Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Праведните засекогаш ќе го фалат Бог

Праведните засекогаш ќе го фалат Бог

Праведните засекогаш ќе го фалат Бог

„Праведникот ќе се памети засекогаш... Неговата праведност останува засекогаш“ (ПС. 112:6, 9)

1. а) Каква прекрасна иднина ги чека сите што Бог ги смета за праведни? б) Кое прашање се поставува?

КАКВА прекрасна иднина ги чека сите луѓе што Бог ги смета за праведни! Тие со восхит ќе можат да учат сѐ повеќе и повеќе за убавите особини на Јехова, и тоа во сета вечност. Колку повеќе работи ќе дознаваат за Божјето творештво, толку поголеми фалби за Бог ќе им извираат од срцето. Едно од клучните барања за да доживееме таква иднина е ‚праведноста‘, која е нагласена во 112. Псалм. Но, како е можно светиот и праведен Бог, Јехова, да ги смета грешните луѓе за праведни? Зарем не е факт дека, колку и да се трудиме да го правиме она што е исправно, ние сепак грешиме, а понекогаш правиме дури и сериозни грешки? (Рим. 3:23; Јак. 3:2).

2. Кои две чуда ги направил Јехова од љубов?

2 Од љубов, Јехова обезбедил совршено решение. Како? Прво, преку чудо го пренел животот на својот сакан небесен Син во матката на една девица за тој да се роди како совршен човек (Лука 1:30-35). А потоа, откако непријателите го убиле Исус, Јехова направил уште едно големо чудо — го воскреснал како величествено духовно суштество (1. Пет. 3:18).

3. Зошто Бог со задоволство го наградил својот Син со небесен живот?

3 Јехова го наградил својот Син давајќи му нешто што го немал пред да дојде како човек на Земјата — неуништлив живот на небото (Евр. 7:15-17, 28). Јехова со задоволство го направил тоа затоа што Исус останал беспрекорно верен и под најтешките испити. Со тоа, Исус му овозможил на својот Татко да го даде најдобриот, совршениот, одговор на Сатана, кој лаже дека луѓето му служат на Бог од себични мотиви, а не од неугаслива љубов (Изр. 27:11).

4. а) Што направил Исус за нас откако се вратил на небото, и како реагирал Јехова на тоа? б) Што чувствуваш ти за Јехова и за Исус поради она што го направиле за тебе?

4 На небото, Исус направил уште нешто. ‚Се појавил пред Божјето лице за нас‘ и ја принел вредноста на „својата крв“. Нашиот добар небесен Татко спремно ја прифатил скапоцената жртва на Исус како „жртва помирница за нашите гревови“. На темел на таа жртва, ‚совеста ни е исчистена‘ и можеме „да му служиме на живиот Бог“. Ова е силна причина да ги повторуваме уводните зборови од 112. Псалм: „Фалете го Јах!“ (Евр. 9:12-14, 24; 1. Јов. 2:2).

5. а) Што мора да правиме за Бог да нѐ смета за праведни? б) Како се напишани 111. и 112. Псалм?

5 За Бог да нѐ смета за праведни, мора да имаме вера во пролеаната крв на Исус. Да не дозволиме да помине ниту еден единствен ден без да му заблагодариме на Јехова затоа што толку многу нѐ сака (Јован 3:16). Исто така, треба да продолжиме да ја проучуваме Божјата реч и со сите сили да се трудиме да живееме во склад со она што е запишано во неа. Во 112. Псалм има убави совети за сите што сакаат да задржат чиста совест пред Бог. Овој псалм се надоврзува на 111. Псалм. И двата почнуваат со поттикот „Фалете го Јах!“ или „Алилуја!“ Потоа следат 22 реда, а секој ред почнува со една од 22-те букви на хебрејската азбука. *

Услов за среќа

6. Како е благословен „човекот“ што се бои од Бог опишан во 112. Псалм?

