Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Избрани стихови од книгите Авдија, Јона и Михеј

Избрани стихови од книгите Авдија, Јона и Михеј

Јеховината реч е жива

Избрани стихови од книгите Авдија, Јона и Михеј

„ВИДЕНИЕТО на Авдија“ (Авдија 1). Со овие зборови започнува библиската книга Авдија. Во оваа книга, која ја составил во 607 год. пр.н.е., пророкот за себе не спомнува ништо друго освен своето име. Пророкот Јона, пак, во книгата што ја завршил повеќе од два века пред тоа, искрено кажува што доживеал на својата мисионерска задача. По Авдија и пред Јона, како пророк служел Михеј. Неговата служба траела 60 години, од 777 год. пр.н.е. до 717 год. пр.н.е. Михеј за себе кажал само дека бил „од [селото] Моресет“ и дека Јеховината реч му дошла „во деновите на Јотам, Ахаз и Езекија, царевите на Јуда“ (Михеј 1:1). Пророкот добро го познавал селскиот живот, што јасно се гледа од споредбите што ги користел за да нагласи некои главни мисли од својата порака.

ЕДОМ ‚ЌЕ БИДЕ ИСТРЕБЕН ЗАСЕКОГАШ‘

(Авдија 1-21)

Во врска со Едом, Авдија вели: „Поради насилството над твојот брат Јаков, срам ќе те покрие и ќе бидеш истребен засекогаш“. Пророкот јасно се сеќава на насилните постапки на Едомците над синовите на Јаков — Израелците. Во 607 год. пр.н.е., кога Вавилонците го уништиле Ерусалим, Едомците ‚стоеле настрана‘ и се здружиле со „туѓинци“ (Авдија 10, 11).

За разлика од нив, на домот на Јаков му претстоела обнова. Пророштвото на Авдија вели: „Преживеаните ќе бидат на гората Сион, и таа ќе биде света“ (Авдија 17).

Одговорени библиски прашања:

5-8 — Што нагласува пророкот кога го споредува уништувањето на Едом се споредува со доаѓањето на крадци ноќе и на берачи на грозје? Ако дошле крадци во Едом, тие би го зеле само она што го сакаат. Ако, пак, дошле берачите, тие зад себе би оставиле нешто од плодовите за доберување. Но, при падот на Едом, неговите ризници требало да бидат разоткриени и тој да биде целосно ограбен од ‚оние што му биле сојузници‘ — Вавилонците (Еремија 49:9, 10).

10 — Како бил Едом „истребен засекогаш“? Како што било проречено, Едомците како нација, која имала своја влада и живеела на Земјата на одредена територија, изумреле. Вавилонскиот цар Набонид го освоил Едом некаде во средината на 6 век пр.н.е. До 4 век пр.н.е., територијата на Едом била населена со потомците на Навајот, а Едомците морале да се преселат во јужниот дел на Јудеја, односно на подрачјето Негев, кое подоцна станало познато како Идумеја. Откако Римјаните го уништиле Ерусалим во 70 год. од н.е., Едомците повеќе не постојат.

Поуки за нас:

3, 4. Бидејќи живееле во карпест предел со високи планини и длабоки клисури, Едомците биле стратешки во подобра позиција од непријателите, па затоа самоуверено си мислеле дека се заштитени и безбедни. Но Јеховиниот суд бил неизбежен.

8, 9, 15. Човечката мудрост и моќ не даваат заштита во „денот на Јехова“ (Еремија 49:7, 22).

12-14. Едомците служат како предупредувачки пример за оние што им се ситат на Божјите слуги кога ќе доживеат тешкотии. Јехова не е рамнодушен кога некој го малтретира неговиот народ.

17-20. Ова пророштво за обнова во врска со синовите на Јаков започнало да се исполнува кога еден остаток се вратил во Ерусалим од Вавилон во 537 год. пр.н.е. Јеховината реч секогаш се исполнува. Затоа можеме да имаме целосна доверба во неговите ветувања.

„НИНЕВИЈА ЌЕ БИДЕ УНИШТЕНА“

(Јона 1:1 — 4:11)

Наместо да ја послуша Божјата заповед ‚да оди во Ниневија, големиот град, и да им објави осуда на неговите жители‘, Јона бега во спротивен правец. Јехова подига „силен ветар на морето“ и користи една „голема риба“ со што го упатува Јона во друга насока и повторно му дава задача да оди во главниот град на Асирија (Јона 1:2, 4, 17; 3:1, 2).

Јона влегува во Ниневија и почнува да објавува една директна порака: „Уште само четириесет дена и Ниневија ќе биде уништена!“ (Јона 3:4). Поради неочекуваниот исход од неговото проповедничко дело, Јона ‚се гневи‘. Јехова користи една тиква за да го поучи Јона за милосрдноста (Јона 4:1, 6).

