Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мисли на наградата

Мисли на наградата

Мисли на наградата

„Итам кон целта, кон наградата“ (ФИЛ. 3:14)

1. Каква награда му била ветена на апостол Павле?

АПОСТОЛ Павле, познат и како Савле од Тарс, потекнувал од угледно семејство. Бил школуван човек, поучен за религијата на своите предци од Гамалиел, познат учител по Законот (Дела 22:3). Но, иако можел да има добра кариера, Павле ја оставил својата религија и станал христијанин. Тој радосно го исчекувал вечниот живот што му бил ветен како награда — да биде бесмртен цар и свештеник во Божјето небесно Царство. Тоа Царство ќе владее над Земјата, која ќе биде претворена во рај (Мат. 6:10; Отк. 7:4; 20:6).

2, 3. Колку многу го ценел Павле небесниот живот што му бил ветен како награда?

2 Колку многу ја ценел Павле таа награда, се гледа од следниве негови зборови: „Она што ми беше добивка, поради Христос го сметам за загуба. И не само тоа, дури сметам дека сѐ е загуба во споредба со ненадминливата вредност на познавањето на Христос Исус, мојот Господар. Поради него јас се согласив да изгубам сѐ и сето тоа го сметам за смет“ (Фил. 3:7, 8). Работите што повеќето луѓе ги сметаат за важни — положба, богатство, кариера, углед — за Павле биле обичен смет откако точно дознал каква намера има Јехова со човештвото.

3 Оттогаш на Павле му било најважно што ги познавал Јехова и Христос. А во една молитва до Бог, Исус кажал од колкаво значење е тоа, кога рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Од зборовите на Павле запишани во Филипјаните 3:14, се гледа колку силна желба имал да добие вечен живот: „Итам кон целта, кон наградата на небесниот позив Божји преку Христос Исус“. Да, тој бил сконцентриран на наградата — да живее вечно на небото како еден од владетелите во Божјето Царство.

Вечен живот на Земјата

4, 5. Каква награда им е ветена на милиони луѓе што денес ја вршат Божјата волја?

4 Наградата за повеќето од оние што ќе одлучат да ја вршат Божјата волја е вечен живот во Божјиот нов свет — и за неа навистина вреди да се вложи труд (Пс. 37:11, 29). Исус потврдил дека оваа надеж е сигурна. Тој рекол: „Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (Мат. 5:5). Како што се гледа од Псалм 2:8, првенствено Исус е оној што ќе ја наследи Земјата, а со него ќе има и 144.000 совладетели на небото (Дан. 7:13, 14, 22, 27). Другите овци, кои ќе живеат на Земјата, ќе го „наследат“ земниот дел од Царството ‚кое е подготвено за нив од настанувањето на светот‘ (Мат. 25:34, 46). Имаме сигурна гаранција дека сето ова ќе се случи, затоа што Бог, кој го ветил тоа, „не може да лаже“ (Тит 1:2). Исто како Исус Навин, и ние можеме да бидеме потполно уверени дека Бог ќе ги исполни своите ветувања. Исус Навин им рекол на Израелците: „Не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог. Сѐ ви се исполни. Ниту едно ветување не остана неисполнето“ (Ис. Нав. 23:14).

5 Животот во Божјиот нов свет нема да биде беден и полн со проблеми каков што е денес. Напротив, ќе биде многу поинаков: нема да има војни, криминал, сиромаштија, неправди, болести и смрт. Луѓето ќе имаат совршено здравје и ќе живеат на Земјата која ќе биде претворена во рај. Тој живот ќе биде толку убав и исполнет што ќе ги надмине сите наши очекувања! Тогаш секој ден ќе ни носи радост и задоволство. Зарем тоа не е прекрасна награда?

6, 7. а) Како покажал Исус што можеме да очекуваме во Божјиот нов свет? б) Каква шанса ќе добијат воскреснатите?

6 Кога Исус бил на Земјата, Бог му дал моќ преку својот свет дух за да покаже какви прекрасни работи ќе се случат во новиот свет по целата Земја. На пример, на еден човек кој 38 години бил парализиран, Исус му рекол да стане и да оди. Во Библијата читаме дека човекот го направил тоа. (Прочитај Јован 5:5-9.) Во друга прилика, Исус сретнал „еден човек слеп од раѓање“ и го излекувал. Подоцна, кога овој човек што порано бил слеп го распрашувале за оној што го излекувал, тој рекол: „Досега не се чуло некој да му ги отвори очите на човек што е слеп од раѓање. Да не беше овој човек од Бог, не ќе можеше ништо да направи“ (Јован 9:1, 6, 7, 32, 33). Исус можел да ги прави сите тие чуда затоа што Бог го оспособил за тоа. Каде и да одел, тој ‚ги исцелувал оние на кои им требало лекување‘ (Лука 9:11).

