Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали течно зборуваш на ‚чистиот јазик‘?

Дали течно зборуваш на ‚чистиот јазик‘?

Дали течно зборуваш на ‚чистиот јазик‘?

„Ќе го променам јазикот на народите во чист јазик за да го повикуваат сите името на Јехова“ (СОФ. 3:9).

1. Кој прекрасен дар ни го дал Јехова?

ЈАЗИКОТ не е дар од човек, туку од Творецот на човекот, Јехова Бог (2. Мој. 4:11, 12). Тој му ја дал на Адам — првото човечко суштество — способноста да зборува, но и да измислува нови зборови, и на тој начин да си го збогати речникот (1. Мој. 2:19, 20, 23). Јазикот е навистина прекрасен дар од Бог! Благодарение на него, луѓето можат да комуницираат дури и со својот небесен Татко и да го фалат неговото величествено име.

2. Зошто луѓето повеќе не зборуваат на ист јазик?

2 Во првите 17 века од постоењето на човекот, сите луѓе зборувале само на еден јазик и имале „исти зборови“ (1. Мој. 11:1). Но, во времето на Нимрод, дошло до побуна. Наместо да се населат по целата Земја, како што заповедал Јехова, непослушните луѓе се собрале на едно место кое подоцна било наречено Вавел. Цврсто решени да останат таму, тие почнале да ѕидаат огромна кула, но не за да му оддадат слава на Јехова, туку ‚да стекнат славно име‘ за себеси. Затоа Јехова го побркал јазикот на кој зборувале тие бунтовници и предизвикал да зборуваат на различни јазици. Така тие се распрснале по целата Земја. (Прочитај 1. Мојсеева 11:4-8.)

3. Што се случило кога Јехова им го побркал јазикот на бунтовниците во Вавел?

3 Денес во светот се зборува дословно на илјадници јазици — некои велат на повеќе од 6.800. Во основата на секој од овие јазици лежи различен начин на размислување. Според тоа, се чини дека, кога го побркал јазикот на тие бунтовници, Јехова Бог го избришал од нивниот ум сеќавањето на претходниот заеднички јазик. Не само што внел нови зборови во нивниот мозок туку го сменил и нивниот начин на размислување и создал нови граматики. Не е ни чудо што местото каде што се градела кулата било наречено „збрка“, односно Вавел! (1. Мој. 11:9, фус.). Интересно е што само Библијата дава задоволувачко објаснување за потеклото на различните јазици на кои се зборува денес.

Нов, чист јазик

4. Што претскажал Јехова за нашево време?

4 Иако библискиот извештај за тоа како Бог се вмешал во работите во Вавел е многу интересен, во нашево време се случува нешто уште поинтересно и поважно. Преку својот пророк Софонија, Јехова претскажал: „Тогаш ќе го променам јазикот на народите во чист јазик за да го повикуваат сите името на Јехова и да му служат сложно“ (Соф. 3:9). Кој е тој „чист јазик“, и како можеме да научиме течно да го зборуваме?

5. Што е чистиот јазик, и кој е резултатот од оваа промена во јазикот?

5 Чистиот јазик е вистината за Јехова Бог и за неговата намера која е изложена во неговата Реч, Библијата. Тој „јазик“ вклучува и точно разбирање на вистината за Божјето Царство и за начинот на кој ова Царство ќе го посвети Јеховиното име, ќе го оправда неговото право да владее и ќе им донесе вечни благослови на луѓето што му се верни нему. Кои се резултатите од оваа промена во јазикот? Библијата вели дека луѓето ќе „го повикуваат... името на Јехова“ и ќе „му служат сложно“. За разлика од она што се случило во Вавел, чистиот јазик придонесува да се фали Јеховиното име и да постои единство меѓу Божјиот народ.

Како се учи чистиот јазик

6, 7. а) Што опфаќа учењето на нов јазик, и како ова може да се примени и на учењето на чистиот јазик? б) Што ќе разгледаме сега?

