Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Избрани стихови од книгата Проповедник

Избрани стихови од книгата Проповедник

Јеховината реч е жива

Избрани стихови од книгата Проповедник

„ЧОВЕКОТ роден од жена има краток век и полн е со немир“, забележал патријархот Јов (Јов 14:1). Колку е важно да не го потрошиме нашиот краток живот на безвредни интереси и стремежи! На какви цели вреди да ги вложиме своето време, сила и средства? Какви цели не треба да имаме? Мудрите зборови на библиската книга Проповедник ни даваат добри совети за овие прашања. Нивната порака „може да ги процени мислите и намерите на срцето“ и може да ни помогне да имаме живот со вистинска смисла (Евреите 4:12).

Соломон, цар на стариот Израел и човек надалеку познат по својата мудрост, ја напишал книгата Проповедник, којашто содржи практични совети за тоа на што е вредно да се посвети животот, а на што е безвредно. Со оглед на тоа што Соломон спомнува некои од своите градежни проекти, мора да ја има напишано книгата во периодот откако тие биле довршени, а пред да застрани од вистинското обожавање (Неемија 13:26). Тоа би значело дека е пишувана пред 1000 година пр.н.е., некаде кон крајот на 40-годишното владеење на Соломон.

ШТО НЕ Е СУЕТА?

(Проповедник 1:1 — 6:12)

„Сѐ е суета!“ — вели оној што го поучува народот, кој потоа прашува: „Каква корист има човекот од сиот свој труд со кој се труди под сонцето?“ (Проповедник 1:2, 3). Изразите „суета“ и „под сонцето“ често се спомнуваат во книгата Проповедник. Хебрејскиот збор за „суета“ дословно значи „здив“ или „пареа“, и укажува на нешто што е без никаква практична корист, трајност или вредност што останува. Изразот „под сонцето“ значи „на земјата“ или „во овој свет“. Според тоа, сѐ — сите човечки стремежи што не ја земаат предвид Божјата волја — се суета.

„Внимавај на чекорите свои кога одиш во домот на вистинскиот Бог. Пристапи за да слушаш“, вели Соломон (Проповедник 5:1). Да му служиме на вистинскиот Бог, Јехова, не е суета. Всушност, клучен фактор за животот да има вистинска смисла е да посветиме внимание на нашето пријателство со него.

Одговорени библиски прашања:

1:4-10 — Што има „заморно“ во природните циклуси? Оној што го поучува народот, или проповедникот, спомнува само три основни појави без кои животот на земјата би бил невозможен — сонцето, движењето на ветрот и кружниот тек на водата. Но, во природата постојат многу поголем број природни циклуси, кои се многу сложени. Некој може да го потроши целиот свој живот проучувајќи ги, и пак да не успее потполно да ги разбере. Тоа навистина може да е „заморно“. А може да нѐ разочара и краткотрајноста на нашиот животен век во споредба со повторувањето на овие циклуси, кое никогаш не запира. Дури и обидите да се дојде до нови откритија се заморни. На крајот на краиштата тие се само имитација на принципите кои вистинскиот Бог ги воспоставил и ги употребил во создавањето.

2:1, 2 — Зошто смеењето е наречено „лудост“? Смеењето може да ни помогне привремено да заборавиме на проблемите, а веселбите може да помогнат да не мислиме многу на нив. Но, смеењето не ги брише проблемите. Затоа, обидот да се бара среќата во смеењето е наречен „лудост“.

3:11 — Што направил Бог да е „убаво во свое време“? Некои работи што Јехова Бог ги направил „убаво“, или токму како што треба и за наше добро, а и во право време, се создавањето на Адам и Ева, сојузот на виножитото, сојузот со Авраам, Давидовиот сојуз, доаѓањето на Месијата и устоличувањето на Исус Христос за Цар на Божјето Царство. Но, постои уште нешто што Јехова ќе го направи „убаво“ во блиска иднина. Можеме да бидеме сигурни дека праведниот нов свет ќе стане реалност во право време (2. Петрово 3:13).

3:15б — Како „вистинскиот Бог го бара доброто на оној што е гонет“? Изразот „оној што е гонет“ може да се однесува на праведниот човек, кој често е прогонуван од злобните. Во тој случај, Јехова секогаш ги бара праведните „за да ја покаже својата сила штитејќи ги“ (2. Летописи 16:9).

5:9 — Како „сите тие луѓе имаат корист од земјата“? Сите жители на Земјата „имаат корист“ од неа — од она што таа го раѓа. Во тоа не е исклучок ни еден цар. За да добие род од своите ниви, и царот мора да има слуги што напорно ќе го обработуваат неговото земјиште.

