Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали ги освежуваш духовно другите?

Дали ги освежуваш духовно другите?

Дали ги освежуваш духовно другите?

НА ЈУЖНИОТ дел од планинскиот венец Антиливан се наоѓа планината Хермон со својот величествен врв што се издига на 2.814 метри над нивото на морето. Во поголемиот дел од годината, врвот на Хермон е прекриен со снег кој ја лади топлата ноќна пареа и ја претвора во ситни капки роса. Росата паѓа врз елките и овоштарниците што се наоѓаат на падините на Хермон, како и врз лозјата во неговото подножје. Во минатото, за време на долгата сува сезона во Израел, таквата освежувачка роса била главниот извор на влага за растенијата.

Во една песна вдахновена од Бог, единството меѓу Јеховините слуги е споредено со „росата хермонска што паѓа на сионските планини“ (Псалм 133:1, 3). Исто како што планината Хермон со својата роса им дава свежина на растенијата така и ние можеме да ги освежуваме духовно другите. Како?

Исус ни дал одличен пример

Исус Христос им оставал длабок впечаток на луѓето. Дури и од една кратка средба со него се чувствувале духовно освежени. На пример, Марко, писателот на едно евангелие, раскажува: „[Исус] ги зеде децата во прегратка и ги благословуваше, положувајќи ги рацете врз нив“ (Марко 10:16). Ова сигурно многу позитивно влијаело на тие дечиња!

Последната вечер додека бил на Земјата, Исус им ги измил нозете на своите ученици. Неговата понизност сигурно ги допрела до срце. Тогаш Исус им рекол: „Ви дадов пример и вие да правите така како што ви направив јас“ (Јован 13:1-17). Според тоа, и од нив се очекувало да бидат понизни. Иако апостолите не ја сфатиле веднаш поуката, па дури и подоцна истата вечер почнале да се расправаат за тоа кој од нив треба да биде најголем, Исус не се налутил. Напротив, тој стрпливо разговарал со нив (Лука 22:24-27). Дури и ‚кога [луѓето] го навредувале, не враќал со навреди‘. Всушност, ‚кога страдал, не се заканувал, туку му се препуштал на оној што праведно суди‘. Навистина вреди да го следиме одличниот пример што го оставил Исус (1. Петрово 2:21, 23).

Исус рекол: „Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души!“ (Матеј 11:29). Замисли си дека те поучува лично Исус. Откако го слушнале како поучува во нивните синагоги, луѓето од неговиот крај биле восхитени и рекле: „Од каде има овој мудрост и моќ за да прави такви дела?“ (Матеј 13:54). Ако читаме за животот и службата на Исус, можеме многу да научиме за тоа како и ние да влијаеме позитивно врз другите, и така да ги освежуваме духовно. Исус секогаш зборувал позитивно и бил спремен да им помага на луѓето. Да го разгледаме неговиот прекрасен пример.

Секогаш зборувај позитивно

Многу полесно е да се уништи една зграда отколку да се изгради нова. Истиот принцип на рушење и градење важи и за нашиот говор. Бидејќи сме несовршени, сите грешиме. Цар Соломон рекол: „Нема праведен човек на земјата, кој прави само добро и никогаш не греши“ (Проповедник 7:20). Многу е лесно да ги видиме грешките што ги прави некој друг и потоа да го срушиме со критизирање (Псалм 64:2-4). Од друга страна, пак, не е лесно секогаш да зборуваме позитивно.

Исус го користел својот говор за да ги охрабри луѓето. Тој духовно ги освежувал со тоа што им ја објавувал добрата вест за Царството (Лука 8:1). И неговите ученици, поради тоа што им го откривал својот небесен Татко, се чувствувале освежени и охрабрени (Матеј 11:25-27). Затоа не е чудо што луѓето биле привлечени кон Исус!

За разлика од него, книжниците и фарисеите не се грижеле за потребите на другите. За нив Исус рекол: „Го сакаат најдоброто место на гозбите и предните седишта во синагогите“ (Матеј 23:6). Всушност, тие ги презирале обичните луѓе, за кои зборувале: „Овој народ, кој не го познава Законот, е проклет“ (Јован 7:49). Таквиот став сигурно не би влијаел позитивно на никого!

Нашите зборови честопати покажуваат што мислиме, што чувствуваме и каков став имаме кон другите. Исус рекол: „Добар човек од добрата ризница на своето срце изнесува добро, а зол човек од својата зла ризница изнесува зло, бидејќи неговата уста го зборува она со кое му е полно срцето“ (Лука 6:45). Затоа, што треба да сториме за да ги охрабриме другите со нашиот говор?

