Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Бидете будни“

„Бидете будни“

„Бидете будни“

„Бидете будни, сесрдно молејќи се за сето време“ (ЛУКА 21:36)

1. Која била главната тема за која поучувал Исус?

ГЛАВНАТА тема за која поучувал Исус Христос додека бил на Земјата, била Божјето Царство. Преку тоа Царство, Јехова ќе докаже дека има право да владее над сѐ и ќе го посвети своето име. Затоа, Исус ги поучил своите ученици да го молат Бог: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Мат. 4:17; 6:9, 10). Ова Царство наскоро ќе му стави крај на Сатановиот свет и потоа ќе надгледува како се извршува Божјата волја по целата Земја. Како што прорекол Даниел, Божјето Царство „ќе ги сотре и ќе ги уништи сите [денешни] царства, а самото ќе стои довека“ (Дан. 2:44).

2. а) По што требало да познаат следбениците на Исус дека тој се зацарил? б) За што друго е показател тој знак?

2 Бидејќи за следбениците на Исус доаѓањето на Божјето Царство било многу важно, тие го прашале: „Кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ (Мат. 24:3). Со оглед на тоа што луѓето на Земјата немало дословно да видат дека Христос е присутен и владее како Цар, требало да има видлив знак што ќе го покаже тоа. Тој знак требало да се состои од разни обележја што се претскажани во Библијата. Кога ќе ги виделе тие обележја, следбениците на Исус во тоа време требало да сфатат дека тој почнал да владее од небото. Исто така, ова ќе било показател дека започнал периодот кој во Библијата е означен како „последните денови“ на злобниот поредок што сега владее над Земјата (2. Тим. 3:1-5, 13; Мат. 24:7-14).

Бидете будни во последните денови

3. Зошто христијаните треба да бидат будни?

3 Исус ги поттикнал своите ученици: „Внимавајте... Зашто, [крајот] ќе дојде врз сите што живеат по целата земја. Затоа бидете будни, сесрдно молејќи се за сето време“ (Лука 21:34-36). Следбениците на Исус требало внимателно да ги следат настаните во светот што ќе покажат дека тој веќе владее како Цар на небото. А како што се приближува крајот на овој злобен поредок, треба да бидат уште повнимателни. Исус рекол: „Бдејте, бидејќи не знаете кога доаѓа господарот на куќата [да го изврши судот над Сатановиот свет]“ (Мар. 13:35, 36).

4. Каков став имаат луѓето кои се дел од светот на Сатана, а каков слугите на Јехова? (Вклучи ја и рамката.)

4 Луѓето, општо земено, се под влијание на Сатана и не обрнуваат многу внимание на значењето на она што се случува околу нив. Тие не сфаќаат дека Христос веќе владее. Но, вистинските следбеници на Исус будно внимаваат и го разбираат вистинското значење на она што се случува во изминативе 100-тина години. Од 1925 год., на Јеховините сведоци им е јасно дека Првата светска војна и настаните што следеа по неа се цврст доказ дека во 1914 год. Христос почнал да владее како Цар на небесното Царство. Тоа значи дека оттогаш наваму течат последните денови на овој злобен поредок со кој владее Сатана. Многу луѓе што ги следат настаните забележуваат дека има остра разлика меѓу периодот пред Првата светска војна и по неа, иако не сфаќаат што значи тоа. (Види ја рамката  „Почнува време на превирања“.)

5. Зошто е важно да продолжиме будно да внимаваме на настаните?

5 Веќе речиси цел век низ светот се случуваат ужасни настани кои се доказ дека живееме во последните денови. Останува уште многу малку време пред Јехова да му даде заповед на Христос да ги поведе моќните ангелски војски во војна против Сатановиот свет (Отк. 19:11-21). Вистинските христијани се советувани будно да внимаваат. Затоа, додека го чекаме крајот на овој свет, многу е важно да продолжиме да го правиме тоа (Мат. 24:42). Мораме да останеме будни и, предводени од Христос, да го извршиме по целата Земја делото што ни го доверил тој.

