Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Никогаш не заборавај го Јехова

Никогаш не заборавај го Јехова

Никогаш не заборавај го Јехова

НЕКОИ Израелци веќе доживеале нешто слично. Но, за повеќето, ова е првиот и единствен пат да преминат преку водна препрека без да се натопат. Јехова ја запрел водата на реката Јордан. Во долга и широка колона, неколку милиони Израелци го преминуваат сувото речно корито за да влезат во Ветената земја. Како и нивните прататковци што 40 години пред тоа преминале преку Црвеното Море, мнозина што го преминале Јордан сигурно си мислеле: ‚Никогаш нема да го заборавам ова што Јехова го направи тука‘ (Ис. Нав. 3:13-17).

Меѓутоа, Јехова знаел дека некои Израелци ‚бргу ќе ги заборават неговите дела‘ (Пс. 106:13). Затоа му заповедал на израелскиот водач, Исус Навин, да земе 12 камења од дното на реката и да ги постави како споменик во нивниот прв логор. Исус Навин објаснил: „Овие камења се траен спомен за синовите на Израел“ (Ис. Нав. 4:1-8). Тој споменик од камења требало да ги потсетува Израелците на моќните Јеховини дела и да им вреже во умот и во срцето зошто треба секогаш верно да му служат.

Дали овој извештај има значење и за Божјиот народ денес? Да. И ние не смееме да го заборавиме Јехова, и мораме да продолжиме лојално да му служиме. Но, и други предупредувања што им биле дадени на Израелците имаат значење за Јеховините слуги денес. Размисли за следниве зборови на Мојсеј: „Чувај се да не го заборавиш Јехова, својот Бог, и да не ги занемариш неговите заповеди, закони и одредби“ (5. Мој. 8:11). Одовде гледаме дека оној што ќе го заборави Јехова може намерно да му стане непослушен. Таа опасност е реална и денес. Кога им пишал на христијаните, апостол Павле ги опоменал да внимаваат да не западнат во „истата непослушност“ што ја покажале Израелците во пустината (Евр. 4:8-11).

Да разгледаме некои настани од историјата на Израел кои покажуваат колку е важно да не го заборавиме Бог. Освен тоа, поуките што ќе ги извлечеме од животот на двајца верни Израелци ќе ни помогнат да му служиме на Јехова истрајно и со благодарност.

Зошто не требало да го заборават Јехова

Во текот на сите години додека Израелците биле во Египет, Јехова никогаш не ги заборавил. Тој ‚се сеќавал на својот сојуз со Авраам, Исак и Јаков‘ (2. Мој. 2:23, 24). Она што го направил за да ги ослободи од ропството не требало да им се избрише лесно од сеќавањето.

Јехова го погодил Египет со девет неволји. Свештениците на фараонот, кои се занимавале со магија, со ништо не можеле да ги спречат неволјите. И покрај тоа, фараонот и понатаму му се противел на Јехова и не сакал да ги пушти Израелците да си одат (2. Мој. 7:14 — 10:29). Но, последиците од десеттата неволја го принудиле овој горделив владетел да отстапи пред Бог (2. Мој. 11:1-10; 12:12). Предводени од Мојсеј, Израелците и големо мноштво други луѓе, вкупно околу 3.000.000, заминале од Египет (2. Мој. 12:37, 38). Но, кратко потоа, фараонот се премислил. Им наредил на своите војници на бојни коли и на коњи — најмоќната војска на Земјата во тоа време — да ги фатат и да ги вратат назад неговите поранешни робови. Во меѓувреме, Јехова му рекол на Мојсеј да ги поведе Израелците до едно мало место наречено Пи-Аирот. Бидејќи тоа се наоѓало помеѓу Црвеното Море и еден планински венец, изгледало дека Израелците се нашле во ќорсокак (2. Мој. 14:1-9).

Фараонот мислел дека Израелците се фатиле во стапица, и неговата војска била спремна да ги нападне. Но, Јехова ги задржал Египќаните така што помеѓу нив и Израелците поставил столб од облак и од оган. Потоа Бог го разделил Црвеното Море и им направил премин преку морското дно, додека од страните се издигале водни ѕидови високи можеби и до 15 метри. Израелците почнале да го преминуваат морето одејќи по сувото дно. Набрзо Египќаните стигнале до брегот и виделе како Израелците поминуваат на другата страна (2. Мој. 13:21; 14:10-22).

