Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Љубовта влева храброст

Љубовта влева храброст

Љубовта влева храброст

„Бог не ни даде дух кој нѐ прави плашливи, туку дух кој ни дава сила, љубов и разборитост“ (2. ТИМОТЕЈ 1:7).

1, 2. а) На каква постапка може да мотивира љубовта? б) Зошто храброста на Исус била нешто посебно?

МАЖ и жена, кои штотуку стапиле во брак, нуркале во близината на еден град на источниот брег на Австралија. Токму пред да испливаат на површината, една голема бела ајкула се втурнала кон жената. Со еден херојски чин, мажот ја оттурнал настрана својата сопруга и дозволил тој да се најде во вилиците на ајкулата. „Го даде својот живот за мене“, рекла вдовицата кога бил одржан погребот.

2 Да, љубовта може да ги натера луѓето да покажат неверојатна храброст. Самиот Исус Христос рекол: „Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели“ (Јован 15:13). Помалку од 24 часа откако Исус ги кажал овие зборови, го дал својот живот за целото човештво, а не само за една личност (Матеј 20:28). Освен тоа, Исус не го положил својот живот моментално решавајќи се на таков херојски чин. Тој однапред знаел дека ќе биде исмеван и малтретиран, неправедно осуден и убиен на маченички столб. Тој дури и ги подготвил своите ученици за тоа, велејќи им: „Еве, одиме во Ерусалим. Синот човечки ќе биде предаден на главните свештеници и на книжниците, а тие ќе го осудат на смрт и ќе им го предадат на незнабошците, и ќе го исмејуваат, и ќе го плукаат, и ќе го камшикуваат, и ќе го убијат“ (Марко 10:33, 34).

3. Што му помогнало на Исус да биде толку храбар?

3 Што му помогнало на Исус да биде толку храбар? Верата и стравот од Бог играле главна улога (Евреите 5:7; 12:2). Меѓутоа, повеќе од сѐ друго, Исусовата храброст произлегувала од неговата љубов, како кон Бог така и кон другите луѓе (1. Јованово 3:16). Ако имаме и таква љубов кон Бог освен вера и страв од него, и ние ќе можеме да бидеме храбри како Исус (Ефешаните 5:2). Како можеме да стекнеме таква љубов? Најнапред треба да видиме кој е нејзиниот Извор.

„Љубовта е од Бог“

4. Зошто може да се рече дека Јехова е Изворот на љубовта?

4 Јехова е и олицетворение на љубовта и Извор на љубовта. „Сакани“, напишал апостол Јован, „да се сакаме еден со друг, бидејќи љубовта е од Бог, и секој што покажува љубов е роден од Бог и го познава Бог. Кој не покажува љубов, не го запознал Бог, зашто Бог е љубов“ (1. Јованово 4:7, 8). Затоа, љубов како Божјата можеме да стекнеме само ако се зближиме со Јехова благодарение на тоа што добро ќе го запознаеме, и ако постапуваме во склад со она што го учиме за него и ќе му бидеме послушни од срце (Филипјаните 1:9; Јаков 4:8; 1. Јованово 5:3).

5, 6. Што им помогнало на првите следбеници на Исус да стекнат љубов како неговата?

5 Во својата последна молитва кога бил со своите 11 верни апостоли, Исус покажал дека, колку повеќе го познаваме Бог, толку поголема љубов ќе имаме, кога рекол: „Им го објавив твоето име и ќе го објавувам, за љубовта со која ме сакаше ти да биде во нив и јас во единство со нив“ (Јован 17:26). Исус им помогнал на своите ученици да стекнат љубов каква што постоела помеѓу него и неговиот Татко, покажувајќи им и со зборови и со пример што стои зад Божјето име — Божјите прекрасни особини. Затоа, Исус можел да рече: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9, 10; 17:8).

6 Љубовта како Христовата е производ на Божјиот свет дух (Галатите 5:22). Кога првите христијани го добиле ветениот свет дух на Педесетница 33 година од н.е., тие не само што се сетиле на многуте работи за кои ги учел Исус туку и поцелосно го сфатиле значењето на Светото писмо. Ваквото подлабоко разбирање очигледно ја зголемило нивната љубов кон Бог (Јован 14:26; 15:26). Со каков резултат? Дури и по цена на својот живот, тие смело и ревносно ја проповедале добрата вест (Дела 5:28, 29).

