Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Избрани стихови од Посланијата на Јаков и на Петар

Избрани стихови од Посланијата на Јаков и на Петар

Јеховината реч е жива

Избрани стихови од Посланијата на Јаков и на Петар

РЕЧИСИ 30 години по Педесетница 33 год. од н.е., ученикот Јаков — полубрат на Исус — им пишува писмо на „дванаесетте племиња“ на духовниот Израел (Јак. 1:1). Тој има цел да ги поттикне да останат цврсти во верата и да бидат истрајни кога ќе се соочат со неволји. Освен тоа, им дава и совети за тоа како да ја подобрат загрижувачката состојба која постоела во собранијата.

Кратко пред римскиот император Нерон да го покрене бранот прогонство против христијаните во 64 год. од н.е., апостол Петар го пишува своето прво писмо до нив, храбрејќи ги да останат цврсти во верата. Во своето второ писмо, кое го напишал набрзо по своето прво послание, Петар ги поттикнува соверниците да ѝ обрнат внимание на Божјата реч и ги предупредува дека Јеховиниот ден е близу. Навистина можеме да извлечеме корист ако им обрнеме внимание на пораките што ги содржат посланијата на Јаков и на Петар (Евр. 4:12).

БОГ ИМ ДАВА МУДРОСТ НА ОНИЕ ШТО ‚БАРААТ СО ВЕРА‘

(Јак. 1:1 — 5:20)

„Среќен е човекот што истрајува во искушението бидејќи, откако ќе биде искушан, ќе ја прими наградата — животот“, пишува Јаков. На оние што продолжуваат ‚да бараат со вера‘ Јехова им ја дава потребната мудрост за да ги издржат искушенијата (Јак. 1:5-8, 12).

Вера и мудрост им е потребна и на оние што стануваат учители во собранието. Откако вели дека јазикот е „мал дел“ кој може да го ‚извалка целото тело‘, Јаков зборува против световните склоности кои можат да уништат нечие пријателство со Бог. Тој ги набројува и чекорите што некој духовно болен треба да ги преземе за да закрепне (Јак. 3:1, 5, 6; 5:14, 15).

Одговорени библиски прашања:

2:13 — Во која смисла „милосрдноста слави победа над судот“? Кога Бог нѐ повикува да му положиме сметка, тој ја зема предвид милосрдноста што сме ја покажувале кон другите и ни простува на темел на откупната жртва на својот Син (Рим. 14:12). Зарем ова не е добра причина оваа особина да превладува и во нашиот живот?

4:5 — Кој стих го цитира Јаков овде? Јаков не цитира некој одреден стих. Сепак, овие зборови што се вдахновени од Бог веројатно се темелат на мислите што стојат во некои библиски стихови како, на пример, 1. Мојсеева 6:5; 8:21; Изреки 21:10 и Галатите 5:17.

5:20 — Чија душа ќе спаси од смрт „оној што вратил грешник од неговиот крив пат“? Христијанинот што ќе му помогне на некој што греши да се одврати од својот крив пат ја спасува душата на покајникот од духовна смрт, а можеби и од вечно уништување. Оној што му помага на грешникот на ваков начин „ќе покрие мноштво [негови] гревови“.

Поуки за нас:

1:14, 15. Зачеток на гревот е неисправната желба. Затоа, не треба да негуваме погрешни желби со тоа што постојано ќе размислуваме за нешто што не е исправно. Напротив, треба и понатаму да размислуваме за изградувачки работи и да ги полниме нашиот ум и срце со нив (Фил. 4:8).

2:8, 9. Пристрасноста е спротивна на „царскиот закон“ на љубовта. Затоа вистинските христијани не се пристрасни.

2:14-26. Нас нѐ спасува верата, а не делата пропишани со Мојсеевиот закон или оние што ги правиме како христијани. Нашата вера не може да се сведе само на зборови (Еф. 2:8, 9; Јован 3:16). Треба да нѐ поттикне и да постапуваме во склад со Божјата волја.