Одговорени библиски прашања:

3:3 — Дали Ниневија била навистина толку голема што било потребно „три дена одење за да се помине“? Да. Во минатото, Ниневија опфаќала и други населби што се протегале од Корзабад на север до Нимрод на југ. Сите населби што спаѓале под Ниневија формирале четириаголник, чии страни биле долги вкупно 100 километри.

3:4 — Дали Јона морал да го научи асирскиот јазик за да им проповеда на ниневијците? Јона можеби веќе го знаел асирскиот јазик, или, пак, можеби преку чудо добил способност да го зборува. Друга можност е дека јасната порака ја пренел на хебрејски, а некој друг ја преведувал. Ако е така, тогаш неговите зборови предизвикале уште поголем интерес за неговата порака.

Поуки за нас:

1:1-3. Ако некој намерно прави нешто друго само за да избегне во потполност да проповеда за Царството и да прави ученици, тоа покажува дека има погрешни мотиви. Со таа постапка, така да се каже, тој бега од задачата што му ја дал Бог.

1:1, 2; 3:10. Јеховината милост не е ограничена само на еден народ или раса или на некоја посебна група луѓе. „Јехова е добар кон сите и неговото милосрдие почива над сите негови суштества“ (Псалм 145:9).

1:17; 2:10. Тоа што Јона поминал три дена и три ноќи во големата риба пророчки укажува на смртта и воскресението на Исус (Матеј 12:39, 40; 16:21).

1:17; 2:10; 4:6. Јехова го спасил Јона од разбеснетото море. Исто така, Бог направил „да израсне една тиква над Јона за да му прави сенка над главата и да му ја олесни маката“. Денешните слуги на Јехова можат да имаат доверба дека нивниот Бог, поради својата милост, ќе ги заштити и дека ќе ги спаси (Псалм 13:5; 40:11).

2:1, 2, 9, 10. Јехова ги слуша молитвите на своите слуги и внимава на нивните преколнувања (Псалм 120:1; 130:1, 2).

3:8, 10. На вистинскиот Бог ‚му паднало жал‘, односно се премислил, и ‚не им ја нанел‘ на ниневијците неволјата која се заканил дека ќе им ја нанесе. Зошто? Затоа што ‚се вратиле од својот лош пат‘. И денес, како во тоа време, Бог нема да ја изврши казната што ја досудил ако грешникот вистински се кае.

4:1-4. Ниеден човек не може да го натера Бог да ја ограничи Својата милост. Треба да внимаваме да не сме критизерски настроени кон Јеховините милосрдни постапки.

4:11. Јехова стрпливо ја објавува пораката за Царството низ целиот свет бидејќи — како што било случај со тие 120.000 души во Ниневија — нему му е жал за оние што „не знаат што е десно, а што лево“. Зарем не треба и ние, од жал за луѓето на нашето подрачје, ревносно да проповедаме за Царството и да правиме ученици? (2. Петрово 3:9).

‚ТРЕБАЛО ДА ЈА ИЗБРИЧАТ ГЛАВАТА‘

(Михеј 1:1 — 7:20)

Михеј ги разоткрива гревовите на Израел и на Јуда, пророкува уништување на нивните главни градови и ветува обнова. Самарија треба да стане „урнатина во полето“. Поради нивното идолопоклонство, Израел и Јуда заслужуваат да бидат ‚ќелави‘, односно да бидат посрамени. До времето кога ќе бидат испратени во изгнанство, нивната ќелавост треба да се прошири за да бидат ‚ќелави како орелот‘ — очигледно еден вид мршојадец што има само неколку меки влакна на главата. Јехова ветува: „Навистина ќе го соберам Јаков“ (Михеј 1:6, 16; 2:12). Поради расипаните водачи и несовесните пророци, и „од Ерусалим ќе останат само урнатини“. Но Јехова ќе го „собере [својот народ]“. Од ‚Витлеем Ефрата‘ ќе излезе „оној што ќе биде владетел во Израел“ (Михеј 3:12; 4:12; 5:2).

Дали Јехова постапил неправедно со Израел? Дали неговите барања се престроги? Не. Сѐ што Јехова бара од своите слуги е тие ‚да постапуваат праведно, да ја сакаат добротата и скромно да одат‘ со својот Бог (Михеј 6:8). Но, современиците на Михеј станале толку расипани што ‚најдобриот меѓу нив бил како трнлива грмушка, најчесниот бил полош од трнлива жива ограда‘. Тие ги повредувале и им нанесувале болка на сите што ќе ги сретнеле. Но пророкот прашува: „Кој Бог е како [Јехова]?“ Бог повторно ќе покаже милост кон својот народ и ‚сите нивни гревови ќе ги фрли во морските длабочини‘ (Михеј 7:4, 18, 19).