Храброста и љубовта на дело

7. Што морале да претрпат Павле и Варнава додека биле заедно на едно мисионерско патување?

7 Апостол Павле напишал: „Бог не ни даде дух кој нѐ прави плашливи, туку дух кој ни дава сила, љубов и разборитост“ (2. Тимотеј 1:7). Павле зборувал од лично искуство. Размисли низ што минале тој и Варнава додека патувале заедно како мисионери. Проповедале во многу градови, како што се Антиохија, Иконија и Листра. Во секој град, некои луѓе станале верници, а други луѓе жестоко се противеле (Дела 13:2, 14, 45, 50; 14:1, 5). Во Листра, една разбеснета толпа луѓе дури и го каменувале Павле и го оставиле мислејќи дека е мртов! „А кога учениците го опколија, тој стана и влезе во градот. Утредента со Варнава замина за Дерва“ (Дела 14:6, 19, 20).

8. Како може од храброста што ја покажале Павле и Варнава да се види нивната длабока љубов кон луѓето?

8 Дали овој обид да се убие Павле ги навел него и Варнава да се уплашат и да се откажат? Напротив! Откако ‚направиле многу ученици‘ во Дерва, овие двајца мажи ‚се вратиле во Листра, во Иконија и во Антиохија‘. Зошто? За да ги охрабрат новите да останат цврсти во верата. „Во Божјето царство ќе влеземе преку многу неволји“, велеле Павле и Варнава. Јасно, нивната храброст произлегувала од нивната длабока љубов кон Христовите „овчички“ (Дела 14:21-23; Јован 21:15-17). Откако поставиле старешини во новите собранија, овие двајца браќа се помолиле и ‚му ги довериле на Јехова, во кого беа поверувале‘.

9. На кој начин старешините од Ефес реагирале на љубовта што ја покажал кон нив Павле?

9 Павле бил толку грижлив и храбар што многу од првите христијани искрено го засакале. Сети се што се случило на еден состанок што го одржал со старешините во Ефес, каде што поминал три години и наишол на големо противење (Дела 20:17-31). Откако ги охрабрил да го пасат Божјето стадо што им било доверено, Павле клекнал на колена со нив и се помолил. Потоа, „сите силно заплакаа, па го изгушкаа Павле и од срце го избакнаа, бидејќи посебно ги заболе тоа што рече дека повеќе нема да го видат неговото лице“. Колку го сакале овие браќа! Всушност, кога дошло време да се разделат, Павле и оние што патувале со него морале ‚да се разделат со тешко срце‘, бидејќи на тамошните старешини им било многу тешко да ги пуштат да си одат (Дела 20:36 — 21:1).

10. Како денешните Јеховини сведоци храбро покажале љубов еден кон друг?

10 Денес, патувачките надгледници, собраниските старешини и многу други христијани заслужуваат длабока љубов поради храброста што ја покажуваат за Јеховините овци. На пример, во земјите каде што беснее граѓанска војна или каде што делото на проповедање е забрането, патувачките надгледници и нивните жени си ги ризикуваат животот и слободата за да ги посетат собранијата. Слично, многу Сведоци настрадале од рацете на непријателски настроени владетели и нивните приврзаници затоа што не сакале да ги предадат другите Сведоци или да откријат од каде добиваат духовна храна. Илјадници други се прогонувани, малтретирани, па дури и убиени затоа што не сакале да престанат да ја проповедаат добрата вест или да се состануваат со своите соверници на христијанските состаноци (Дела 5:28, 29; Евреите 10:24, 25). Да се угледаме на верата и љубовта на таквите храбри браќа и сестри! (1. Солуњаните 1:6).

Да не олади вашата љубов

11. На кој начин Сатана води духовна војна против Јеховините слуги, и што треба да прават тие?