3:13-17. „Мудроста одозгора“ сигурно е далеку подобра од мудроста што е „земна, телесна, демонска“! Треба да ‚трагаме по Божјата мудрост како по скриено богатство‘ (Изр. 2:1-5).

3:18. Семето на добрата вест на Царството треба да „се сее во мир и ќе го соберат оние што творат мир“. Многу е важно да бидеме миротворци, а не вообразени, кавгаџии или бунтовници.

ОСТАНЕТЕ „ЦВРСТИ ВО ВЕРАТА“

(1. Пет. 1:1 — 5:14)

Петар ги потсетува соверниците дека имаат „жива надеж“ за наследство на небото. „Вие сте „избран род, царско свештенство, свет народ“, им вели Петар. Откако им дава конкретни совети за подложноста, тој ги поттикнува да бидат „со еднакви мисли, сочувствителни, полни со братска љубов, сомилосни, понизни“ (1. Пет. 1:3, 4; 2:9; 3:8).

Бидејќи се ‚приближил крајот‘ на еврејскиот поредок, Петар ги советува браќата да ‚бидат разборити и да не ја занемаруваат молитвата‘. Тој им вели: „Бидете трезвени, бдејте... Спротивставете му се [на Ѓаволот] цврсти во верата“ (1. Пет. 4:7; 5:8, 9).

Одговорени библиски прашања:

3:20-22 — Како нѐ спасува крштавањето? Сите што сакаат да се спасат треба да се крстат. Но, самото крштавање не нѐ спасува. Всушност, спасение добиваме „на темел на воскресението на Исус Христос“. Кандидатите за крштавање мора да имаат вера дека спасението е можно само благодарение на тоа што Исус умрел со жртвена смрт, бил воскреснат и сега „е од десната страна на Бог“ и има власт над живите и над мртвите. Претслика за крштавањето кое се темели на таква вера е зачувувањето на ‚осумте души кои се спасиле поминувајќи преку водата‘.

4:6 — Кои се „мртвите“ на кои ‚им била објавена добрата вест‘? Тие се оние што биле „мртви поради своите престапи и гревови“, односно биле духовно мртви пред да ја слушнат добрата вест (Еф. 2:1). Но, откако поверувале во добрата вест, тие ‚оживеале‘ во духовна смисла.

Поуки за нас:

1:7. За нашата вера да има висока вредност, мора да биде со проверен, односно испитан квалитет. Таквата цврста вера навистина ‚го спасува животот‘ (Евр. 10:39). Не смееме да се повлекуваме кога ќе се соочиме со испити на нашата вера.

1:10-12. Ангелите сакале да ѕирнат и да ги разберат длабоките духовни вистини што Божјите пророци од старо време ги запишале во врска со собранието од помазани христијани. Но, овие работи станале јасни дури откако Јехова го основал собранието (Еф. 3:10). Зарем не треба да го следиме примерот на ангелите така што ќе се трудиме да ги испитуваме „Божјите длабочини“? (1. Кор. 2:10).

2:21. Ако се угледаме на нашиот Пример, Исус Христос, треба да бидеме спремни да страдаме дури до смрт за да докажеме дека Јехова има неприкосновено право да владее.

5:6, 7. Кога ги фрламе нашите грижи на Јехова, тој ни помага и понатаму да ја ставаме службата за него на прво место во животот, наместо непотребно да се грижиме за она што нѐ чека утре (Мат. 6:33, 34).

„ЈЕХОВИНИОТ ДЕН ЌЕ ДОЈДЕ“

(2. Пет. 1:1 — 3:18)

„Пророштво никогаш не било изречено по човечка волја, туку луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“, напишал Петар. Ако ѝ обрнеме внимание на пророчката реч, ќе бидеме заштитени од ‚лажните учители‘, а и од други расипани луѓе (2. Пет. 1:21; 2:1-3).

