Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Во 2. Коринќаните 6:14, на кого се осврнува Павле кога го користи изразот „неверници“?

Во 2. Коринќаните 6:14 читаме: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници“. Ако го разгледаме контекстот, јасно е дека Павле зборува за поединци кои очигледно не се дел од христијанското собрание. Ваквото разбирање е поткрепено и од други библиски стихови во кои Павле го користи изразот „неверник“ или „неверници“.

На пример, Павле ги укорува христијаните затоа што одат на суд „пред неверници“ (1. Коринќаните 6:6). Овде, неверници се судиите што работеле во правосудниот систем во Коринт. Во своето второ писмо, Павле изјавува дека Сатана „им ги заслепил умовите на неверниците“. Таквите неверници како да имаат ‚превез‘ на очите за добрата вест. Овие неверници не направиле ништо за да му служат на Јехова, зашто Павле претходно објаснил: „Кога ќе дојде до обраќање кон Јехова, превезот се отстранува“ (2. Коринќаните 3:16; 4:4).

Некои неверници се вмешани во беззаконие или во идолопоклонство (2. Коринќаните 6:15, 16). Меѓутоа, сите не се против Јеховините слуги. Некои покажуваат интерес за вистината. Мнозина имаат брачен другар што е христијанин и спремни се да останат заедно со него (1. Коринќаните 7:12—14; 10:27; 14:22—25; 1. Петрово 3:1, 2). Меѓутоа, Павле често го користи изразот „неверник“ за поединци кои, како што беше спомнато, не се дел од христијанското собрание кое е составено од „верници во Господа“ (Дела 2:41; 5:14; 8:12, 13).

Начелото што се наоѓа во 2. Коринќаните 6:14 е корисно водство за христијаните во сите подрачја на животот и честопати се наведува како мудар совет за христијаните што бараат брачен другар (Матеј 19:4—6). Еден предаден, крстен христијанин е мудар што не бара брачен другар меѓу оние што се неверници зашто вредностите, целите и верувањата на неверниците се многу поинакви од оние на еден вистински христијанин.

Меѓутоа, што е со поединците кои ја проучуваат Библијата и се дружат со христијанското собрание? Што е со оние што се некрстени објавители? Дали и тие се неверници? Не. Поединците што ја прифатиле вистината за добрата вест и кои сигурно напредуваат кон крштавање не треба да се нарекуваат неверници (Римјаните 10:10; 2. Коринќаните 4:13). Пред да се крсти, Корнелиј бил наречен „побожен човек, кој . . . се плашеше од Бог“ (Дела 10:2).

Тогаш, дали би било мудро еден предаден христијанин да биде во романтична врска и во брак со некој што е прифатен како некрстен објавител, бидејќи во тој случај, строго земено, советот на Павле запишан во 2. Коринќаните 6:14 не важи? Не, тоа не би било мудро. Зошто? Поради директниот совет што Павле го дал во врска со христијанските вдовици. Павле напишал: „Слободна е да се мажи за кого сака, само во Господ“ (1. Коринќаните 7:39). Во склад со овој совет, предадените христијани се поттикнати да си бараат брачен другар само меѓу оние што се „во Господ“.

Што значи изразот „во Господ“ и сличниот израз „во Христос“? Во Римјаните 16:8—10 и во Колошаните 4:7 Павле зборува за поединци кои биле „во Христос“ или „во Господа“. Ако ги прочиташ тие стихови, ќе видиш дека таквите се ‚соработници‘, ‚одобрени‘, ‚љубени браќа‘, ‚верни министри‘ и ‚соробови‘.

Кога некој станува ‚роб во Господ‘? Тоа се случува кога тој спремно го прави она што го прави еден роб и кога се одрекува од себе. Исус објаснува: „Ако некој сака да појде по мене, нека се одрече од себеси и нека го земе својот маченички столб и постојано нека ме следи“ (Матеј 16:24). Еден човек почнува да го следи Христос и потполно се подложува на Божјата волја кога ќе му се предаде на Бог. Потоа се крштава и станува ординиран верски министер кој има одобрена положба пред Јехова Бог. * Според тоа, да се ‚мажиш во Господ‘ значи да се стапи во брак со некој што покажал дека навистина е верник, предаден „роб на Бог и на Господ Исус Христос“ (Јаков 1:1).

Некој што ја проучува Библијата со Јеховините сведоци и кој добро напредува духовно е за пофалба. Меѓутоа, тој сѐ уште не се предал на Јехова и не се обврзал на живот на служба и жртва. Сѐ уште ги прави неопходните промени. Пред да размислува за друга голема промена во животот, како што е бракот, прво треба да ги доврши големите промени што се вклучени во тоа да се биде предаден, крстен христијанин.

Би било ли препорачливо еден христијанин да биде во врска со некој што изгледа дека добро напредува во проучувањето на Библијата — можеби со намера да почека додека тој да се крсти пред да стапи во брак со него? Не. Мотивите на библискиот студент можат да му се измешаат ако е свесен дека некој предаден христијанин сака да стапи во брак со него но нема да го стори тоа додека тој не се крсти.

Обично, некој е некрстен објавител само за еден ограничен период, сѐ додека не напредува до точка на крштавање. Затоа спомнатиот совет да се стапува во брак само во Господ не е неразумен. Меѓутоа, што ако некој е на возраст за брак, бил подигнат во христијанско семејство, активен е во собранието неколку години и служи како некрстен објавител? Па, што го спречило да му го даде својот живот на Јехова во предание? Зошто се колеба? Има ли некои сомнежи? Иако тој не е неверник, за него не може да се каже дека е „во Господ“.

Советот на Павле во врска со бракот е за наша корист (Исаија 48:17). Кога двајцата потенцијални партнери му се предале на Јехова, нивната оддаденост еден на друг во бракот има цврст, духовен темел. Тие имаат исти вредности и исти цели. Тоа многу придонесува за среќна врска. Освен тоа, со тоа што ‚се мажи во Господ‘, лицето покажува лојалност кон Јехова а тоа донесува трајни благослови, зашто ‚со лојалниот [Јехова] ќе постапува лојално‘ (Псалм 18:25NW).

[Фуснота]

^ пас. 10 За помазаните христијани на кои Павле првобитно им пишал, да се биде „роб во Господ“ исто така вклучувало да го примат своето помазание како синови на Бог и браќа на Христос.

[Слика на страница 31]

‚Со лојалниот [Јехова] ќе постапува лојално‘