Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Излез од очајот во младоста

Излез од очајот во младоста

Излез од очајот во младоста

Раскажал Еузебио Морсијо

Во септември 1993 год. бев да посетам една затвореничка во затвор со максимално обезбедување. Се работеше за мојата помала сестра Мариви, која на тој ден ја крстив. Некои затвореници и службеници со почит го гледаа крштавањето. Пред да ви објаснам како таа и јас се најдовме таму, ќе ви раскажам нешто повеќе за нашиот живот.

РОДЕН сум во Шпанија на 5 мај 1954 год., како прво од вкупно осум деца. Мариви беше третото дете. Баба ми нѐ воспита како католици, и имам убави сеќавања од детството кога многу верував во Бог додека бев со неа. Но, во домот на моите родители воопшто не владееше побожна атмосфера. Татко ми постојано ја тепаше мајка ми и нас, децата. Стравот беше секојдневие во нашиот живот, и многу ме болеше кога гледав како страда мајка ми.

И на училиште се случуваа работи што ме фрлаа во очај. Еден наставник, кој беше свештеник, ни ги удираше главите од ѕид ако не одговоревме точно на некое прашање. Еден друг свештеник сексуално ги злоупотребуваше учениците додека им ја проверуваше домашната задача. Освен тоа, некои католички учења, како што е учењето дека има пекол, ме збунуваа и ме плашеа. Наскоро, мојата побожност почна да исчезнува.

Во канџите на еден бесмислен живот

Поради тоа што немав никакво духовно водство, почнав да се дружам со неморални и насилни луѓе што ги запознавав по дискотеките. Честопати доаѓаше до тепачки, во кои како оружје служеа ножеви, синџири, чаши и столови. Иако се држев настрана од тепачките, еднаш добив удар од кој се онесвестив.

На крајот се уморив од таквата атмосфера и почнав да барам помирни дискотеки. Но, дури и таму беше вообичаено да се користи дрога. И јас ја користев, но наместо да чувствувам задоволство и мир откако ќе ја земев, таа ми предизвикуваше халуцинации и немир.

Иако не бев задоволен од таквиот живот, на истиот пат го наведов и мојот помлад брат, Хозе Луис, како и еден мој добар другар, Мигел. Исто како многу други млади во Шпанија во тоа време, се најдовме во канџите на еден расипан свет. Бев спремен да направам речиси сѐ за да дојдам до пари за дрога. Паднав многу ниско.

Јехова ме спаси

Во тоа време неколкупати разговарав со моите пријатели во врска со тоа дали постои Бог и која е смислата на животот. Почнав да го барам Бог и сакав да најдам некој што ќе ме разбере. Забележав дека еден колега на работа, кој се викаше Франсиско, беше поинаков од другите. Изгледаше среќен, чесен и љубезен, па решив да му се доверам. Франсиско беше Јеховин сведок. Тој ми даде една Стражарска кула во која имаше и статија за дрогата.

Откако ја прочитав статијата, го молев Бог да ми помогне: „Боже, знам дека постоиш и сакам да те запознаам и да ја вршам твојата волја. Те молам, помогни ми!“ Франсиско и други Сведоци ме охрабрија со помош на Библијата и ми дадоа да читам некои библиски публикации. Сфатив дека ми ја даваат помошта што ја барав од Бог. Наскоро почнав да им раскажувам на моите пријатели и на Хозе Луис за она што го учев.

Еден ден, кога си заминувавме од еден рок-концерт заедно со уште неколку пријатели, јас се одвоив од друштвото. Ги гледав отстрана и сфатив колку одвратно се однесуваме под дејство на дрогата. Во тој момент решив да прекинам со дотогашниот живот и да станам Јеховин сведок.

Побарав од Франсиско да ми даде Библија, а тој ми даде и Библија и книгата Вистина која води до вечен живот. * Кога прочитав за Божјето ветување дека ќе ја избрише секоја солза и дека ќе ја отстрани дури и смртта, сфатив дека ја пронајдов вистината што може да ги ослободи луѓето (Јован 8:32; Откровение 21:4). Подоцна отидов на еден состанок во Салата на Царството на Јеховините сведоци. Пријателската и срдечна атмосфера што владееше таму ми остави силен впечаток.