Поуки за нас:

1:15. Залудно е да се троши време и сила во обид да се исправат угнетувањето и неправдите што постојат денес. Само Божјето Царство може да ја искорени сета злоба (Даниел 2:44).

2:4-11. Културните активности, како што се архитектурата, градинарството и музиката, како и луксузниот живот, се „трчање по ветар“, зашто тие ниту му даваат вистинска смисла на животот ниту носат вистинска среќа.

2:12-16. Мудроста е подобра од безумството во смисла дека може да ни помогне да решиме извесни проблеми. Но, во однос на смртта, човечката мудрост не е од никаква полза. Дури и ако некој се прославил по својата мудрост, брзо ќе биде заборавен.

2:24; 3:12, 13, 22. Не е погрешно да уживаме во она за што сме се труделе.

2:26. Јехова му ја дава својата мудрост, која носи радост, на „човекот кого го смета за добар“. Невозможно е да се стекне таква мудрост без блискоста со Бог.

3:16, 17. Нереално е да очекуваме правда во секоја ситуација. Наместо да се нервираме за она што се случува во светот денес, треба да чекаме Јехова да ги среди работите.

4:4. Сиот труд и сиот успех во работата може да нѐ направи задоволни. Но, ако сиот труд е само за да ги засениме другите, ќе предизвикаме соперништво и ќе направиме кај другите да се родат злоба и завист. Нашиот труд во христијанската служба мора да произлегува од исправни мотиви.

4:7-12. Меѓучовечките односи се поважни од материјалните поседи и не треба да се жртвуваат во интерес на богатството.

4:13. Положбата и староста не ни гарантираат почит од другите. Оние што се на одговорна положба треба да постапуваат мудро.

4:15, 16. „Младичот кој доаѓа на негово место“ — кој го наследува царот — отпрвин може да ја има наклоноста „на сите на чие чело е тој“, но „народот подоцна нема да му се радува“. Навистина, популарноста обично е краткотрајна.

5:2. Нашите молитви треба да бидат обмислени и упатени од почит кон Бог, а не само развлечени со зборови.

5:3-7. Преокупираноста со тоа да заработиме пари може да нѐ поттикне да мечтаеме по чисто себични интереси. Може постојано да вртиме нешто низ главата навечер, оставајќи се себеси без сладок сон. Оној што многу зборува може да испадне лекоумен во очите на другите, а може и избрзано да му вети нешто на Бог. Ако се ‚боиме од вистинскиот Бог‘, нема да го направиме ниту едното ниту другото.

6:1-9. Од каква корист е богатството, славата, долгиот живот, па дури и големото семејство ако околностите нѐ спречуваат да им се радуваме? И ‚подобро е да гледаме со очите‘, или да ја прифатиме реалноста, отколку ‚да се поведуваме по желбите на душата‘, односно да настојуваме да ги задоволиме желбите што е невозможно да се задоволат. Со оглед на тоа, најдобриот начин на живот е да бидеме задоволни „ако имаме храна, облека и покрив над главата“, да уживаме во она што е корисно за животот и најважното нешто да ни биде добриот однос со Јехова (1. Тимотеј 6:8).

СОВЕТ ЗА МУДРИТЕ

(Проповедник 7:1 — 12:8)

Како да си го зачуваме доброто име, односно угледот? Каков став треба да имаме кон човечките владетели и неправдите што ги гледаме? Бидејќи мртвите не се свесни за ништо, за што да го искористиме животот? На кој начин можат младите мудро да го искористат своето време и енергија? Јасниот совет од проповедникот по овие и други прашања е запишан за наша корист во книгата Проповедник, од 7 до 12 поглавје.

Одговорени библиски прашања:

7:19 — Како мудроста е посилна од „десет моќни луѓе“? Кога се користи фигуративно, бројот десет во Библијата означува потполност. Соломон вели дека заштитната вредност на мудроста е поголема од вкупниот број на војници што бранат еден град.

10:2 — Што значи тоа што некому срцето му е „на десната страна“, а некому „на левата“? Бидејќи десната страна често означува положба на наклоност, некому срцето му е на десната страна, што значи дека го мотивира да прави добро. Оттука, ако некого срцето го мотивира да прави лоши дела, се вели дека му е на левата страна.

10:15 — Како „безумниците ги изморува нивниот труд“? Ако некој нема добра моќ на расудување, неговата напорна работа нема да е од никаква вистинска корист. Работата не му носи никакво задоволство. Таквото бескорисно ринтање само го изморува.