„Во последните денови ќе се појават потсмевачи, кои ќе се потсмеваат“, предупредува Петар. Но, „Јеховиниот ден ќе дојде како крадец“. Петар го завршува своето писмо со јасен совет до оние што ‚го очекуваат и го имаат на ум тој ден‘ (2. Пет. 3:3, 10-12).

Одговорени библиски прашања:

1:19 — Кој е ‚ѕвездата деница‘, кога се појавува и од каде знаеме дека ова се случило? ‚Ѕвездата деница‘ е Исус Христос откако станал Цар на Божјето Царство (Отк. 22:16). Во 1914 год., Исус ‚се појавил‘ пред целото создание како месијански Цар и ја навестил зората на еден нов ден. Преобразувањето било претслика на Исусовата слава и царска моќ, и со него се нагласила веродостојноста на Божјата пророчка реч. Кога ѝ обрнуваме внимание на таа реч, нашите срца се осветлени, и на тој начин стануваме свесни дека ѕвездата деница се појавила.

2:4 — Што е „тартар“, и кога бунтовните ангели биле фрлени во него? Тартар е состојба слична на затвор во кој престојуваат само духовни суштества, а не луѓе. Тоа е состојба на непробојна умствена темнина во однос на Божјите светли намери. Оние што се во Тартар немаат никаква надеж за иднината. Бог ги фрлил непослушните ангели во тартар во времето на Ное, и тие ќе останат во таа понижена состојба сѐ додека не бидат уништени.

3:17 — Што мислел Петар кога рекол „однапред го знаете тоа“? Петар зборувал за знаењето, односно познавањето на идните настани што нему и на другите библиски писатели им го дал Бог преку вдахновение. Бидејќи ова познавање не било неограничено, тоа што првите христијани знаеле некои работи однапред не значи дека ги знаеле сите детали за идните настани. Тие знаеле само во глобала што може да очекуваат во иднина.

Поуки за нас:

1:2, 5-7. Освен што можеме уште подобро да ‚ги запознаеме Бог и Исус‘, ако искрено се трудиме да негуваме такви особини како што се вера, истрајност и оддаденост на Бог, ‚нема да бидеме без работа ниту да бидеме бесплодни‘ во поглед на тоа знаење (2. Пет. 1:8).

1:12-15. За да останеме ‚утврдени во вистината‘, постојано ни се потребни потсетувања како оние што ги добиваме на собраниските состаноци и кога лично ја читаме и ја проучуваме Библијата.

2:2. Треба да внимаваме со своето однесување да не им нанесеме срам на Јехова и на неговата организација (Рим. 2:24).

2:4-9. Со оглед на тоа како постапувал во минатото, можеме да бидеме сигурни дека „Јехова знае како да ги избави од искушение луѓето што му се оддадени, а неправедните да ги чува за денот на судот за да бидат казнети“.

2:10-13. Иако „славните“, односно христијанските старешини, си имаат маани и понекогаш грешат, не смееме да зборуваме погрдно за нив (Евр. 13:7, 17).

3:2-4, 12. Ако обрнеме особено внимание на ‚зборовите што ги говореле светите пророци и на заповедите кои ни ги дал Господарот и Спасител‘, ќе ни биде полесно да се сконцентрираме на близината на Јеховиниот ден.

3:11-14. Додека ‚го очекуваме и го имаме на ум Јеховиниот ден‘, 1) ‚нашите дела мора да бидат свети‘ така што ќе бидеме физички, умствено, морално и духовно чисти; 2) мора да изобилуваме со дела од кои се гледа дека сме „му оддадени на Бог“, како, на пример, дела што се поврзани со проповедањето за Царството и поучувањето на луѓето; 3) нашето однесување и личност мора да бидат „неизвалкани“ од светот; 4) мора да бидеме „неосквернети“ така што ќе правиме сѐ со чисти мотиви; и 5) мора да бидеме „во мир“ — со Бог, со нашите христијански браќа и со другите луѓе.