Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Бидете потполно трезвени“

„Бидете потполно трезвени“

„Бидете потполно трезвени“

„Глупавиот верува на секој збор, а умниот внимава на својот чекор“ (ПОСЛОВИЦИ 14:15).

1, 2. а) Што учиме од она што му се случило на Лот во Содом? б) Што значи изразот ‚бидете трезвени‘?

КОГА Авраам му понудил на Лот прв да си избере земја, погледот на Лот го привлекол добро наводнетиот предел што бил „како некаква Господова градина“. Сигурно му изгледал како совршено место каде што ќе се насели неговото семејство, бидејќи ‚Лот ја избрал целата Јорданска Долина‘ и подигнал логор во близината на Содом. Меѓутоа, она што се гледало на прв поглед било измамливо, бидејќи во близината живееле ‚жителите на Содом кои биле многу зли и грешни пред Господа‘ (Битие 13:7-13). Следеле настани во кои Лот и неговата фамилија претрпеле големи загуби. На крајот, тој и неговите ќерки дошле дотаму што морале да живеат во пештера (Битие 19:17, 23-26, 30). Она што во почетокот му изгледало толку добро, на крајот испаднало сосема спротивно.

2 Божјите слуги денес можат да научат нешто од она што му се случило на Лот. Кога треба да донесеме одлуки, мораме да внимаваме на можните опасности и да се чуваме да не нѐ излаже првиот впечаток. Затоа, Божјата реч со право нѐ опоменува: „Бидете потполно трезвени“ (1. Петрово 1:13). Според библискиот изучувач Р. Ленски, таа трезвеност означува „смирена, сталожена состојба на умот кога исправно ги одмеруваме и проценуваме работите и така можеме да донесуваме исправни одлуки“. Да разгледаме некои ситуации во кои треба да бидеме трезвени.

Да се одмерат работите во бизнисот

3. Зошто треба да бидеме претпазливи ако ни се нуди некоја деловна зделка?

3 Да речеме дека некој угледен човек, можеби и некој соверник, ти нуди добра деловна зделка. Тој воодушевено зборува за успехот што ве очекува и те охрабрува брзо да ја прифатиш понудата за да не пропуштиш таква идеална прилика. Можеби почнуваш да си замислуваш како ти и твоето семејство живеете подобро, а можеби дури и си велиш дека со таа зделка ќе можеш да посветиш повеќе време на духовните активности. Меѓутоа, во Пословици 14:15 стои предупредувањето: „Глупавиот верува на секој збор, а умниот внимава на својот чекор“. Додека трае воодушевувањето што те обзема кога започнуваш некој нов бизнис, честопати се случува да ги потцениш ризиците, да ги превидиш опасностите и да не ја земеш целосно предвид несигурноста на бизнисот (Јаков 4:13, 14). Во една таква ситуација би било неопходно да останеш потполно трезвен!

4. Како можеме да ‚внимаваме на својот чекор‘ кога размислуваме за некоја деловна зделка?

4 Пред да донесе одлука, паметниот внимателно ќе размисли што сѐ вклучува понудата да влезе во некој бизнис (Пословици 21:5). Таквото размислување честопати открива некои скриени опасности. Замисли си една ваква ситуација: Некој бара назаем пари за да ги оствари своите деловни планови и ти нуди голем профит ако ти му го дадеш тој заем. Понудата можеби звучи примамливо, но какви се ризиците? Дали позајмувачот се согласува да ти ги врати парите независно од тоа дали бизнисот ќе биде успешен? Со други зборови, можеш ли да си дозволиш да ги изгубиш тие пари ако бизнисот пропадне? Исто така, би можел да се прашаш: „Зошто тој бара пари од приватни лица? Дали банките сметаат дека неговиот потфат е премногу ризичен?“ Ако одвоиш време да размислиш за ризиците, пореално ќе можеш да го процениш предлогот (Пословици 13:16; 22:3).

5. а) Кој мудар чекор го направил Еремија кога купил една нива? б) Зошто е добро сите деловни договори да се документираат со официјален писмен договор?