Дело што се врши по цел свет

6, 7. Како напредува проповедањето за Царството во последните денови?

6 Делото што слугите на Јехова треба да го извршуваат било проречено како едно од обележјата на знакот кој покажува дека живееме во последните денови на овој злобен свет. Исус зборувал за ова меѓународно дело кога ги набројал работите што ќе се случуваат во времето на крајот. Меѓу другото, ги кажал и следниве значајни зборови: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:14).

7 Размисли за некои факти поврзани со овој детаљ од пророштвото на Исус. Во 1914 год., кога почнаа последните денови, добрата вест ја објавуваа многу мал број луѓе. Во меѓувреме, тој број значително се зголеми. Сега, во цел свет проповедаат над 7 милиони Јеховини сведоци, кои се организирани во преку 100.000 собранија. На Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт во 2008 год., освен Јеховините сведоци, присуствуваа и други 10 милиони луѓе. Тоа е значаен пораст во однос на претходната година.

8. Зошто противењето не може да го спречи проповедањето?

8 Какво само сведоштво за Божјето Царство им се дава на сите народи пред самиот крај на овој поредок! И сето ова се случува и покрај тоа што Сатана е „богот на овој свет“ (2. Кор. 4:4). Тој има влијание врз сите политички, верски и трговски елементи на овој свет, како и врз средствата за јавно информирање. Тогаш, на што се должи неверојатниот успех што го постигнуваме со проповедањето? На поддршката од Јехова. Затоа, проповедањето за Царството одлично напредува и покрај сите обиди на Сатана да го спречи.

9. Зошто може да се каже дека нашиот духовен напредок е вистинско чудо?

9 За успехот што Јеховиниот народ го има во проповедањето, како и за порастот и духовниот напредок може да се каже дека се вистинско чудо. Без поддршка од Бог, во која спаѓа неговото водство и заштита, не би можеле да го извршиме ова дело. (Прочитај Матеј 19:26). Можеме да бидеме сигурни дека, со помош на Божјиот свет дух кој дејствува врз срцата на оние што будно внимаваат и кои се спремни да служат, проповедањето успешно ќе се доврши, „и тогаш ќе дојде крајот“. Тоа време многу брзо наближува.

„Големата неволја“

10. Како Исус ја опишал големата неволја?

10 Овој злобен поредок ќе го доживее својот крај во „големата неволја“ (Отк. 7:14). Библијата не кажува колку долго ќе трае оваа неволја, но Исус рекол: „Тогаш ќе има голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“ (Мат. 24:21). Ако размислиме какви неволји веќе претрпел овој свет, како што е Втората светска војна во која загинаа од 50 до 60 милиони луѓе, тогаш големата неволја ќе биде нешто навистина страшно. Врв на таа неволја ќе биде Армагедон. Тогаш Јехова ќе им даде заповед на своите небесни војски да ја уништат и последната трага од поредокот со кој Сатана владее на Земјата (Отк. 16:14, 16).

11, 12. Кој настан ќе го означи почетокот на големата неволја?

11 Библиските пророштва не даваат датум кога ќе почне првата фаза од големата неволја, но сепак дознаваме дека ќе има еден несекојдневен настан што ќе го означи нејзиниот почеток. Тоа ќе се случи кога политичките сили ќе ја уништат целокупната лажна религија. Во пророштвата запишани во 17. и 18. поглавје од Откровението, лажната религија е споредена со блудница која има неморални односи со политичките системи на Земјата. Од Откровение 17:16 дознаваме дека во скоро време овие политички елементи „ќе ја замразат блудницата и ќе ја опустошат и ќе ја разголат. И ќе го изедат нејзиното месо и ќе ја изгорат со оган“.

12 Кога ќе дојде време за тоа, Бог ќе „им стави во срцата [на политичките водачи] да ја извршат неговата замисла“ така што ќе ја уништат лажната религија (Отк. 17:17). Затоа може да се каже дека ова уништување доаѓа од Бог. Тоа е негова осуда над лицемерната религија која со векови шири учења спротивни на Божјата волја и ги прогонува неговите слуги. Повеќето луѓе во светот не го очекуваат ова уништување на лажната религија. Но, верните слуги на Јехова го очекуваат. Во овие последни денови, тие им кажуваат и на другите за тоа.