6 „Среќен е човекот што се бои од Јехова и вистински ужива во неговите заповеди. Неговите потомци ќе бидат моќни на земјата. Поколението на справедливите ќе биде благословено“ (Пс. 112:1, 2). Забележи дека псалмистот прво зборува во еднина — „човекот“ — а потоа, во вториот дел од 2. стих преминува на множина — „справедливите“. Ова покажува дека 112. Псалм може да се однесува на група составена од повеќе луѓе. Интересно е тоа што апостол Павле, воден од светиот дух, го применил Псалм 112:9 на христијаните од првиот век. (Прочитај 2. Коринќаните 9:8, 9.) Овој псалм одлично покажува како можат да бидат среќни денес Христовите следбеници на Земјата!

7. Зошто слугите на Бог треба да имаат исправен страв од него, и како треба да гледаш на Божјите заповеди?

7 Како што можеме да видиме од Псалм 112:1, вистинските христијани се многу среќни затоа што ‚се бојат од Јехова‘. Овој исправен страв да не му згрешат на Бог им помага да му се спротивстават на духот на Сатановиот свет. Тие ‚вистински уживаат‘ да ја проучуваат Божјата реч и да ги држат Божјите заповеди. Една од нив е и заповедта да се проповеда добрата вест за Царството по целата Земја. Христијаните се трудат да прават ученици од луѓето од сите народи и ги предупредуваат злобните дека е близу денот кога Бог ќе ги изврши своите осуди (Езек. 3:17, 18; Мат. 28:19, 20).

8. а) Како Бог ја благословува ревноста на својот народ денес? б) Какви благослови ги очекуваат во иднина оние што имаат надеж вечно да живеат на Земјата?

8 Денес на Земјата има околу седум милиони Божји слуги благодарение на тоа што им се послушни на таквите заповеди. Зарем некој може да тврди дека не се „моќни на земјата“? (Јован 10:16; Отк. 7:9, 14). И колку уште ќе бидат ‚благословени‘ додека Бог ја исполнува својата намера! Како група, оние што имаат надеж вечно да живеат на Земјата ќе бидат заштитени во „големата неволја“ и ќе ја сочинуваат ‚новата земја‘ во која „ќе живее праведноста“. Но, тоа не е сѐ. По некое време, оние што ќе го преживеат Армагедон ‚ќе бидат благословени‘ уште повеќе. Тие со радост ќе ги пречекаат милионите луѓе што ќе воскреснат. Каква прекрасна надеж! На крајот, оние што ‚вистински уживаат‘ во Божјите заповеди ќе станат совршени луѓе и засекогаш ќе ја имаат „славната слобода на Божјите деца“ (2. Пет. 3:13; Рим. 8:21).

Мудро да се користи богатството

9, 10. Како вистинските христијани го користат своето духовно богатство, и во која смисла нивната праведност ќе остане засекогаш?

9 „Вредни работи и богатство има во неговата куќа, неговата праведност останува засекогаш. Тој засвети во темнината како светлина за справедливите. Милостив е, милосрден и праведен“ (Пс. 112:3, 4). Во библиски времиња, некои Божји слуги биле познати по тоа што биле доста богати. Но, оние што Бог ги прифаќа се вистински богати и во друга смисла, дури и ако немаат многу во материјален поглед. Вистина е дека можеби повеќето од оние што избираат да се понизат пред Бог се сиромашни и презрени од другите, исто како што било и во времето на Исус (Лука 4:18; 7:22; Јован 7:49). Но, сеедно дали некој има малку или многу во материјален поглед, во духовен поглед може да биде вистински богат (Мат. 6:20; 1. Тим. 6:18, 19; прочитај Јаков 2:5).

10 Помазаните христијани и нивните придружници не го чуваат своето духовно богатство само за себе. Напротив, тие ‚светат‘ во мрачниот свет на Сатана „како светлина за справедливите“. Тоа го прават така што им помагаат и на другите да стекнат духовно богатство, односно мудрост и знаење за Бог. Противниците се обидуваат да го спречат проповедањето за Царството, но не успеваат. И покрај сите нивни напори, резултатите од ова праведно дело ‚ќе останат засекогаш‘. Ако останат праведни, Божјите слуги можат да бидат сигурни дека ќе живеат вечно, дека ‚ќе останат засекогаш‘.

