Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Го свикаа Судскиот совет“

„Го свикаа Судскиот совет“

„Го свикаа Судскиот совет“

ПРВОСВЕШТЕНИКОТ и поглаварите на Евреите биле во недоумица. Што да направат за да ја стивнат возбудата во врска со Исус Христос? Успеале да издејствуваат да биде погубен, но сега Исусовите ученици разгласувале низ целиот Ерусалим дека тој воскреснал. Како да ги замолкнат? За да решат што ќе прават, првосвештеникот и неговите помошници ‚го свикале Судскиот совет‘, или Синедрионот, кој бил еврејски врховен суд (Дела 5:21).

Во Израел од првиот век, римскиот управител Понтиј Пилат имал најголема власт. Но, каква соработка постоела помеѓу Судскиот совет и Пилат? За што бил надлежен секој од нив? Кој го сочинувал Судскиот совет? И како функционирал?

Како бил основан Судскиот совет

Грчкиот збор преведен со „Судски совет“, или „Синедрион“, дословно значи „да се седне заедно со“. Така најчесто се нарекувал некој собир или состанок. Според еврејската традиција, тој збор обично се однесувал на некој верски судски орган, или суд.

Писателите на Талмудот, кој бил составуван во вековите по уништувањето на Ерусалим во 70 година од н.е., го прикажале Судскиот совет како еден древен орган. Тие мислеле дека тој отсекогаш бил составен од учени луѓе што се состанувале за да дебатираат за делови од еврејскиот закон и сметале дека тој датирал од времето кога Мојсеј собрал 70 старешини за да му помагаат да ги води Израелците (4. Мојсеева 11:16, 17). Историчарите ја отфрлаат оваа идеја. Тие велат дека еден таков совет, сличен на Судскиот совет од првиот век, почнал да постои дури откако со Израел загосподарила Персија. Исто така, историчарите сметаат дека угледната академија на талмудистите повеќе потсетува на рабинските собири од вториот и третиот век, а не на Судскиот совет. Според тоа, кога бил основан Судскиот совет?

Библијата открива дека изгнаниците што се вратиле во Јуда од Вавилон во 537 година пр.н.е., биле организирани во држава. Неемија и Езра спомнуваат кнезови, старешини, достоинственици и намесници — можеби зачетоците на идниот Судски совет (Езра 10:8; Неемија 5:7).

Периодот од завршувањето на Хебрејските списи до составувањето на евангелието по Матеј бил период на метеж за Евреите. Во 332 година пр.н.е., Александар Велики ја зазел Јудеја. По смртта на Александар, Јудеја потпаднала под власта на две грчки царства што настанале од неговото — најнапред на Птолемитите, а потоа на Селеукидите. Во записите за селеукидското владеење, кое започнало во 198 година пр.н.е., за првпат се спомнува сенат на Евреите. Овој собир веројатно имал само ограничена власт, но со него Евреите добиле нешто слично на самоуправа.

Во 167 година пр.н.е., селеукидскиот цар Антиох IV (Епифан) се обидел да им ја наметне на Евреите грчката култура. Тој го осквернил храмот во Ерусалим со тоа што на храмскиот жртвеник му жртвувал свиња на Зевс. Ова предизвикало бунт, во кој Макавејците ја отфрлиле власта на Селеукидите и ја поставиле на власт хасмонејската династија. a Во исто време, книжниците и фарисеите — кои биле водачи на масите и го поддржувале бунтот — ја презеле власта во државната администрација со тоа што ја потиснале свештеничката класа.

Почнал да се формира Судскиот совет што е опишан во Грчките списи. Тој ќе стане државен административен совет и највисок судски орган за толкување на еврејскиот закон.

Рамнотежа на силите

Во првиот век, Јудеја била под власта на Рим. Меѓутоа, Евреите имале извесна слобода. Политика на Рим била да им даде на потчинетите народи извесно право да избираат своја влада. Значи, римските службеници не се мешале во работата на месните судови, и ги избегнувале проблемите што би можеле да се појават поради културните разлики. Идејата била да се шири мирот и да се придобие лојалноста на локалното население со тоа што ќе им се дозволи да си ги држат своите обичаи и, во основа, сами да имаат своја власт. Освен што го поставувале и го симнувале од положба првосвештеникот — кој бил претседател на Судскиот совет — и наметнувале даноци, Римјаните се вмешувале во еврејските работи само тогаш кога тоа го барале нивните политички и општи интереси. Како што може да се види од судењето на Исус, изгледа дека Рим го задржал правото да изрекува смртни казни (Јован 18:31).