13. Што покажува дека крајот на лажната религија ќе се одигра брзо?

13 За луѓето ќе биде голем шок кога ќе видат дека лажната религија е уништена. Библиските пророштва покажуват дека дури и некои од „царевите на земјата“ во врска со тоа уништување ќе велат: „Штета, штета... зашто во еден час стигна твојата осуда!“ (Отк. 18:9, 10, 16, 19). Зборовите „во еден час“ покажуваат дека овој настан ќе се одигра прилично брзо.

14. Кога непријателите на Јехова ќе ги нападнат неговите слуги, и што ќе направи тој?

14 Веруваме дека некое време откако ќе биде уништена лажната религија, слугите на Јехова, кои ги објавувале пораките на осуда, ќе станат мета на напад (Езек. 38:14-16). Кога ќе почне тој напад, неговите извршители ќе мораат да се соочат со Јехова, кој ветува дека ќе го штити својот народ. Тој вели: „Во својата јарост, во огнот на својот гнев, ќе проговорам... и тогаш ќе знаат дека јас сум Јехова“. (Прочитај Езекиел 38:18-23.) Во својата Реч, Бог ветува: „Кој ве допира вас [моите верни слуги], ја допира зеницата на моето око“ (Зах. 2:8). Според тоа, кога непријателите ќе ги нападнат неговите слуги по целата Земја, Јехова ќе возврати. Ќе преземе акција која ќе ја означи последната фаза од големата неволја — Армагедон. Предводени од Христос, моќните ангелски војски ќе ги извршат Јеховините осуди над Сатановиот свет.

Крајот и ние

15. Како треба да влијае на нас тоа што знаеме дека е близу крајот на овој свет?

15 Како треба да влијае на нас тоа што знаеме дека крајот на овој злобен свет е многу близу? Апостол Петар напишал: „Бидејќи сето тоа така треба да се распадне, вашите дела нека бидат свети и по нив нека се види дека сте му оддадени на Бог“ (2. Пет. 3:11). Овие зборови нагласуваат колку е важно да внимаваме нашето однесување да биде во склад со Божјите барања, и да покажеме со нашите дела дека сме му оддадени на Јехова и дека го сакаме. Меѓу другото, тоа значи и да даваме сѐ од себе за да ја проповедаме добрата вест за Царството пред да дојде крајот. А Исус дал совет: „Бидете будни, сесрдно молејќи се за сето време“ (Лука 21:36). Ќе станеме поблиски со Јехова и ќе му покажеме дека го сакаме ако постојано разговараме со него во молитва и ако го молиме да нѐ води со својот свет дух и преку своето меѓународно собрание.

16. Зошто треба цврсто да се држиме за советите од Божјата реч?

16 Во овие бурни времиња, треба цврсто да се држиме за следниов совет што е даден во Божјата реч: „Добро внимавајте како живеете — не како немудри, туку како мудри. Откупувајте си време, зашто деновите се зли“ (Еф. 5:15, 16). Денес злобата е раширена повеќе од кога и да е порано. Сатана смислил многу работи за да ги спречи луѓето да ја вршат Јеховината волја или едноставно за да им го одврати вниманието од тоа. Како Божји слуги, ние го знаеме ова и не сакаме да дозволиме нешто да ни ја ослаби лојалноста кон Бог. Освен тоа, знаеме што ќе се случи наскоро и имаме потполна доверба во Јехова и во неговите намери. (Прочитај 1. Јованово 2:15-17.)

17. Опиши како ќе реагираат оние што ќе го преживеат Армагедон кога мртвите ќе воскреснуваат.

