Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Покажи љубов и почит контролирајќи го својот јазик

Покажи љубов и почит контролирајќи го својот јазик

Покажи љубов и почит контролирајќи го својот јазик

„Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе, а жената длабоко да го почитува својот маж“ (ЕФЕШАНИТЕ 5:33).

1, 2. Кое важно прашање треба да си го постават сите што се во брак, и зошто?

 ЗАМИСЛИ СИ дека си добил убаво завиткан подарок на кој пишува: „Ракувај внимателно“. Како би постапил со тој подарок? Сигурно многу би внимавал да не го оштетиш. Што можеме да кажеме за бракот како подарок?

2 На младите жени Орфа и Рут, израелската вдовица Ноемина им рекла: „Јехова нека ве дарува, па да најдете мир, секоја во куќата на својот маж“ (Рут 1:3-9). Во врска со една добра жена, Библијата вели: „Куќата и богатството се наследуваат од татковците, а од Јехова е разборитата жена“ (Изреки 19:14). Ако си во брак, треба да гледаш на својот сопружник како на дар од Бог. Како постапуваш со подарокот што ти го дал Бог?

3. Кој совет на Павле треба да го послушаат мажите и жените?

3 Во едно писмо до христијаните од првиот век, Павле напишал: „Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе, а жената длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:33). Да разгледаме како можат мажите и жените што се во брак да го применат овој совет кога станува збор за тоа што и како зборуваат.

Чувај се од едно „незауздано зло“

4. Како може јазикот да има добро или лошо влијание?

4 Јаков, кој напишал една книга од Библијата, вели дека јазикот е „незауздано зло“ кое е „полно со смртоносен отров“ (Јаков 3:8). Јаков добро ја знаел оваа многу важна вистина: Незаузданиот јазик може да нанесе големи штети. Несомнено му била позната библиската изрека во која за непромислените зборови е речено дека ‚прободуваат како меч‘. Спротивно на тоа, истата изрека вели дека „јазикот на мудрите е лек“ (Изреки 12:18). Навистина, зборовите можат да имаат силно влијание. Тие можат или да повредат или да излекуваат. Како влијаат твоите зборови врз твојот брачен другар? Ако му го поставиш нему ова прашање, како ќе одговори?

5, 6. Од кои причини на некои им е тешко да си го контролираат јазикот?

5 Ако во твојот брак се вовлекла навиката да се кажуваат навредливи зборови, можеш да го промениш тоа и да ја подобриш ситуацијата. Меѓутоа, ќе треба да се потрудиш за да го постигнеш тоа. Зошто? Како прво, треба да се бориш со несовршеноста. Наследениот грев врши негативно влијание врз начинот на кој размислуваме за другите и на кој зборуваме со нив. „Ако некој не греши во зборови“, напишал Јаков, „тој е совршен човек, способен да го заузда и целото тело“ (Јаков 3:2).

6 Освен човечката несовршеност, и семејната атмосфера во која некој растел придонесува за тоа да зборува навредливо. Некои луѓе израснале во семејства каде што родителите биле „неспремни за каков и да било договор... без самосовладување“ (2. Тимотеј 3:1-3). Честопати, децата што се пораснати во таква средина покажуваат слични карактерни црти кога ќе пораснат. Се разбира, ниту несовршенството ниту лошото воспитување не се изговор за да кажуваме навредливи зборови. Но, ако сме свесни за овие фактори, ќе ни биде полесно да разбереме зошто на некои им е особено тешко да си го контролираат јазикот и да не кажуваат навредливи зборови.

„Отфрлете... секакво клеветење“

7. Што мислел Петар кога ги опоменал христијаните ‚да отфрлат секакво клеветење‘?

7 Навредливите зборови во бракот, сеедно од која причина се кажани, укажуваат на недоволна љубов и почит кон сопружникот. Петар имал добра причина да ги опомене христијаните ‚да отфрлат секакво клеветење‘ (1. Петрово 2:1). Грчкиот збор што е преведен со „клеветење“ значи „навредливо зборување“. Тој ја пренесува мислата ‚да се прободуваат луѓето со зборови‘. Ова навистина добро опишува каков ефект има незаузданиот јазик!

8, 9. До што може да доведат навредливите зборови, и зошто брачните партнери не треба да употребуваат такви зборови?

8 Можеби не ни изгледа кој знае колку страшно да се користат навредливи зборови, но размисли што се случува кога мажот и жената се навредуваат. Ако некој му вели на својот сопружник дека е глупав, мрзлив или себичен, тоа би значело дека целиот негов карактер би можел да се сведе на еден збор — и тоа погрден! Тоа е многу бесчувствително. А што е со претераните тврдења со кои се нагласуваат мааните на сопружникот? Зар зборовите како што се: „Ти секогаш доцниш“, или „Ти никогаш не ме слушаш“ не се претерување? Тие сигурно ќе предизвикаат негативна реакција, што би можело да води до вжештена расправија (Јаков 3:5).

