Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Избрани стихови од Посланијата до Галатите, Ефешаните, Филипјаните и Колошаните

Избрани стихови од Посланијата до Галатите, Ефешаните, Филипјаните и Колошаните

Јеховината реч е жива

Избрани стихови од Посланијата до Галатите, Ефешаните, Филипјаните и Колошаните

ПАВЛЕ пишува едно многу отворено писмо до „собранијата во Галатија“ откако слуша дека некои христијани дозволиле тврдокорните поборници на јудејството да ги одвлечат од исправното обожавање на Бог (Гал. 1:2). Писмото е пишувано помеѓу 50 и 52 год. од н.е. и содржи директни совети и силни опомени.

Околу десет години подоцна, додека престојува во Рим како „затвореник поради Христос Исус“, Павле им пишува на собранијата во Ефес, во Филипи и во Колоси, и им дава добри совети и љубезно охрабрување (Еф. 3:1). И ние денес можеме да имаме корист од тие писма ако ѝ обрнеме внимание на пораката во библиските посланија до Галатите, Ефешаните, Филипјаните и Колошаните (Евр. 4:12).

‚ПРОГЛАСЕНИ ЗА ПРАВЕДНИ‘ — КАКО?

(Гал. 1:1 — 6:18)

Со оглед на тоа што поборниците на јудејството лукаво се обидуваат да го оцрнат Павле, тој го брани своето апостолство така што наведува некои детали за својот живот (Гал. 1:11 — 2:14). Тој ги побива нивните лажни учења нагласувајќи ја следнава мисла: „Човек не се прогласува за праведен поради вршење на делата пропишани со законот, туку поради верата во Христос Исус“ (Гал. 2:16).

Христос ‚ги купил и ги ослободил оние што се под законот‘ за да бидат слободни како христијани, вели Павле. Тој отворено ги опоменува христијаните: „Бидете непоколебливи и не дозволувајте да бидете повторно впрегнати во јаремот на ропството“ (Гал. 4:4, 5; 5:1).

Одговорени библиски прашања:

3:16-18, 28, 29 — Дали сојузот што Бог го склучил со Авраам сѐ уште важи? Да. Сојузот на Законот бил дополнување, а не замена за Божјиот сојуз со Авраам. Затоа, сојузот со Авраам останал на сила и откако Законот бил ‚укинат‘ (Еф. 2:15). Ветувањата ги наследува вистинското „потомство“ на Авраам — Христос Исус, кој е главниот дел, како и оние што се „Христови“.

6:2 — Што е „законот Христов“? Во овој закон спаѓа сето она за кое поучувал Исус и сѐ што заповедал. Особено важна е заповедта ‚да се сакаме еден со друг‘ (Јован 13:34).

6:8 — Како ‚сееме во духот‘? Ова го правиме така што живееме на начин со кој дозволуваме Божјиот дух слободно да влијае врз нас. Ако сееме во духот, со сета душа ќе учествуваме во активностите кои уште повеќе нѐ изложуваат на влијанието на светиот дух.

Поуки за нас:

1:6-9. Христијанските старешини мораат веднаш да преземат нешто кога ќе се појават проблеми во собранието. Користејќи непобитни докази и библиски стихови, тие брзо го побиваат неисправното размислување.

2:20. Откупнината е дар што Бог го дал за секој од нас. Треба да научиме токму така да гледаме на неа (Јован 3:16).

5:7-9. Лошото друштво може да нѐ ‚спречи да ѝ се покоруваме на вистината‘. Затоа е мудро да го избегнуваме.

6:1, 2, 5. Оние што се духовни можат да ни помогнат да носиме некое бреме, на пример, да се справиме со тешка ситуација во која сме се нашле затоа што сме направиле нешто погрешно без да бидеме свесни за тоа. Но, секој сам мора да си го понесе товарот на христијански одговорности.

