Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Размисли ‚каков ќе биде крајот‘

Размисли ‚каков ќе биде крајот‘

Размисли ‚каков ќе биде крајот‘

ЖИВОТНИОТ пат ни налага да донесуваме многу одлуки. Секако дека е мудро да дознаеме што има на крајот на секој пат пред да тргнеме по него. Некои горко се каеле за одлуките што ги донеле. Можеби и ти некогаш си помислил: ‚Да знаев дека ќе испадне вака, ќе постапев поинаку!‘

Еден искусен патник сака да знае каде води секој пат. Тој ја следи картата и се распрашува кај луѓето што го знаат тоа место. Сигурно дека ќе обрне внимание и на знаците што се поставени по патот. Но, како можеш да знаеш по кој пат е најдобро да тргнеш во животот? За древните Израелци, Бог еднаш рекол преку Мојсеј: „Барем да се мудри! Тогаш добро би размислиле за ова. Би размислиле каков ќе им биде крајот“ (5. Мојсеева 32:29).

Најдобрите совети

Ние не мора да се прашуваме „каков ќе им биде крајот“ на патиштата по кои можеме да тргнеме во животот. Бог е во најдобра положба да им даде совет на сите луѓе по кој пат е најдобро да тргнат. Тој видел како луѓето оделе по различни патишта и видел каде завршиле. Библијата вели: „Патиштата на човекот се пред очите на Јехова, и тој внимателно ги набљудува сите негови патеки“ (Изреки 5:21).

Јехова е заинтересиран за оние што го сакаат. Преку својата реч, Библијата, тој им го покажува најдобриот пат. Во неа пишува: „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш. Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“. Затоа, пред да го направиш првиот чекор по некој пат, мудро е да побараш совет од Јехова, како што барал и Давид, царот на древниот Израел. Тој се молел: „Покажи ми го патот по кој треба да одам“ (Псалм 32:8; 143:8).

Сигурно чувствуваш поголема сигурност кога патот ќе ти го покаже некој доверлив, искусен патник. Не се сомневаш каде води тој пат. Давид го барал и го следел водството што му го давал Јехова. Затоа имал внатрешен мир кој со прекрасни зборови го изразил во познатиот 23. Псалм. Тој напишал: „Јехова е мојот Пастир. Ништо нема да ми недостасува. На зелени пасишта ми дава да се одморам, ме води на почивалишта обилни со вода. Ми ја крепи душата, ме води по праведни патеки заради името свое. Дури и да тргнам низ долината на густата темнина, нема да се плашам од зло“ (Псалм 23:1-4).

Каква иднина ги чека?

Еден патник на животниот пат, псалмистот Асаф или некој од неговите потомци, признал дека ‚за малку ќе застранел‘ од правиот пат. Што се случило? Видел колку им било добро на нечесните и насилни луѓе и им завидувал на злите што ‚живееле во мир‘. Му се чинело дека „се спокојни довека“. Што е уште полошо, псалмистот почнал да се прашува дали е мудро да продолжи да оди по праведниот пат што го избрал (Псалм 73:2, 3, 6, 12, 13).

Потоа овој псалмист отишол во Јеховиното светилиште и под молитва размислувал за она што ги чека злобните. „Сакав да разберам каква ќе им биде иднината“, рекол тој. Размислувал за иднината што ги чекала оние на кои им завидувал. Сфатил дека тие луѓе биле „на лизгаво место“ и дека ќе ‚ги снема од ненадејни стравотии!‘ А како ќе завршел патот по кој одел псалмистот? Тој му рекол на Јехова: „Потоа ќе ме доведеш до слава“ (Псалм 73:17-19, 24).

Откако размислил за последиците што ќе ги доживеат оние што влегуваат во сомнителни зделки за да се збогатат преку ноќ, псалмистот се уверил дека е на правиот пат. Тој заклучил: „А мене ми е добро да бидам близу до Бог“. Секогаш ќе имаме трајни благослови ако останеме блиски со Јехова Бог! (Псалм 73:28).

„Внимавај на патеката по која одиш“

Пред слични одлуки може да се најдеме и ние денес. Можеби ќе ти понудат примамлив деловен договор, унапредување или покана да бидеш партнер во некоја добра зделка. Се разбира, секој нов потфат си носи ризик. Сепак, сфаќаш ли колку вреди да размислиш ‚каков би можел да биде крајот‘ на твојата одлука? Какви ќе бидат последиците? Ќе треба ли да бидеш отсутен од дома, што би можело да го стави под стрес твојот брачен другар или тебе? Дали ќе треба да бидеш во лошото друштво на твоите деловни партнери или на луѓето во хотелите и на други места? Ако добро размислиш за патот пред тебе, ќе можеш да донесеш мудра одлука. Послушај го советот што го дал Соломон: „Внимавај на патеката по која одиш“ (Изреки 4:26, Превод на д-р Д. Х. Константинов).