6 Кога некој почнува да учи друг јазик, не е доволно само да научи напамет нови зборови. Тој, всушност, учи и да размислува на поинаков начин. Веројатно логиката и хуморот на другиот јазик исто така ќе бидат поинакви. Некои од органите за говор како, на пример, јазикот, ќе се користат на поинаков начин за да се изговараат нови гласови. Истото важи и за учењето на чистиот јазик на библиската вистина. Не е доволно само да се научат неколку основни библиски учења. Додека го учиме овој нов јазик, постепено го менуваме начинот на кој размислуваме и го преобразуваме својот ум. (Прочитај Римјаните 12:2; Ефешаните 4:23.)

7 Што ќе ни помогне не само да го разбираме чистиот јазик туку и течно да го зборуваме? Исто како при учењето на некој јазик, има неколку основни методи што ќе ни помогнат течно да го зборуваме јазикот на библиската вистина. Да разгледаме некои од нив, и да видиме како тие методи можат да ни помогнат да го научиме овој нов симболичен јазик.

Како течно да зборуваме на чистиот јазик

8, 9. Што мора да правиме ако сакаме да го научиме чистиот јазик, и зошто е ова толку важно?

8 Слушај внимателно. Во почетокот, човек можеби нема да разбере ништо од новиот јазик (Иса. 33:19). Но, како што учи да се концентрира на она што го слуша, постепено препознава одредени зборови и забележува како тие се поврзуваат во реченицата. Слично на ова, ние сме советувани: „Треба да му обрнеме посебно внимание на она што сме го чуле, за да не бидеме одвлечени од верата“ (Евр. 2:1). Исус секогаш одново им велел на своите следбеници: „Кој има уши, нека слуша!“ (Мат. 11:15; 13:43; Мар. 4:23; Лука 14:35). Значи, треба ‚да слушаме и да го разбереме‘ она што го слушаме за да стекнеме поголем увид во чистиот јазик (Мат. 15:10; Мар. 7:14).

9 Потребна е концентрација за да слушаме, но трудот сигурно ќе ни се исплати (Лука 8:18). Кога сме на христијанските состаноци, дали се концентрираме на она што се објаснува или, пак, дозволуваме нешто друго да ни го одвлекува вниманието? Многу е важно да дадеме сѐ од себе за да се концентрираме на материјалот што се изнесува. Во спротивно, би можеле да станеме мрзливи во слушањето (Евр. 5:11).

10, 11. а) Што уште мора да правиме освен што ќе слушаме внимателно? б) Што друго е потребно за да се зборува на чистиот јазик?

10 Учи од оние што добро го зборуваат јазикот. Оние што учат нов јазик се поттикнати да слушаат внимателно, но и да се трудат да го имитираат изговорот и начинот на изразување на оние што веќе добро го зборуваат тој јазик. Така учениците нема да ги изговараат зборовите со толку јак акцент што подоцна другите нема добро да разбираат што сакаат да им кажат. На сличен начин, треба да учиме од оние што веќе знаат ‚вешто да поучуваат‘ на чистиот јазик (2. Тим. 4:2). Побарај помош. Спремно прифаќај ги исправките кога правиш грешки. (Прочитај Евреите 12:5, 6, 11.)

11 Да зборуваме на чистиот јазик не значи само да веруваме во вистината и да ги поучуваме луѓето за неа, туку и да го усогласиме нашето однесување со Божјите закони и начела. Во овој поглед ќе ни помогне тоа што ќе ги набљудуваме сохристијаните и ќе се однесуваме како нив. Ова значи да се угледаме на нивната вера и ревност. Исто така, треба да се угледаме и на целиот живот на Исус (1. Кор. 11:1; Евр. 12:2; 13:7). Ако постојано го правиме ова, ќе придонесеме за единството меѓу Божјиот народ, и тоа ќе ни помогне, така да се каже, сите да зборуваме со ист акцент (1. Кор. 4:16, 17).

12. Како помага учењето напамет кога се учи нов јазик?