7 Исус не само што можел да лекува болни и сакати, туку можел и да воскреснува мртви. На пример, кога едно 12-годишно девојче умрело, родителите биле скршени од тага. Но, Исус рекол: „Девојче, тебе ти велам, стани!“ И девојчето станало! Можеш ли да си замислиш како им било на родителите и на другите што го виделе тоа? (Прочитај Марко 5:38-42.) Во Божјиот нов свет ќе завладее голема радост кога милијарди ќе воскреснат, зашто „Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15; Јован 5:28, 29). Воскреснатите ќе добијат шанса за еден нов почеток, па дури и за вечен живот.

8, 9. а) Во текот на Христовото илјадагодишно владеење, што ќе се случи со гревот што сме го наследиле од Адам? б) На темел на што ќе им се суди на мртвите?

8 Воскреснатите навистина ќе можат да имаат светла иднина. На оние што ќе воскреснат нема да им се суди за гревовите што ги направиле пред да умрат (Рим. 6:7). За време на Христовото илјадагодишно владеење, кога ќе бидат применети користите од откупната жртва, послушните поданици на Царството постепено ќе стануваат совршени, и на крајот сосема ќе бидат ослободени од сите последици од гревот на Адам (Рим. 8:21). Јехова „ќе ја уништи смртта засекогаш и Севишниот Господар Јехова ќе ги избрише солзите од секое лице“ (Иса. 25:8). Во Божјата реч исто така читаме дека ‚ќе се отворат свитоци‘, што покажува дека оние кои ќе живеат во тоа време ќе добијат нови упатства (Отк. 20:12). Додека Земјата постепено се претвора во рај, „оние што живеат на [неа] ќе се учат на праведност“ (Иса. 26:9).

9 На воскреснатите нема да им се суди на темел на гревот што го наследиле од Адам, туку на темел на она што самите ќе одлучат да го прават. Во Откровение 20:12 пишува: „Мртвите беа судени според нивните дела на темел на она што е напишано во свитоците“, што значи дека ќе бидат судени според делата што ќе ги прават откако ќе воскреснат. Ова е навистина прекрасен пример за правдата, милосрдноста и љубовта на Јехова! Освен тоа, болните работи од нивниот живот во овој стар свет ‚нема да доаѓаат во сеќавање, ниту ќе се јавуваат во срцето‘ (Иса. 65:17). Нема повеќе да ги мачат лошите спомени од минатото затоа што ќе добијат нови информации кои ќе ги изградуваат и ќе им се радуваат на многу убави работи. Ќе заборават на сето лошо што го доживеале порано (Отк. 21:4). Истото ќе се случи и со луѓето од ‚големото мноштво‘, кои ќе го преживеат Армагедон (Отк. 7:9, 10, 14).

10. а) Каков ќе биде животот во Божјиот нов свет? б) Што може да ти помогне да останеш сконцентриран на наградата?

10 Во Божјиот нов свет, луѓето ќе можат да живеат без да стареат и да умираат. „Никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Иса. 33:24). На крајот, сите жители на новата земја секое утро ќе се будат совршено здрави, радувајќи се на уште еден прекрасен ден. Ќе имаат работа што ќе ги исполнува и ќе бидат опкружени со луѓе што им го мислат најдоброто. Таквиот живот е навистина прекрасна награда! Убаво би било да ги прочиташ пророштвата во Исаија 33:24 и 35:5-7 и да пробаш да се замислиш таму. Тоа ќе ти помогне да останеш сконцентриран на наградата.

Тие заборавиле на наградата

11. Опиши го убавиот почеток на владеењето на Соломон.

11 Штом знаеме каква награда нѐ чека, мораме со сите сили да се трудиме да останеме сконцентрирани на неа зашто, во спротивно, би можеле да ја подзаборавиме. На пример, кога Соломон станал цар на древниот Израел, тој понизно во молитва побарал од Бог мудрост и способност да разликува добро од зло за да може исправно да му суди на Божјиот народ. (Прочитај 1. Царевите 3:6-12.) Во Библијата читаме како одговорил Бог на таа молитва: „Бог му даде на Соломон... голема мудрост и разборитост“. Всушност, ‚мудроста на Соломон била поголема од мудроста на сите луѓе на Истокот и од сета египетска мудрост‘ (1. Цар. 4:29-32).

12. Какво предупредување дал Јехова за секој цар на Израел?

12 Но, претходно Јехова рекол секој што ќе се зацари да „не држи многу коњи“, како и да „нема многу жени за да не му тргне срцето по крив пат“ (5. Мој. 17:14-17). Ако некој цар имал многу коњи, со тоа би покажал дека се потпира на својата воена моќ за да го заштити народот, а не на Јехова, Заштитникот. Би било опасно и да има многу жени, затоа што некои од нив би биле од околните пагански народи што им служеле на лажни богови. Тие жени би можеле да го наведат и царот да престане да му служи на Јехова.

13. Зошто Соломон заборавил што добил?

