Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Здрава рекреација што освежува

Здрава рекреација што освежува

Здрава рекреација што освежува

„Јадете ли, пиете ли или правите што и да е друго, сѐ правете за Божја слава“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 10:31).

1, 2. Зошто активностите што ни носат задоволство можеме да ги сметаме за „Божји дар“, но сепак, каква отворена опомена наоѓаме во Библијата?

СОСЕМА е природна желбата да правиме нешто што ни причинува задоволство. Нашиот среќен Бог, Јехова, сака да уживаме во животот, и ни го овозможил тоа на најразлични начини (1. Тимотеј 1:11; 6:17). Мудриот цар Соломон напишал: „Знам дека нема друга среќа за човекот освен да се весели . . . и кога човекот јаде и пие и ужива во својот труд, и тоа е Божји дар“ (Проповедник 3:12, 13).

2 Приликите кога ќе застанеш малку за да се провеселиш на она што гледаш дека си го постигнал со својот труд навистина освежуваат, особено ако си во пријатното друштво на своето семејство или на пријателите. Тоа со право може да се смета за „Божји дар“. Но, се разбира, тоа што нашиот Творец ни дава толку многу работи не значи дека можеме неконтролирано да се забавуваме без мерка. Библијата ги осудува пијанството, лакомото јадење и неморалот, и опоменува дека оние што прават такви работи „нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10; Пословици 23:20, 21; 1. Петрово 4:1-4).

3. Што ќе ни помогне да останеме духовно будни и да го имаме на ум Јеховиниот ден?

3 Во овие критични последни денови, на христијаните им е потешко од кога и да било порано да живеат во еден расипан свет, а сепак да не станат како него (Јован 17:15, 16). Како што било проречено, луѓето од нашево време до толкав степен станале „љубители на уживања наместо љубители на Бог“ што ‚не обрнуваат внимание‘ на доказите дека ‚големата неволја‘ е многу близу (2. Тимотеј 3:4, 5; Матеј 24:21, 37-39). Исус ги опоменал своите следбеници: „Внимавајте на себе срцата никогаш да не ви отежнат од прејадување и прекумерно пиење и од животните грижи, и тој ден ненадејно да ве затече како замка“ (Лука 21:34, 35). Како Божји слуги, решени сме да го послушаме Исусовото предупредување. За разлика од луѓето во безбожниот свет околу нас, ние правиме сѐ за да останеме духовно будни и да го имаме на ум Јеховиниот голем ден (Софонија 3:8; Лука 21:36).

4. а) Зошто е тешко да се најде умесна разонода? б) Кој совет од Ефешаните 5:15, 16 сакаме да го примениме?

4 Не е лесно да се држиме настрана од расипаните работи во овој свет, бидејќи Ѓаволот ги направил многу пожелни и лесно достапни. Особено е тешко кога бараме начин малку да се разонодиме и да се рекреираме. Повеќето од она што го нуди светот е наменето да ги задоволи ‚телесните желби‘ (1. Петрово 2:11). Штетната забава ја има на јавни места, но може да навлезе и во приватноста на нашиот дом преку книги и списанија, телевизија, Интернет и филмови на видеокасети и ДВД-а. Затоа, Божјата реч мудро ги советува христијаните: „Строго пазете да не одите како немудри, туку како мудри, откупувајќи си го поволното време зашто деновите се зли“ (Ефешаните 5:15, 16). Само ако внимателно го послушаме овој совет нема да дозволиме штетната забава да нѐ фати во замка, да нѐ заинтересира, па дури и да го уништи нашиот однос со Јехова, што сигурно ќе води до наша пропаст! (Јаков 1:14, 15).

5. Што нѐ освежува најмногу?

