Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали секогаш ти треба библиска заповед?

Дали секогаш ти треба библиска заповед?

Дали секогаш ти треба библиска заповед?

КОГА си бил мал, твоите родители веројатно ти дале многу правила. Како што си растел си почнал да сфаќаш дека ти го мислеле најдоброто. Како возрасен веројатно сѐ уште живееш според некои одредени начела што тие ги всадиле во тебе, иако повеќе не си под нивна надлежност.

Нашиот небесен Татко, Јехова, преку својата Реч, Библијата, ни дава голем број директни заповеди. На пример, тој ги забранува идолопоклонството, блудот, прељубата и крадењето (Излез 20:1—17; Дела 15:28, 29). Како што духовно ‚растеме во сѐ‘, почнуваме да сфаќаме дека Јехова ни го мисли најдоброто и дека неговите заповеди не се претерано ограничувачки (Ефешаните 4:15; Исаија 48:17, 18; 54:13).

Меѓутоа, има многу ситуации за кои нема директна заповед. Затоа некои сметаат дека кога нема директен библиски закон, можат да прават така како што ним им одговара. Тие тврдат дека ако Бог мислел дека е неопходно, ќе ја кажел својата волја во облик на директна заповед.

Оние што вака размислуваат честопати донесуваат немудри одлуки за кои подоцна длабоко се каат. Тие пропуштаат да сфатат дека Библијата не содржи само закони туку и показатели за начинот на кој Бог размислува. Додека ја проучуваме Библијата и дознаваме како Јехова гледа на работите, развиваме библиски школувана совест и добиваме помош да правиме избори што го одразуваат неговиот начин на размислување. Кога го правиме тоа, го радуваме неговото срце и жнееме користи како резултат на тоа што донесуваме мудри одлуки (Ефешаните 5:1).

Истакнати библиски примери

Кога ги читаме библиските извештаи за Божјите слуги во древни времиња, наоѓаме ситуации во кои тие го зеле предвид начинот на кој Јехова размислува, дури и кога немало директна заповед. Разгледај го примерот на Јосиф. Во времето кога се соочил со неморалните предлози од страна на жената на Петефриј, немало никаков инспириран пишан закон против прељуба. Сепак, дури и без директен закон, Јосиф сфатил дека прељубата е грев не само против неговата совест туку и „против Бога“ (Битие 39:9). Изгледа Јосиф сфатил дека прељубата е прекршување на начинот на кој Бог размислува и неговата волја, што била изразена во Еден (Битие 2:24).

Разгледај еден друг пример. Од Дела 16:3 дознаваме дека пред да го поведе со себе на своите христијански патувања, Павле го обрежал Тимотеј. Сепак, во 4. стих читаме дека потоа Павле и Тимотеј патувале по градовите објавувајќи ги ‚одредбите што ги донеле апостолите и старешините кои се наоѓале во Ерусалим‘. Меѓу тие одредби била и одлуката дека христијаните повеќе не биле обврзани да се обрежуваат! (Дела 15:5, 6, 28, 29). Зошто Павле сметал дека е неопходно Тимотеј да биде обрежан? ‚Поради Евреите кои биле во тие места, бидејќи сите до еден знаеле дека татко му [на Тимотеј] е Грк.‘ Павле не сакал да предизвика некој непотребно да се спрепне. Тој се грижел христијаните да продолжат да се ‚препорачуваат на секоја човечка совест пред очите на Бог‘ (2. Коринќаните 4:2; 1. Коринќаните 9:19—23).

Овој начин на размислување бил карактеристичен за Павле и за Тимотеј. Прочитај ги стиховите од Римјаните 14:15, 20, 21 и од 1. Коринќаните 8:9—13; 10:23—33 и види колку длабоко бил загрижен Павле за духовното добро на другите, особено за оние што можеби се спрепнале од нешто што, всушност, не било погрешно. И, Павле напишал за Тимотеј: „Немам никој друг со настроеност како неговата, кој вистински ќе се грижи за вашите работи. Оти сите други ги бараат своите сопствени интереси, а не интересите на Христос Исус. Но вие знаете за доказот што го даде тој за себе, дека како дете со татко робуваше со мене за унапредување на добрата вест“ (Филипјаните 2:20—22). Колку убав пример оставиле за нас овие двајца христијани! Кога не биле под некоја конкретна божествена заповед, наместо да изберат нешто што ќе им одговара ним или нешто што тие го сакале, тие ја имитирале љубовта на Јехова и на неговиот Син така што размислувале за тоа како нивните лични одлуки можеби духовно ќе влијаат врз другите.