13 Соломон не ги послушал овие предупредувања. Напротив, тој го направил токму она што Јехова рекол дека царевите не смеат да го прават. Набавил илјадници коњи и имал голем број коњаници (1. Цар. 4:26). Освен тоа, имал 700 жени и 300 наложници, а многу од нив биле од околните пагански народи. Тие ‚му го навеле срцето да се сврти кон други богови, и неговото срце повеќе не му било потполно оддадено на Јехова‘. Соломон почнал да ги врши одвратните пагански обреди што ги научил од своите жени. Поради тоа, Јехова рекол дека ‚ќе го истргне царството‘ од рацете на Соломон (1. Цар. 11:1-6, 11).

14. Каков бил резултатот од тоа што Соломон и народот не му биле послушни на Јехова?

14 Соломон заборавил каква прекрасна чест имал — да го застапува вистинскиот Бог. Потонал до гуша во служење на лажни богови. Со текот на времето, целиот народ отпаднал од верата и, како резултат на тоа, царството било уништено во 607 год. пр.н.е. Иако подоцна Евреите пак почнале да му служат на Јехова на исправен начин, неколку векови потоа Исус рекол: „Царството Божје ќе се земе од вас и ќе му се даде на народ кој ги донесува неговите плодови“. Токму тоа и се случило. Исус рекол: „Еве, вашиот дом се напушта и ви се остава вам“ (Мат. 21:43; 23:37, 38). Бидејќи биле неверни, Израелците како народ ја изгубиле огромната чест да го застапуваат вистинскиот Бог. Во 70 год. од н.е., римската војска го опустошила Ерусалим и храмот, а голем број од преживеаните Евреи станале робови.

15. Наведи примери на луѓе што ги заборавиле важните работи.

15 Јуда Искариот бил еден од 12-те апостоли на Исус. Тој со свои уши го чул Исус како поучува и со свои очи ги видел чудата што ги направил со помош на Божјиот свет дух. Меѓутоа, не си го чувал срцето. Јуда бил одговорен за кутијата во која се чувале парите на Исус и на 12-те апостоли. Но, за него читаме: „Беше крадец — ја имаше кутијата за пари и го земаше она што се ставаше во неа“ (Јован 12:6). Толку бил алчен што на крајот се договорил со лицемерните главни свештеници да им го предаде Исус за 30 сребреници (Мат. 26:14-16). Еден друг христијанин по име Димас, кој му бил придружник на Павле, исто така ги заборавил важните работи. И тој не си го чувал срцето. Павле вели: „Димас ме остави, бидејќи го засака сегашниов свет“ (2. Тим. 4:10; прочитај Изреки 4:23).

Поука за сите нас

16, 17. а) Со колку силно противење се соочуваме? б) Што може да ни помогне да издржиме сѐ што Сатана ќе преземе против нас?

16 Сите Божји слуги треба сериозно да размислат за примерите што ги наоѓаме во Библијата, зашто ни е кажано: „Сето тоа им се случуваше за пример и напишано е како предупредување за нас што живееме на крајот од овој поредок“ (1. Кор. 10:11). Ние живееме во последните денови на сегашниов злобен поредок (2. Тим. 3:1, 13).

17 Сатана Ѓаволот, „богот на овој свет“, знае дека му останува уште „кратко време“ (2. Кор. 4:4; Отк. 12:12). Тој ќе стори сѐ што може за да ги наведе слугите на Јехова да ги прекршат христијанските начела. Сатана има контрола врз овој свет, во што спаѓаат и средствата за јавно информирање. Меѓутоа, Јеховиниот народ има нешто многу помоќно — „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Кор. 4:7). Можеме да имаме доверба дека оваа сила што ни ја дава Бог ќе ни помогне да издржиме сѐ што Сатана ќе преземе против нас. Затоа сме поттикнати постојано да се молиме, уверени дека Јехова „ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа“ (Лука 11:13).

18. Како треба да гледаме на сегашниов свет?

18 Нѐ зајакнува и сознанието дека целокупниот поредок на Сатана наскоро ќе биде уништен, а вистинските христијани ќе преживеат. „Светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јов. 2:17). Знаејќи го ова, колку би било неразумно некој Божји слуга да помисли дека што и да било во овој свет може да има потрајна вредност од неговото пријателство со Јехова! Овој свет што е под контрола на Сатана е како брод што тоне. Јехова го дал христијанското собрание како чамец за спасување на своите верни слуги. Додека пловат кон новиот свет, тие можат да бидат сигурни дека ќе се исполни ветувањето: „Оние што прават зло, ќе бидат истребени, а оние што се надеваат на Јехова, ќе ја поседуваат земјата“ (Пс. 37:9). Затоа, не испуштај ја од пред очи оваа прекрасна награда!

Се сеќаваш ли?

• Што мислел Павле за наградата што му била ветена?

• На темел на што ќе им се суди на оние што ќе живеат вечно на Земјата?

• Како е мудро да живееме сега?

[Прашања]

[Слика на страници 12 и 13]

Кога ја читаш Библијата, можеш ли да си замислиш дека веќе си ја добил наградата?