Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто да го користиме Божјето име иако не се знае како точно се изговара?

Зошто да го користиме Божјето име иако не се знае како точно се изговара?

Читателите прашуваат

Зошто да го користиме Божјето име иако не се знае како точно се изговара?

Никој денес не знае како точно се изговарало Божјето име на древниот хебрејски јазик. Меѓутоа, значајно е тоа што Божјето лично име во Библијата се појавува околу 7.000 пати. Исус го објавил Божјето име кога бил на Земјата и им рекол на своите ученици да се молат да се посвети тоа име (Матеј 6:9; Јован 17:6). Значи, нема никакво сомнение дека на христијаните им е многу важно да се користи Божјето име. Тогаш, зошто денес не се знае како се изговарало тоа име? Има две главни причини.

Прво, пред околу две илјади години, кај Евреите се појавило суеверието дека Божјето име не смее да се изговара. Кога оној што го читал Светото писмо ќе дошол до Божјето име, го изговарал зборот „Господ“ наместо името на Бог. На тој начин, по многу векови неупотреба, на луѓето им се избришало од сеќавањето како треба да се изговара Божјето име.

Второ, древниот хебрејски јазик се пишувал без самогласки, слично како што денес се пишуваат кратенките во македонскиот и во другите јазици. Кога читал некој текст, читателот напамет знаел која самогласка каде треба да стои. Со текот на времето бил измислен еден систем на обележување за да не дојде до тоа сосема да се заборави изговорот на хебрејските зборови. На секој збор во хебрејската Библија се додавале ознаки каде што требало да стои самогласка. Меѓутоа, кај Божјето име се додавале ознаки за зборот „Господ“, кои служеле како потсетување за читателот да го изговори тој збор, а не Божјето име. Понекогаш, пак, не се додавале никакви ознаки.

Затоа, во текстовите останале само четирите согласки наречени тетраграм, кои еден речник ги дефинира како „четирите хебрејски букви што обично се транслитерираат како ЈХВХ, од кои се состои личното име на Бог“. Лесно може да се види како дошло до тоа тетраграмот ЈХВХ, на кој му биле додадени ознаки за самогласки и за изговор, да стане „Јехова“, облик што е најпознат и најчесто користен во македонскиот јазик.

Меѓутоа, некои изучувачи велат дека тоа име треба да се изговара „Јахве“. Дали ова е поблиску до оригиналниот изговор? Никој не може со сигурност да го каже тоа. Всушност, други изучувачи наведуваат причини зошто да не се користи тој изговор. Се разбира, кога ќе се изговорат на денешните јазици, многу од имињата што се спомнуваат во Библијата веројатно ни малку не звучат како оригиналните хебрејски имиња. Сепак, ретко кој приговара поради тоа. Причината е што тие имиња станале дел од нашиот јазик и се лесно препознатливи. Истото е случај и со името Јехова.

Христијаните во првиот век биле наречени народ за Божјето име. Тие им проповедале на другите за тоа име и ги поттикнувале да го повикуваат (Дела 2:21; 15:14; Римјаните 10:13-15). Ова јасно покажува дека на Бог му е важно да го користиме неговото име без разлика на кој јазик зборуваме, да знаеме колку е важно тоа име и да живееме во склад со неговото значење.

[Истакната мисла на страница 31]

Значајно е тоа што Божјето лично име во Библијата се појавува околу 7.000 пати