Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Задоволувачки живот и покрај болката

Задоволувачки живот и покрај болката

Животна приказна

Задоволувачки живот и покрај болката

РАСКАЖАЛА ОДРИ ХАЈД

Кога ќе погледнам назад на преку 63 години поминати во полновремена служба — од кои 59 во седиштето на Јеховините сведоци — можам да речам дека имав задоволувачки живот. Точно, тоа што гледав како мојот прв сопруг полека умира од рак и како мојот втор сопруг страда од ужасните последици од Алцхајмерова болест беше разорно. Но, дозволете ми да ви раскажам како ја задржав радоста и покрај овие несреќи.

ДЕТСТВОТО го поминав на една фарма во близина на малиот град Хакстон, во рамниците на североисточно Колорадо, близу до границата со Небраска. Јас бев петто од шесте деца на Орли и Нина Мок. Расел, Вејн, Клара и Ардис се родени помеѓу 1913 и 1920, а следната година сум се родила јас. Кертис се роди во 1925.

Во 1913 мајка ми стана Библиски студент, како што тогаш се викаа Јеховините сведоци. Со текот на времето станавме и ние, останатите од семејството.

Здрав живот во рамниците

Татко ми беше многу напреден човек. Имавме електрично осветлување во сите згради на фармата, нешто што беше вистинска реткост во тоа време. Исто така, уживавме и во вообичаените производи од работата на фарма — јајца од наши кокошки и млеко, кајмак и путер од наши крави. Користевме коњи за да ја обработуваме земјата и одгледувавме јаготки и компири, како и пченица и пченка.

Татко ми сметаше дека ние, децата, треба да научиме да работиме. Уште пред да тргнам на училиште, ме научија да работам на полето. Се сеќавам како копав долги редови во бавчата под врелото сонце на летните денови. ‚Ќе стигнам ли некогаш до крајот?‘ се прашував. Потта ми се тркалаше по телото, а пчелите ме касаа. Понекогаш се сожалував самата себе зашто другите деца не мораа да работат толку напорно како ние. Меѓутоа, во суштина, кога ќе се навратам на моето детство, благодарна сум што бевме поучени да работиме.

Сите си имавме свои задачи. Ардис знаеше да ги молзе кравите подобро од мене, затоа мојата работа беше да ги чистам преградите во шталата и да го исфрлам шталското ѓубре. Сепак, исто така се забавувавме и игравме игри. Јас и Ардис игравме бејзбол во локалната екипа. Игравме на различни позиции.

Во преријата, јасното ноќно небо беше толку убаво. Илјадниците ѕвезди ме потсетуваа на нашиот Творец, Јехова Бог. Уште како дете размислував за Псалм 147:4, во кој стои: „Тој [Јехова] го одредува бројот на ѕвездите, секоја ја наречува со нејзиното име“. Во многу такви јасни ноќи, нашето куче, Џаџ, ќе си ја ставеше главата на мојот скут и ќе ми правеше друштво. Честопати, попладне седев на тремот и се восхитував на полињата со млада пченица додека ветрот го лелееше зеленото жито, од што на сонцето изгледаше како сребро.

Добриот пример на мајка ми

Мајка ми беше многу оддадена сопруга. Татко ми отсекогаш бил глава во куќата, и мајка ми нѐ научи да го почитуваме. Во 1939 и тој стана Јеховин сведок. Знаевме дека татко ни нѐ сака иако нѐ тераше да работиме напорно и не нѐ разгалуваше. В зима, честопати ќе впрегнеше коњи во санката и ќе нѐ иссанкаше. Колку уживавме во светкањето на снегот!

Меѓутоа, мајка ми беше таа која нѐ научи да го сакаме Бог и да ја цениме Библијата. Научивме дека Божјето име е Јехова и дека тој е Изворот на животот (Псалм 36:9; Излез 34:5, 6). Исто така научивме дека не ни дал упатства за да нѐ лиши од уживање туку за наша корист (Исаија 48:17). Мајка ми постојано ни нагласуваше дека треба да вршиме едно посебно дело. Научивме дека Исус им рекол на своите следбеници: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).