Со силна желба да им кажам на другите како сум си поминал во Салата на Царството, веднаш ги викнав Хозе Луис и моите другари и им раскажав сѐ. По неколку дена, сите отидовме на состанок. Едно девојче што седеше пред нас нѐ одмери со брз поглед. Беше очигледно дека се сепна кога виде неколку хипици со долги коси, и се трудеше да не се сврти повторно. Сигурно беше изненадена кога следната седмица повторно дојдовме во Салата на Царството, но овојпат облечени во костуми и со вратоврски.

Кратко потоа Мигел и јас појдовме и на еден покраински собир на Јеховините сведоци. Никогаш дотогаш немавме доживеано такво нешто — вистинско братство од луѓе на сите возрасти. Замислете, собирот се одржа во истата сала каде што претходно бевме на еден рок-концерт. Но, овојпат атмосферата и музиката нѐ освежија.

Сите ние што бевме во едно друштво почнавме да ја проучуваме Библијата. По околу осум месеци, на 26 јули 1974 год., Мигел и јас се крстивме. Имавме по 20 години. Уште четворица од нашето друштво се крстија по неколку месеци. Библиската поука ме мотивираше да почнам да ѝ помагам низ дома на мојата стрплива мајка и да ѝ кажувам за мојата нова вера. Така се зближивме. Исто така, одвојував многу време за да им помагам и на моите помали браќа и сестри.

Со текот на времето, мајка ми и сите освен еден мој брат почнаа да ја проучуваат Библијата, се крстија и станаа Јеховини сведоци. Во 1977 год. се оженив со Соледад. Таа беше девојчето што се изненади кога нѐ виде кога првпат појдовме во Салата на Царството. За неколку месеци станавме пионери, како што Јеховините сведоци ги нарекуваат полновремените проповедници на добрата вест.

Една сакана личност е спасена

Мојата помала сестра Мариви беше сексуално малтретирана како дете, и тоа ужасно минато ѝ остави длабоки лузни. Како тинејџерка, почна да живее неморално и се впушти во дрога, кражби и проституција. Кога имаше 23 години отиде во затвор, каде што продолжи со својот лош живот.

Во тоа време јас служев како покраински надгледник, односно патувачки проповедник на Јеховините сведоци. Во 1989 год., со Соледад бевме доделени во регионот каде што Мариви лежеше в затвор. Властите штотуку ѝ го беа одзеле синчето, и таа беше скршена и без никаква волја за живот. Еден ден ја посетив и ѝ предложив да ја проучуваме Библијата. Таа се согласи. Откако проучувавме еден месец, Мариви престана да се дрогира и да пуши. Се радував кога видов дека Јехова ѝ даде сила да ги направи тие промени во животот (Евреите 4:12).

Кратко откако почна да проучува, Мариви почна да им кажува за библиските вистини на другите затвореници и на службениците во затворот. Иако ја префрлаа од еден затвор во друг, таа продолжи да проповеда. А во еден затвор сведочеше од ќелија до ќелија. Низ годините, Мариви почна да ја проучува Библијата со многу лица од различни затвори и поправни домови.

Еден ден Мариви ми рече дека сака да му го заветува својот живот на Јехова и да се крсти. Но, не ѝ беше дозволено да излегува од затворот, а никому не му беше дозволено ниту да влезе за да ја крсти. Издржа уште четири години во нездравата атмосфера на тој затвор. Што ѝ помогна да ја зачува верата? Во исто време кога локалното собрание имаше состанок, таа ја разработуваше истата програма во својата ќелија. Исто така, редовно и систематски ја проучуваше Библијата и се молеше.