5 Бидејќи христијаните се многу зафатени, нормално е дека одвреме-навреме им треба малку разонода. Всушност, во Проповедник 3:4 стои дека има „време за смеење“ и „време за играње“. Значи, Библијата не вели дека разонодата и рекреацијата се губење време. Меѓутоа, тие треба да нѐ освежат, а не да ја загрозат нашата духовност или да нѐ спречат во духовните активности. Зрелите христијани знаат од искуство дека човек е посреќен кога дава. На прво место во животот им е да ја вршат Јеховината волја и наоѓаат вистинско „освежување за своите души“ кога го прифаќаат Исусовиот благ јарем (Матеј 11:29, 30; Дела 20:35).

Да се избере умесна рекреација

6, 7. Што може да ти помогне да одлучиш која забава е умесна или неумесна?

6 Како можеме да се увериме дали извесен вид на разонода и рекреација се умесни за еден христијанин? Родителите им даваат водство на своите деца, а старешините помагаат ако е потребно. Но, не би требало некој друг да ни кажува дали некоја книга, филм, игра, танц или песна не е во ред. Павле рекол дека кај ‚зрелите луѓе моќта за согледување преку употреба е извежбана да разликува исправно и неисправно‘ (Евреите 5:14; 1. Коринќаните 14:20). Во Библијата се изнесени водечки начела. Твојата совест, обликувана според Божјата реч, ќе ти помогне ако ја слушаш (1. Тимотеј 1:19).

7 Исус рекол дека „дрвото се познава по плодот“ (Матеј 12:33). Ако некој облик на разонода и рекреација дава гнили плодови, односно ги прави привлечни насилството, неморалот или спиритизмот, треба да се отфрли. Исто така, не е во ред кога заради разонода некој го доведува во опасност својот живот или своето здравје, запаѓа во економски проблеми, се обесхрабрува или ги спрепнува другите. Апостол Павле нѐ опоменал дека правиме грев ако ја повредиме совеста на нашиот брат. Павле напишал: „А кога така грешите против своите браќа и ја ранувате нивната совест која е слаба, грешите против Христос. Затоа, ако храната го наведува мојот брат на спрепнување, нема воопшто никогаш повеќе да јадам месо, за да не го наведам својот брат на спрепнување“ (1. Коринќаните 8:12, 13).

8. Кои опасности се кријат зад употребата на компјутерски игри и филмови?

8 Продавниците се полни со компјутерски игри и филмови на видеокасети и ДВД-а. Некои од нив можеби служат само за безопасна забава и релаксација, но тие сѐ повеќе содржат работи што Библијата ги осудува. Сигурно дека не е само безопасна забава кога во една игра играчите треба да касапат и да убиваат или кога треба да се внесат во игри со краен неморал! Јехова ги мрази оние што ‚го сакаат насилството‘ (Псалм 11:5NW; Пословици 3:31; Колошаните 3:5, 6). А ако некоја игра те тера да бидеш лаком и агресивен, те исцрпува емоционално или ти одзема скапоцено време, тогаш биди сигурен дека ти нанесува духовна штета и брзо преземи нешто (Матеј 18:8, 9).

Како да најдеме здрава рекреација

9, 10. Што можат да направат проникливите христијани за да се рекреираат?

9 Понекогаш, христијаните се прашуваат: „Каква рекреација е умесна? Премногу работи што ги нуди светот се косат со библиските мерила“. Биди уверен дека може да се најде добра разонода и рекреација, но треба малку да се потрудиш. Треба да се размисли и да се планира однапред, а тоа се очекува особено од родителите. Мнозина се релаксираат на начин што ги исполнува кога се со семејството или во рамките на собранието. Кога сите заедно ручаат во опуштена атмосфера и при тоа разговараат за она што им се случило тој ден или, пак, дискутираат на некоја библиска тема, убаво им е и се охрабруваат. Можат да се испланираат излети, да се организираат соодветни игри, кампувања или прошетки. Ваквата здрава рекреација може да биде забавна и да освежи.

