Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова „стана мој избавител“

Јехова „стана мој избавител“

„Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“

Јехова „стана мој избавител“

ЈЕХОВИНИОТ народ се наоѓал пред одлука. Ќе го направат ли она што го бара злобниот владетел на древниот Египет? Или ќе го послушаат Јехова Бог, ќе го напуштат тоа место каде што биле робови и ќе ја заземат Ветената земја?

Бидејќи дрскиот фараон на Египет не сакал да го ослободи Јеховиниот народ, Бог нанел десет неволји врз неговата земја. Колкава моќ покажал со тоа! Божествата на Египќаните не можеле да сторат ништо за да ги спречат тие неволји.

Кога на фараонот му било речено да го пушти Божјиот народ, тој подбивно рекол: „Кој е Тој Господ за да Го послушам . . . и да ги пуштам Израелците? Јас не Го познавам Тој Господ, ниту ќе ги пуштам Израелците“ (Излез 5:2). Затоа, Египет го снашле следниве неволји: 1) водата се претворила во крв, 2) жаби, 3) комарци, 4) коњски муви, 5) помор на добитокот, 6) чиреви на луѓето и животните, 7) град, 8) скакулци, 9) темнина, и 10) смрт на првородените во Египет, вклучувајќи го и синот на фараонот. На крајот, фараонот ги пуштил Евреите. Тој дури и ги терал да си одат! (Излез 12:31, 32).

Околу три милиони луѓе — мажи, жени и деца Израелци, како и мноштво други луѓе — веднаш заминале (Излез 12:37, 38). Меѓутоа, наскоро фараонот тргнал по нив со една огромна војска. Изгледало дека Израелците биле фатени во стапица помеѓу Црвеното Море, суровата пустина и силите на фараонот. Сепак, Мојсеј му рекол на народот: „Не бојте се! . . Стојте цврсто и ќе видите што ќе стори Господ, за да ве спаси денес“ (Излез 14:8-14).

Јехова со чудо ги раздвоил водите на Црвеното Море за да се спасат Израелците. Но, кога Египќаните тргнале по нив, Бог направил водите повторно да се вратат. Јехова „ја фрли во морето фараоновата кола и неговата војска“ (Излез 14:26-28; 15:4). Поради тоа што фараонот одбил да му искаже чест на Јехова, го снашол катастрофален крај.

Кај Црвеното Море, Јехова покажал дека е „храбар војник“ (Излез 15:3). „Израел ја виде големата сила што Господ ја покажа над Египетците“, дознаваме од инспирираниот извештај, и ‚народот се исплаши од Господа, и му поверува на Господа‘ (Излез 14:31; Псалм 136:10-15). Својата искрена благодарност кон Бог ја изразиле со тоа што мажите му се придружиле на Мојсеј во пеењето на една победничка песна, а неговата сестра, Маријам, ги повела жените во танц. a

Јехова сѐ уште е Избавител

Од овој извонреден чин на избавување од Бог, денешните слуги на Јехова можат да извлечат поуки што ќе им ја зајакнат верата. Една поука е тоа дека Јехова има неограничена моќ и може во сѐ да му помогне на својот народ. Во својата победничка песна, Мојсеј и Израелците победоносно пееле: „Твојата десница, Господи, се прослави со сила; Твојата десница, Господи, го распарчи непријателот“ (Излез 15:6).

Друга поука е тоа дека Семоќниот многу сака да го заштити својот народ. Израелците пееле: „Моја сила, моја песна е Господ, зашто стана мој Избавител. Тој е мој Бог, јас ќе Го славам Него“. Трета поука е дека никој не може успешно да се спротивстави на волјата на Јехова Бог. Во својата победничка песна, Божјиот избавен народ пеел: „Кој е како Тебе, Господи, меѓу боговите, кој свети како Тебе во светлина, страшен во делата, прекрасен во чудесата?“ (Излез 15:2, 11).

Исто како фараонот во древниот Египет, владетелите во денешниов свет го прогонуваат Јеховиниот народ. Горделивите водачи можеби ‚хулат на Севишниот и ги сотруваат Светите на Севишниот‘ (Даниел 7:25; 11:36). Но, Јехова го уверува својот народ: „Не ќе успее оружјето исковано против тебе. Ќе докажеш дека е зол секој јазик што ќе се подигне против тебе на суд. Тоа е наследството на Господовите слуги“ (Исаија 54:17).

Противниците на Бог нема да успеат, исто како што не успеале фараонот и неговата војска. Јеховините дела на избавување, како што било излегувањето од Египет, потврдуваат дека е исправно да го следиме начелото што го изнеле Исусовите апостоли, кои рекле: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 5:29).

[Фуснота]

a Види во Календар на Јеховините сведоци за 2006, јануари/февруари.

[Рамка/слика на страница 9]

ЗНАЕШЕ ЛИ ДЕКА:

• Јехова предизвикал цела ноќ да дува силен ветар за да можат Израелците да го преминат по суво Црвеното Море (Излез 14:21, 22).

• За да поминат милионите Израелци преку Црвеното Море за толку кратко време, бил потребен премин широк околу 1,5 километри.

[Слики на страница 9]

Лажните богови на Египет не можеле да го спречат Јехова да ги нанесе Десетте неволји

[Извор на слика]

Сите три фигурички: Фотографија добиена со љубезна дозвола на Британскиот музеј