Така, Судскиот совет управувал со највнатрешните еврејски работи. Имал војници што апселе (Јован 7:32). Во нижите судови се донесувале пресуди за помалите престапи и граѓански случаи без никакво мешање од страна на Рим. Кога нижите судови не можеле да донесат одлука во некој случај, тој бил изнесуван пред Судскиот совет, чии одлуки биле конечни.

За да ги задржи своите привилегии, Судскиот совет морал да го одржува мирот и да ја поддржува римската власт. Но, ако Римјаните се посомневале дека некој извршил престап против државата, интервенирале и постапувале како што сметале дека треба. Еден таков случај било апсењето на апостол Павле (Дела 21:31-40).

Членство во судот

Судскиот совет се состоел од 71 член — првосвештеникот и 70 угледни луѓе во државата. Во римско време се состоел од свештенички благородници (главно садукеи), несвештенички аристократи и учени книжници од партијата на фарисеите. Свештеничките аристократи, поддржани од угледни граѓани, имале главен збор во судот. b Садукеите биле конзервативни, а фарисеите биле либерални и главно граѓани што имале големо влијание врз народот. Според историчарот Јосиф, садукеите неволно ги исполнувале барањата на фарисеите. Кога се бранел пред Судскиот совет, Павле го искористил нивното ривалство и разликите во верувањата помеѓу овие две групи (Дела 23:6-9).

Поради тоа што Судскиот совет главно се состоел од аристократи, нивното членство веројатно било доживотно, а празните места се пополнувале според тоа кого ќе го назначеле постоечките членови. Според Мишната, новите членови морале да бидат „свештеници, левити и Израелци чии ќерки смееле да се омажат за свештеник“, односно, Евреи што со своето родословие можеле да го докажат своето чисто еврејско потекло. Бидејќи вишиот суд го надгледувал судството во целата земја, логично е да се заклучи дека мажите што биле на добар глас во нижите судови, еден ден ќе добиеле место и во Судскиот совет.

Надлежност и овластувања

Евреите многу го почитувале Судскиот совет, и судиите во нижите судови морале да ги прифатат неговите одлуки, инаку би ги чекала смрт. Овој суд особено се занимавал со квалификациите на свештениците и со работи поврзани со Ерусалим, неговиот храм и обожавањето во храмот. Всушност, Судскиот совет бил надлежен само за Јудеја. Но, бидејќи Судскиот совет се сметал за највисок авторитет во толкувањето на Законот, имал власт да поставува мерила во еврејските заедници низ целиот свет. На пример, првосвештеникот и неговиот совет им дале упатства на водачите на синагогите во Дамаск да соработуваат во апсењето на Христовите следбеници (Дела 9:1, 2; 22:4, 5; 26:12). Слично, Евреите што оделе во Ерусалим на празниците веројатно носеле дома најнови вести за она што го изрекол Судскиот совет.

Според Мишната, Судскиот совет имал исклучителна судска надлежност по прашања што се важни за државата, во постапките против судии што се спротивставувале на неговите одлуки, како и во судењето на лажните пророци. Исус и Стефан излегле пред овој суд обвинети како богохулници, Петар и Јован биле обвинети како бунтовници на народот, а Павле бил обвинет дека го осквернува храмот (Марко 14:64; Дела 4:15-17; 6:11; 23:1; 24:6).

Судењето на Исус и неговите ученици

Освен во сабота и на празник, Судскиот совет заседавал секој ден во судницата, од утринската до вечерната жртва. Судењата се одржувале само додека било ден. Бидејќи смртните казни се изрекувале дури дента по судењето, таквите случаи не требало да се судат вечерта спроти сабота или спроти празник. Сведоците биле строго опоменувани колку е сериозно да се пролее невина крв. Затоа, ноќното судење во кое Исус бил осуден, што се одржало во домот на Кајафа вечерта спроти празник, било незаконско. Што е уште полошо, самите судии побарале лажни сведоци и го убедиле Пилат да го нареди погубувањето на Исус (Матеј 26:57-59; Јован 11:47-53; 19:31).