5 Кога пророкот Еремија купил нива од својот роднина, кој исто така му служел на Јехова, пред сведоци напишал писмен договор за купопродажбата (Еремија 32:9-12). Денес, мудриот човек ќе води сметка сите деловни договори што ги склучува, дури и оние со роднини и соверници, да бидат документирани со официјален писмен договор. * Прецизниот, добро составен писмен договор поштедува од недоразбирања и помага да се зачува единството. Од друга страна, пропустот да се направи писмен договор честопати е една од причините да се појават деловни проблеми меѓу Јеховините слуги. За жал, таквите проблеми можат да водат до голема болка, огорченост, па дури и до губење на духовноста.

6. Зошто треба да се чуваме од лакомоста?

6 Исто така, мораме да се чуваме и од лакомоста (Лука 12:15). Заслепен од ветувањата дека ќе добие голем профит, некој може да не ги види ризиците од лошиот деловен потфат. Дури и некои што имале предности во Јеховината служба се фатиле во оваа стапица. Божјата реч нѐ опоменува: „Вашиот начин на живот нека биде ослободен од љубовта кон парите, и бидете задоволни со она што го имате сега“ (Евреите 13:5). Кога размислува за некоја деловна зделка, христијанинот треба да се праша: ‚Дали е навистина потребно да се вклучам и јас?‘ Водењето едноставен живот во кој најважно ќе ни биде да му служиме на Јехова ќе нѐ заштити од „секакви штетни работи“ (1. Тимотеј 6:6-10).

Тешкотии со кои се соочуваат христијаните што не се во брак

7. а) Со кои тешкотии се соочуваат многу христијани што не се во брак? б) Како покажуваме лојалност кон Бог со нашиот избор на сопружник?

7 Голем број слуги на Јехова многу би сакале да стапат во брак, но сѐ уште не нашле сопружник со кој си одговараат. Во некои земји, околината врши голем притисок да се мажат и женат. Но, можеби немаат многу прилики да си најдат сопружник што е соверник (Пословици 13:12). Сепак, на христијаните им е јасно дека со својата послушност на библиската заповед да стапуваат во брак „само во Господ“ ја покажуваат својата лојалност кон Јехова (1. Коринќаните 7:39). За да останат цврсти кога се под притисок или кога се соочуваат со искушенија, христијаните што не се во брак мораат да бидат потполно трезвени.

8. Под каков притисок се нашла Суламката, и како може некоја христијанка денес да се соочи со слична ситуација?

8 Во Песна над песните, една обична девојка од село наречена Суламка го привлекува вниманието на царот. Тој ѝ се додворува фалејќи се со своето богатство, углед и шарм, иако таа веќе е вљубена во некој млад човек (Песна над песни 1:9-11; 3:7-10; 6:8-10, 13). Како христијанка, и тебе можеби ќе ти обрне внимание некој чие внимание не го посакуваш. Можеби некој на твоето работно место, па дури и некој што е на положба, ќе почне да ти дели комплименти, да ти прави услуги и да бара прилики да биде со тебе. Внимавај на таквото ласкаво внимание. Иако намерите на таквиот човек не се секогаш романтични или неморални, честопати е така. Следи го примерот на Суламката и биди како „ѕид“ (Песна над песни 8:4, 10). Одлучно одбиј ги таквите додворувања. Уште во почетокот кажи им на колегите дека си Јеховин сведок и користи ја секоја прилика да им сведочиш. Тоа ќе ти послужи како заштита.

9. Наведи некои опасности што се кријат зад започнувањето врска со некој непознат преку Интернет. (Види ја и рамката на 25. страница.)

9 Стануваат популарни и веб-страниците на Интернет што се наменети да им помогнат на немажените и неженетите да си најдат брачен партнер. Некои сметаат дека тие се еден начин да запознаат луѓе што инаку не би ги сретнале. Меѓутоа, многу е опасно на слепо да започнеш врска со некој што воопшто не го познаваш. На Интернет може да биде тешко да се направи разлика помеѓу вистината и лагата (Псалм 26:4). Не значи дека навистина е слуга на Јехова секој што го тврди тоа. Освен тоа, ако се започне врска преку Интернет, веднаш може да се јави голема привлечност, а тоа може да го расипе здравото просудување (Пословици 28:26). Сеедно дали преку Интернет или на некој друг начин, не е мудро да одржуваш врска со некој што не го познаваш добро (1. Коринќаните 15:33).

10. Како можат соверниците да ги охрабрат христијаните што не се во брак?