12 Учи напамет. Оние што учат јазик знаат дека треба да научат многу работи напамет. Меѓу другото, треба да научат нови зборови и изрази или фрази. Оваа метода може многу да им помогне на христијаните да го совладаат чистиот јазик. Сигурно би било добро да ги знаеме напамет имињата на библиските книги. Некои си поставиле цел да научат напамет повеќе библиски стихови или, пак, научиле на кои места се наоѓаат стихови на различни важни теми. За некои било корисно да научат напамет теократски песни, имињата на племињата во Израел и на 12-те апостоли и сите плодови на духот. Во старо време, многу Израелци ги знаеле псалмите напамет. Во нашево време, до својата шеста година, едно детенце имало научено напамет 80 библиски стихови — и тоа од збор до збор! Можеме ли и ние подобро да ја искористиме оваа скапоцена вештина?

13. Зошто повторувањето е многу важно?

13 Памтењето се подобрува со повторување, а постојаните потсетувања се суштински дел од нашето христијанско поучување. Апостол Петар рекол: „Секогаш ќе ве потсетувам на ова, иако го знаете и утврдени сте во вистината која ја прифативте“ (2. Пет. 1:12). Зошто ни се потребни потсетувања? Затоа што ни помагаат подобро да ги разбираме работите, да си го прошириме видикот и да бидеме уште порешени да го слушаме Јехова (Пс. 119:129). Постојаното разгледување на Божјите мерила и начела ни помага темелно да се преиспитаме и да се бориме да не станеме ‚заборавливи слушатели‘ (Јак. 1:22-25). Ако не се потсетуваме постојано на вистината, други работи ќе влијаат врз нашето срце и можеби ќе престанеме течно да зборуваме на чистиот јазик.

14. Што ќе ни помогне кога го изучуваме чистиот јазик?

14 Читај на глас (Отк. 1:3, фус.). Некои се обидуваат да учат нов јазик читајќи во себе. Но, тоа не дава најдобри резултати. Кога го изучуваме чистиот јазик, можеби понекогаш ќе мора да читаме „со придушен глас“ за да се сконцентрираме подобро. (Прочитај Псалм 1:1, 2, фуснота.) Ако правиме вака, материјалот што го читаме ќе ни се вреже неизбришливо во умот. На хебрејски, изразот „чита со придушен глас“ е тесно поврзан со длабоко размислување. Исто како што е потребно храната што ја јадеме да ни се свари добро во желудникот за да имаме потполна корист од неа, така е потребно и да се задлабочиме во она што го читаме ако сакаме јасно да го разбереме. Дали одвојуваме доволно време за да размислуваме за она што го проучуваме? Откако сме читале нешто од Библијата, мора длабоко да размислуваме за прочитаното.

15. Како ја анализираме „граматиката“ на чистиот јазик?

15 Анализирај ја граматиката. Ќе дојде време кога ќе биде корисно да се проучи граматиката на јазикот што го учиме, односно начинот на кој се поврзани зборовите во реченицата и граматичките правила. Ова ни помага да ја разбереме структурата на јазикот и ни овозможува правилно да зборуваме. Исто како што секој јазик има свој начин на кој се поврзуваат зборовите, така и чистиот јазик на библиската вистина има свој ‚образец на здрави зборови‘ (2. Тим. 1:13, ДХК). Ние треба да научиме да зборуваме според тој ‚образец‘.

16. Која склоност треба да ја надвладееме, и како може да го сториме ова?

16 Продолжи да напредуваш. Има луѓе што ќе научат малку од некој јазик, колку да се разберат во секојдневен разговор со другите, и тогаш престануваат да учат. Нешто слично може да се случи и кај оние што зборуваат на чистиот јазик. (Прочитај Евреите 5:11-14.) Што ќе ни помогне да ја надвладееме ваквата склоност? Тоа што ќе вложиме труд и понатаму да го учиме новиот јазик. „Сега, кога го оставивме основното учење за Христос, да напредуваме кон зрелост, не поставувајќи одново темел: покајанието од мртви дела и верата во Бог, учењето за крштавања, полагањето раце, воскресението на мртвите и вечниот суд“ (Евр. 6:1, 2).

17. Зошто е важно редовно да се проучува? Наведи пример.

