Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Кога астролозите отишле кај Исус?

Во евангелието по Матеј читаме дека „астролози од исток“ дошле кај Исус и му донеле подароци (Матеј 2:1-12, фуснота). Не ни е кажано колку такви астролози, односно познавачи на ѕвездите, отишле кај малиот Исус, и нема цврста основа за традиционалното верување дека биле тројца. А во библискиот извештај не се наведени ниту нивните имиња.

Во New International Version Study Bible е даден следниов коментар за Матеј 2:11: „Спротивно на традиционалното верување, астролозите не отишле кај бебето Исус ноќта кога се родило, како што отишле пастирите. Тие стигнале по неколку месеци и го виделе кога бил ‚дете‘ во неговата ‚куќа‘“. Ова се потврдува со фактот дека Ирод, со намера да биде убиено детето, заповедал да се погубат сите машки деца од две години надолу во Витлеем и околината. Тој ја издвоил таа старосна група пресметувајќи ‚според времето за кое дознал од познавачите на ѕвездите‘ (Матеј 2:16).

Да биле овие астролози кај Исус ноќта кога се родил и тогаш да му однеле златни и други скапоцени подароци, Марија сигурно немало да принесе само две птици 40 дена подоцна, кога го однела Исус во храмот во Ерусалим (Лука 2:22-24). Во Законот, таквата жртва била пропишана за сиромашните луѓе што немале доволно средства за да принесат машко јагне (3. Мојсеева 12:6-8). Меѓутоа, тие вредни подароци можеби добро му дошле на семејството на Исус за да има средства да замине и да остане некое време во Египет (Матеј 2:13-15).

Зошто на Исус му биле потребни четири дена за да стигне до гробот на Лазар?

Во основа, изгледа дека Исус намерно дошол тогаш. Зошто? Да го разгледаме извештајот што е запишан во 11. поглавје од Евангелието по Јован.

Кога Лазар, кој живеел во Витанија и му бил пријател на Исус, тешко се разболел, неговите сестри испратиле човек да го извести Исус (стихови 1-3). Во тоа време Исус се наоѓал на околу два дена пат од Витанија (Јован 10:40). Изгледа дека Лазар умрел на денот кога Исус ја чул веста. Што направил Исус? ‚Останал уште два дена во местото каде што бил‘, а потоа тргнал за Витанија (стихови 6, 7). Значи, со оглед на тоа што почекал два дена и потоа патувал два дена, тој стигнал на гробот на Лазар четири дена по неговата смрт (стих 17).

Претходно, Исус веќе имал воскреснато две лица — едно девојче, и тоа веднаш по неговата смрт, и едно момче, веројатно неколку часа откако умрело (Лука 7:11-17; 8:49-55). Можел ли да воскресне човек што бил мртов четири дена и чие тело веќе почнало да се распаѓа? (стих 39). Интересно е тоа што во еден библиски прирачник стои дека меѓу Евреите постоело верување дека нема никаква надеж „за оној што бил мртов четири дена — дотогаш телото веќе почнало да се распаѓа, а душата, за која се верувало дека три дена лебди над телото, веќе заминала“.

Ако некој од оние што биле собрани на гробот имал такви сомневања, сега можел со свои очи да види колкава моќ над смртта има Исус. Стоејќи пред отворениот гроб, Исус извикнал: „Лазаре, излези!“ Тогаш ‚умрениот излегол‘ (стихови 43, 44). Вистинска надеж за оние што умреле е воскресението, а не некакво лажно верување дека душата живее по смртта (Езекиел 18:4; Јован 11:25).