Разгледај го Исус Христос, нашиот главен пример. Во својата Проповед на гората јасно објаснил дека оној што ќе го сфати духот на Божјите закони ќе им биде послушен дури и кога станува збор за нешто што не е конкретно заповедано или забрането (Матеј 5:21, 22, 27, 28). Ниту Исус, ниту Павле, ниту Тимотеј, ниту Јосиф не го прифатиле размислувањето дека кога нема конкретен божествен закон, можеш да правиш како сакаш. Со тоа што се придржувале за начинот на кој Бог размислува, овие мажи живееле според она што Исус го навел како двете најголеми заповеди — да го сакаш Бог и да го сакаш ближниот (Матеј 22:36—40).

Како е со христијаните денес?

Јасно е дека не треба да гледаме на Библијата како што се гледа на некој законски документ — очекувајќи секоја обврска да биде детално објаснета. Многу го радуваме срцето на Јехова кога избираме да го правиме она што го одразува неговото размислување, дури и кога нема конкретен закон што ќе ги диктира нашите постапки. Со други зборови, наместо секогаш да треба да ни се каже што сака Бог од нас да направиме, можеме да ‚согледаме која е Јеховината волја‘ (Ефешаните 5:17; Римјаните 12:2). Зошто ова го радува Јехова? Затоа што покажува дека не сме толку многу загрижени за нашите лични желби и права туку за тоа да му угодиме. Тоа исто така покажува дека толку многу сме благодарни за неговата љубов што сакаме да ја имитираме, правејќи ја таквата љубов сила што ќе нѐ мотивира (Пословици 23:15; 27:11). Освен тоа, постапките што се темелат на она на што укажува Библијата придонесуваат за духовното, а честопати и за физичкото здравје.

Да разгледаме како може ова начело да се примени во личните работи.

Избор на забава

Разгледај го случајот на еден млад човек што сака да купи одреден музички албум. Она што го чул на албумот е многу привлечно, но загрижен е бидејќи задната страна укажува дека текстовите се вулгарни и отворено зборуваат за секс. Потоа, свесен е и дека голем дел од песните на музичарот се со гневен и агресивен тон. Како некој што го сака Јехова, овој млад човек е заинтересиран за тоа што Тој мисли и чувствува во врска со ова. Како да согледа која е Божјата волја во овој поглед?

Во своето писмо до Галатите, апостол Павле ги набројува делата на телото и плодовите на Божјиот дух. Веројатно знаеш што е вклучено во плодовите на Божјиот дух: љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување. Но кои постапки ги сочинуваат делата на телото? Павле пишува: „А делата на телото се видливи, и тоа се блуд, нечистота, распуштено однесување, идолопоклонство, вршење спиритизам, непријателства, кавги, љубомора, изливи на гнев, препирки, поделби, секти, зависти, пијанки, лумпувања и слично. На овие работи однапред ве предупредувам, исто како што ве предупредив однапред, дека оние кои практикуваат такви работи нема да го наследат Божјето царство“ (Галатите 5:19—23).

Обрни внимание на последниот израз од овој список — „и слично“. Павле не дал исцрпен список со сѐ што би можело да се смета за дело на телото. Ова не значи дека некој би можел да си размислува: ‚Според Библијата, дозволено ми е да правам сѐ што не е на списокот на Павле со дела на телото‘. Напротив, читателите ќе треба да ја употребат својата моќ за согледување за да ги препознаат работите што можеби не се на списокот, но спаѓаат во она „и слично“. Оние што непокајнички учествуваат во практики што не се спомнати но спаѓаат во „и слично“ нема да ги наследат благословите на Божјето Царство.