11, 12. Наброј некои начини на кои Божјиот народ ги користи своите материјални средства.

11 Божјиот народ — и помазаниците и оние што го сочинуваат ‚големото мноштво‘ — докажал дека е великодушен во материјален поглед. Во Псалм 112:9 пишува: „Великодушно дели; им дава на сиромасите“. Денес, вистинските христијани честопати материјално им помагаат на сохристијаните, па дури и на другите на кои им треба помош. Исто така, ги користат материјалните средства за да организираат акции за помош при катастрофи. Како што рекол Исус, и тоа е извор на среќа. (Прочитај Дела 20:35; 2. Коринќаните 9:7.)

12 Земи го предвид и тоа колку средства се потребни за да се издава ова списание на 172 јазика, а многу од тие јазици ги зборуваат луѓе што се релативно сиромашни. Да не заборавиме дека ова списание се прави и на разни знаковни јазици за глувите и на Брајово писмо за слепите.

Милостив и праведен

13. Кој ни е најубав пример во поглед на милостивото давање, и како можеме да го следиме нивниот пример?

13 „Добар е човекот кој е милостив и дава на заем“ (Пс. 112:5). Веројатно си забележал дека некои луѓе што им помагаат на другите не се секогаш милостиви. Има такви што даваат за да се истакнат. Други, пак, даваат зашто мораат. Не е баш пријатно да ти помага некој што го користи тоа за да те понижи или да ти наметне чувство дека си му товар. Спротивно на ова, колку ни е убаво кога добиваме помош од некој што е милостив. Во овој поглед Јехова ни е најдобар пример — тој милостиво и радосно им дава на другите (1. Тим. 1:11; Јак. 1:5, 17). Исус Христос совршено го следел примерот на својот Татко во врска со милостивоста (Мар. 1:40-42). Според тоа, ако сакаме Бог да нѐ смета за праведни, треба радосно и милостиво да даваме, особено во службата на проповедање со која им носиме духовна помош на ближните.

14. Наведи некои начини на кои можеме ‚праведно да ги извршуваме своите работи‘.

14 „Своите работи ги извршува праведно“ (Пс. 112:5). Како што било проречено, верниот управител се грижи за имотот на Господарот во склад со Јеховината правда. (Прочитај Лука 12:42-44.) Доказ за тоа се библиските упатства што ги добиваат старешините, кои понекогаш мораат да решаваат случаи кога некој од собранието прави тежок грев. И од библиските упатства што верниот роб ги дава во врска со тоа како треба да функционираат собранијата, мисионерските и бетелските домови може да се види дека работите се вршат праведно. Точно е дека од старешините се бара да бидат праведни, но и сите други христијани треба праведно да постапуваат еден со друг, а и со оние што не ги делат нивните верувања. Ова важи и за деловните зделки. (Прочитај Михеј 6:8, 11.)

Награди за праведноста

15, 16. а) Како влијаат врз праведните лошите вести во светот? б) Со што се решени да продолжат Божјите слуги?

15 „Тој нема никогаш да падне. Праведникот ќе се памети засекогаш. Нема да се плаши од лоши вести. Неговото срце е постојано, има доверба во Јехова. Срцето му е непоколебливо, тој нема да се плаши, и на крајот ќе ликува над своите противници“ (Пс. 112:6-8). Никогаш порано немало толку многу лоши вести, како што се вести за војни, тероризам, нови болести, стари болести што повторно земаат замав, криминал, сиромаштија и загадување. Оние што Бог ги смета за праведни не можат да ги избегнат последиците од лошите вести, но тие не дозволуваат стравот од нив да ги стаписа. Напротив, нивното срце е „постојано“ и „непоколебливо“ зашто гледаат на иднината со доверба, знаејќи дека Божјиот праведен нов свет е близу. А, ако ги снајде некоја несреќа, можат подобро да се справат со ситуацијата затоа што се потпираат на Јехова. Тој никогаш не дозволува неговите праведни слуги ‚да паднат‘ — им помага и им дава сила да истрајат (Фил. 4:13).