17 Ќе се исполни и прекрасното ветување на Бог дека ќе ги врати мртвите во живот, зашто Тој „ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). Забележи колку е сигурно ова ветување: „Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“! Нема никакво сомневање во тоа — ова го ветува Јехова! Во Исаија 26:19 е запишано ветувањето: „Твоите мртви ќе оживеат... Разбудете се и извикувајте, вие што живеете во правта!.. Земјата ќе ги врати на свет немоќните мртовци“. Овие зборови првпат се исполниле кога Божјиот древен народ се вратил во својата татковина, а тоа ни е гаранција дека и дословно ќе се исполнат во новиот свет. Колкава ли ќе биде радоста кога воскреснатите ќе се видат со своите најмили! Да, крајот на Сатановиот свет е близу, а Божјиот нов свет само што не дошол. Затоа, многу е важно да останеме будни!

Се сеќаваш ли?

• Која била главната тема за која поучувал Исус?

• Во колкав размер се проповеда за Царството денес?

• Зошто е важно да бидеме будни?

• Како те охрабрува ветувањето од Дела 24:15?

[Прашања]

[Рамка/слика на страници 16 и 17]

 ПОЧНУВА ВРЕМЕ НА ПРЕВИРАЊА

Во 2007 год., излезе книгата на Ален Гринспен, Време на превирања: доживувањата во еден нов свет (The Age of Turbulence: Adventures in a New World). Речиси 20 години, Гринспен беше претседател на Управата на федералните резерви на САД, која се грижи за целокупниот централен банкарски систем во земјата. Гринспен ја истакнува острата разлика помеѓу ситуацијата во светот пред и по 1914 год.:

„Според сите извештаи од тоа време, се чини дека пред 1914 год. светот одел само во еден правец — кон поголема човечност и цивилизираност; човечкото општество навидум одело кон совршенство. Во 19 век, ѝ дошол крајот на одвратната трговија со робови. Имало сѐ помалку ѕверски насилства... Во 19 век, светот итал напред во поглед на технологијата. Тоа бил почеток на ерата на железничкиот превоз, телефонот, струјата, филмот, автомобилите и домашните апарати. Благодарение на медицината, поздравата исхрана и достапноста на чиста вода за пиење се зголемил и животниот век... Изгледало дека таквиот напредок ништо не може да го запре“.

Книгата додава: „Првата светска војна им нанесе поголема штета на човечноста и на човечкото општество отколку Втората светска војна која, во поглед на бројот на жртвите, беше многу поразорна. Зошто? Затоа што Првата светска војна уништи една идеја. Неверојатно е гледиштето што го имале луѓето кои живееле во годините пред војната, кога иднината на човештвото изгледала безгрижна и идилична. Денес на иднината гледаме многу поинаку отколку пред еден век, но веројатно и многу пореално. Дали тероризмот, глобалното затоплување или сѐ поголемата власт во рацете на обичниот народ ќе имаат ист ефект врз нашево напредно време на глобализација како што имаше Првата светска војна врз тогашниот период? Никој не може со сигурност да одговори на тоа“.

Во книгата, Гринспен спомнува една изјава на професорот по економија, Бенџамин М. Андерсон (1886-1949), што му останала во сеќавање уште од студентските денови: „Оние што се сеќаваат и знаат каков беше светот пред Првата светска војна, со голема носталгија гледаат на тоа време. Чувството на сигурност што владееше тогаш, исчезна еднаш засекогаш“ (Економијата и државната благосостојба — Economics and the Public Welfare).

И Џ. Џ. Мајер изнесува сличен заклучок во својата книга Уништен свет (A World Undone), издадена во 2006 год. Таму читаме: „Честопати се вели дека историските настани ‚менуваат сѐ‘. Иако тоа не е секогаш точно, Големата војна [1914-1918] навистина смени сѐ: не само границите, владите и судбината на народите, туку и начинот на кој луѓето го гледаат светот и себеси. Таа е еден вид јаз во времето, кој засекогаш го одвои повоениот свет од сѐ што било порано“.

[Слика на страница 18]

Во Армагедон, Јехова ќе ги пушти во напад моќните ангелски војски