѓе го чувствуваат овој недостаток? Една анкета спроведена во Германија при крајот на 1990-те откри дека половина од испитаниците честопати или понекогаш сметале дека животот изгледа нема смисла. Можеби ситуацијата е слична таму каде што живееш и ти.

Без смисла во животот, еден човек има слаб темел врз кој ќе гради лични цели. Многумина се обидуваат да го надоместат овој недостаток на смисла така што се стремат по успешна кариера или, пак, трупаат богатство. Меѓутоа, празнината може да ги прогонува. Тоа што немаат смисла во животот толку вознемирува некои што повеќе не сакаат да живеат. Такво искуство имала една убава млада жена која, според International Herald Tribune, пораснала „во сјајот на богатство и неограничени привилегии“. Иако живеела во луксуз, била осамена и чувствувала дека нема смисла во животот. Испила таблети за спиење и ја нашле мртва. Можеби знаеш и за други осамени лица чиј живот завршил трагично.

Но, познато ли ти е тврдењето дека науката може да ни каже сѐ за животот? Германскиот неделник Die Woche наведува: „Колку и да е вистинита, науката е духовно слаба. Еволуцијата изгледа примитивна, но дури и квантната физика, со сите свои непредвидливи отстапувања, нуди сѐ — освен утеха и безбедност“. Научните откритија направиле многу за да се опише животот во неговите различни облици и за да се објаснат природните циклуси и процеси што го одржуваат. Сепак, науката не може да ни каже зошто сме овде и каде одиме. Ако се потпираме само на науката, нашите прашања за смислата на животот ќе останат неодговорени. Како што известил весникот Süddeutsche Zeitung, резултатот е „зголемена потреба од водство“.

Кој е во подобра положба да даде такво водство од Творецот? Штом тој е оној што ги поставил луѓето на земјата, сигурно знае и зошто се тука. Библијата објаснува дека Јехова ги создал луѓето за да ја населат земјата и да се грижат за неа, да бидат нејзини управители. Во сите свои постапки луѓето требало да ги одразуваат неговите особини, како што се правда, мудрост и љубов. Штом ќе ја сфатиме причината зошто Јехова нѐ создал, ќе знаеме зошто сме тука (Битие 1:26—28).

Што можеш да направиш?

Што ако во минатото не си нашол задоволувачки одговори на прашањата: ‚Зошто сум тука? Каде одам? Која е смислата на животот?‘ Библијата препорачува добро да го запознаеш Јехова. Всушност, Исус рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистинит Бог, и за оној кого си го испратил, Исус Христос“. Исто така, охрабрен си да развиеш побожни особини, особено љубов, и да си поставиш лична цел да живееш под Божјето месијанско Царство што доаѓа. Тогаш ќе имаш смисла во животот и прекрасна, сигурна надеж за иднината. Основните прашања што досега те збунувале сигурно ќе ти бидат одговорени (Јован 17:3; Проповедник 12:13).

Какво влијание може да имаат тие одговори? Некој што би требало да го знае тоа е Ханс. * Пред многу години имал некаква верба во Бог, но верата на Ханс немала никакво влијание врз неговиот живот. Се дрогирал, одел со неморални жени, бил вмешан во ситни прекршоци и возел мотоцикли. „Сепак, животот ми беше празен, не бев вистински задоволен“, објаснува тој. Кога бил во своите средни 20-ти, Ханс решил лично да го запознае Бог така што внимателно ја читал Библијата. Кога го запознал Јехова подобро и сфатил која е смислата на животот, Ханс го променил својот начин на живот и се крстил како Јеховин сведок. Последниве десет години е во полновремена служба. Тој отворено кажува: „Да се служи на Јехова е најдобриот начин на живот. Ништо друго не може да се спореди со тоа. Тоа што го запознав Јехова му даде смисла на мојот живот“.

Се разбира, смислата на животот не е единственото прашање што ги загрижува многумина. Додека условите во светот се влошуваат, сѐ повеќе и повеќе луѓе ги вознемирува и едно друго важно прашање.

Зошто се случи ова?

Кога ќе се случи некоја неволја, во мислите на жртвата честопати се врти едно прашање: Зошто се случи ова? Способноста емоционално да се справиме со неволјите во голема мера зависи од тоа дали ќе добиеме исправен одговор на ова прашање. Ако нема задоволувачки одговор, страдањето ќе продолжи, а жртвата може да стане огорчена. Да го земеме, на пример, искуството на Бруни.

„Пред неколку години умре моето бебенце“, објаснува Бруни, која сега е средовечна мајка. „Верував во Бог, па затоа побарав утеха од локалниот свештеник. Тој ми рече дека Бог ја зел Сузан на небото, каде што сега е ангел. Не само што поради нејзината смрт се сруши светот околу мене туку го мразев и Бог зашто ми ја зеде.“ Болката и страдањето на Бруни продолжиле неколку години. „Потоа еден Јеховин сведок ми покажа од Библијата дека немам причина да го мразам Бог. Јехова не ја зел Сузан на небото, и таа не е ангел. Нејзината болест беше последица од човечката несовршеност. Сузан спие во смрт, чекајќи Јехова да ја воскресне. Исто така, дознав дека тој ги создал луѓето да живеат вечно на рајска земја, и тоа наскоро ќе се оствари. Штом сфатив каква личност навистина е Јехова, станав поблиска со него и мојата болка почна да попушта“ (Псалм 37:29; Дела 24:15; Римјаните 5:12).

