Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Помогни им на оние што се оддалечиле од стадото

Помогни им на оние што се оддалечиле од стадото

Помогни им на оние што се оддалечиле од стадото

„Радувајте се со мене, бидејќи ја најдов својата загубена овца!“ (ЛУКА 15:6)

1. Како докажал Исус дека е пастир полн со љубов?

ЈЕХОВИНИОТ единороден Син, Исус Христос, е наречен „големиот пастир на овците“ (Евр. 13:20). Библијата го прорекла неговото доаѓање и покажала дека тој бил посебен Пастир кој ги барал „загубените овци“ на Израел (Мат. 2:1-6; 15:24). Освен тоа, исто како што некои дословни пастири би можеле да си го ризикуваат животот за да ги спасат своите овци така Исус го дал својот живот како откупнина за сите луѓе слични на овци, кои ќе сакаат да извлечат корист од неговата жртва (Јован 10:11, 15; 1. Јов. 2:1, 2).

2. Што можеби придонело некои христијани да станат неактивни?

2 За жал, некои што имале ценење за Исусовата жртва и му се заветувале на Бог повеќе не се активни членови на христијанското собрание. Можеби обесхрабрувањето, здравствените проблеми или други фактори ја намалиле нивната ревност и придонеле да станат неактивни. Сепак, само ако се дел од Божјето стадо, ќе можат да уживаат во спокојот и среќата за кои зборувал Давид во 23-тиот Псалм. На пример, тој пеел: „Јехова е мојот Пастир. Ништо нема да ми недостасува“ (Пс. 23:1). На оние што се дел од Божјето стадо ништо не им недостасува во духовен поглед. Но, ова не може да се каже и за оние овци што залутале. Кој може да им помогне? Како може да им се укаже помош? Што може да се стори конкретно за да им се помогне да се вратат во стадото?

Кој може да помогне?

3. Како покажал Исус што е потребно за да се спасат загубените овци од Божјето пасиште?

3 Потребно е да се вложат сесрдни напори за да се спасат загубените овци од Божјето пасиште (Пс. 100:3). Во врска со ова, Исус ја дал следнава споредба: „Ако некој човек има сто овци и една од нив залута, нема ли да ги остави оние деведесет и девет в планина и да тргне да ја бара залутаната? И ако успее да ја најде, вистина, ви велам, повеќе ќе се радува поради неа отколку поради оние деведесет и девет што не залутале. Така и мојот Татко, кој е на небото, не сака да загине ниту еден од овие маливе“ (Мат. 18:12-14). Кој може да им помогне на лицата слични на овци кои се оддалечиле од стадото и залутале?

4, 5. Како треба да гледаат старешините на Божјето стадо?

4 За да им помогнат на овците што залутале, христијанските старешини мора да имаат на ум дека Божјето стадо е собрание составено од луѓе кои му се заветувале на Јехова — тие се скапоцено ‚стадо на неговото пасиште‘ (Пс. 79:13). На таквите мили овчички им е потребна нежна грижа, што значи дека пастирите треба со љубов да се интересираат за секоја од нив. Пријателските пастирски посети можат многу да им помогнат на овие лица. Охрабрувањето што еден пастир љубезно ќе им го даде може да ги изгради духовно и да ја засили кај нив желбата да се вратат во стадото (1. Кор. 8:1).

5 Пастирите на Божјето стадо се должни да ги бараат залутаните овци и да се трудат да им помогнат. Апостол Павле ги потсетил христијанските старешини од древниот Ефес за нивните пастирски должности кога рекол: „Внимавајте на себе и на целото стадо, во кое светиот дух ве постави за надгледници, да го пасете Божјето собрание, кое Бог го купи со крвта на својот Син“ (Дела 20:28). Слично на ова, и апостол Петар ги советувал помазаните старешини со следниве зборови: „Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено — не со сила, туку доброволно; не поради нечесна добивка, туку горливо; не како да господарите над оние што се Божја сопственост, туку бидете му пример на стадото“ (1. Пет. 5:1-3).

6. Зошто Божјите овци особено денес имаат потреба старешините да се грижат за нив?

6 Христијанските старешини треба да го следат примерот на „добриот пастир“, Исус (Јован 10:11). Тој бил искрено заинтересиран за Божјите овци и нагласил колку е важна грижата за нив кога му рекол на Симон Петар да ги ‚пасе неговите овчички‘. (Прочитај Јован 21:15-17.) Особено денес им е потребна таква грижа на овците бидејќи Ѓаволот сѐ повеќе се труди да им ја скрши верноста на оние што му се заветувале на Бог. Сатана ги искористува телесните слабости и се служи со светот за да ги наведе Јеховините овци да прават грев (1. Јов. 2:15-17; 5:19). Неактивните браќа и сестри се особено ранливи, и затоа им треба помош за да го применат советот да ‚живеат според духот‘ (Гал. 5:16-21, 25). За да им помогнеме на таквите овци, потребно е со доверба да го молиме Бог да ни даде водство и свет дух, и да ни помогне вешто да ја користиме неговата Реч (Изр. 3:5, 6; Лука 11:13; Евр. 4:12).