10 Еден старешина и неговата сопруга што одгледале три деца велат: „Уште од најрана возраст ги вклучувавме и децата кога биравме каде ќе одиме на годишен одмор. Понекогаш дозволувавме секое дете да покани и некој свој добар пријател да дојде со нас, и тогаш уште поубаво ќе си го поминевме одморот. Некои настани беа од пресудно значење во животот на нашите деца. Понекогаш каневме на гости некои семејства и пријатели од собранието. Готвевме во природа и игравме разни игри. Се возевме и пешачевме по планините, и тие прилики ги користевме за да учиме за она што го создал Јехова“.

11, 12. а) Што можеш да направиш за да вклучиш и други кога понекогаш планираш рекреација? б) Кои прилики биле незаборавни за многумина?

11 Можеш ли широко да го отвориш своето срце ти како поединец или целото твое семејство и понекогаш да вклучиш и други кога планираш нешто за разонода? На некоја вдовица, на некој самец или на некоја самохрана мајка можеби им е потребно охрабрување (Лука 14:12-14). Можеш да вклучиш и некои што се нови во собранието, се разбира, внимавајќи при тоа да не ги изложиш другите на штетно влијание (2. Тимотеј 2:20, 21). Ако на болните им е тешко да излегуваат надвор, би можел да направиш јадење и да го однесеш кај нив за да јадете заедно (Евреите 13:1, 2).

12 За многумина се незаборавни приликите кога биле поканети некаде на лесна закуска, и притоа можеле да чујат како другите станале христијани и што им помогнало да му останат верни на Бог. Може да се разговара на различни библиски теми, при што ќе кажат нешто сите присутни, вклучувајќи ги и децата. Таквите разговори можат да претставуваат корисна размена на охрабрување без некој да се чувствува непријатно или безвредно.

13. Како Исус и Павле дале пример за тоа како се укажува и како се прифаќа гостопримство?

13 Исус дал добар пример за тоа како се укажува и како се прифаќа гостопримство. Секогаш ги користел тие прилики за да каже некоја духовна поука (Лука 5:27-39; 10:42; 19:1-10; 24:28-32). Неговите први ученици го следеле неговиот пример (Дела 2:46, 47). Апостол Павле напишал: „Копнеам да ве видам за да ви дадам некој духовен дар со цел да се зацврстите; или, поправо, за да има размена на охрабрување меѓу вас, секој преку верата на другиот, и со вашата и со мојата“ (Римјаните 1:11, 12). Слично на ова, нашите собири треба да создадат атмосфера која ќе придонесе за размена на охрабрување (Римјаните 12:13; 15:1, 2).

Некои потсетувања и работи на кои треба да се внимава

14. Зошто не е препорачливо да се поканат многу гости истовремено?

14 Не е препорачливо да се поканат многу гости истовремено, бидејќи честопати е тешко добро да се надгледуваат. Во термини кога не се попречени духовните активности, некои семејства се договараат заедно да одат на излет или да играат некоја игра што не буди премногу натпреварувачки дух. Кога меѓу гостите има и старешини, слуги помошници или други зрели лица, тие имаат позитивно влијание и таа прилика може да биде вистинско освежување.

15. Зошто е исправно да ги надгледуваш работите кога имаш покането гости?

15 Оние што во некоја прилика канат поголем број гости, не треба да го занемарат и доброто надгледување. Иако ти е мило да укажеш гостопримство, зар не би ти било жал кога би дознал дека, поради твојата немарност, на некој гостин му оставило негативен впечаток она што се случило во твојот дом? Размисли за начелото што е изнесено во Второзаконие 22:8. Израелецот што изградил нова куќа требало да направи и ограда околу рамниот кров, кој честопати се користел за да се пречекаат гостите. Зошто? „За да не ја извалкаш со крв својата куќа, кога некој би паднал од неа“. Слично на тоа, кога имаш покането гости, треба да правиш сѐ што е за нивно физичко и духовно добро — се разбира, без да поставуваш неразумни ограничувања.

16. Каква претпазливост е потребна ако им се служи алкохол на гостите?