Како прво, можеме да размислиме пред да кажеме нешто. Во Изреки 15:28 пишува: „Срцето на праведникот промислува што ќе одговори“. Таквото размислување не мора да трае многу долго. Ако промислиме однапред, обично ќе можеме да процениме како ќе влијаат нашите зборови врз луѓето. Би можеле да се запрашаме: ‚Дали е љубезно тоа што сакам да го кажам? Дали е точно или, пак, е само озборување? Дали е „збор кажан во право време“? Дали ќе ги освежи и ќе ги охрабри оние на кои ќе им го кажам?‘ (Изреки 15:23). Потоа, ако утврдиме дека мислата е негативна или дека не е време да се каже, совесно да се трудиме да ја отфрлиме. Или уште подобро, зошто да не се обидеме да ја замениме со нешто позитивно и соодветно? Кога некој зборува непромислено, „како да прободува со меч“, а позитивните зборови се како „лек“ (Изреки 12:18).

Освен тоа, добро е да размислуваме за особините на нашите соверници поради кои тие се скапоцени во Божји очи. Исус рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати“ (Јован 6:44). Јехова гледа позитивни особини кај секој од своите верни слуги — дури и кај оние за кои мислиме дека имаат тежок карактер. Ако се трудиме да ги препознаеме нивните добри особини, ќе имаме причина да зборуваме позитивно за нив.

Помагај им на другите

Исус потполно ја разбирал тешката состојба на угнетените. Тој ‚штом ги видел мноштвата, се сожалил на нив бидејќи биле измачени и расеани како овци без пастир‘ (Матеј 9:36). Но освен што забележувал дека се во тешка состојба, Исус правел нешто за да им помогне. Тој ги повикал: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам“. Исто така ги уверил: „Мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:28, 30).

Денес живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). Многу луѓе се оптоварени од „грижите од овој свет“ (Матеј 13:22). Други, пак, се потиштени поради некои лични проблеми (1. Солуњаните 5:14). Како да ги освежиме духовно таквите луѓе? Слично на Христос, можеме да им помогнеме да си го олеснат товарот.

Некои луѓе се обидуваат да си олеснат така што зборуваат за своите проблеми. Кога некои што се разочарани бараат помош од нас, дали одвојуваме време за да ги сослушаме внимателно? Потребно е самосовладување за да можеме да ги слушаме со сочувство. Треба да се сконцентрираме на она што го зборува човекот, наместо да размислуваме како да му одговориме или како да го решиме проблемот. Ако внимателно го слушаме, ако го гледаме во очи додека ни зборува и ако се насмевнуваме кога тоа ќе биде соодветно, ќе покажеме дека сме заинтересирани за него.

Во христијанското собрание постојат многу прилики за да ги охрабриме соверниците. На пример, кога доаѓаме на состаноците во Салата на Царството, можеме да им обрнеме внимание на оние што се борат со здравствени проблеми. За да се освежат духовно, понекогаш е доволно само да им кажеме неколку убави збора пред или по состанокот. Исто така, кога ќе забележиме дека некој не дошол на Собраниското проучување на книга, би можеле да му се јавиме по телефон и да го прашаме како е или дали можеме некако да му помогнеме (Филипјаните 2:4).

Христијанските старешини имаат многу одговорности во собранието. Ако соработуваме со нив и ако понизно ги извршуваме сите задачи што ќе ни ги дадат, многу ќе им помогнеме да си го олеснат товарот. Божјата реч нѐ поттикнува: „Бидете им послушни на оние што ве предводат и бидете им подложни — зашто тие бдеат над вашите души како оние што ќе положат сметка за тоа — за да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа вам би ви било на штета“ (Евреите 13:17). Со нашиот самопожртвуван дух можеме да ги освежиме духовно и оние што нѐ „предводат на добар начин“ (1. Тимотеј 5:17).

Постојано зборувај позитивно и помагај им на другите

Освежувачката роса се состои од илјадници ситни капки вода кои нежно паѓаат, навидум од никаде. Слично на тоа, за да придонесеме другите да се чувствуваат духовно освежени, не е доволно само едно добро дело, туку треба во секое време да се трудиме да ги покажуваме христијанските особини.

„Со братска љубов сакајте се срдечно еден со друг“, напишал апостол Павле. „Предводете во искажувањето почит еден кон друг“ (Римјаните 12:10). Да ги послушаме советите на Павле. Со зборови и со дела, да се трудиме вистински да ги освежуваме духовно другите.

[Слики на страница 16]

Росата на планината Хермон — извор на влага и свежина за растенијата

[Слика на страница 17]

Оној што слуша сочувствително ги освежува духовно другите