10 Јехова „е многу нежен во наклоноста“ кон своите слуги (Јаков 5:11). Тој знае дека христијаните што не се во брак, но би сакале да се во брак, се соочуваат со тешкотии што ги потиштуваат, и многу ја цени нивната лојалност. Како можат другите да ги охрабрат? Редовно треба да ги пофалуваме за нивната послушност и самопожртвуван дух (Судии 11:39, 40). Можеме да ги вклучиме и нив во изградувачкото дружење. Дали во последно време си го сторил тоа? Освен тоа, можеме да се молиме за нив, барајќи од Јехова да им помогне да задржат духовна рамнотежа и да најдат радост додека му служат. Со нашиот искрен интерес за овие лојални браќа и сестри да покажеме дека ги цениме, исто како што ги цени Јехова (Псалм 37:28).

Кога се бориме со здравствени проблеми

11. Кои тешкотии настануваат кога ќе се појават сериозни здравствени проблеми?

11 Колку е тешко кога ние, или некој од нашите најмили, се бориме со некој сериозен здравствен проблем! (Исаија 38:1-3). Иако настојуваме да најдеме ефикасен лек, многу е важно да се држиме за библиските начела. На пример, христијаните внимаваат да бидат послушни на библиската заповед да се воздржуваат од крв, и не прифаќаат дијагностички или терапевтски постапки што се поврзани со спиритизам (Дела 15:28, 29; Галатите 5:19-21). Меѓутоа, ако некој нема големо познавање од областа на медицината, може да се збуни или да се исплаши кога ќе треба да размисли за различните начини на лекување. Што може да ни помогне да останеме потполно трезвени?

12. Како може еден христијанин да остане урамнотежен кога размислува на кој начин да се лекува?

12 „Умниот внимава на својот чекор“ со тоа што ја истражува Библијата и христијанските публикации (Пословици 14:15). Во оние земји во светот каде што нема многу лекари и болници, единствен начин на лекување можеби е традиционалната медицина, која користи лекови направени од лековити билки. Ако размислуваме за такво лекување, можеме да најдеме корисни информации во англиското издание на Стражарска кула од 15 април 1987 година, страници 26-29. Таму сме опоменати на можните опасности. На пример, можеби ќе треба да го дознаеме следново: Дали исцелителот познат како спиритист? Дали лекувањето се темели на верувањето дека болеста и смртта се предизвикани затоа што лицето ги навредило боговите (или духовите на предците) или затоа што некој му направил магии или уроци? Дали подготовката и употребата на лекот е поврзана со жртви, баење или други спиритистички ритуали? (Второзаконие 18:10-12). Тоа што ќе се распрашаме за овие работи може да ни помогне да го следиме инспирираниот совет: „Уверувајте се во сите работи; држете се цврсто за она што е добро“ * (1. Солуњаните 5:21). Така ќе можеме да останеме урамнотежени.

13, 14. а) Како можеме да покажеме разумност во грижата за своето физичко здравје? б) Зошто е потребна разумност кога со другите разговараме за здравјето и за различни начини на лекување?

13 Потребна е разумност на сите полиња од животот, вклучувајќи ја и грижата за нашето физичко здравје (Филипјаните 4:5). Ако урамнотежено се грижиме за своето здравје, покажуваме ценење за животот како скапоцен дар. Кога имаме здравствени проблеми, исправно е да обрнеме внимание на нив. Меѓутоа, нема да имаме совршено здравје сѐ додека не дојде Божјето време за „лекување на нациите“ (Откровение 22:1, 2). Мораме да внимаваме да не станеме толку преокупирани со физичкото здравје што ќе ги турнеме настрана нашите духовни потреби, кои се многу поважни (Матеј 5:3; Филипјаните 1:10).

14 Исто така, треба да покажеме урамнотеженост и разумност кога разговараме со другите за здравјето и за разни начини на лекување. Тоа не треба да биде главна тема на нашите разговори кога се собираме за духовно дружење на христијанските состаноци и собири. Освен тоа, во одлуките во врска со лекувањето честопати се вклучени библиски начела, совеста на поединецот и неговиот однос со Јехова. Затоа, не би покажале љубов ако му ги наметнуваме своите гледишта на некој соверник или му вршиме притисок да го игнорира она што му го вели совеста. Иако може да се побара помош и совет од зрелите лица во собранието, секој христијанин мора да „го носи својот сопствен товар“ на одговорност кога донесува одлуки, и „секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Галатите 6:5; Римјаните 14:12, 22, 23).