9 Разговорот што е проследен со навредливи зборови води до затегнати односи во бракот, и тоа може да има сериозни последици. Во Изреки 25:24 стои: „Подобро е да живееш во аголот од покривот отколку во куќа заедно со жена кавгаџика“. Се разбира, истото може да се рече и за маж што е кавгаџија. Со текот на времето, острите зборови што ги кажува кој и да е од брачните другари ќе ја поткопаат брачната врска, бидејќи кај мажот или жената ќе создадат чувство дека не се сакани, дури и дека се недостојни за љубов. Значи, очигледно е дека е многу важно да се контролира јазикот. Но, како може да се направи тоа?

‚Зауздај го својот јазик‘

10. Зошто е важно да го контролираш јазикот?

10 Во Јаков 3:8 стои: „Јазикот никој од луѓето не може да го скроти“. Сепак, исто како што коњаникот му става узда на коњот за да го контролира движењето на животното, така и ние треба да даваме сѐ од себе за да си го зауздаме јазикот. „Ако некој мисли дека го почитува Бог на исправен начин, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговото почитување е залудно“ (Јаков 1:26; 3:2, 3). Овие зборови покажуваат дека е сериозна работа како го користиш својот јазик. Тоа не влијае само врз твојот однос со сопружникот, туку и врз твојот однос со Јехова Бог (1. Петрово 3:7).

11. Како може да се спречи некое несогласување да прерасне во вжештена расправија?

11 Ќе биде мудро да обрнеш внимание на тоа како зборуваш со твојот брачен другар. Ако дојде до некоја стресна ситуација, обиди се да ја намалиш напнатоста. Размисли за една ситуација што се појавила во животот на Исак и неговата жена, Ревека, како што пишува во 1. Мојсеева 27:46 — 28:4. „Ревека му рече на Исак: ‚Ми се смачи животов од ќерките на Хет. Ако се ожени и Јаков со некоја од ќерките на оваа земја, како што се ќерките на Хет, тогаш што ќе ми е животот?‘“ Ништо не покажува дека Исак ѝ одговорил со остри зборови. Наместо тоа, го испратил својот син Јаков да си најде богобојазлива жена што нема да ја вознемирува Ревека. Да претпоставиме дека помеѓу еден маж и неговата жена избива несогласување. Би можело да се спречи едно мало несогласување да прерасне во вжештена расправија ако, наместо да го обвинуваме сопружникот, си кажеме што нѐ мачи. На пример, наместо да речеш „Ти никогаш не ми посветуваш време!“, зошто не речеш „Би сакал/-а да бидеме заедно повеќе време“? Концентрирај се на проблемот, а не само на личноста. Не обидувај се да анализираш кој е во право а кој не е. „Да се стремиме кон она што придонесува за мир и меѓусебно да се изградуваме“, пишува во Римјаните 14:19.

Отфрли секаква ‚злобна горчина, лутина и гнев‘

12. За да го контролираме јазикот, за што треба да се молиме, и зошто?

12 Да го контролираме јазикот вклучува повеќе отколку само да внимаваме што велиме. Всушност, нашите зборови доаѓаат од срцето, а не од устата. Исус рекол: „Добар човек од добрата ризница на своето срце изнесува добро, а зол човек од својата зла ризница изнесува зло, бидејќи неговата уста го зборува она со кое му е полно срцето“ (Лука 6:45). Значи, за да го контролираш својот јазик, можеби ќе треба да се молиш како Давид: „Создај во мене чисто срце, Боже, и стави во мене нов, постојан дух“ (Псалм 51:10).

13. Како можат злобната горчина, лутината и гневот да водат до навредлив говор?

13 Павле ги поттикнал ефешаните не само да не употребуваат навредливи зборови, туку и да ги контролираат чувствата што стојат зад нив. Тој напишал: „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор заедно со сета злоба“ (Ефешаните 4:31). Забележи дека, пред да ги наведе ‚викањето и навредливиот говор‘, Павле спомнал „злобна горчина и лутина и гнев“. Бесот што врие однатре се заканува да избие на површината како лавина од навредливи зборови. Затоа, прашај се: ‚Дали собирам огорченост и лутина во срцето? Дали сум „склон кон гнев“?‘ (Изреки 29:22). Ако е така, моли го Бог да ти помогне да ги совладаш тие склоности и да покажеш самосовладување за да не дозволиш да избувне твојот гнев. Во Псалми 4:4 стои: „Ако се вознемирите, немојте да грешите! Задржете ги зборовите во своето срце, на својата постела, и молчете!“ Ако постои опасност да се разгорат емоциите и се плашиш дека ќе го изгубиш самосовладувањето, послушај го советот од Изреки 17:14: „Пред да избие караницата, оддалечи се“. Веднаш оддалечи се од ситуацијата додека не мине опасноста.

14. Како може огорченоста да влијае врз еден брак?