11:7, 8 — Што значи изјавата: „Слатка е светлината и пријатно е за очите да гледаат сонце“? Светлината и сонцето се извор на задоволство за оние што живеат. Соломон овде сака да каже дека е убаво да се живее и дека треба да се ‚радуваме‘ пред да дојдат мрачните денови, или староста, кога ќе ни ја снема силата.

11:10 — Зошто „младоста и најубавите години од животот“ се суета? Ако не се искористат исправно, тие се суета бидејќи, како пареата, и младешкиот елан брзо го снемува.

Поуки за нас:

7:6. Смеењето во погрешно време иритира и е бескорисно исто колку и потпукнувањето на трњето што гори под котел. Добро ќе биде да не го правиме тоа.

7:21, 22. Не треба претерано да нѐ интересира што зборуваат другите за нас.

8:2, 3; 10:4. Кога нѐ критикува или нѐ исправа надгледникот или работодавачот, мудро е да останеме смирени. Тоа е попаметно отколку да ‚брзаме да заминеме од пред него‘, односно веднаш да дадеме отказ.

8:8; 9:5-10, 12. Животот може да ни заврши исто толку неочекувано како на рибата фатена во мрежа или на птицата во клопка. Освен тоа, никој не може да ја сопре животната сила да си замине при смртта, ниту, пак, некој може да биде поштеден од војната што ја води смртта против човештвото. Затоа, не треба безделнички да го трошиме времето. Јехова сака да го цениме животот и да го живееме на корисен начин. За да успееме во тоа, мора на прво место во животот да ни биде служењето на Јехова.

8:16, 17. Не можеме да го сфатиме целосниот опсег на сѐ што Бог сторил и дозволил да се случи меѓу луѓето, дури и кога би минувале бессони ноќи размислувајќи околу тоа. Грижата за сите грешки што биле направени само ќе нѐ лиши од радоста на животот.

9:16-18. Треба да ја цениме мудроста дури и кога таа, општо земено, не е ценета. Смирено кажаните зборови на мудриот човек се ценети, за разлика од гласното викање на безумникот.

10:1. Мора да внимаваме на нашиот говор и постапки. Само малку непромисленост како, на пример, излив на лутина, мало претерување во алкохол или еден инцидент на нечисто сексуално однесување, е доволна да ни го уништи добриот углед што сме го стекнале.

10:5-11. Не вреди да завидуваме на високата положба што ја држи едно неспособно лице. Неговата неспособност да заврши дури и едноставна работа може да доведе до сериозни последици. Наместо тоа, ако станеме способни да ‚применуваме мудрост‘ за да успееме, ќе имаме многу поголема корист. Колку е важно да станеме способни во проповедањето на пораката за Царството и во правењето ученици!

11:1, 2. Треба да се учиме да даваме од срце. Така ќе станеме великодушни (Лука 6:38).

11:3-6. Тоа што во животот ништо не е сигурно не треба да нѐ направи неодлучни.

11:9; 12:1-7. Младите луѓе се одговорни пред Јехова. Затоа, треба да го искористат своето време и енергија во службата за Бог, пред староста да им ја одземе виталноста.

‚ЗБОРОВИ НА МУДРИТЕ‘ ЗА ДА НЀ ВОДАТ

(Проповедник 12:9-14)

Како треба да гледаме на ‚пријатните зборови‘ кои проповедникот се трудел да ги најде и да ги запише? Наспроти ‚многуте книги‘ со човечка мудрост, „зборовите на мудрите се како остени, и оние што се занимаваат со собирање изреки се како клинци забиени. Таквите зборови потекнуваат од еден пастир“ (Проповедник 12:10-12). Мудрите зборови кои доаѓаат од ‚едниот пастир‘, Јехова, му даваат стабилност на нашиот живот.

Ако ги послушаме мудрите совети запишани во книгата Проповедник, вистински ќе си помогнеме да имаме смисловен и среќен живот. Освен тоа, дадена ни е гаранција: „Ќе им биде добро на оние што се бојат од вистинскиот Бог“. Затоа, да бидеме цврсто решени да ‚се боиме од вистинскиот Бог и да ги држиме неговите заповеди‘ (Проповедник 8:12; 12:13).

[Слика на страница 15]

Една од најубавите творби на Бог ќе стане реалност во право време

[Слика на страница 16]

Божји дар е јадењето, пиењето и доброто што ни го носи нашиот труд