Некој помудар водач би се откажал од потерата — но не и фараонот. Исполнет со самодоверба, им наредил на војниците што ги возеле бојните коли и на коњицата да тргнат по Израелците по сувото морско дно. Египќаните веќе опасно се приближиле кога Јехова ѝ ставил крај на таа бесна потера. Египетските бојни коли не можеле да се движат зашто Тој им ги извадил тркалата! (2. Мој. 14:23-25; 15:9).

Додека Египќаните се мачеле со бојните коли, сите Израелци излегле на источниот брег. Тогаш Мојсеј ја испружил раката над Црвеното Море, а Јехова ги срушил ѕидовите од вода. Милиони тони вода ги поклопиле фараонот и неговите војници. Ниеден од нив не преживеал. Конечно, Израелците биле слободни! (2. Мој. 14:26-28; Пс. 136:13-15).

Веста за овој настан долго време ги држела во страв околните народи (2. Мој. 15:14-16). Четириесет години подоцна, Раав, која живеела во Ерихон, им рекла на двајца Израелци: „Нѐ фати страв од вас... Зашто, чувме како Јехова ги исушил водите на Црвеното Море пред вас, кога сте излегувале од Египет“ (Ис. Нав. 2:9, 10). Дури ни тие пагански народи не заборавиле како Јехова го избавил својот народ. Очигледно, Израелците имале уште повеќе причини да се сеќаваат на Јехова.

‚Ги чувал како зеницата на своето око‘

Откако го поминале Црвеното Море, Израелците стигнале до „големата и застрашувачка пустина“, односно до Синајската Пустина. Додека патувале низ таа „жедна земја без вода“ — а и без храна за толку многу народ — Јехова се грижел за нив. Мојсеј рекол: „[Јехова] го најде [Израел] во пуста земја, во празна пустина, кај што се слуша завивање. Го загради, се грижеше за него, го чуваше како зеницата на своето око“ (5. Мој. 8:15; 32:10). Како се грижел Бог за нив?

Јехова им дал „леб од небото“, наречен мана, кој преку чудо се појавил „по површината на пустината“ (2. Мој. 16:4, 14, 15, 35). Бог предизвикал да потече и вода „од карпа тврда како кремен“. Бидејќи Јехова ги благословувал, дури ни облеката на Израелците не изветвила ниту, пак, нозете им отекувале во текот на 40-те години што ги поминале во пустината (5. Мој. 8:4). Што, со право, очекувал Јехова за возврат? Мојсеј му рекол на Израел: „Чувај се и добро пази ја својата душа за да не го заборавиш она што го видоа твоите очи и да не ти исчезне тоа од срцето во сите денови на твојот живот“ (5. Мој. 4:9). Ако со благодарност се сеќавале што сѐ правел Јехова за да ги избави, Израелците секогаш ќе му служеле и ќе се труделе да живеат според неговите закони. Но, што направиле тие?

Заборавот раѓа неблагодарност

Мојсеј рекол: „Ја заборави Карпата што те роди, го фрли во заборав Бог“ (5. Мој. 32:18). Израелците многу брзо заборавиле што направил Јехова кај Црвеното Море, како се грижел за нив во пустината и сѐ друго што правел за нив. Тие станале бунтовни.

Еднаш Израелците му приговарале на Мојсеј затоа што мислеле дека ќе умрат од жед (4. Мој. 20:2-5). А во врска со маната која ги одржувала во живот, тие се жалеле: „Овој никаков леб веќе ѝ се згади на нашата душа“ (4. Мој. 21:5). Освен тоа, се сомневале во Божјето водство и го отфрлиле Мојсеј како водач, велејќи: „Камо да изумревме во египетската земја или барем да изумревме во оваа пустина!.. Да си поставиме водач и да се вратиме во Египет!“ (4. Мој. 14:2-4).