17 Определи кога точно ќе проучуваш. Подобро е да проучуваш пократко, но редовно, отколку подолго, но само одвреме-навреме. Проучувај кога си свеж и кога вниманието не ти бега лесно на други работи. Учењето нов јазик е слично на пробивање пат низ густа шума. Колку почесто се гази по таа патека толку полесно е да се патува по неа. Ако патеката не се користи извесно време, наскоро ќе обрасне со растенија. Значи, неопходно е да бидеме упорни и постојани! (Дан. 6:16, 20). Кога станува збор за зборување на чистиот јазик на вистината, „бдејте со сета истрајност“ и со молитва (Еф. 6:18).

18. Зошто треба да зборуваме на чистиот јазик во секоја прилика?

18 Зборувај! Зборувај! Зборувај! Некои лица што учат нов јазик можеби се колебаат да зборуваат на тој јазик затоа што се срамат или се плашат да не прават грешки. Но, тоа ќе го спречи нивниот напредок. Кога се работи за учење јазик, праксата е незаменлива. Колку повеќе човек зборува на новиот јазик толку полесно му оди. И ние треба да зборуваме на чистиот јазик во секоја прилика. „Со срцето се верува, и така се постигнува праведност, а со устата се објавува верата, и така се постигнува спасение“ (Рим. 10:10). Својата вера не ја објавуваме пред сите само кога се крштаваме туку и кога зборуваме за Јехова во службата, а и во секоја друга прилика (Мат. 28:19, 20; Евр. 13:15). На нашите христијански состаноци имаме можност јасно и конкретно да зборуваме на чистиот јазик. (Прочитај Евреите 10:23-25.)

Обединето зборувајте на чистиот јазик за да го фалите Јехова

19, 20. а) Какво „чудо“ се случува меѓу Јеховините сведоци во нашево време? б) Што си решен да правиш ти?

19 Колку возбудливо било во Ерусалим утрото во недела, на 6 сиван 33 год. од н.е.! Рано тоа утро, околу девет часот, оние што биле собрани во една горна соба преку чудо ‚почнале да зборуваат на разни јазици‘ (Дела 2:4). Денес Божјите слуги немаат таков дар преку чудо да зборуваат на странски јазици (1. Кор. 13:8). И покрај тоа, Јеховините сведоци ја објавуваат добрата вест за Царството на повеќе од 430 јазици.

20 Колку сме благодарни што, сеедно на кој јазик зборуваме, сите обединето зборуваме на чистиот јазик на библиската вистина! На некој начин, ова е сосема обратно од она што се случило во Вавел. Како дословно да зборува на ист јазик, Јеховиниот народ едногласно му носи фалба на Неговото име (1. Кор. 1:10). Да бидеме решени и понатаму сложно да служиме со нашите браќа и сестри низ целиот свет додека учиме сѐ потечно да зборуваме на тој единствен јазик, на фалба на нашиот небесен Татко, Јехова! (Прочитај Псалм 150:1-6.)

Како би одговорил?

• Што е чистиот јазик?

• Што треба да правиме за да зборуваме на чистиот јазик?

• Што ќе ни помогне течно да зборуваме на чистиот јазик?

[Прашања]

[Рамка на страница 23]

Научи уште потечно да зборуваш на чистиот јазик со тоа што

◆ ќе слушаш внимателно

Лука 8:18; Евр. 2:1

◆ ќе учиш од оние што добро го зборуваат јазикот

1. Кор. 11:1; Евр. 13:7

◆ ќе учиш напамет и ќе повторуваш

Јак. 1:22-25; 2. Пет. 1:12

◆ ќе читаш на глас

Пс. 1:1, 2, фус.; Отк. 1:3, фус.

◆ ќе ја анализираш „граматиката“

2. Тим. 1:13, ДХК

◆ ќе продолжиш да напредуваш

Евр. 5:11-14; 6:1, 2

◆ ќе определиш кога точно ќе проучуваш

Дан. 6:16, 20; Еф. 6:18

◆ ќе зборуваш на тој јазик

Рим. 10:10; Евр. 10:23-25

[Слики на страница 24]

Јеховиниот народ сложно зборува на чистиот јазик