Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Користи ги духовните цели за да го величаш твојот Творец

Користи ги духовните цели за да го величаш твојот Творец

Користи ги духовните цели за да го величаш твојот Творец

„КОГА човек не знае кое пристаниште му е цел, тогаш не е битно од која страна дува ветрот.“ Овие зборови, кои му се припишуваат на еден римски филозоф од првиот век, укажуваат на очигледната вистина дека за да има животот правец, неопходни се цели.

Библијата дава примери за поединци кои биле свесни колку е важно да си постават цели. Работејќи околу 50 години, Ное ‚изградил арка за спасение на своето домаќинство‘. Пророкот Мојсеј ‚внимателно гледал на добивањето на наградата‘ (Евреите 11:7, 26). На наследникот на Мојсеј, Исус Навин, Бог му дал цел да ја освои хананската земја (Второзаконие 3:21, 22, 28; Исус Навин 12:7—24).

Во првиот век н.е., врз духовните цели на апостол Павле без сомнение многу влијаеле зборовите на Исус: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја“ (Матеј 24:14). Поттикнат од пораките и визиите што ги добил лично од Господ Исус, вклучувајќи ја и доделбата да „го носи [Исусовото] име на нациите“, Павле одиграл многу важна улога во основањето на низа христијански собранија низ Мала Азија и во Европа (Дела 9:15; Колошаните 1:23).

Да, Јеховините слуги низ вековите си поставувале возвишени цели и ги исполнувале на слава на Бог. Како можеме ние денес да си поставуваме духовни цели? Кон кои цели можеме да се стремиме, и кои практични чекори можеме да ги преземеме за да ги постигнеме?

Неопходни се исправни мотиви

Цели можат да се постават речиси на секое поле во животот, и денешниов свет има луѓе што се свесни колку е важно да се постават цели. Меѓутоа, теократските цели не се исто што и световните амбиции. Главните мотиви за многу цели во светот се опсесивната желба за богатство и ненаситниот глад за положба и моќ. Каква грешка би било да се стремиме по некоја цел за да добиеме моќ и углед! Целите што му донесуваат слава на Јехова Бог се директно поврзани со нашето обожавање и со интересите на Царството (Матеј 6:33). Таквите цели произлегуваат од љубовта кон Бог и кон ближниот и со нив се стремиме кон побожна оддаденост (Матеј 22:37—39; 1. Тимотеј 4:7).

Кога си поставуваме и се стремиме кон духовни цели, сеедно дали се поврзани со зголемени предности или со тоа лично да напредуваме во духовен поглед, нека нашите мотиви бидат чисти. Сепак, дури и целите со исправни мотиви понекогаш не се остваруваат. Како можеме да си поставуваме цели и да ја зголемиме веројатноста да ги оствариме?

Мора да се има силна желба

Разгледај како Јехова го извел создавањето на универзумот. Со зборовите „бидна вечер, па утро“, Јехова ги означил последователните периоди на создавање (Битие 1:5, 8, 13, 19, 23, 31). Во почетокот на секој период на создавање, тој добро знаел која му е намерата, или целта, за тој ден. И Бог си ја исполнил намерата да создава (Откровение 4:11). „Што и да посака [Јехова] со душата, тоа ќе го исполни“, рекол патријархот Јов (Јов 23:13). Колку само мора да му причинувало задоволство на Јехова кога видел ‚сѐ што направил‘ и кога рекол дека е „многу добро“! (Битие 1:31).

За и нашите цели да станат стварност, и ние мораме да имаме силна желба да ги оствариме. Што ќе ни помогне да развиеме таква силна желба? Уште додека земјата била празна и пуста, Јехова можел да го предвиди крајниот резултат — прекрасен скапоцен камен во вселената што ќе му донесе слава и чест. Слично на тоа, нашата желба да го оствариме она што ќе решиме да го направиме може да биде поттикната со тоа што ќе медитираме за резултатите и користите што ќе дојдат откако ќе ја постигнеме целта. Такво искуство имал 19⁠-годишниот Тони. Тој никогаш не го заборавил впечатокот од посетата на една канцеларија на подружница на Јеховините сведоци во западна Европа. Оттогаш, прашањето што ги окупирало мислите на Тони било: ‚Како би било да се живее и да се работи на вакво место?‘ Тој никогаш не престанал да размислува за таа можност и продолжил да работи на таа цел. Колку бил среќен кога неколку години подоцна била прифатена неговата молба да служи во подружницата!

Тоа што ќе се дружиме со други што веќе оствариле извесна цел може и во нас да роди желба да ја постигнеме нашата цел. Џејсон, кој сега има 30 години, во тинерјџерските години баш и не сакал да учествува во службата на теренот. Но, откако завршил средно училиште, ревносно стапил во пионерска служба со што станал полновремен објавител на Царството. Што му помогнало на Џејсон да развие желба да биде пионер? Тој одговара: „Големо влијание врз мене имаше тоа што разговарав со другите што беа пионери и што работев со нив во службата“.

