Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали навистина живееме во „последните денови“?

Дали навистина живееме во „последните денови“?

Дали навистина живееме во „последните денови“?

РАЗВОЈОТ на настаните на две подрачја ни помага да одредиме кои се последните денови, како што се наречени во Библијата. Во Светото писмо се проречени настани што требало да се случат во времето на „свршетокот на овој поредок“ (Матеј 24:3). Исто така, Библијата кажува дека, во „последните денови“, ќе дошло до промена во ставовите и постапките на луѓето (2. Тимотеј 3:1).

Светските настани, заедно со однесувањето и особините на луѓето, потврдуваат дека живееме во последните денови и дека наскоро Божјето Царство ќе им донесе вечни благослови на оние што го сакаат Бог. Ќе започнеме така, што ќе разгледаме три обележја за кои Исус рекол дека ќе ги означат последните денови.

„Почеток на болните неволји“

Исус рекол: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство, и ќе има глад и земјотреси на разни места“. Тој додал: „Сето ова е почеток на болните неволји“ (Матеј 24:7, 8). Да го испитаме „сето ова“ поединечно.

Во минатиот век, огромен број луѓе биле убиени во војните и етничките судири. „Во војните во [20-от] век загинаа трипати повеќе луѓе отколку во сите војни што се воделе од првиот век па сѐ до 1899 година“, пишува во еден научен извештај на Worldwatch Institute. Џонатан Гловер, во својата книга Humanity — A Moral History of the Twentieth Century (Човештвото — морална историја на дваесеттиот век), рекол: „Се проценува дека, во периодот од 1900 до 1989 година, војната убила 86 милиони луѓе... Во војните во дваесеттиот век загинаа толку многу луѓе што тешко може да се сфати. Секој просек што ќе се добие од вкупниот број на жртви не ја дава точната слика, бидејќи околу две третини од нив (58 милиони) беа убиени во двете светски војни. Но, ако бројот на жртвите рамномерно се распредели низ тој период, испаѓа дека во војните гинеле околу 2.500 луѓе секој ден. Тоа се над 100 луѓе секој час, и тоа непрекинато деведесет години“. Можеш ли да си ги замислиш тагата и болката што сигурно ги предизвикало ова врз милионите роднини и пријатели на оние што ги изгубиле животите?

И покрај фактот дека во светот се произведуваат огромни количини храна, во обележјата на последните денови спаѓа и недостигот на храна. Истражувачите велат дека во изминатите 30 години, производството на храна растеше побрзо од бројот на населението. Сепак, во многу делови од светот преовладува недостиг на храна, бидејќи многу луѓе немаат доволно земја за да произведуваат или немаат доволно пари за да купат храна. Во земјите во развој, околу 1,2 милијарди луѓе преживуваат со најмногу еден американски долар на ден. Од нив, околу 780 милиони постојано гладуваат. Според Светската здравствена организација, неисхранетоста е една од главните причини за смртта на повеќе од пет милиони деца секоја година.

Што може да се каже за проречените земјотреси? Според Геолошкиот институт на САД, само од 1990 година наваму, просечно по 17 земјотреси годишно биле со јачина доволна да ги оштетат зградите. Отприлика еднаш секоја година има земјотреси што се доволно силни за да предизвикаат потполно рушење на објектите. „Во изминативе 100 години, земјотресите однесоа стотици илјади животи“, наведува еден друг извор. Една причина за ова е што, од 1914 година наваму, имало голем пораст на населението во подрачја каде честопати се случуваат земјотреси.

Други значајни настани

„На разни места ќе има смртоносни зарази“, рекол Исус (Лука 21:11). Денес, медицината е понапредна од било кога порано. Сепак, и старите и новите болести продолжуваат да ги измачуваат луѓето. Во еден документ на Американскиот државен разузнавачки совет пишува: „Од 1973 година, дваесет добро познати болести — вклучувајќи ги туберкулозата (ТБЦ), маларијата и колерата — повторно се појавиле или се рашириле и на други подрачја, честопати во облици што се уште поопасни и поотпорни на лекови. Од 1973 година откриени се најмалку 30 претходно непознати причинители на болести, како ХИВ, Ебола, хепатитис Ц, и Нипах вирусот, за кои досега нема лек“. Според еден извештај на Црвениот крст од 28 јуни 2000 година, во текот на претходната година, бројот на луѓе што умреле од заразни болести бил околу 160 пати поголем од бројот на оние што умреле во природни катастрофи.

