Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Божјето Царство — подобро во секој поглед

Божјето Царство — подобро во секој поглед

Божјето Царство — подобро во секој поглед

ИСУС ХРИСТОС ги поучувал своите следбеници: „Молете се вака: ‚Татко наш, кој си на небесата, нека се свети името твое. Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата‘“ (Матеј 6:9, 10). Оваа молитва, за многумина позната како Оченаш, ја објаснува целта на Божјето Царство.

Преку Царството ќе биде посветено Божјето име. Ќе биде очистено од целиот срам што му бил нанесен со побуната на Сатана и на луѓето. Ова е многу важно. Сите интелигентни суштества ќе бидат среќни само ако го сметаат Божјето име за свето и ако спремно го прифатат неговото право да владее (Откровение 4:11).

Освен тоа, Царството е воспоставено за да ‚биде Божјата волја, како на небото така и на земјата‘. А која е таа волја? Да се обнови пријателството помеѓу Бог и луѓето, што Адам го изгубил. Исто така, Владетелот на целиот универзум, Јехова, ќе го употреби Царството за да ја спроведе својата намера да воспостави рај на Земјата, во кој добрите луѓе ќе можат вечно да живеат. Да, Божјето Царство ќе ја отстрани целата штета што ја предизвикал првиот грев и ќе го оствари она што Бог со љубов го наумил (1. Јованово 3:8). Всушност, ова Царство, и тоа што ќе го постигне, е главната порака на Библијата.

Подобро во кој поглед?

Божјето Царство е вистинска влада што има голема моќ. Пророкот Даниел ни дава мал увид во таа моќ. Тој одамна прорекол: „Небесниот Бог ќе подигне Царство кое... ќе ги уништи сите [човечки] царства“. Освен тоа, за разлика од човечките влади, кои се појавувале и исчезнувале низ историјата, Божјето Царство „ќе стои довека“ (Даниел 2:44). И тоа не е сѐ. Во секој поглед, ова Царство е далеку подобро од која и да било човечка влада.

Божјето Царство го има најдобриот Цар. Размисли кој е тој Цар. Даниел ‚сонувал сон: пророчки виденија‘, во кои го видел Владетелот на Божјето Царство, кој бил „како Човечкиот Син“. Овој Владетел бил доведен пред Семоќниот Бог и му била предадена вечна „власт, честа на царството“ (Даниел 7:1, 13, 14). Човечкиот Син е самиот Исус Христос — Месијата (Матеј 16:13-17). Јехова Бог го именувал својот сопствен Син, Исус, да биде Цар на Неговото Царство. Кога бил на Земјата, Исус им рекол на злобните фарисеи: „Божјето царство е во вашата средина“, што значи дека тој, идниот Цар на тоа Царство, бил присутен на Земјата со нив (Лука 17:21).

Има ли човек што може да се рамни со Исус во однос на неговите владејачки способности? Исус веќе докажал дека е потполно праведен, доверлив и сочувствителен Водач. Евангелијата го опишуваат како човек од акција, кој во исто време е нежно срдечен и со длабоки чувства (Матеј 4:23; Марко 1:40, 41; 6:31-34; Лука 7:11-17). Освен тоа, воскреснатиот Исус не е подложен на смртта или на други човечки ограничувања (Исаија 9:6, 7).

Исус и неговите совладетели владеат од подобра положба. Во својот сон Даниел видел и дека ‚царството, власта... му биле дадени на народот на Светите‘ (Даниел 7:27). Исус не владее сам. Со него има други кои ќе владеат како цареви и ќе служат како свештеници (Откровение 5:9, 10; 20:6). Во врска со нив, апостол Јован напишал: „И видов, и гледај, Јагнето стои на гората Сион, и со него сто четириесет и четири илјади... кои се купени од земјата“ (Откровение 14:1-3).

Јагнето е Исус Христос откако е поставен за Цар (Јован 1:29; Откровение 22:3). Гората Сион овде се однесува на небото a (Евреите 12:22). Исус и неговите 144.000 придружници владеат од небото. Колку возвишена положба од која ќе владеат! Тоа што се на небото им овозможува да имаат поширок видик на работите. А бидејќи неговото седиште е на небото, „Божјето царство“ е наречено и ‚небесно царство‘ (Лука 8:10; Матеј 13:11). Никакво оружје, па дури ни нуклеарен напад, не претставува закана ниту, пак, може да ја сруши оваа небесна влада. Таа е непобедлива и ќе ја исполни намерата што Јехова ја има со неа (Евреите 12:28).

