Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Избрани стихови од книгите Наум, Авакум и Софонија

Избрани стихови од книгите Наум, Авакум и Софонија

Јеховината реч е жива

Избрани стихови од книгите Наум, Авакум и Софонија

АСИРСКАТА светска сила веќе ја има уништено Самарија, главниот град на десетплеменското царство Израел. Асирија долго време претставува закана и за Јуда. Пророкот Наум од Јуда има една порака за Ниневија, главниот град на Асирија. Таа порака се наоѓа во книгата Наум, која е завршена некаде пред 632 год. пр.н.е.

Следната светска сила треба да биде Вавилонското Царство, со кое понекогаш владееле халдејски цареви. Во книгата Авакум, која можеби е завршена во 628 год. пр.н.е., е проречено дека Јехова ќе ја употреби таа светска сила за да ја изврши својата осуда, а проречено е и што ќе го снајде на крајот и Вавилон.

Пророкот Софонија од Јуда пророкувал пред Наум и Авакум. Своите пророштва ги објавувал 40 години пред уништувањето на Ерусалим во 607 год. пр.н.е., носејќи порака за уништување, а и надеж за Јуда. Освен тоа, книгата Софонија содржи и објави против други народи.

„ТЕШКО МУ НА КРВОЛОЧНИОТ ГРАД“

(Наум 1:1 — 3:19)

‚Објавата против Ниневија‘ е од Јехова Бог, кој е „бавен на гнев и има огромна моќ“. Иако Јехова е „тврдина во ден на неволја“ за оние што бараат прибежиште кај него, сепак Ниневија ќе биде уништена (Наум 1:1, 3, 7).

„Јехова ќе ја обнови гордоста на Јаков.“ Но, Асирија го заплашува Божјиот народ како ‚лавот што го раскинува пленот‘. Јехова ‚ќе ја изгори бојната кола на Ниневија. Меч ќе ги проголта нејзините млади лавови‘ (Наум 2:2, 12, 13). „Тешко му на крволочниот град [Ниневија]“! „Сите што ќе ги чујат вестите за [него] ќе плескаат со рацете“ и ќе се радуваат (Наум 3:1, 19).

Одговорени библиски прашања:

1:9 — Што требало да значи за Јуда ‚потполното уништување‘ на Ниневија? Тоа требало да значи потполно ослободување од Асирија — „неволјата нема да се подигне по втор пат“. Зборувајќи како Ниневија повеќе да не постои, Наум пишува: „Еве, на планините се нозете на оној што носи добра вест, на оној што објавува мир. Празнувај ги своите празници, Јудо!“ (Наум 1:15).

2:6 — Какви ‚порти на реките‘ биле отворени? Овие порти укажувале на отворот во градските ѕидови на Ниневија што го направиле водите на реката Тигар. Во 632 год. пр.н.е., кога здружените сили на Вавилон и Медија дошле против Ниневија, нејзините жители мислеле дека не се во голема опасност. Бидејќи се чувствувале безбедни зад високите ѕидови, тие сметале дека нивниот град е неосвоив. Но, поради обилните дождови, реката Тигар се прелеала. Според историчарот Диодориј, „бил поплавен дел од градот и се срушил дел од ѕидовите“. Така биле отворени портите на реките и, како што било проречено, Ниневија била освоена толку брзо колку што огнот го гори сувото стрниште (Наум 1:8-10).

3:4 — Во која смисла Ниневија била како блудница? Ниневија ги мамела народите ветувајќи им пријателство и помош, но, всушност, ги угнетувала. На пример, Асирија му помогнала на јудејскиот цар Ахаз да се заштити од сириско-израелскиот заговор. Сепак, на крајот, ‚асирскиот цар дошол против Ахаз и почнал да му задава маки‘ (2. Летописи 28:20).

Поуки за нас:

1:2-6. Со тоа што им се одмаздува на своите непријатели кои не сакаат да му покажат оддаденост, Јехова покажува дека од своите слуги очекува да му бидат потполно оддадени само нему (2. Мојсеева 20:5).

1:10. Огромните ѕидови со стотиците кули не го спречиле исполнувањето на Јеховините објави против Ниневија. Денешните непријатели на Јеховиниот народ не ќе можат да ги избегнат Јеховините осуди (Изреки 2:22; Даниел 2:44).