Во тие детски денови, секогаш кога ќе се вратев од училиште, ако мајка ми не беше дома, одев да ја барам. Еднаш, кога имав шест или седум години, ја најдов во шталата. Сѐ уште бевме таму кога почна да врне многу силно. Бевме качени каде што се чува сеното и ја прашав дали ова е уште еден Потоп од Бог. Таа ме увери дека Бог ветил дека никогаш повеќе нема да ја уништи земјата со поплава. Исто така, се сеќавам дека многу пати трчавме кон подрумот, зашто не беше невообичаено да има торнада.

Мајка ми учествуваше во проповедничкото дело уште пред да се родам јас. Една група се состануваше во нашиот дом, и сите во неа имаа надеж да живеат со Христос на небото. Иако ѝ беше предизвик да проповеда од куќа до куќа, мајка ми остави нејзината љубов кон Бог да го победи стравот. Таа беше верна сѐ до нејзината смрт на 24 ноември 1969, кога имаше 84 години. „Мамо, одиш на небото и ќе бидеш со оние што ги познаваш“, ѝ шепнав во увото. Колку бев среќна што можев да бидам со мајка ми во таа прилика и да ја споделам со неа мојата увереност во тоа! Таа нежно рече: „Толку си добра со мене“.

Почнуваме да проповедаме

Во 1939 Расел стана пионер, како што се нарекуваат полновремените евангелизатори кај Јеховините сведоци. Служеше како пионер во Оклахома и во Небраска сѐ до 1944 кога беше повикан да служи во светското седиште на Јеховините сведоци (наречено Бетел) во Бруклин (Њујорк). Јас почнав да служам како пионер на 20 септември 1941 и служев на различни места во Колорадо, Канзас и Небраска. Тие години во пионерска служба беа среќни години, не само затоа што можев да им помагам на другите да учат за Јехова туку и затоа што научив да се потпирам на него.

Отприлика кога Расел почна со пионерската служба, Вејн беше на колеџ на источниот брег откако некое време работеше световна работа. Подоцна, беше повикан во Бетел. Едно време служеше на една Фарма на Царството, во близина на Итака (Њујорк). Таму се одгледуваше храна за малата фамилија на фармата, како и за персоналот од преку 200 работници во Бетелот во Бруклин. Вејн ги користеше своите вештини и искуство во службата за Јехова сѐ до неговата смрт во 1988.

Сестра ми Ардис се омажи за Џејмс Керн и имаа пет деца. Таа почина во 1997. Мојата друга сестра, Клара, до ден денес му е верна на Јехова, и за време на моите одмори сѐ уште ја посетувам во Колорадо. Нашиот најмлад брат, Кертис, дојде во Бетелот во Бруклин во средината на 1940⁠-те. Возеше камион со различни стоки и производи до и од Фармата на Царството. Тој никогаш не се ожени, а почина во 1971.

Мојата желба — бетелската служба

Моите постари браќа веќе беа отидени во Бетел, и имав желба и јас да служам таму. Уверена сум дека нивниот добар пример беше она што водеше до тоа и јас да бидам повикана. Тоа што ја слушав мајка ми кога зборуваше за историјата на Божјата организација и тоа што и самата го гледав исполнувањето на библиските пророштва за последните денови, роди во мене желба да служам во Бетел. Му се заветив на Јехова во молитва дека ако ми дозволи да служам во Бетел, никогаш нема да си заминам освен ако немам некои христијански должности за кои ќе треба да се погрижам.

Пристигнав во Бетел на 20 јуни 1945 и бев доделена да работам како домаќинка. Требаше да исчистам 13 соби и да наместам 26 кревети секој ден, плус да ги исчистам ходниците, скалите и прозорците. Работата беше напорна. Секој ден на работа си велев: ‚Точно, уморна си, ама си во Бетел, во домот Божји!‘

Во почетокот на мојата бетелска служба ми се случи нешто од што многу се засрамив. Бидејќи пораснав на село, немав поим дека dumbwaiter (што на англиски буквално значи ‚глупав келнер‘) е мал лифт со кој се разнесуваат работи од еден спрат на друг. Па, еден ден на работа некој ми се јави и ми рече: „Испрати го ‚глупавиот келнер‘ долу, важи?“ Тој што се јави брзо затвори, и јас не знаев што да правам. Но, тогаш се сетив дека еден брат што живееше на спратот што спаѓаше во мојот дел за чистење беше келнер. Па така, му тропнав на вратата и му реков: „Те бараат в кујна“.