14 Не е лесно да се совладаат лутината и гневот, особено кога произлегуваат од „злобна горчина“, како што вели Павле. Грчкиот збор што го употребил Павле значи „огорченост што не сака помирување“ и ‚злоба што ги памти грешките‘. Понекогаш огорченоста се надвиснува како темен облак над мажот и жената, и таа ситуација може да потрае подолго време. Како последица од некоја замерка што не е сосема расчистена, може да се заладат односите. Но, бескорисно е да се негува огорченост за грешките во минатото. Она што било не може да се избрише. Грешката што е простена треба да се заборави. Љубовта „не го памти злото“ (1. Коринќаните 13:4, 5).

15. Ако некои имаат навика да користат остри зборови, што ќе им помогне да се променат?

15 Што ако си пораснал во семејство во кое било вообичаено да се зборува остро и ти станало навика и ти да зборуваш така? Можеш да се промениш. Ти веќе си поставил граници на неколку подрачја од животот на кои сигурно нема да си дозволиш да постапуваш на извесен начин. Каде ќе ја поставиш границата кога станува збор за она што го зборуваш? Ќе запреш ли пред да почнат од устата да ти излегуваат навредливи зборови? Ќе биде убаво да ја прифатиш границата што е опишана во Ефешаните 4:29: „Никаков лош збор да не излегува од вашата уста“. За таа цел треба ‚да ја соблечеш старата личност и нејзините дела, а да ја облечеш новата личност, која се обновува преку доброто познавање на Божјата волја според сликата на оној што ја создал‘ (Колошаните 3:9, 10).

Неопходен е „доверлив разговор“

16. Зошто е штетно за бракот кога сопружниците ќе престанат да си зборуваат?

16 Нема да се постигне многу — туку може само да се направи штета — ако едниот сопружник престане да му зборува на другиот. Тоа не го прави секогаш со намера да го казни партнерот, туку затоа што е фрустриран или обесхрабрен. Сепак, кога сопружниците не си зборуваат, само се зголемува напнатоста и не се решава проблемот. Како што вели една сопруга, „штом почнеме повторно да зборуваме, воопшто не разговараме за проблемот“.

17. Што треба да направат христијаните што имаат брачни проблеми?

17 Ако затегнатите односи потраат подолго време, не постои некој лесен и површен начин на кој можат да се решат. Во Изреки 15:22 стои: „Намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор, а успехот лежи во мноштвото советници“. Треба да седнеш со својот брачен другар и да разговарате за проблемот. Слушај го внимателно и објективно. Ако ти се чини невозможно да го направиш тоа, зошто не побараш помош од старешините во христијанското собрание? Тие го познаваат Светото писмо и имаат искуство во примената на библиските начела. Тие мажи се како „засолниште од ветар и како прибежиште од бура“ (Исаија 32:2).

Можеш да победиш

18. Која борба е опишана во Римјаните 7:18-23?

18 Треба да водиме борба за да си го зауздаме јазикот. Истото важи и за нашите постапки. Опишувајќи со какви предизвици се соочувал, апостол Павле напишал: „Знам дека во мене, односно во моето тело, не живее ништо добро. Всушност, способен сум да го сакам она што е добро, но не и да го правам она што е добро. Зашто, доброто што го сакам, не го правам, туку злото што не го сакам, тоа го правам. А ако го правам она што не го сакам, тогаш тоа не го правам повеќе јас, туку гревот кој живее во мене“. Поради „законот на гревот, кој е во [нашите] делови на телото“, ние сме склони да кажуваме лоши зборови со својот јазик (Римјаните 7:18-23). Меѓутоа, мораме да ја водиме таа битка — и со Божја помош можеме да ја добиеме.

19, 20. Како може примерот на Исус да им помогне на мажите и на жените да го зауздаат својот јазик?

19 Во една врска во која владеат љубов и почит, нема место за непромислени, остри зборови. Размисли за примерот што го оставил Исус Христос. Тој никогаш не ги навредувал своите ученици. Дури и последната ноќ од својот живот на Земјата, кога неговите апостоли се расправале за тоа кој од нив е најголем, Божјиот Син не ги искарал (Лука 22:24-27). „Мажи“, опоменува Библијата, „сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“ (Ефешаните 5:25).

20 Но, што е со жената? Таа треба „длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:33). Дали една жена што го почитува својот маж ќе му вика со навредливи зборови? „Сакам да знаете дека глава на секој маж е Христос“, напишал Павле, „а глава на жената е мажот, а глава на Христос е Бог“ (1. Коринќаните 11:3). Жената треба да му биде подложна на својот поглавар, како што и Христос му е подложен на својот (Колошаните 3:18). Иако ниеден несовршен човек не може потполно да биде како Исус, тоа што мажите и жените што се во брак ќе настојуваат ‚во сѐ да одат по неговите стапки‘, ќе им помогне да ја добијат битката против склоноста да кажуваат лоши зборови со својот јазик (1. Петрово 2:21).

Што научи?

• Како може еден незауздан јазик да го уништи бракот?

• Зошто е тешко да се заузда јазикот?

• Што ни помага да внимаваме што зборуваме?

• Што треба да направиш кога имаш брачни проблеми?

[Прашања]

[Слика на страница 24]

Старешините даваат библиска помош