Ќе биде добро сите, а особено младите, да размислат за овие совети. Еден млад човек изнајмил филм за кој знаел дека содржи сексуално провокативни сцени. Подоцна раскажал дека, откако го гледал, чувствувал толку силна сексуална возбуда што отишол кај некоја проститутка што живеела во близина. На крајот му било многу тешко, имал грижа на совеста и го измачувал страв дека ќе добие некоја болест. Се случило токму она што е запишано во Библијата: „Тој веднаш појде по неа, како што бик оди на колење“. Колку ќе било добро да размислел ‚каков ќе биде крајот‘ (Изреки 7:22, 23).

Потпирај се на патните знаци

Секој ќе се согласи дека не е мудро да се игнорираат патните знаци. Но, за жал, токму тоа го прават некои во животот кога не им се допаѓа водството што го добиваат. Размисли за она што го направиле некои Израелци во времето на Еремија. Народот се нашол на крстопат — требало да донесат одлука, и Јехова Бог ги советувал: „Прашајте за старите патишта, прашајте каде е правиот пат, и одете по него“. Но, Израелците тврдоглаво одговориле дека ‚нема да одат‘ по тој пат (Еремија 6:16). До каков ‚крај‘ ги одвела нивната бунтовност? Во 607 год. пр.н.е., Вавилонците ги нападнале и сосема го уништиле градот Ерусалим и ги одвеле неговите жители во ропство во Вавилон.

Никогаш не е за наше добро да ги игнорираме „патните знаци“ што Бог ни ги поставува. Во Библијата сме советувани: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изреки 3:5, 6).

Некои Божји опомени се како патни „знаци за забрана“. На пример, Библијата ни вели: „Не стапнувај на патеката на расипаните луѓе и не оди по патот на злите“ (Изреки 4:14). Еден од тие опасни патишта е опишан во Изреки 5:3, 4: „Од усните на блудница капе мед како од саќе и непцето ѝ е помазно од масло. Но она што останува по неа е горко како пелин, остро како меч со две сечила“. На некои можеби им се чини дека е возбудливо да се има неморални односи — сеедно дали со проститутка или со некој друг. Но, ако некој ги игнорира „знаците за забрана“ што важат на полето на моралот, може да претрпат страшни последици.

Пред да го направиш првиот чекор на еден таков опасен пат, прашај се: ‚Каде ме води?‘ Можеби ќе биде доволно само малку да застанеш и да размислиш ‚каков ќе биде крајот‘ за да не направиш нешто што ќе има сериозни последици. СИДА-та и други сексуално преносливи болести, несаканата бременост, абортусите, прекинатите врски и грижата на совеста се како „отпадоци“ што лежат на патот на оние што намерно решиле да не обрнат внимание на Божјите предупредувања. Апостол Павле јасно кажал како ќе заврши патот на оние што вршат неморал. Тие „нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10).

„Тоа е патот“

Понекогаш е тешко да видиме каде нѐ води некој пат. Затоа, многу сме благодарни што Бог со љубов се грижи за нас и ни дава јасно водство. „Тоа е патот“, рекол Јехова, „одете по него“ (Исаија 30:21). Каков е крајот на патот што ни го покажува Јехова? Иако е тесен и тежок, Исус рекол дека води до вечен живот (Матеј 7:14).

Застани за момент и размисли за патот по кој одиш. Дали тој пат е исправен? Каде води? Во молитва барај водство од Јехова. Користи ја ‚патната карта‘, Библијата. Можеби дури и ќе увидиш потреба да се консултираш и со некој искусен патник, некој што подолго време оди по Божјиот пат. Ако сфатиш дека ќе треба да го промениш правецот, направи го тоа брзо.

Патникот честопати се охрабрува кога ќе види знак што му потврдува дека е на правиот пат. Преиспитај го својот живот, и ако утврдиш дека си на патот на праведноста, продолжи да одиш по него. Најубавиот дел од твоето патување лежи пред тебе (2. Петрово 3:13).

Секој пат води некаде. Каде ќе бидеш кога ќе дојдеш до крајот на патот што си го избрал? Нема многу да постигнеш ако стоиш таму и си велиш: ‚Камо да тргнев по друг пат!‘ Затоа, пред да го направиш следниот чекор во животот, прашај се: ‚Каков ќе биде крајот?‘

[Рамка/слики на страница 10]

‚Каков ќе биде крајот‘?

Младите честопати се на искушение и под притисок да почнат да прават работи што навидум се нормални. Еве неколку вообичаени ситуации.

Некој ти вели дека си кукавица ако не запалиш цигара.

Добронамерен наставник те убедува да одиш на факултет.

Поканет си на забава каде што сосема веројатно ќе има алкохол и дрога.

Некој ти вели: „Зошто не отвориш свој блог на Интернет?“

Некој пријател те вика да гледате филм во кој има насилство и неморал.

Ако се најдеш во некоја од овие ситуации, што ќе направиш? Дали едноставно ќе попуштиш или внимателно ќе размислиш ‚каков би можел да биде крајот‘? Мудро е да се прашаш: „Може ли некој да стави оган во пазувите, а да не му се запали облеката? Може ли некој да оди по жар, а да не си ги изгори нозете?“ (Изреки 6:27, 28).