Брак со Натан Нор

Од 1920⁠-те, бетелските работници кои сакаа да стапат во брак беа замолувани да го напуштат Бетел и да служат за интересите на Царството на друго место. Но, во почетокот на 1950⁠-те, на неколку двојки кои веќе некое време служеа во Бетел, им беше дозволено да се венчаат и да останат. Така, кога Натан Х. Нор, кој во тоа време го предводеше делото за Царството низ целиот свет, покажа интерес за мене, си помислив: ‚Е ова е некој што ќе остане!‘

Натан имаше многу одговорности околу надгледувањето на активноста на Јеховините сведоци низ светот. Затоа беше многу отворен со мене, и ми даде многу причини зошто треба внимателно да размислам пред да го прифатам неговиот предлог за брак. Во тоа време, тој патуваше многу за да ги посети подружниците на Јеховините сведоци низ светот и честопати го немаше со седмици. Затоа ми објасни дека ќе бидеме разделени на подолги периоди.

Како девојка сонував да се омажам напролет и да одам на меден месец на пацифичкиот остров Хаваи. Па, се венчавме в зима, на 31 јануари 1953 и го поминавме медениот месец, кој се состоеше од сабота попладне и недела, во Њу Џерси. Во понеделник се вративме на работа. Меѓутоа, една седмица подоцна, сепак отидовме на еднонеделен меден месец.

Трудољубив другар

Натан имал 18 години кога во 1923 дошол во Бетел. Добил корисна обука од старите борци, како Џозеф Ф. Ратерфорд, кој го предводеше делото на Сведоците, и раководителот на печатницата Роберт Џ. Мартин. Кога брат Мартин починал, во септември 1932, раководител на печатницата станал Натан. Наредната година, брат Ратерфорд го повел Натан со себе кога ги посетувал подружниците на Јеховините сведоци во Европа. Во јануари 1942, кога брат Ратерфорд почина, на Натан му беше доделена одговорноста да го надгледува светското дело на Јеховините сведоци.

Натан беше многу напреден човек, секогаш планираше однапред за иден раст. Некои мислеа дека тоа не е на место, зашто се сметаше дека крајот на овој систем на работи е многу близу. Всушност, еден брат кој ги виде плановите на Натан, го праша: „Што е ова брате Нор? Зарем немаш ни малку вера?“ Тој одговори: „Да, имам, но ако крајот не дојде толку брзо како што очекуваме, ќе бидеме подготвени“.

Една идеја во која Натан беше особено уверен беше идејата дека треба да се основа школа за мисионери. Затоа, на 1 февруари 1943, на големата фарма каде што служеше брат ми Вејн започна една мисионерска школа. Иако школата се состоеше од интензивен курс за проучување на Библијата што траеше отприлика пет месеци, Натан се погрижи студентите да имаат и малку рекреација. За време на првите класови, тој им се придружуваше во некои игри со топка, но подоцна не играше за да не се повреди зашто тоа би можело да го спречи да присуствува на летните обласни конгреси. Наместо тоа, избираше да биде судија. Студентите уживаа кога тој претерано ги менуваше правилата во корист на студентите од странство кои учествуваа во играта.

Патувањата со Натан

Постепено, и јас почнав да патувам во странство со Натан. Уживав да споделувам искуства со доброволците во подружниците и со мисионерите. Можев од прва рака да ја видам нивната љубов и оддаденост, и дознав за нивната рутина и за нивните животни услови во нивните доделени земји. Низ годините, продолжив да добивам писма со изрази на благодарност за таквите посети.

Кога ќе си спомнам за нашите патувања, се сеќавам на многу искуства. На пример, кога ја посетивме Полска, две сестри си шепотеа во мое присуство. Ги прашав: „Зошто шепотите?“ Тие се извинија и ми објаснија дека се навикнати да шепотат зашто делото на Јеховините сведоци во Полска е забрането и дека домовите им се прислушкувани.