16 Праведните слуги на Бог мораат да се справуваат и со омразата и лагите што ги шират противниците, но тоа досега не успеало ниту, пак, ќе успее да ги замолчи вистинските христијани. Божјите слуги продолжуваат постојано и непоколебливо да го вршат делото што Јехова им го дал — да ја проповедаат добрата вест за Царството и да ги поучуваат сите што се спремни да учат. Нема сомнение дека, како што крајот сѐ повеќе се приближува, праведните ќе наидуваат на сѐ поголемо противење. Омразата кон нив ќе биде најсилна кога Сатана Ѓаволот, како Гог од Магог, ќе го предводи светот во напад врз Божјиот народ. Тогаш, ние ‚ќе ликуваме над своите противници‘ затоа што тие ќе доживеат срамен пораз. Ќе биде невидено доживување кога Јеховиното име ќе биде потполно посветено! (Езек. 38:18, 22, 23).

„Ќе се возвиши во слава“

17. Како праведниот „ќе се возвиши во слава“?

17 Каква неизмерна радост ќе чувствуваме кога конечно сите ќе го фалиме Јехова, без противењето на Ѓаволот и неговиот свет! Сите што ќе останат праведни во Божји очи ќе ја имаат таа радост засекогаш. Тие нема да доживеат срамен пораз, затоа што Јехова ветува дека ‚рогот‘ на праведниот „ќе се возвиши во слава“ (Пс. 112:9). Праведните слуги на Јехова победоносно ќе ликуваат поради поразот на сите што ѝ се противат на Неговата власт.

18. Како ќе се исполнат последните зборови од 112. Псалм?

18 „Злобниот ќе го гледа тоа и ќе се јаде од мака. Ќе чкрта со забите и ќе се топи. Ќе пропадне желбата на злите“ (Пс. 112:10). Сите што ќе продолжат да се борат против Божјиот народ наскоро ‚ќе се стопат‘, а со нив ќе се стопи и нивната завист и омраза. Нивната желба да му стават крај на нашето дело ќе пропадне заедно со нив во претстојната „голема неволја“ (Мат. 24:21).

19. Во што можеме да бидеме сигурни?

19 Ќе бидеш ли и ти меѓу оние што ќе преживеат и ќе се радуваат на таа голема победа? А ако, пред да дојде крајот, се случи да го изгубиш животот поради болест или старост, ќе бидеш ли меѓу „праведните“ што ќе бидат воскреснати? (Дела 24:15). Ќе можеш да одговориш со ‚да‘ ако продолжиш да покажуваш вера во откупната жртва на Исус и ако го следиш примерот на Јехова, како што прават оние кои се претставени со праведниот ‚човек‘ опишан во 112. Псалм. (Прочитај Ефешаните 5:1, 2.) Јехова ќе се погрижи „праведникот [да] се памети засекогаш“ и да не се заборават неговите праведни дела. Тој секогаш ќе ги памети и ќе ги сака праведните (Пс. 112:3, 6, 9).

[Фуснота]

^ пас. 5 Поврзаноста на овие два псалма се гледа од начинот на кој се напишани, а и од нивната содржина. На пример, ако го споредиме Псалм 111:3, 4 со Псалм 112:3, 4 ќе видиме дека „човекот“ што се бои од Бог спомнат во 112. Псалм се труди да ги покажува Божјите особини што се величаат во 111. Псалм.

Прашања за размислување

• Кои причини ги имаме за да извикуваме „Алилуја“?

• Поради кои настани во нашево време вистинските христијани се толку среќни?

• Какви дарители сака Јехова?

[Прашања]

[Слика на страница 25]

За Бог да нѐ смета за праведни, мораме да имаме вера во пролеаната крв на Исус

[Слики на страница 26]

Доброволните прилози се користат во акции за помош и за производство на библиски публикации