Милиони луѓе се погодени од неволји на различни начини — лична несреќа, војна, глад или природни катастрофи. Бруни доживеала олеснување кога видела од Библијата дека Јехова не е крив за неволјите, дека тој никогаш немал намера луѓето да страдаат и дека наскоро ќе му стави крај на злото. Самото тоа што злобата сѐ повеќе се зголемува е знак дека сега живееме во „последните денови“ на овој систем на работи. Близу е драматичната промена на подобро по која сите ние копнееме (2. Тимотеј 3:1—5; Матеј 24:7, 8).

Да се запознае Бог

Ханс и Бруни порано имале некаква претстава за Бог. Тие верувале во него без да знаат многу за него. Кога одвоиле време точно да го запознаат Јехова, нивните напори се исплатиле. Добиле задоволувачки одговори на најважните прашања во нашево време. Тоа им дало внатрешен мир и сигурна надеж за иднината. Милиони слуги на Јехова имале слично искуство.

Запознавањето на Јехова започнува со тоа што внимателно ќе обрнеме внимание на Библијата, која ни зборува за него и за тоа што бара тој од нас. Така правеле и некои во првиот век. Историчарот и лекар, Лука, известува дека членовите на еврејското собрание во Верија (Грција) ‚ја примиле речта [од Павле и Сила] со најголема горливост на умот, секојдневно испитувајќи го внимателно Писмото дали е тоа така‘ (Дела 17:10, 11).

Христијаните од први век, исто така, се состанувале во собранија (Дела 2:41, 42, 46; 1. Коринќаните 1:1, 2; Галатите 1:1, 2; 2. Солуњаните 1:1). Исто е и денес. Собранијата на Јеховините сведоци се собираат заедно на состаноци што се посебно наменети да им помогнат на поединците да му се приближат на Јехова и да имаат радост служејќи му нему. Дружењето со локалните Сведоци носи и друга корист. Бидејќи луѓето постепено стануваат сѐ послични на Богот што го обожаваат, Јеховините сведоци ги покажуваат особините — иако во ограничена смисла — што и самиот Јехова ги покажува. Така, состанувањето со Сведоците ни помага уште подобро да го запознаеме Јехова (Евреите 10:24, 25).

Дали тоа звучи како да треба да вложиш премногу труд само за да запознаеш една Личност? Секако дека треба напор. Но, зарем не е така и за многу работи што сакаш да ги постигнеш во животот? Размисли за трудот што еден врвен спортист го вложува во тренирањето. На пример, францускиот олимписки освојувач на златен медал во скијање Жан-Клод Кили, во врска со тоа што е потребно за да се биде успешен интернационален спортски натпреварувач, го кажува следново: „Мораш да почнеш 10 години порано и да планираш со години однапред и да размислуваш за тоа секој ден . . . Тоа е работа што трае 365 дена во годината, ментална и физичка“. Сето тоа време и напор само за да се натпреваруваш во една трка што може да трае десет минути! Колку повеќе — и колку потрајно — е она што може да се постигне кога ќе го запознаеме Јехова.

Однос што станува сѐ поблизок

Кој сака да пропушти нешто важно во животот? Никој. Затоа, ако чувствуваш дека на твојот живот му недостига вистинска смисла или дека копнееш по објаснување зошто има неволји, тогаш биди цврсто решен да го запознаеш Јехова, Богот од Библијата. Тоа што ќе учиш за него може многу да го промени твојот живот на подобро, и тоа засекогаш.

Ќе престанеме ли некогаш да учиме за Јехова? Оние што со децении му служат сѐ уште се восхитуваат на она што го научиле за него и на новите работи што и понатаму ги учат за него. Тоа што учиме такви работи нѐ прави среќни и уште повеќе нѐ зближува со него. Нека и во нас одѕвонуваат мислите на апостол Павле, кој напишал: „О длабочино на Божјето богатство и мудрост и спознание! Колку се неистражливи неговите судови и недоловливи неговите патишта! Зашто ‚кој го спознал Јеховиниот ум, или кој му станал советник?‘“ (Римјаните 11:33, 34).

[Фуснота]

^ пас. 12 Имињата се променети.

[Истакната мисла на страница 5]

Поединци сѐ уште си ги поставуваат истите основни прашања: ‚Зошто сум тука? Каде одам? Која е смислата на животот?‘

[Истакната мисла на страница 6]

„Штом сфатив каква личност навистина е Јехова, станав поблиска со него“

[Истакната мисла на страница 7]

„Да се служи на Јехова е најдобриот начин на живот. Ништо друго не може да се спореди со тоа. Тоа што го познавам Јехова му даде смисла на мојот живот“