11 Кога Сатана бил исфрлен на Земјата, бил решен да го излее својот гнев врз Јеховините слуги затоа што тие ‚ги држат Божјите заповеди и сведочат за Исус‘ (Откровение 12:9, 17). Една тактика што ја користи Ѓаволот е прогонството. Меѓутоа, честопати со оваа стратегија се постигнува сосема спротивен ефект, затоа што таа уште повеќе ги врзува Божјите слуги во христијанска љубов и мотивира многу од нив да бидат уште поревносни. Друга тактика на Сатана е да им угодува на грешните телесни желби. За да се одолее на оваа итрина треба една поинаква храброст, затоа што битката е внатрешна, против неисправните желби во нашето ‚измамливо срце кое е готово на сѐ‘ (Еремија 17:9; Јаков 1:14, 15).

12. Како го користи Сатана „духот на светот“ за да ја ослабне нашата љубов кон Бог?

12 Во арсеналот на Сатана има уште едно моќно оружје — „духот на светот“, односно неговата доминантна склоност или мотивација, која е сосема спротивна на Божјиот свет дух (1. Коринќаните 2:12). Духот на светот поттикнува на лакомост и материјализам — кои се ‚желба на очите‘ (1. Јованово 2:16; 1. Тимотеј 6:9, 10). Иако не е погрешно да се поседуваат материјални работи и пари, ако љубовта кон нив ја истисне нашата љубов кон Бог, тогаш Сатана е победник. Моќта, или ‚власта‘ на духот на светот лежи во тоа што го мами грешното тело, се служи со лукавост, што е непопустлив и, слично на воздухот, навлегува насекаде. Не дозволувај духот на светот да го зарази твоето срце! (Ефешаните 2:2, 3; Изреки 4:23).

13. Како може да биде ставена на испит нашата храброст да задржиме висок морал?

13 Меѓутоа, за да му се спротивставиме и да го растераме злобниот дух на светот, треба да имаме храброст да задржиме висок морал. На пример, треба да бидеме храбри за да станеме и да си заминеме од театар или да го исклучиме компјутерот или телевизорот кога ќе се појават непристојни сцени или слики. Треба да бидеме храбри за да не попуштиме на негативниот притисок од околината и за да прекинеме со лошото друштво. Исто така, треба да бидеме храбри за да се држиме за Божјите закони и начела иако другите ни се исмејуваат, сеедно дали се тоа соучениците, колегите, соседите или роднините (1. Коринќаните 15:33; 1. Јованово 5:19).

14. Што треба да правиме ако нѐ заразил духот на светот?

14 Затоа, многу е важно да ја зајакнеме љубовта кон Бог и кон нашите духовни браќа и сестри! Одвој си време да ги преиспиташ своите цели и начин на живот за да видиш дали духот на светот влијаел врз тебе на некој начин. Ако влијаел — макар и малку — тогаш моли го Јехова да ти даде храброст да го искорениш и да не дозволиш повторно да се вгнезди во тебе. Јехова сигурно ќе ги чуе таквите искрени молби (Псалм 51:17). Освен тоа, неговиот дух е многу посилен од духот на светот (1. Јованово 4:4).

Храбро да се соочиме со личните проблеми

15, 16. Како може љубовта како Христовата да ни помогне да се справиме со личните проблеми? Дај пример.

15 Други тешкотии со кои мораат да се борат Јеховините слуги се последиците од несовршеноста и староста, кои честопати се манифестираат во облик на болести, инвалидност, депресија и многу други проблеми (Римјаните 8:22). Љубовта како Христовата може да ни помогне да се бориме со овие тешкотии. Размисли за примерот на Наманголва, која пораснала во едно христијанско семејство од Замбија. Кога имала две години, Наманголва станала инвалид. „Се срамев“, вели таа, „бидејќи си мислев дека луѓето ќе се шокираат од мојот изглед. Но, моите духовни браќа ми помогнаа да гледам поинаку на работите. Така успеав да ја надминам срамежливоста, и со текот на времето се крстив“.

16 Иако Наманголва има инвалидска количка, таа честопати мора да лази на рацете и на колената кога ќе се најде на песоклив пат. Сепак, оди во служба како помошен пионер барем два месеца секоја година. Една станарка плачела кога Наманголва ѝ сведочела. Зошто? Затоа што била длабоко трогната од верата и храброста на нашата сестра. Како доказ за Јеховиниот богат благослов, пет лица со кои проучувала Наманголва се крстиле, а еден од нив служи како собраниски старешина. „Често нозете ужасно ме болат“, вели таа, „но не дозволувам тоа да ме запре“. Оваа сестра е само една од многуте Сведоци во светот што се слаби во телото, но силни во духот поради нивната љубов кон Бог и кон ближниот. Колку се скапоцени во Јеховините очи сите тие! (Агеј 2:7).