Друго значајно обележје на последните денови е дека „беззаконието ќе се зголеми“ (Матеј 24:12). Денес, во повеќето места низ светот луѓето ги заклучуваат своите домови и не се чувствуваат безбедни навечер на улица. А што да се рече за загадувањето на воздухот, водата и почвата, што честопати е резултат на незаконски постапки? Ова исто така е исполнување на она што го прорекла Библијата. Книгата Откровение зборува за времето што Бог го одредил да ги ‚уништи оние што ја уништуваат земјата‘ (Откровение 11:18).

Какви ќе бидат луѓето во последните денови

Те молиме, отвори ја својата Библија во 2. Тимотеј 3:1-5 и прочитај ги стиховите. Апостол Павле пишува: „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња“. Потоа тој дава список од 20 особини што ќе бидат карактеристични за безбожните луѓе. Дали си забележал некоја од овие особини кај оние што живеат во твојата околина? Разгледај што било речено неодамна за денешните луѓе.

„Себељубиви“ (2. Тимотеј 3:2). „[Луѓето] како никогаш порано си ги гледаат само своите лични интереси. [Тие] стануваат како богови, и очекуваат така да се постапува со нив“ (Financial Times, весник од Англија).

„Алчни за пари“ (2. Тимотеј 3:2). „Во последно време, себичниот дух на материјализмот го надвладеа духот на скромноста. Ако општеството не те смета за богат, не вреди да живееш“ (Jakarta Post, весник од Индонезија).

„Непослушни на родителите“ (2. Тимотеј 3:2). „Родителите ги збунува тоа што нивниот 4 годишен син им наредува како да е цар, или тоа што нивниот 8 годишен син им вика на цел глас ‚Ве мразам!‘“ (American Educator, списание од Соединетите Држави).

„Нелојални“ (2. Тимотеј 3:2). „Тоа што многу повеќе мажи се спремни да ги напуштат своите сопруги и деца, можеби е најголемата промена во моралните вредности во [последните 40 години]“ (Wilson Quarterly, списание од Соединетите Држави).

„Бесчувствителни кон другите“ (2. Тимотеј 3:3). „Во многу делови од светот, семејното насилство преовладува во секојдневниот живот“ (Journal of the American Medical Association, списание од Соединетите Држави).

„Без самосовладување“ (2. Тимотеј 3:3). „Многуте наслови што се појавуваат на првата страница од весниците се одраз на умови на кои им недостига самосовладување, морална цврстина и сочувство кон другите луѓе, па дури и кон самите себеси... Ако нашево општество продолжи да ја поттикнува агресивноста како досега, наскоро во него нема да остане ни трага од морал“ (Bangkok Post, весник од Тајланд).

„Сурови“ (2. Тимотеј 3:3). „Неразумен гнев и неконтролирана лутина се гледа на патиштата, во малтретирањето во семејствата... и [во] неоправданото и непотребното насилство што честопати се појавува во криминалот. Насилството се случува неочекувано и непредвидливо, па луѓето се чувствуваат осамено и беспомошно“ (Business Day, весник од Јужна Африка).

„Повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тимотеј 3:4). „Сексуалната слобода се претворила во морална борба, во која непријателот е христијанскиот морал“ (Boundless, списание од Интернет).

„На изглед ќе бидат богобојазливи, но нема да живеат богобојазливо“ (2. Тимотеј 3:5). „[Една поранешна проститутка од Холандија] потврди дека религиозните организации најмногу се противат на легализирањето [на проституцијата]. По неколку моменти пауза, се поднасмевна и рече дека, додека била проститутка, неколку свештеници биле меѓу нејзините редовни муштерии. ‚Проститутките секогаш велат дека најдобрите муштерии доаѓаат од религиозните заедници‘, заврши таа смеејќи се“ (National Catholic Reporter, весник од Соединетите Држави).

Што ни носи иднината?