Од помош може да биде да си ги запишеме целите

Една апстрактна идеја станува појасна и добива облик кога избираме зборови да ја искажеме. Соломон забележал дека исправните зборови можат да бидат силни како остени што ни даваат правец во животот (Проповедник 12:11). Кога тие зборови се запишани, оставаат подлабок впечаток врз умот и врз срцето. Зошто инаку Јехова би им заповедал на царевите на Израел да си направат личен пишан примерок на Законот? (Второзаконие 17:18). Затоа, можеби ќе сакаме да си ги запишеме на хартија целите и стратегијата што ќе ја користиме за да ги постигнеме, наведувајќи ги пречките на коишто очекуваме да наидеме и начините како би ги надминале тие пречки. Од помош може да ни биде да увидиме за кои теми мораме да се информираме, кои вештини треба да ги стекнеме и кои поединци можат да ни помогнат и да нѐ поддржат.

Тоа што си поставувал цели имало стабилизирачко влијание врз Џефри, долгогодишен специјален пионер во едно зафрлено подрачје во една азиска земја. Тој бил погоден од трагедија кога неговата сопруга неочекувано починала. По еден период на приспособување, Џефри решил потполно да се зафати со својата пионерска служба и така си поставил цели. Откако си ги запишал плановите на хартија, со помошта на молитвата си поставил цел до крајот на месецот да започне три нови библиски студии. Секој ден ги разгледувал своите активности, а на секои десет дена проверувал како напредува. Дали ја постигнал својата цел? Со извештај за четири нови библиски студии, неговиот одговор е едно радосно „да“!

Поставувај си краткорочни цели како ориентири

Некои цели во почетокот може да изгледаат застрашувачки. Кога првпат посетил една канцеларија на подружница на Јеховините сведоци, на Тони, спомнат претходно, му изгледало нестварно како сон дека тој некогаш би можел да служи таму. Тоа му се чинело така зашто водел своеглав начин на живот, па дури не бил ни предаден на Бог. Но, Тони решил да го доведе својот живот во склад со Јеховините патишта и си поставил цел да се квалификува за крштавање. Откако ја постигнал таа цел, си поставил цел за помошна и за општа пионерска служба, обележувајќи ги на календарот датумите кога ќе почне. Откако едно време бил пионер, повеќе не му изгледало дека службата во канцеларијата на подружницата е нереалистична цел.

Добро е и ние да ги поделиме нашите долгорочни цели на неколку краткорочни. Преодните цели можат да послужат како достижни попатни ориентири за остварување на некоја долгорочна цел. Тоа што редовно ќе правиме проценка до каде сме стигнале во поглед на таквите попатни ориентири може да ни помогне да го задржиме умот сосредоточен. Исто така, тоа што постојано ќе му се молиме на Јехова во врска со нашите планови ќе ни помогне да остенеме на патот. „Молете се непрестајно“, поттикнал апостол Павле (1. Солуњаните 5:17).

Потребни се одлучност и упорност

И покрај тоа што имаме добро смислени планови и силна желба да ги оствариме, некои цели остануваат недостижни. Колку мора да бил разочаран ученикот Јован Марко кога апостол Павле не сакал да го земе со себе на неговото второ мисионерско патување! (Дела 15:37—40). Марко морал да извлече поука од ова разочарување и да ја преиначи својата цел за зголемена служба. Очигледно и го сторил тоа. Подоцна, Павле позитивно зборувал за него а Марко можел тесно да се дружи со апостол Петар во Вавилон (2. Тимотеј 4:11; 1. Петрово 5:13). Можеби неговата најголема предност било тоа што напишал инспириран извештај за животот и службата на Исус.

Во нашиот стремеж по духовни цели можеби и ние ќе доживееме неуспех. Наместо да се предадеме, мораме да видиме што сме успеале да направиме, повторно да ги процениме работите и да смениме нешто ако треба. Кога ќе се појават пречки, треба да се напрегаме да напредуваме со одлучност и упорност. „Препушти му ги на Господа своите дела и твоите намери ќе се сигурни“, нѐ уверува мудриот цар Соломон (Пословици 16:3).

Сепак понекогаш, поради околностите, стремењето по извесни цели е нереалистично. На пример, поради лошото здравје или семејните обврски некои цели можат да бидат недостижни за нас. Никогаш да не го изгубиме од вид фактот дека крајната награда е вечен живот — на небо или на рајска земја (Лука 23:43; Филипјаните 3:13, 14). Како се добива тој живот? „Оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“, напишал апостол Јован (1. Јованово 2:17). Иако можеби нашата ситуација не ни дозволува да постигнеме некоја цел, сепак можеме „да се боиме од Бога и да ги исполнуваме Неговите заповеди“ (Проповедник 12:13). Духовните цели ни помагаат да останеме сосредоточени на вршењето на Божјата волја. Затоа, да ги користиме за да го величаме нашиот Творец.

[Рамка на страница 22]

Духовни цели што треба да ги разгледаме

○ Секојдневно да ја читаме Библијата

○ Да го прочитаме секое издание на Стражарска кула и Разбудете се!

○ Да го подобриме квалитетот на нашите молитви

○ Да ги покажуваме плодовите на духот

○ Да посегнеме по зголемена служба

○ Да бидеме поделотворни во проповедањето и во поучувањето

○ Да развиеме вештини како сведочење по телефон, неформално сведочење и сведочење на деловно подрачје