Божјето Царство има доверливи претставници на Земјата. Од каде го знаеме ова? Псалм 45:16 вели: „Ќе... поставиш кнезови на целата земја“. Зборовите од ова пророштво се однесуваат на Божјиот Син (Псалм 45:6, 7; Евреите 1:7, 8). Значи, самиот Исус Христос ќе ги именува претставниците на Царството. Можеме да бидеме сигурни дека верно ќе го следат неговото водство. Уште денес, мажите што служат како старешини во христијанското собрание се поучени да не „господарат над“ своите соверници туку да ги штитат, освежуваат и да ги тешат (Матеј 20:25-28; Исаија 32:2).

Царството има праведни поданици. Тие се непорочни и праведни во Божји очи (Пословици 2:21, 22). „Кротките ќе ја наследат земјата,“ вели Библијата, „и тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11). Поданиците на Царството се понизни, кротки и нежни. За нив се најважни духовните работи (Матеј 5:3). Тие сакаат да го прават она што е исправно и послушни се на Божјите упатства.

Божјето Царство ги има најдобрите закони. Законите и начелата според кои владее Царството доаѓаат лично од Јехова Бог. Тие не се претерани ограничувања туку многу ни користат (Псалм 19:7-11). Многу луѓе уште денес доживуваат благослови затоа што живеат според Јеховините праведни барања. На пример, ако сопрузите, сопругите и децата ги применуваат библиските совети, ќе имаат подобар семеен живот (Ефешаните 5:33—6:3). Кога сме послушни на заповедта да се ‚облечеме во љубов‘, се подобруваат нашите односи со другите (Колошаните 3:13, 14). Исто така, поради тоа што живееме според библиските начела, ние стекнуваме добри работни навики и урамнотежено гледиште за парите (Пословици 13:4; 1. Тимотеј 6:9, 10). А со тоа што се чуваме од пијанство, сексуален неморал, тутун и дрога, си го чуваме здравјето (Пословици 7:21-23; 23:29, 30; 2. Коринќаните 7:1).

Божјето Царство е влада поставена од Бог. Нејзиниот Цар — Месијата, Исус Христос — и сите негови придружни соцареви се одговорни пред Бог да ги држат неговите праведни закони и љубезни начела. Поданиците на Царството, вклучувајќи ги и неговите претставници на Земјата, со радост живеат според Божјите закони. Значи, Бог е најважната работа во животот и на владетелите и на поданиците на Царството. Поради тоа, Царството е една вистинска теократија — Божја влада. Тоа сигурно успешно ќе ја постигне целта за која е воспоставено. Но, кога Божјето Царство, познато и како месијанско Царство, започнало да владее?

Царството почнува да владее

Клучот за да се разбере кога почнува да владее Царството се наоѓа во зборовите на Исус. Тој рекол: „Ерусалим ќе биде газен од нациите додека не се исполнат одредените времиња на нациите“ (Лука 21:24). Ерусалим бил единствениот град на планетата кој бил директно поврзан со Божјето име (1. Цареви 11:36; Матеј 5:35). Тој бил престолнината на земното царство кое Бог го одобрувал и го поддржувал. Градот ќе бил газен од нациите во таа смисла што световните влади требало да го прекинат Божјето директно владеење над својот народ. Кога ќе започнело тоа?

На последниот цар што седел на Јеховиниот престол во Ерусалим му било речено: „Симни ја од себе круната и извади го венецот... и нема веќе да го има, сѐ додека, не дојде Оној, Кому тој Му припаѓа, и нему ќе Му го дадам“ (Езекиел 21:25-27ПСП). Круната била симната од главата на тој цар, и Божјето владеење врз Неговиот народ требало да прекине. Ова се случило во 607 година пр.н.е., кога Вавилонците го уништиле Ерусалим. Во текот на „одредените времиња“ што следеле, Бог не би имал влада на Земјата која ќе го застапувала неговото владеење. Дури откако тие времиња ќе завршеле, Јехова ќе му ја дал царската власт на оној ‚кому таа му припаѓа‘ — Исус Христос. Колку долго требало да трае овој период?

Пророштвото во библиската книга Даниел вели: „Пресечете го дрвото, раздробете го, но неговата пенушка и корењата оставете ги во земјата, во железни и бронзени окови... додека не поминат седум времиња над него“ (Даниел 4:23). Како што ќе видиме, ‚седумте времиња‘ спомнати тука се со исто траење како и „одредените времиња на нациите“.