Сестра Адах беше една од многуте во Полска кои служеа под забрана. Таа имаше виткана коса со шишки. Еднаш ги подигна шишките и ми покажа една длабока лузна, последица од тоа што ја удрил некој прогонител. Бев шокирана кога од прва рака ги видов последиците од суровото однесување што нашите браќа и сестри мораа да го трпат.

По Бетел, најомилено место ми е Хаваи. Се сеќавам на конгресот таму во градот Хило во 1957. Тоа беше голем настан и имаше повеќе присутни од вкупниот број на локалните Сведоци. Градоначалникот дури и му ги даде на Натан клучевите од градот. Мнозина дојдоа да нѐ пречекаат и не китеа со леи.

Друг возбудлив конгрес беше конгресот во Нирнберг (Германија) во 1955, кој се одржа на местото што пред тоа Хитлер го користеше за паради. Добро е познато дека Хитлер се заколнал дека ќе го истреби Јеховиниот народ во Германија, но сега овој стадион беше исполнет со Јеховини сведоци! Не можев да ги задржам солзите. Подиумот беше огромен и имаше импресивна позадина со 144 големи столбови. Јас бев на бината и можев да ја видам огромната публика од преку 107.000 луѓе. Крајот беше толку далеку што одвај можев да го видам последниот ред.

Можевме да го почувствуваме интегритетот на нашите германски браќа и силата што ја добиле од Јехова во текот на прогонството под владеењето на нацистите. Тоа ја зајакна нашата решеност да бидеме лојални и да го задржиме својот интегритет кон Јехова. Натан го одржа заклучниот говор и на крајот им мавна на присутните за збогум. Тие веднаш возвратија, мавтајќи со своите марамчиња. Сцената потсетуваше на едно прекрасно поле со цвеќиња.

Незаборавна беше и нашата посета на Португалија во декември 1974. Бевме присутни на првиот состанок на Сведоците во Лисабон откако нашето дело беше легализирано. Беше забрането педесет години! Иако во тоа време имаше само 14.000 објавители на Царството во земјата, на двата состанока што се одржаа имаше 46.000 присутни. Ми дојдоа солзи на очите кога браќата рекоа: „Повеќе не мораме да се криеме. Слободни сме“.

Од времето кога патував со Натан, па сѐ до денес, уживам во неформално сведочење — во авиони, во ресторани — и во улично сведочење. Секогаш си носам литература за да бидам подготвена. Еднаш кога чекавме еден авион што беше одложен, една жена ме праша каде работам. Тоа водеше до разговор и со неа и со другите околу нас кои слушаа. Бетелската служба и мојата проповедничка активност ме одржуваат зафатена и многу среќна.

Болест и проштално охрабрување

Во 1976 Натан се разболе од рак и јас, заедно со бетелската фамилија, му помагав да се справи со тоа. И покрај сѐ полошото здравје, каневме во нашата соба различни членови од канцелариите на подружниците од цел свет кои во тоа време беа во Бруклин на обука. Се сеќавам на посетата на Дон и Арлин Стил, Лојд и Мелба Бери, Даглас и Мери Гест, Мартин и Гертруд Пецингер, Прајс Хјуз и многу други. Тие често споделуваа со нас некои искуства од нивните земји. Особено бев воодушевена од искуствата во врска со непоколебливоста на нашите браќа под забрана.

Кога сфати дека му се ближи смртта, Натан ми даде некои добри совети што ќе ми помогнат да се справам со вдовството. Ми рече: „Имавме среќен брак. Многу луѓе не го искусуваат тоа.“ Една работа поради која нашиот брак беше среќен беше обѕирноста на Натан. На пример, кога се среќававме со различни луѓе на нашите патувања, тој ќе ми речеше: „Одри, ако некогаш не те запознаам со некого, тоа е затоа што едноставно сум му го заборавил името“. Ми беше мило што ми кажа однапред.