7. Колку е важно старешините да се грижат за луѓето слични на овци кои им се доверени?

7 Во древниот Израел, пастирите користеле долг стап, свиткан при врвот, за да го водат стадото. Кога влегувале или излегувале од трлото, овците ‚поминувале под овчарскиот стап‘, и така пастирот ги броел (3. Мој. 27:32; Мих. 2:12; 7:14). И еден христијански пастир треба да го познава Божјето стадо кое му е доверено и да води сметка за секоја овца. (Спореди Изреки 27:23.) Според тоа, грижата за овците е една од важните работи за кои разговара старешинството. Меѓу другото, тие се договараат како конкретно да им се помогне на залутаните овци. Лично Јехова рекол дека ќе ги побара своите овци и ќе се погрижи за нив (Езек. 34:11). Затоа Бог е задоволен кога старешините на сличен начин преземаат чекори за да им помогнат на залутаните овци да се вратат во стадото.

8. На кои начини старешините можат лично да се погрижат за овците?

8 Кога е болен некој соверник, може многу да се израдува и да се охрабри ако го посети некој од пастирите на Божјето стадо. Истото може да биде случај и кога на некоја духовно болна овца ќе ѝ се обрне лично внимание. Старешините можат да му прочитаат стихови од Библијата на неактивниот брат или сестра, да разгледаат некоја статија заедно со него, да позборуваат за она што било изнесено на некој неодамнешен состанок, да се молат со него итн. Можат да му кажат дека членовите на собранието многу ќе се радуваат ако повторно го видат на собраниските состаноци (2. Кор. 1:3-7; Јак. 5:13-15). Една посета, телефонски повик или писмо навистина може многу да им значи! Ако лично ѝ помага на некоја овца што ја нема во стадото, христијанскиот пастир може и самиот да чувствува уште поголема радост.

Сите можеме да помогнеме

9, 10. Зошто би рекол дека не треба само старешините да се грижат за некоја залутана овца?

9 Бидејќи сме зафатени и живееме во тешки времиња, можно е да не забележиме кога некој соверник полека ќе се оддалечи од собранието (Евр. 2:1). Сепак, Јехова ги смета своите овци за скапоцени. Секоја од нив е вредна за него, исто како што е вреден секој дел од човечкото тело. Затоа и сите ние треба да бидеме заинтересирани за нашите браќа и навистина да се грижиме еден за друг (1. Кор. 12:25). Дали и ти гледаш така на работите?

10 Иако главно старешините имаат одговорност да ги бараат и да им помагаат на овците што залутале, тие не се единствените што треба да се интересираат за соверниците кои ги нема. И другите можат да соработуваат со овие пастири. Ние можеме и треба да ги охрабриме и да им помогнеме на нашите браќа и сестри кои имаат потреба од духовна помош за да се вратат во стадото. Како би можеле да им укажеме таква помош?

11, 12. На кој посебен начин можеби ќе бидеш замолен да му помогнеш на некој што има потреба од духовна помош?

11 Во некои случаи, старешините можат да замолат некои поискусни објавители на Царството да ја проучуваат Библијата со неактивните кои изразиле желба да добијат помош. Целта на ова е повторно да им се разгори ‚првата љубов‘ (Отк. 2:1, 4). Овие соверници можат да бидат охрабрени и духовно зајакнати ако со нив се разгледаат информации што ги пропуштиле додека ги немало во собранието.

12 Ако старешините те замолат да проучуваш со некој соверник кој има потреба од духовна помош, моли го Јехова да те води и да ги благослови твоите напори. Всушност, „довери му ги своите дела на Јехова, и твоите намери ќе успеат“ (Изр. 16:3). Размислувај за библиски стихови и за охрабрувачки мисли кои би можел да ги употребиш кога ќе разговараш со оние на кои им е потребна духовна помош. Имај го на ум и одличниот пример на апостол Павле. (Прочитај Римјаните 1:11, 12.) Павле копнеел да ги види христијаните во Рим за да им даде некаков духовен дар и да ги зајакне. Исто така, се радувал што можеле заемно да се охрабрат. Зарем не треба и ние да го имаме истиот став кога се трудиме да им помогнеме на овците што се оддалечиле од Божјето стадо?

13. За што би можел да зборуваш со неактивниот брат или сестра?

13 Во текот на проучувањето, би можел да прашаш: „Како ја запозна вистината?“ Потсети го тој неактивен брат или сестра на радоста што ја чувствувал порано така што ќе го поттикнеш да ти раскаже некои свои убави доживувања од состаноците, проповедањето или од конгресите. Спомни му и за тоа колку убаво можеби сте си поминувале додека заедно сте му служеле на Јехова. Кажи му колку си ти радосен што се зближуваш со Јехова (Јак. 4:8). Кажи му и колку си благодарен за начинот на кој Бог се грижи за нас како свој народ — особено со тоа што нѐ теши и ни дава надеж кога ќе се најдеме во неволји (Рим. 15:4; 2. Кор. 1:3, 4).