Талмудот вели дека судиите што ги воделе парниците за дела што заслужуваат смртна казна, настојувале да го спасат обвинетиот со тоа што ги одмерувале доказите без да брзаат. Сепак, Стефан, исто како и Исус пред него, не добил такво судење. По својата одбрана пред Синедрионот, тој бил каменуван од една толпа луѓе. Да не интервенирале Римјаните, и апостол Павле веројатно ќе бил убиен во слични околности. Всушност, судиите на Судскиот совет направиле заговор да го убијат (Дела 6:12; 7:58; 23:6-15).

Изгледа дека барем неколку членови на овој суд биле луѓе со принципи. Еден млад еврејски владетел што зборувал со Исус можеби бил член на Синедрионот. Иако богатството му претставувало пречка, сигурно имал убави особини, бидејќи Исус го повикал да му стане следбеник (Матеј 19:16-22; Лука 18:18, 22).

Можеби стравот од тоа што ќе помислат другите судии го натерал Никодим, „еден од еврејските поглавари“, да појде кај Исус ноќе, кога никој нема да го види. Сепак, Никодим го бранел Исус пред Судскиот совет, со тоа што прашал: „Зар нашиот закон му суди на човек ако најнапред не го сослуша и не дознае што прави?“ Подоцна Никодим донел „врзоп смирна и алое“ за да се подготви за закоп телото на Исус (Јован 3:1, 2; 7:51, 52; 19:39).

Јосиф од Ариматеја, еден друг член на Судскиот совет, собрал храброст да го побара од Пилат телото на Исус и го положил во својот нов гроб. Јосиф ‚го чекал Божјето царство‘, но стравот од Евреите го спречил да каже дека е Исусов ученик. Но, за Јосиф е пофално тоа што не се согласил со останатите во Судскиот совет кога направиле заговор да го убијат Исус (Марко 15:43-46; Матеј 27:57-60; Лука 23:50-53; Јован 19:38).

Гамалиел, член на Судскиот совет, мудро ги посоветувал другите судии да ги остават на мир учениците на Исус. „За да не се покаже дека се борите против Бог“, рекол тој (Дела 5:34-39). Што го спречило овој виш суд да признае дека Бог бил со Исус и со неговите ученици? Наместо да бидат благодарни за Исусовите чуда, во Судскиот совет рекле: „Што да правиме? Овој човек прави многу чуда! Ако го оставиме така, сите ќе поверуваат во него, па ќе дојдат Римјаните и ќе ни ги земат и нашиот храм и нашиот народ“ (Јован 11:47, 48). Желбата за власт ја извртела правдата на еврејскиот виш суд. Исто така, наместо да се радуваат кога Исусовите ученици ги лекувале луѓето, верските водачи биле „полни со љубомора“ (Дела 5:17). Како судии, требало да бидат богобојазливи и праведни, но повеќето од нив биле корумпирани и нечесни (2. Мојсеева 18:21; 5. Мојсеева 16:18-20).

Божјиот суд

Бидејќи Израелците не го послушале Божјиот закон и го отфрлиле Месијата, Јехова на крајот ги отфрлил како свој избран народ. Во 70 година од н.е., Римјаните го уништиле Ерусалим и неговиот храм и му ставиле крај на целиот еврејски поредок, а со тоа и на Судскиот совет.

Исус Христос, кого Јехова го поставил за Судија, ќе одреди дали некои членови на Судскиот совет од првиот век заслужуваат воскресение, а кој од нив згрешил против светиот дух (Марко 3:29; Јован 5:22). Можеме да бидеме уверени дека, кога ќе донесува такви одлуки, Исус ќе дели совршена правда (Исаија 11:3-5).

[Фусноти]

a Нешто повеќе за Макавејците и Хасмонејците можеш да прочиташ во Стражарска кула од 15 ноември 1998, страници 21-24, и 15 јуни 2001, страници 27-30.

b „Главните свештеници“ што се спомнуваат во Библијата биле тогашните и претходните првосвештеници, како и припадниците на оние фамилии што имале право да заземат повисоки свештенички положби во иднина (Матеј 21:23).