Со текот на времето ја префрлија во еден затвор со максимално обезбедување, во кој имаше и базен. Сметаше дека во тие нови околности ќе може да се крсти. Така и беше — конечно Мариви доби дозвола. Во таа прилика го одржав предавањето за крштавање. Бев со неа во најзначајниот момент од нејзиниот живот.

Како последица од нејзиниот претходен начин на живот, Мариви доби СИДА. Сепак, поради примерното поведение ја пуштија од затвор порано, во март 1994 год. Живееше со мајка ми и беше активна христијанка сѐ до својата смрт, по две години.

Борба со негативните чувства

Ни јас не ги избегнав сосема последиците од мојот поранешен живот. Малтретирањето од страна на татко ми и начинот на кој живеев како тинејџер оставија траги врз мојата личност. Кога станав возрасен човек, често ме измачуваа чувства на вина и имав ниска самопочит. Понекогаш бев многу обесхрабрен. Сепак, Божјата реч неизмерно ми помогна да се борам со тие негативни чувства. Постојано размислував за библиски стихови како што се Исаија 1:18 и Псалм 103:8-13, кои низ годините ми помогнаа да ги потиснам чувствата на вина кои често ми се враќаа.

Молитвата е уште едно духовно оружје што го користам во борбата со чувствата на безвредност. Често го молев Јехова со солзи во очите. Сепак, ме зајакнуваат зборовите од 1. Јованово 3:19, 20: „По тоа ќе знаеме дека потекнуваме од вистината, и ќе го увериме своето срце дека тој нѐ сака, ако тоа нѐ осудува за што и да било, бидејќи Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ“.

Бидејќи го молам Бог искрено и со „скршено и здробено“ срце, знам дека не сум толку лош колку што си мислев. Библијата ги уверува сите оние што го бараат Јехова дека тој не ги презира оние што искрено се каат за она што го правеле во минатото и сега почнале да ја вршат неговата волја (Псалм 51:17).

Кога и да ми се јават чувства на недоверба во себе, се трудам да си го исполнам умот со позитивни мисли, со духовните работи што се спомнати во Филипјаните 4:8. Ги научив напамет 23. Псалм и Проповедта на гората. Кога ќе ми се појават негативни мисли, си ги кажувам овие библиски стихови. Ваквото „чистење на умот“ особено ми помага кога не можам да заспијам ноќе.

Друг извор на помош се пофалбите што ги добивам од жена ми и од другите зрели христијани. Иако во почетокот ми беше тешко да ги прифатам нивните охрабрувачки зборови, Библијата ми помогна да сфатам дека љубовта „сѐ верува“ (1. Коринќаните 13:7). И, се разбира, малку по малку научив понизно да ги прифаќам моите слабости и ограничувања.

Од друга страна, пак, мојата борба со негативните чувства ми помогна да бидам сочувствителен патувачки надгледник. И Соледад и јас служиме речиси 30 години како полновремени проповедници на добрата вест. Радоста што ја чувствувам затоа што им служам на другите ми помага сѐ повеќе да ги потиснувам негативните чувства и сеќавањата на лошите работи што сум ги доживеал.

Денес, кога ќе размислам за сите благослови што ми ги дал Јехова, ми доаѓа да го речам истото што го рекол и псалмистот: „Благословувај го Јехова... оној што ти ги простува сите престапи, кој ти ги лекува сите болести, кој животот од гробна јама ти го избавува, и со милост и со милосрдие те крунисува“ (Псалм 103:1-4).

[Фуснота]

^ пас. 14 Издадена од Јеховините сведоци, но веќе не се печати.

[Истакната мисла на страница 30]

Често ме измачуваа чувства на вина и имав ниска самопочит. Сепак, Божјата реч неизмерно ми помогна да се борам против тие негативни чувства

[Слики на страница 27]

Брат ми Хозе Луис и другар ми Мигел го следеа и мојот лош и мојот добар пример

[Слика на страници 28 и 29]

Семејството Морсијо во 1973 год.

[Слика на страница 29]

Мариви како затвореник

[Слика на страница 30]

Со жена ми, Соледад