17, 18. Што им помага на мнозина да ги издржат болестите и другите проблеми? Дај некои примери од твоето место.

17 И хроничните болести можат да обесхрабрат, дури и да предизвикаат депресија. „Во мојата група за проучување на книга“, вели еден собраниски старешина, „една сестра има дијабетес и проблеми со бубрезите, друга сестра има рак, две сестри имаат напреден артритис, а една има лупус и фибромијалгија. Понекогаш тие се многу обесхрабрени. Сепак, ги пропуштаат состаноците само кога се многу болни или кога се во болница. Сите се редовни во службата на проповедање. Ме потсетуваат на Павле, кој рекол: ‚Кога сум слаб, тогаш сум силен‘. Им се восхитувам на љубовта и на храброста. Можеби нивната ситуација им помага пореално да гледаат на животот и појасно да видат што е навистина важно“ (2. Коринќаните 12:10).

18 Ако се бориш со некоја болест или со некој друг проблем, ‚моли се непрестајно‘ за помош да не се обесхрабриш (1. Солуњаните 5:14, 17). Се разбира, веројатно ќе имаш емоционални падови и подеми, но обиди се да мислиш на позитивни, духовни работи, особено на нашата скапоцена надеж за Царството. „За мене терапија е службата на теренот“, рекла една сестра. Додека им ја пренесува на другите добрата вест, полесно ѝ е да остане позитивна.

Љубовта им помага на престапниците да му се вратат на Јехова

19, 20. а) Што може да им помогне на оние што направиле грев да соберат храброст да му се вратат на Јехова? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

19 На многу од оние што духовно ослабнале или што направиле грев, не им е лесно да му се вратат на Јехова. Но, ако вистински се покаат и ја разгорат својата љубов кон Бог, ќе ја добијат храброста што им е потребна. Размисли за Марио, * кој живее во Соединетите Држави. Тој го напуштил христијанското собрание, станал алкохоличар и наркоман и, по 20 години, завршил в затвор. „Почнав длабоко да размислувам за мојата иднина и повторно да ја читам Библијата“, вели Марио. „Со текот на времето стекнав ценење за Јеховините особини, особено за неговата милост, за која често се молев. Откако излегов од затвор, не им се вратив на старите пријатели, туку одев на христијанските состаноци, и на крајот повторно бев примен во собранието. Моето тело го жнее она што го сеев, но сега барем имам прекрасна надеж. Не можам да најдам зборови со кои би му се заблагодарил на Јехова за тоа што беше милостив и ми прости“ (Псалм 103:9-13; 130:3, 4; Галатите 6:7, 8).

20 Се разбира, оние што се во ситуација слична на Марио мора да вложат голем напор за да му се вратат на Јехова. Но, нивната повторно разгорена љубов — која е резултат на проучувањето на Библијата, молитвите и длабокото размислување — ќе им ја даде потребната храброст и решеност. Марио бил зајакнат и од надежта во Царството. Да, заедно со љубовта, верата и стравот од Бог, надежта може да има големо позитивно влијание во нашиот живот. Во следната статија подетално ќе поразговараме за овој скапоцен духовен подарок.

[Фуснота]

^ пас. 19 Името е променето.

Можеш ли да одговориш?

• Како љубовта му помогнала на Исус да биде толку храбар?

• Како љубовта кон браќата им помогнала на Павле и на Варнава да бидат толку храбри?

• На кои начини Сатана се обидува да ја поткопа христијанската љубов?

• Кои искушенија можеме да ги поднесеме благодарение на храброста што ни ја влева љубовта кон Јехова?

[Прашања]

[Слика на страница 23]

Љубовта кон луѓето му дала на Павле храброст да истрае

[Слика на страница 24]

Потребна е храброст да се држиме за Божјите мерила

[Слика на страница 24]

Наманголва Сутуту