14, 15. На кои благослови од минатото би било корисно да ги потсетиме неактивните објавители?

14 Без сомнение, ќе биде корисно да го потсетиш неактивниот брат или сестра на некои благослови што ги имал порано како активен член на собранието. На пример, еден благослов е тоа што подобро ја запознавал Божјата реч и Божјите намери (Изр. 4:18). Сигурно му било многу полесно да се спротивстави на искушението да згреши додека ‚живеел според духот‘ (Гал. 5:22-26). Поради тоа, имал чиста совест и слободно можел да му се обраќа на Јехова во молитва и да го чувствува ‚мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла и ги чува нашите срца и нашиот ум‘ (Фил. 4:6, 7). Задржи ги на ум овие работи, покажи искрен интерес и гледај на секој можен начин со љубов да го охрабриш својот духовен брат или сестра да се врати во стадото. (Прочитај Филипјаните 2:4.)

15 Ако си старешина, би можел да направиш пастирска посета кај некоја неактивна брачна двојка. Охрабри ги да размислат за времето кога ја дознале вистината од Божјата реч. Колку прекрасна и логична била вистината за нив, и каква радост и духовно ослободување им донела! (Јован 8:32). Колку голема благодарност чувствувале во срцето за она што го учеле во врска со Јехова, со неговата љубов и со неговите прекрасни намери! (Спореди Лука 24:32.) Потсети ги на блиското пријателство со Јехова и на огромната чест да му се обраќаат во молитва што ги имаат сите крстени христијани. Искрено поттикни ги уште еднаш да се оѕвијат од срце на „славната добра вест на среќниот Бог“, Јехова (1. Тим. 1:11).

Продолжи да им покажуваш дека ги сакаш

16. Наведи пример кој покажува дека трудот што се вложува за да се помогне духовно не е залуден.

16 Дали предлозите што ги наведовме се навистина делотворни? Да. На пример, еден млад човек, кој бил некрстен објавител на 12 години, станал неактивен на 15. Но, подоцна повторно се активирал, и сега служи полновремено повеќе од 30 години. Духовно закрепнал главно благодарение на помошта што му ја дал еден христијански старешина. Тој навистина многу ја ценел таа духовна помош!

17, 18. Кои особини ќе треба да ги покажеш за да му помогнеш на некој што се оддалечил од Божјето стадо?

17 Љубовта е таа што ги поттикнува христијаните да им помагаат на неактивните објавители да се вратат во собранието. Во врска со своите следбеници, Исус рекол: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35). Значи, љубовта е знак по кој се препознаваат вистинските христијани. Зар таа љубов не треба да ја покажуваме и кон крстените христијани кои можеби станале неактивни? Се разбира дека треба! Но, за да им ја дадеме потребната помош, ќе треба да покажеме повеќе христијански особини.

18 Ако сакаш да му помогнеш на некој што се оддалечил од Божјето стадо, кои особини можеби ќе треба да ги покажеш? Освен љубов, ќе треба да покажеш и сочувство, љубезност, благост и долготрпеливост. Во зависност од околностите, можеби ќе има потреба и да простиш. Павле напишал: „Облечете се во најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост. Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого. Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие. Освен тоа, облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува“ (Кол. 3:12-14).

19. Зошто вреди да се вложи напор за да им се помогне на лицата слични на овци да се вратат во христијанското стадо?

19 Во следната статија за проучување ќе биде разгледано зошто некои се оддалечуваат од Божјето стадо. Исто така, ќе видиме и како треба да ги пречекаме оние што се враќаат назад. Додека ја проучуваш таа статија, имајќи ја на ум и оваа, биди уверен дека вреди секој напор што го вложуваш со надеж дека ќе им помогнеш на лицата слични на овци да се вратат во христијанското стадо. Во сегашниов свет, многу луѓе си го трошат целиот живот за да натрупаат богатство, но само еден единствен човечки живот вреди многу повеќе од сите пари на светот. Исус го нагласил тоа во споредбата со загубената овца (Мат. 18:12-14). Секогаш мисли на ова додека вложуваш искрени напори да им помогнеш на Јеховините мили залутани овчички што е можно поскоро да се вратат во стадото.

Како би одговорил?

• Што се должни да прават христијанските пастири со лицата слични на овци кои се оддалечиле од стадото?

• Како би можел ти да им помогнеш на оние што сега не се активни членови на собранието?

• Какви особини ќе треба да покажеш за да им помогнеш на оние што се оддалечиле од стадото?

[Прашања]

[Слика на страница 10]

Христијанските пастири со љубов се трудат да им помогнат на оние што се оддалечиле од Божјето стадо