Кога сме под стрес

15. Како можат стресните околности да претставуваат предизвик?

15 Кога се под стрес, дури и на лојалните слуги на Јехова може да им се случи да кажат или да направат нешто немудро (Проповедник 7:7). Кога бил во голема неволја, Јов станал малку неурамнотежен и морало да биде исправен во размислувањето (Јов 35:2, 3; 40:6-8). Иако ‚Мојсеј бил мошне скромен човек, најскромен човек на земјата‘, во една прилика бил испровоциран и брзоплето кажал некои работи (Броеви 12:3; 20:7-12; Псалм 106:32, 33). Давид покажал извонредно самосовладување кога не го убил цар Саул, но кога Навал го навредил и зборувал лошо за неговите луѓе, Давид се разбеснил и го изгубил здравото просудување. Дури откако интервенирала Авигеја, тој се вразумил и за малку избегнал да направи една катастрофална грешка (1. Самоил 24:2-7; 25:9-13, 32, 33).

16. Што може да нѐ спречи избрзано да направиме нешто?

16 И ние можеби сме во стресни околности што можат да бидат причина да го изгубиме здравото просудување. Ако внимателно ги одмериме гледиштата на другите, како што направил Давид, нема да постапиме непромислено и избрзано да направиме грев (Пословици 19:2). Понатаму, Божјата реч нѐ советува: „Ако се вознемирите, немојте да грешите! Задржете ги зборовите во своето срце, на својата постела, и молчете!“ (Псалм 4:4NW). Пред да направиме нешто или пред да донесеме некоја одлука, мудро е прво да почекаме да се смириме малку (Пословици 14:17, 29). Можеме горливо да му се помолиме на Јехова, ‚и мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува нашите срца и нашите умствени сили преку Христос Исус‘ (Филипјаните 4:6, 7). Овој мир што ни го дава Бог ќе ни ја поврати рамнотежата и ќе ни помогне да бидеме потполно трезвени.

17. Зошто мораме да се потпираме на Јехова за да бидеме потполно трезвени?

17 И покрај нашите најдобри напори да ги избегнеме опасностите и да постапуваме мудро, сите грешиме (Јаков 3:2). Можно е да направиме некој катастрофален погрешен чекор, а воопшто да не сме свесни за тоа (Псалм 19:12, 13). Освен тоа, бидејќи сме само луѓе, немаме ниту способност ниту право да управуваме со своите чекори без Јеховина помош (Еремија 10:23). Многу сме благодарни што тој нѐ уверува: „Ќе те учам, ќе ти го покажам патот по кој треба да одиш, ќе те советувам, Моето око ќе бдее над тебе“ (Псалм 32:8). Да, со Јеховина помош, можеме да бидеме потполно трезвени.

[Фусноти]

^ пас. 5 Повеќе информации во врска со писмените деловни договори побарај во Стражарска кула од 1 август 1997, страници 30, 31; 1 април 1987, страници 16, 17, и во англиското издание на Разбудете се! од 8 февруари 1983, страници 13-15. Сите овие публикации се издадени од Јеховините сведоци.

^ пас. 12 Овој метод веројатно ќе им користи на оние што размислуваат за контроверзни алтернативни начини на лекување на некоја болест.

Како би одговорил?

Како можеме да бидеме трезвени:

• ако ни се укаже добра деловна зделка?

• кога бараме брачен партнер?

• кога се бориме со здравствени проблеми?

• кога сме под стрес?

[Прашања]

[Рамка на страница 25]

Можеш ли да им веруваш?

На веб-страниците за самци се појавуваат следниве изјави со кои службите се оградуваат од некои работи:

„И покрај нашите најдобри напори, не можеме да гарантираме за вистинскиот идентитет на лицата.“

„Не гарантираме за точноста, комплетноста или корисноста на информациите што се појавуваат на Интернет.“

„Мислењата, советите, изјавите, понудите или други информации или содржини што се на располагање преку оваа служба ги даваат лицата што стојат зад нив . . . и не значи дека секогаш треба да им верувате.“

[Слика на страница 23]

„Умниот внимава на својот чекор“

[Слики на страници 24 и 25]

Како може една христијанка да биде како Суламката?

[Слика на страница 26]

„Уверувајте се во сите работи; држете се цврсто за она што е добро“