„ДА СЕ СОСТАВИ СЀ ВО ХРИСТОС“

(Еф. 1:1 — 6:24)

Павле го нагласува христијанското единство во своето писмо до Ефешаните кога вели дека ќе се „уреди сѐ кога ќе се наврши времето, имено повторно [ќе] се состави сѐ во Христос — она што е на небесата и она што е на земјата“. Христос дава „луѓе како дарови“ за да ни помогне на сите да „постигнеме единство во верата“ (Еф. 1:10; 4:8, 13).

За да го слават Бог и да го задржат единството, христијаните треба да ‚ја облечат новата личност‘ и да бидат „подложни еден на друг во страв од Христос“. Исто така, треба да ја облечат сета духовна воена опрема ‚за да можат да им се спротивстават на Ѓаволовите сплетки‘ (Еф. 4:24; 5:21; 6:11).

Одговорени библиски прашања:

1:4-7 — Во која смисла помазаните христијани биле предодредени долго пред да се родат? Тие биле предодредени како група, или класа, а не како поединци. Бог одлучил да биде така пред нашите прародители Адам и Ева да му го пренесат гревот на своето прво дете. Во пророштвото во 1. Мојсеева 3:15, кое било кажано пред да биде зачнат првиот грешен човек, спаѓа и Божјата намера некои следбеници на Христос да владеат со него на небото (Гал. 3:16, 29).

2:2 — Во која смисла духот на светот е како воздухот, и зошто има толку силно влијание врз луѓето? „Духот на светот“ — духот на независност и непослушност — го има насекаде, исто како и воздухот што го дишиме (1. Кор. 2:12). Тој силно влијае врз луѓето затоа што е моќен и непопустлив.

2:6 — Како можат помазаните христијани да бидат „на небесата“ додека сѐ уште се на Земјата? Изразот „небесата“ овде не се однесува на нивното ветено небесно наследство. Напротив, укажува на нивната возвишена духовна положба која ја имаат благодарение на тоа што се „запечатени со ветениот свет дух“ (Еф. 1:13, 14).

Поуки за нас:

4:8, 11-15. Исус Христос ‚одвел заробеници‘, односно избавил луѓе од контролата на Сатана, за да ги користи како дарови со цел да се изградува христијанското собрание. Можеме „во сѐ со љубов да пораснеме до зрелост за да бидеме како... Христос“ ако сме им послушни и подложни на оние што предводат и ако постапуваме во склад со сето она што ќе го одлучат и ќе го организираат во собранието (Евр. 13:7, 17).

5:22-24, 33. Освен што треба да му биде подложна на својот маж, жената треба и да го почитува. Таа покажува почит кон него ако има ‚мирен и благ дух‘ и ако се труди да му оддаде чест со тоа што ќе зборува добро за него и ќе прави сѐ што може за да успеат неговите одлуки (1. Пет. 3:3, 4; Тит 2:3-5).

5:25, 28, 29. Исто како што се „храни“, односно се грижи за себеси, сопругот треба да се грижи и за материјалните, емоционалните и духовните потреби на својата жена. Треба да ѝ покаже колку многу му значи така што ќе поминува доволно време со неа и притоа ќе биде нежен и во зборовите и во постапките.

6:10-13. За да им се спротивставиме на демоните, треба со цело срце да ја облечеме духовната воена опрема од Бог.

„ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА ОДИМЕ СО ИСТИОТ ВООБИЧАЕН ЧЕКОР“

(Фил. 1:1 — 4:23)

Писмото на Павле до Филипјаните зрачи со љубов. Тој вели: „Се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да расте во доброто познавање и во потполното сфаќање на Божјата волја“. Сакајќи да им помогне да не паднат во замката на преголема самоувереност, тој ги советува: „Работете на своето спасение со страв и трепет“ (Фил. 1:9; 2:12).

Павле ги охрабрува зрелите поединци да итаат „кон целта, кон наградата на небесниот позив Божји“. Тој вели: „Сеедно колку сме напредувале досега, да продолжиме да одиме со истиот вообичаен чекор“ (Фил. 3:14-16).