Светот денес е полн со проблеми, токму како што прорекла Библијата. Меѓутоа, пророштвото за „знакот на [Христовата] присутност и на свршетокот на овој поредок“ содржи и едно позитивно обележје. „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи“, рекол Исус (Матеј 24:3, 14). Добрата вест за Божјето Царство се проповеда во над 230 земји. Преку шест милиони луѓе што доаѓаат „од сите народи и племиња и народности и јазици“ активно се вклучени во делото на објавување на Царството (Откровение 7:9). Што постигнала нивната ревносна активност? Следново: Скоро сите на планетата можат да ја чујат пораката за тоа што е Царството, што ќе направи, и како да ги добиеме неговите благослови. Навистина, ‚вистинското знаење се умножило‘ во времето на крајот (Даниел 12:4).

Имаш добри причини и ти да го стекнеш тоа знаење. Земи предвид што ќе се случи откако добрата вест ќе биде проповедана онолку колку што ќе биде задоволен Јехова. Исус рекол: „Тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Ќе биде дојдено времето што Бог го одредил за да ја отстрани сета злоба од Земјата. Изреки 2:22 вели: „А злите ќе бидат истребени од земјата и оние што постапуваат неверно ќе бидат искоренети од неа“. А што ќе биде со Сатаната и неговите демони? Тие ќе бидат фрлени во една бездна, каде повеќе нема да можат да ги заведуваат народите (Откровение 20:1-3). Потоа, „праведниците... и непорочните ќе останат на“ Земјата, и ќе ги доживеат прекрасните благослови на Царството (Изреки 2:21; Откровение 21:3-5).

Што можеш да направиш?

Нема сомнение дека крајот на сатанскиот поредок е многу близу. Оние што ги игнорираат доказите дека живееме во последните денови, ќе бидат затекнати неподготвени кога ќе дојде крајот (Матеј 24:37-39; 1. Солуњаните 5:2). Затоа, на своите слушатели Исус им рекол: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и да не се оптоварат со животните грижи, па тој ден да ве затече и да ве изненади како замка. Зашто, ќе дојде врз сите што живеат по целата земја. Затоа бидете будни, сесрдно молејќи се за сето време, за да успеете да го избегнете сето ова што треба да се случи и да застанете пред Синот човечки“ (Лука 21:34-36).

Само оние што ќе бидат одобрени од Синот човечки, Исус, ќе можат да го преживеат крајот на овој поредок. Колку е важно да го искористиме преостанатото време за да стекнеме милост пред Јехова Бог и Исус Христос! Во молитва кон Бог, Исус рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Значи, ќе биде мудро да научиш повеќе за Јехова Бог и за неговите барања. Јеховините сведоци во твоето место со задоволство ќе ти помогнат да разбереш што учи Библијата. Срдечно те покануваме да контактираш со нив или да им пишеш на издавачите на ова списание.

[Рамка/слики на страница 7]

ОБЕЛЕЖЈА НА ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ

ГЛАВНИ НАСТАНИ:

▪ Војни (Матеј 24:6, 7).

▪ Недостиг на храна (Матеј 24:7).

▪ Земјотреси (Матеј 24:7).

▪ Смртоносни зарази (Лука 21:11).

▪ Беззаконието ќе се зголеми (Матеј 24:12).

▪ Уништување на Земјата (Откровение 11:18).

ЛУЃЕТО:

▪ Себељубиви (2. Тимотеј 3:2).

▪ Алчни за пари (2. Тимотеј 3:2).

▪ Надуени (2. Тимотеј 3:2).

▪ Непослушни на родителите (2. Тимотеј 3:2).

▪ Неблагодарни (2. Тимотеј 3:2).

▪ Нелојални (2. Тимотеј 3:2).

▪ Бесчувствителни кон другите (2. Тимотеј 3:3).

▪ Без самосовладување (2. Тимотеј 3:3)

▪ Сурови (2. Тимотеј 3:3)

▪ Повеќе ќе ги сакаат уживањата (2. Тимотеј 3:4)

▪ Религиозни лицемери (2. Тимотеј 3:5)

ВИСТИНСКИТЕ БОЖЈИ СЛУГИ:

▪ Имаат големо знаење (Даниел 12:4).

▪ Ја проповедаат добра вест за царството по целиот свет (Матеј 24:14).

[Извор на слика]

ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ/Фотографија на F. GRIFFING