„ПРАВЕДНИКОТ ЌЕ ОСТАНЕ ЖИВ“

(Авакум 1:1 — 3:19)

Првите две поглавја од книгата Авакум се разговор меѓу пророкот и Јехова Бог. Вознемирен поради она што се случува во Јуда, Авакум го прашува Бог: „Зошто ме тераш да гледам зло и зошто гледаш неволја?“ Јехова му одговара: „Ги подигам Халдејците, народ суров и жесток“. Пророкот се чуди зошто Бог би ги употребил „оние што постапуваат предавнички“ за да ја казни Јуда (Авакум 1:3, 6, 13). Авакум се уверува дека праведникот ќе остане жив и дека непријателот нема да ја избегне казната. Освен тоа, Авакум запишува пет неволји што треба да ги доживеат халдејските непријатели (Авакум 2:4).

Во една молитва за милост, која е „во вид на тажачка“, Авакум раскажува како во минатото Јехова ја покажал својата огромна моќ кај Црвеното Море, во пустината и кај Ерихон. Освен тоа, пророкот претскажува како Јехова ќе се разгневи во Армагедон и ќе уништува. Молитвата завршува со зборовите: „Јехова, Севишниот Господар, е мојата сила, тој ќе ми даде нозе како на срна и ќе ми даде да одам по моите височинки“ (Авакум 3:1, 19).

Одговорени библиски прашања:

1:5, 6 — Зошто можеби на Евреите им изгледало неверојатно дека Халдејците ќе се подигнат против Ерусалим? До времето кога Авакум почнал да пророкува, Јуда веќе била под големо влијание на Египет (2. Царевите 23:29, 30, 34). Иако Вавилонците биле во подем, нивната војска сѐ уште не го поразила фараонот Нехо (Еремија 46:2). Освен тоа, Јеховиниот храм бил во Ерусалим и таму царевите од лозата на Давид владееле без прекин. За Евреите од тоа време било незамисливо Бог да им дозволи на Халдејците да го уништат Ерусалим. Без оглед на тоа колку неверојатно им звучеле зборовите на Авакум, сепак видението за уништувањето на Ерусалим од страна на Вавилонците ‚бездруго се исполнило‘ во 607 год. пр.н.е. (Авакум 2:3).

2:5 — Кој го претставува „човекот“ во овој стих, и зошто тој „нема да ја достигне својата цел“? „Човекот“ ги претставува Вавилонците, кои ги користеле своите воени вештини за да поробуваат други народи. Бидејќи ја вкусиле победата, тие се чувствувале како опиени од вино. Сепак, немало да успеат да ги соберат сите народи, бидејќи Јехова имал намера да ги употреби Медијците и Персијците за да ги уништат нив. Во денешно време, „човекот“ ги претставува политичките сили. И тие се опиени од својата самодоверба и вообразеност, и имаат незаситен апетит да се шират. Но нема да ја достигнат својата цел ‚кај себе да ги соберат сите народи‘. Само Божјето Царство ќе ги обедини луѓето (Матеј 6:9, 10).

Поуки за нас:

1:1-4; 1:12 — 2:1. Авакум поставил искрени прашања, и Јехова му одговорил. Вистинскиот Бог ги слуша молитвите на своите верни слуги.

2:1. Исто како Авакум, и ние треба да останеме духовно будни и активни во службата за Јехова. Освен тоа, треба да бидеме спремни да го промениме своето размислување во склад со секој ‚укор‘, односно исправка што можеби ќе ја добиеме.

2:3; 3:16. Додека со вера го чекаме доаѓањето на Јеховиниот ден, да не го изгубиме чувството на итност.

2:4. За да го преживееме претстојниот ден на Јеховиниот суд, мора да останеме верни до крај (Евреите 10:36-38).

2:6, 7, 9, 12, 15, 19. Оние што се алчни за нечесна добивка, што го сакаат насилството, што се неморални или вршат идолопоклонство, сигурно ќе ги снајде неволја. Мора постојано да внимаваме да не стекнеме такви особини и навики.

2:11. Ако не ја разоткриваме злобата на овој свет, „каменот жалосно ќе вика“. Многу е важно храбро да продолжиме да ја проповедаме пораката за Царството!

3:6. Ништо, дури ни човечките организации што изгледаат постојани како планините и ридовите, нема да успее да го спречи Јехова да го изврши својот суд.

3:13. Јехова нѐ уверува дека нема да ги уништи сите во Армагедон. Тој ќе ги спаси своите верни слуги.

3:17-19. Иако е можно да доживееме тешкотии пред и за време на Армагедон, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ни даде сила додека радосно продолжуваме да му служиме.