Одговорени библиски прашања:

2:12 — Кога се исполнило пророштвото за ‚собирањето на останатите од Израел‘? Неговото прво исполнување било во 537 год. пр.н.е., кога еден остаток од Евреите се вратил во својата татковина од изгнанството во Вавилон. Во нашево време, пророштвото се исполнува врз „Израелот Божји“ (Галатите 6:16). Од 1919 год., помазаните христијани беа собрани „како овци во трло“. Со придружувањето на едно „големо мноштво“ од „други овци“, особено од 1935 год., во тоа трло се слуша „врева од луѓе“ (Откровение 7:9; Јован 10:16). Заедно, тие ревносно го поддржуваат обожавањето на вистинскиот Бог.

4:1-4 — „Во последните денови“, како Јехова „ќе им биде судија на многу народи и ќе ги исправи работите меѓу моќни далечни народи“? Изразите „многу народи“ и „моќни... народи“ не се однесуваат на народи или политички организации. Овие изрази се однесуваат на поединци од сите народи кои станале Јеховини слуги. Јехова ќе им суди и ќе ги исправи работите меѓу нив во духовен поглед.

Поуки за нас:

1:6, 9; 3:12; 5:2. Самарија била уништена од Асирците во 740 год. пр.н.е. — во времето кога живеел Михеј (2. Царевите 17:5, 6). Асирците дошле дури до Ерусалим за време на царувањето на Езекија (2. Царевите 18:13). Ерусалим бил уништен од страна на Вавилонците во 607 год. пр.н.е. (2. Летописи 36:19). Според пророштвото, Месијата се родил во ‚Витлеем Ефрата‘ (Матеј 2:3-6). Јеховината пророчка реч никогаш не останува неисполнета.

2:1, 2. Колку би било опасно за нас да тврдиме дека му служиме на Бог, а сепак да ни биде најважно материјалното богатство наместо „царството и Божјата праведност“ (Матеј 6:33; 1. Тимотеј 6:9, 10).

3:1-3, 5. Јехова очекува од одговорните поединци меѓу неговиот народ да постапуваат праведно.

3:4. Ако сакаме Јехова да одговори на нашите молитви, не смееме да правиме грев ниту да водиме двоен живот.

3:8. Нашата задача да ја проповедаме добрата вест, во која се вклучени и пораки на осуда, може да ја исполниме само ако сме зајакнати од Јеховиниот свет дух.

5:5. Ова Месијанско пророштво нѐ уверува дека, кога Божјиот народ ќе биде нападнат од своите непријатели, „седум [што претставува потполност] пастири“ и „осум кнезови“ — голем број способни мажи — ќе бидат подигнати да преземат водство меѓу Јеховиниот народ.

5:7, 8. За многу луѓе, помазаните христијани во денешно време се „како роса од Јехова“ — благослов од Јехова. Тоа е така бидејќи тој ги користи помазаниците да ја објавуваат пораката за Царството. Со тоа што активно ги поддржуваат помазаниците во проповедничкото дело, ‚другите овци‘ им помагаат на луѓето да станат блиски со Бог (Јован 10:16). Навистина е голема чест да учествуваме во ова дело, кое им носи вистинско освежување на другите!

6:3, 4. Треба да се угледаме на Јехова Бог и да бидеме љубезни и сочувствителни дури и кон оние со кои не се согласуваме најдобро или се духовно слаби.

7:7. Не треба да изгубиме надеж кога ќе се соочиме со проблеми до крајот на овој злобен свет. Наместо тоа, како Михеј, треба ‚да го чекаме нашиот Бог‘.

7:18, 19. Како што Јехова е спремен да ни ги прости грешките, треба и ние да бидеме спремни да им простиме на оние што ни грешат нам.

Продолжи да ‚одиш во името на Јехова‘

Оние што се борат против Бог и неговиот народ ‚ќе бидат истребени засекогаш‘ (Авдија 10). Но, Јехова ќе престане да се гневи ако го послушаме предупредувањето што ни го дава и ако ‚се вратиме од својот лош пат‘ (Јона 3:10). „Во последните денови“, што значи во нашево време, вистинската религија е издигната над сите лажни религии, и послушните луѓе се слеваат кон неа (Михеј 4:1; 2. Тимотеј 3:1). Затоа, да бидеме решени да „одиме во името на Јехова, нашиот Бог, довека, во сета вечност“ (Михеј 4:5).

Колку вредна поука извлекуваме од книгите Авдија, Јона и Михеј! Иако се запишани пред повеќе од 2.500 години, нивната порака „е жива и делотворна“ до ден-денес (Евреите 4:12).

[Слика на страница 13]

Авдија прорекол: ‚[Едом] ќе биде истребен засекогаш‘

[Слика на страница 15]

Михеј ‚го чекал Јехова‘, а можеш и ти

[Слика на страница 16]

Проповедничкото дело треба да го сметаме за посебна чест