Според тоа, треба да согледаме, или да распознаеме, што не е угодно во очите на Јехова. Дали е тоа тешко? Претпостави си дека докторот те советувал да јадеш повеќе овошје и зеленчук, а да избегнуваш колачи, сладолед, и слично. Дали ќе ти биде тешко да одредиш на кој список се наоѓа тортата? Сега погледни повторно на плодовите на Божјиот дух и на делата на телото. На кој список се наоѓа претходно споменатиот музички албум? Тој сигурно не одразува љубов, доброта, самосовладување или други особини што се поврзани со плодовите на Божјиот дух. Не е потребен директен закон за да согледаш дека овој вид музика не е во склад со начинот на кој Бог размислува. Истото начело важи и за материјалот за читање, филмовите, телевизиските програми, компјутерските игри, Веб-страниците, итн.

Личен изглед што е прифатлив

Библијата, исто така, дава начела што се однесуваат на облеката и дотерувањето. Тие го оспособуваат секој христијанин со водство за да задржи пригоден и пријатен личен изглед. И во врска со ова, оној што го сака Јехова гледа прилика, не да го направи она што тој сака туку да го направи она што ќе го израдува неговиот небесен Татко. Како што веќе видовме, фактот што Јехова не дал конкретни одредби за некоја работа не значи дека не го засега што прави неговиот народ. Стиловите се разликуваат од едно место до друго, па дури и на едно исто место се менуваат одвреме навреме. Меѓутоа, Бог дава основни начела што треба да го водат неговиот народ во секое време и на секое место.

На пример, во 1. Тимотеј 2:9, 10 се вели: „Исто така, сакам жените да се украсуваат со уредна облека, со скромност и здрави мисли, а не со посебно плетење на косата и со злато или бисери или со многу скапа облека, туку онака како што им прилега на жени кои тврдат дека длабоко го почитуваат Бог, имено со добри дела“. Според тоа, христијанските жени — и мажи — треба да размислат каков изглед очекуваат луѓето во нивната околина од оние што „тврдат дека длабоко го почитуваат Бог“. Особено е на место еден христијанин да размисли за тоа што ќе ги наведе неговиот изглед другите да мислат за библиската порака што ја носи (2. Коринќаните 6:3). Еден примерен христијанин нема да биде претерано загрижен за своите лични желби или наводни права, туку напротив, да не стане пречка или камен спрепинач за другите (Матеј 18:6; Филипјаните 1:10).

Кога некој христијанин ќе увиди дека извесен стил во личниот изглед влијае навредливо или ги спрепнува другите, тој може да го имитира апостол Павле така што грижата за духовното добро на другите ќе ја стави пред своите лични желби. Павле рекол: „Станете мои имитатори, како што сум и јас на Христос“ (1. Коринќаните 11:1). А за Исус Павле напишал: „Ниту Христос не си угодуваше себеси“. Упатството на Павле до сите христијани е јасно: „Ние кои сме силни должни сме да ги носиме слабостите на оние кои не се силни, а не да си угодуваме себеси. Секој од нас нека му угодува на својот ближен во она што е добро за негово изградување“ (Римјаните 15:1—3).

Да ја изостриме нашата моќ за согледување

Како да ја развиеме нашата моќ за согледување за да знаеме како да му угодиме на Јехова дури и кога тој не дал конкретно упатство за некоја работа? Ако секојдневно ја читаме неговата Реч, ако редовно ја проучуваме и ако медитираме за она што го читаме, нашата моќ за согледување ќе порасне. Тој раст не оди брзо. Како и физичкиот раст на едно дете, духовниот раст е постепен и не се распознава веднаш. Затоа треба да бидеме стрпливи и да не се разочараме ако не забележиме напредок веднаш. Од друга страна, пак, тоа што ќе помине многу време само по себе нема да ја изостри нашата моќ за согледување. Тоа време мора да биде исполнето со редовно разгледување на Божјата реч, како што беше спомнато и претходно, и мораме да живееме според таа Реч најдобро што можеме (Евреите 5:14).

Може да се каже дека ако Божјите закони ја ставаат на испит нашата послушност, тогаш неговите начела ја ставаат на испит длабочината на нашата духовност и нашата желба да му угодиме. Како што растеме духовно, ќе ставаме поголем нагласок на тоа да ги имитираме Јехова и неговиот Син. Ќе бидеме желни да ги темелиме нашите одлуки на начинот на кој Бог размислува за работите што е изнесен во Библијата. Додека го радуваме нашиот небесен Татко во сѐ што правиме, ќе увидиме дека се зголемува и нашата радост.

[Слики на страница 23]

Стиловите на облекување се разликуваат од едно место до друго, но библиските начела треба да ги водат нашите избори