Во Библијата, поединци, владетели и царства се претставени со дрвја (Псалм 1:3; Еремија 17:7, 8; Езекиел 31. поглавје). Симболичното дрво ‚се гледало од краиштата на земјата‘ (Даниел 4:11). Значи, владеењето претставено со дрвото што требало да биде исечено и оковано се протегало до „краиштата на земјата“, вклучувајќи ги сите човечки царства (Даниел 4:17, 20, 22). Затоа, дрвото ја претставува врховната власт на Бог, особено во однос на Земјата. Некое време Јехова го спроведувал своето владеење на Земјата преку царството што го формирал од Израел. Симболичното дрво било исечено, и врз пенушката биле ставени окови од железо и бакар за да се спречи тоа да расте. Ова покажува дека царството што Бог го користел на Земјата требало да престане да владее. Тоа се случило во 607 година пр.н.е. — но немало да остане така засекогаш. Дрвото ќе останало оковано додека не поминат ‚седумте времиња‘. На крајот на тој период, Јехова ќе му ја дал власта на законскиот наследник, Исус Христос. Јасно, ‚седумте времиња‘ и „одредените времиња на нациите“ се однесуваат на ист временски период.

Библијата ни помага да утврдиме колку долго траеле ‚седумте времиња‘. Таа ги изедначува 1.260-те дена со „време [едно време] и времиња [две времиња, множина] и половина време“ — вкупно три и пол „времиња“ (Откровение 12:6, 14). Ова значи дека, ако тој период се помножи со два, се добиваат седум времиња, кои имаат 2.520 дена.

Ако броиме 2.520 дословни дена од 607 година пр.н.е., ќе дојдеме до 600 година пр.н.е. Но, седумте времиња траеле многу подолго од тоа. Тие сѐ уште траеле кога Исус зборувал за „одредените времиња на нациите“. Тоа покажува дека седумте времиња се пророчки. Значи, мораме да го примениме библиското правило: „По ден за секоја година“ (Броеви 14:34; Езекиел 4:6). Во тој случај, седумте времиња, во кои со Земјата ќе владеат светските сили без да интервенира Бог, ќе изнесуваат 2.520 години. Ако броиме 2.520 години од 607 година пр.н.е. наваму, ќе дојдеме до 1914 година од н.е. Во таа година завршиле „одредените времиња на нациите“ или ‚седумте времиња‘. Ова значи дека Исус Христос започнал да владее како Цар на Божјето Царство во 1914 година.

„Нека дојде царството твое“

Бидејќи месијанското Царство веќе е воспоставено на небото, дали треба и понатаму да се молиме тоа да дојде, како што нѐ поучил Исус во својата пример-молитва? (Матеј 6:9, 10). Да. Таа молба е исправна и многу е значајна. Божјето Царство наскоро ќе докаже дека има потполна власт над Земјата.

Колку големи благослови ќе доживеат верните луѓе кога ќе се случи тоа! Библијата вели: „Самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“ (Откровение 21:3, 4). Тогаш „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘“ (Исаија 33:24). Оние што постапуваат како што вели Бог ќе добијат вечен живот (Јован 17:3). Додека чекаме да се исполнат овие прекрасни библиски пророштва, да ‚продолжиме да го бараме најнапред царството и Неговата праведност‘ (Матеј 6:33).

[Фуснота]

a Цар Давид од древниот Израел ја презел од Евусејците тврдината на земната гора Сион и ја направил своја престолнина (2. Самоил 5:6, 7, 9). На тоа место го префрлил и светиот Ковчег (2. Самоил 6:17). Бидејќи Ковчегот бил поврзан со Јеховината присутност, на гората Сион се укажувало како на место каде што престојува Бог, па затоа е соодветен симбол за небото (Излез 25:22; Левит 16:2; Псалм 9:11; Откровение 11:19).

[Истакната мисла на страница 4]

Јехова го именувал Исус Христос за Цар на Неговото Царство

[Графикон/слики на страница 6]

2.520 години

октомври 607 ◀ пр.н.е. н.е. ▸ октомври 1914

606 години и три месеци 1.913 години и девет месеци

„Одредените времиња на нациите“ започнале во 607 година пр.н.е. и завршиле во 1914 година од н.е.

[Слика на страница 7]

Земните поданици на Божјето Царство ќе добијат многу благослови