„ЈЕХОВИНИОТ ДЕН Е БЛИЗУ“

(Софонија 1:1 — 3:20)

Обожавањето на Ваал се шири низ цела Јуда. Преку својот пророк Софонија, Јехова вели: „Ќе дигнам рака на Јуда и на сите жители на Ерусалим“. Софонија предупредува: „Јеховиниот ден е близу“ (Софонија 1:4, 7, 14). Во тој ден ќе ‚бидат заштитени‘ само оние што живеат во склад со Божјите барања (Софонија 2:3).

‚Тешко на... насилничкиот град [Ерусалим]!‘ „‚Чекајте ме‘, вели Јехова, ‚до денот кога ќе се кренам заради плен, зашто мојата одлука е да ги соберам народите... за да ја излеам врз нив својата осуда‘.“ Тој уште ветува: „Ќе ви создадам добро име и ќе ви прибавам фалба меѓу сите народи на земјата кога ќе ги вратам вашите заробеници пред ваши очи“ (Софонија 3:1, 8, 20).

Одговорени библиски прашања:

2:13, 14 — Чиј „глас ќе пее“ во опустошената Ниневија? Бидејќи Ниневија требало да стане место за диви ѕверови и за птици, гласот што ќе пее се однесува на птичја песна или можеби на звукот од ветерот што поминувал низ прозорците од напуштените домови и згради.

3:9 — За каков „чист јазик“ станува збор во овој стих, и како можеме да го зборуваме? Тоа е вистината за Бог што се наоѓа во неговата Реч, Библијата. Во тоа спаѓаат сите библиски учења. Ние можеме да го зборуваме со тоа што ќе веруваме во вистината, точно ќе ги поучуваме другите за неа и ќе живееме во склад со Божјата волја.

Поуки за нас:

1:8. Некои од времето на Софонија очигледно сакале да бидат прифатени од соседните нации така што ‚носеле туѓинска облека‘. Навистина би било глупаво Јеховините слуги денес да се обидуваат на сличен начин да бидат прифатени од светот!

1:12; 3:5, 16. Јехова постојано праќал пророци за да му ја објават на неговиот народ Неговата правда. Тој го правел тоа иако многу Евреи си го живееле својот живот непречено — „како вино што лежи на својот талог“ — и биле рамнодушни кон пораката. Додека се приближува големиот Јеховин ден, не треба да дозволиме, поради рамнодушноста на луѓето, да ни „премалат рацете“, туку треба да продолжиме без престан да ја објавуваме пораката за Царството.

2:3. Само Јехова може да нѐ спаси во денот на неговиот гнев. За да останеме во неговата милост, треба ‚да го бараме Јехова‘ така што внимателно ќе ја проучуваме неговата Реч, Библијата, ќе се молиме за негово водство и ќе се зближиме со него. Мора ‚да ја бараме праведноста‘ со тоа што ќе бидеме чисти во морален поглед. И треба ‚да ја бараме кроткоста‘ со тоа што понизно ќе му се подложуваме на Бог.

2:4-15; 3:1-5. Во денот кога Јехова ќе го изврши судот, христијанскиот свет и сите народи кои го угнетувале Божјиот народ, ќе ги снајде истото што ги снашло древниот Ерусалим и околните народи (Откровение 16:14, 16; 18:4-8). Ние треба бестрашно да продолжиме да го објавуваме Божјиот суд.

3:8, 9, фуснота. Додека го чекаме Јеховиниот ден, се подготвуваме за преживување учејќи го ‚чистиот јазик‘ и ‚повикувајќи го името на Јехова‘ со тоа што му се заветуваме. Освен тоа, му служиме на Јехова „рамо до рамо“, односно во единство со неговиот народ, и му „принесуваме... жртва на фалба“ како дар (Евреите 13:15).

„Доаѓа многу брзо“

Псалмистот пеел: „Уште малку, и злиот ќе го снема. Ќе го побараш на местото негово, а него ќе го нема“ (Псалм 37:10). Кога размислуваме за она што било проречено за Ниневија во книгата Наум, како и за Вавилон и за отпадничката Јуда во книгата Авакум, воопшто не се сомневаме дека зборовите на псалмистот ќе се исполнат. Но, уште колку мора да чекаме?

„Близу е големиот ден на Јехова“, пишува во Софонија 1:14. „Близу е и доаѓа многу брзо.“ Освен тоа, книгата Софонија ни покажува како да се заштитиме во тој ден и што мора да правиме уште сега за да се подготвиме за преживување. Навистина, „речта Божја е жива и делотворна“ (Евреите 4:12).

[Слики на страница 8]

Големите ѕидови на Ниневија не го спречиле исполнувањето на пророштвото на Наум

[Извор на слика]

Randy Olson/National Geographic Image Collection