Одговорени библиски прашања:

1:23 — Кои „две работи“ го притискале Павле, и какво „ослободување“ посакувал? Поради околностите во кои се наоѓал, Павле го притискале двете можности што му стоеле на располагање: живот или смрт (Фил. 1:21). Иако не кажува што би избрал, тој јасно става до знаење што сака — сака ‚ослободување и сака да биде со Христос‘ (Фил. 3:20, 21; 1. Сол. 4:16). Ова „ослободување“ за време на Христовата присутност ќе значи дека Павле ќе ја добие наградата што му ја подготвил Јехова (Мат. 24:3).

2:12, 13 — Во која смисла Бог дејствува во нас ‚за да сакаме и да постапуваме‘? Јехова може да дејствува со својот свет дух во нашето срце и во нашиот ум за да ни ја зголеми желбата да го дадеме најдоброто во службата за него. Според тоа, не сме без помош додека ‚работиме на своето спасение‘.

Поуки за нас:

2:5-11. Како што се гледа од примерот на Исус, понизноста не е знак на слабост туку на морална цврстина. Освен тоа, Јехова ги возвишува понизните (Изр. 22:4).

3:13. ‚Она зад нас‘ можеби била добра кариера или материјална сигурност затоа што потекнуваме од богато семејство, па дури и тешки гревови од минатото за кои сме се покајале и сега ‚сме испрани‘ (1. Кор. 6:11). Треба да ги заборавиме овие работи, односно да престанеме да се грижиме за нив и да ‚се трудиме да го дофатиме она што е пред нас‘.

4:14-16. Иако биле сиромашни во материјален поглед, Филипјаните ни се одличен пример за покажување дарежливост (2. Кор. 8:1-6).

„УТВРДУВАЈТЕ СЕ ВО ВЕРАТА“

(Кол. 1:1 — 4:18)

Во своето писмо до Колошаните, Павле ги побива погрешните гледишта на лажните учители. Тој изнесува докази дека спасението не зависи од тоа дали некој ги држи барањата во Законот, туку од тоа дали ќе ‚остане во верата‘. Павле ги поттикнува Колошаните да ‚живеат во единство со Христос, да бидат вкоренети во него, да се изградуваат во него и да се утврдуваат во верата‘. Како треба да влијае врз нив тоа што ќе бидат утврдени во верата? (Кол. 1:23; 2:6, 7).

Павле пишува: „Освен тоа, облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува. И мирот Христов нека владее во вашите срца“. Потоа апостолот им вели: „Што и да работите, правете го тоа со сета душа како за Јехова, а не како за луѓето“. Во врска со оние што не се дел од собранието, тој вели: „Однесувајте се мудро спрема“ нив (Кол. 3:14, 15, 23; 4:5).

Одговорени библиски прашања:

2:8 — Што се „начелата на овој свет“ за кои Павле предупредил дека се опасни за нас? Ова се основните начела на Сатановиот свет — начела од кои се состои и по кои се раководи тој свет (1. Јов. 2:16). Во нив спаѓаат човечките мудрувања, материјализмот и лажните религии на овој свет.

4:16 — Зошто писмото до христијаните во Лаодикија не се наоѓа во Библијата? Можеби затоа што ова писмо не содржело информации кои ни се потребни денес. Или, пак, можеби во него биле повторени мисли од другите канонски писма.

Поуки за нас:

1:2, 20. Откупнината, која Бог ја обезбедил за нас поради својата незаслужена доброта, може да ни ја исчисти совеста од вина и да ни даде внатрешен мир.

2:18, 23. „Лажната понизност“, односно привидната понизност која некој ја покажува за да се истакне пред другите така што, на пример, се откажува од материјалните работи или строго се однесува спрема сопственото тело — е показател дека тој човек е „горделив на своето телесно размислување“.