Натан ме потсети: „По смртта нашата надеж е сигурна и никогаш повеќе нема да мора да трпиме болка“. Потоа ме поттикна: „Гледај напред, зашто таму е твојата награда. Немој да живееш во минатото — иако спомените ќе ти останат. Времето ќе те излечи. Немој да станеш огорчена и да се сожалуваш себеси. Радувај се што си ја имала оваа радост и овие благослови. По некое време, ќе увидиш дека спомените ти носат радост. Спомените ни се дар од Бог“. Додаде: „Биди зафатена — труди се да го користиш својот живот за да направиш нешто за другите. Тоа ќе ти помогне да најдеш среќа во животот“. На крај, на 8 јуни 1977, Натан ја напушти земната сцена.

Брак со Глен Хајд

Натан ми рече дека можам или да живеам во минатото со моите спомени или да изградам нов живот. Така, во 1978, откако се преселив на Фармите на Watchtower во Волкил (Њујорк), се омажив за Глен Хајд, убав, мирен и нежен човек. Пред да стане Сведок, служел во морнарицата кога Соединетите Држави беа во војна со Јапонија.

Глен бил на ПБР (патролен брод) и работел во машинското одделение. Поради буката на машините, делумно го изгубил слухот. По војната, станал пожарникар. Со години имал кошмари поради искуствата од војната. Ја дознал библиската вистина од неговата секретарка, која му сведочела неформално.

Подоцна, во 1968, Глен беше повикан во Бетел да служи како пожарникар во Бруклин. Потоа, во 1975, кога фармите на Watchtower добија противпожарна кола, беше префрлен таму. Со текот на времето се разболе од Алцхајмерова болест. По десет години брак, Глен почина.

Како ќе се справам? Мудрите зборови што Натан ми ги кажа кога знаеше дека умира, повторно ме утешија. Постојано го читав она што ми го напиша во врска со тоа како да се справам со вдовството. Сѐ уште ги споделувам овие коментари со другите што го изгубиле својот брачен другар, па и тие се утешуваат од советот на Натан. Да, добро е да се гледа напред, како што тој ме охрабри.

Скапоцено братство

Она што особено придонесе да имам среќен, задоволувачки живот, се драгите пријатели од бетелската фамилија. Една посебна пријателка ми е Естер Лопез, која дипломирала во 1944 во третиот клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower. Се врати во Бруклин во февруари 1950 за да служи како преведувач на нашата библиска литература на шпански. Честопати кога Натан беше на пат, Естер ми беше блиска другарка. И таа е на фармите на Watchtower. Сега, кога има над 90 години, здравјето ѝ е сѐ полошо и за неа се грижи нашето болничко одделение.

Од моето потесно семејство живи се уште Расел и Клара. Расел има над 90 години и верно служи во Бетелот во Бруклин. Тој беше меѓу првите на кои им беше дозволено да останат во Бетел откако ќе стапат во брак. Во 1952, тој се ожени со една сестра од Бетел, Џин Ларсон. Братот на Џин, Макс, дојде во Бетел во 1939 и го наследи Натан како надгледник на печатницата во 1942. Макс и понатаму се грижи за голем дел одговорности во Бетел, вклучувајќи ја и грижата за неговата мила сопруга Хелен, која се бори со мултиплекс склероза.

Кога ќе погледнам назад на преку 63 години полновремена служба за Јехова, можам да речам дека навистина имав задоволувачки живот. Бетелот ми стана дом и продолжувам да служам овде со радосно срце. На моите родители им припаѓа заслугата што нѐ научија колку се важни работните навики и што всадија во нас желба да му служиме на Јехова. Но, она што навистина го прави животот задоволувачки е нашето прекрасно братство и надежта да живееме со нашите браќа и сестри на рајска земја, служејќи му на нашиот Голем Творец, единствениот вистински Бог, Јехова, во сета вечност.

[Слика на страница 24]

Моите родители на нивната венчавка во јуни 1912

[Слика на страница 24]

Одлево надесно: Расел, Вејн, Клара, Ардис, јас и Кертис во 1927

[Слика на страница 25]

Стојам помеѓу Фенсис и Барбара Мекнот, додека бев пионер во 1944

[Слика на страница 25]

Во Бетел во 1951. Одлево надесно: јас, Естер Лопез и снаа ми Џин

[Слика на страница 26]

Со Натан и неговите родители

[Слика на страница 26]

Со Натан во 1955

[Слика на страница 27]

Со Натан на Хаваи

[Слика на страница 29]

Со мојот втор сопруг, Глен