16 Ако се служи алкохол, мора да се преземат многу мерки на претпазливост. Многу христијани што се домаќини одлучуваат да служат алкохолни пијалаци само ако лично надгледуваат што пијат и што им се служи на гостите. Не смее да се дозволи ништо што би можело да спрепне некого или да го стави на искушение да претера со пиење (Ефешаните 5:18, 19). Од различни причини, некои гости може да одлучат воопшто да не пијат алкохол. Во многу земји законот ограничува точење алкохол на лица под одредена возраст, и христијаните ќе ги слушаат законите на цезарот дури и кога тие прописи им изгледаат премногу строги (Римјаните 13:5).

17. а) Ако во некоја прилика има музика, зошто е важно домаќинот да биде многу избирлив? б) Ако во некоја прилика се танцува, како треба да се покаже скромност?

17 Домаќинот треба да води сметка музиката, танцувањето и секоја друга разонода да биде во склад со христијанските начела. Вкусовите во поглед на музиката се разликуваат, и има најразлични жанрови музика. Меѓутоа, голем дел од денешната музика шири дух на бунтовност, неморал и насилство. Мора да се биде избирлив. Во пристојна музика не спаѓа само бавната и смирувачка музика, но музиката не треба да биде ни сензуална или вулгарна, премногу бучна или со силен такт. Внимавај да не му го препуштиш изборот на музика на некого кому сѐ уште не му е јасно што значи тоа музиката да не биде премногу гласна. Јасно дека на еден христијанин не му прилега танц што ги преминува границите на скромноста и во кој има еротски движења со колковите и градите (1. Тимотеј 2:8-10).

18. Како можат родителите да ги заштитат своите деца со тоа што ќе водат сметка за нивното друштво?

18 Христијанските родители треба убаво да се распрашаат што се планира во оние прилики за дружење во кои се поканети и нивните деца, и би било мудро, во повеќето случаи, и тие да одат со нив. За жал, некои родители дозволиле нивните деца да одат на забави што никој не ги надгледувал, каде што некои од присутните биле наговорени да направат неморал или други непристојни работи (Ефешаните 6:1-4). Дури и ако младите се во доцните тинејџерски години и покажале дека знаат да бидат одговорни, сепак им треба помош да ‚бегаат од желбите кои ѝ се својствени на младоста‘ (2. Тимотеј 2:22).

19. За што треба да бидеме свесни за да можеме да се сосредоточиме на она што треба да го ‚бараме најнапред‘?

19 Кога одвреме-навреме се рекреираме и се забавуваме на здрав и освежувачки начин, повеќе уживаме во животот. Јехова не ни го одзема тоа задоволство, но реални сме и свесни сме дека таквите активности сами по себе не ни помагаат да собереме духовно богатство на небото (Матеј 6:19-21). Исус им помогнал на своите ученици да разберат дека најважно во животот е ‚да го бараат најнапред царството и Божјата праведност‘, а не што јадеме, што пиеме или што облекуваме, работи по кои „желно тежнеат нациите“ (Матеј 6:31-34).

20. Кои добри работи можат да ги очекуваат верните слуги од Јехова?

20 Да, без оглед дали ‚јадеме, пиеме или правиме што и да е друго‘, можеме ‚сѐ да правиме за Божја слава‘, со што ќе му благодариме на Јехова за сите добри работи што ги уживаме во умереност (1. Коринќаните 10:31). Во рајската Земја што ја очекуваме во блиска иднина, ќе има бескрајни прилики потполно да уживаме во Јеховината дарежливост, како и во здравото дружење со сите што го прават она што Бог го бара од нив (Псалм 145:16; Исаија 25:6; 2. Коринќаните 7:1).

Се сеќаваш ли?

• Зошто е тешко христијаните денес да најдат умесна разонода?

• Во кои облици на рекреација можат да уживаат христијанските семејства?

• За да ни користи разонодата, што не треба да заборавиме и на што треба да внимаваме?

[Прашања]

[Слика на страница 18]

Избери рекреација што дава добри плодови

[Слики на страница 19]

На каков начин не се рекреираат христијаните?