Како му било на Јехова поради ваквата непослушност на Израелците? Осврнувајќи се на тие настани, псалмистот подоцна напишал: „Колку пати се бунеа против него во пустиот крај, го жалостеа во пустината. И секогаш одново го искушуваа Бог и му нанесуваа болка на Израеловиот Светец. Не се сеќаваа на неговата рака, на денот кога ги откупи од противникот, на начинот на кој ги правеше своите знаци во Египет“ (Пс. 78:40-43). Да, тие длабоко го повредиле Јехова.

Двајца што не заборавиле

Но, некои Израелци не го заборавиле Јехова. Двајца од нив биле Исус Навин и Халев. Заедно со уште десетмина мажи тие биле испратени од Кадис-Варни да ја извидат Ветената земја. Десеттемина донеле неповолен извештај, но Исус Навин и Халев им рекле на луѓето: „Земјата низ која поминавме за да ја извидиме навистина е многу добра земја. Ако сме му по волја на Јехова, тој ќе нѐ одведе во таа земја — земја во која тече мед и млеко — и ќе ни ја даде. Само немојте да се буните против Јехова!“ Кога ги чуле тие зборови, луѓето сакале да ги каменуваат Исус Навин и Халев. Но, тие останале непоколебливи и со цврста доверба во Јехова (4. Мој. 14:6-10).

Долги години по тој настан, Халев му рекол на Исус Навин: „Мојсеј, Јеховиниот слуга, ме испрати од Кадис-Варни да ја извидам земјата, и јас го известив за сѐ што видов, како што ми зборуваше срцето. А браќата што појдоа со мене му влеаја на народот страв во срцето. Но јас ја вршев волјата на Јехова, својот Бог, во сѐ“ (Ис. Нав. 14:6-8). Бидејќи имале доверба во Бог, Халев и Исус Навин издржале во разни тешкотии. Тие биле решени да не го заборават Јехова додека се живи.

Халев и Исус Навин покажале благодарност и затоа што биле свесни дека Јехова го исполнил ветувањето да го одведе својот народ во плодна земја. Израелците му го должеле својот живот на Бог. Исус Навин напишал: „Јехова му ја даде на Израел целата земја за која им се заколна на нивните прататковци дека ќе им ја даде... Не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што му ги даде Јехова на Израеловиот дом. Сѐ се исполни“ (Ис. Нав. 21:43, 45). Како можеме ние денес да покажеме благодарност каква што покажале Халев и Исус Навин?

Биди благодарен

Еден побожен човек еднаш го поставил ова прашање: „Со што да му возвратам на Јехова за сите добра што ми ги направи?“ (Пс. 116:12). Толку многу му должиме на Бог за сите материјални благослови што ни ги дава, за духовното водство и за сето она што го направил за да добиеме спасение, што цела вечност нема да ни стигне за да му возвратиме со иста мера. Всушност, не ни можеме да му возвратиме. Но, нешто што секој од нас може да му го даде е нашата благодарност.

Дали некогаш советите од Јехова ти помогнале да не западнеш во проблеми? Дали тоа што спремно ти простил ти помогнало повторно да имаш чиста совест? Бидејќи добрите резултати од ваквите постапки на Бог траат долго, толку треба да трае и нашата благодарност кон него. Една 14-годишна девојка по име Сандра имала сериозни проблеми, но ги надминала со помош од Јехова. Таа вели: „Го молев Јехова за помош, и начинот на кој ми помогна ми остави силен впечаток. Сега ми е јасно зошто татко ми толку често ми ги повторуваше Изреки 3:5, 6: ‚Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки‘. Сигурна сум дека Јехова секогаш ќе ми помага, како што ми помагаше и досега“.

Со истрајноста покажи дека не си го заборавил Јехова

Библијата нагласува уште една особина што е тесно поврзана со тоа да се сеќаваме на Јехова: „Истрајноста нека го доврши своето дело за да бидете совршени и потполни, без никаков недостаток“ (Јак. 1:4). Што значи да бидеме „совршени и потполни“? Тоа значи да ги развиваме особините што ќе ни помогнат да се соочиме со неволјите со доверба во Јехова и со решеност да ги издржиме без да попуштиме. Таквата истрајност носи големо задоволство откако ќе поминат испитите на верата. А ниту еден испит не трае вечно (1. Кор. 10:13).

Еден долгогодишен слуга на Јехова кој има сериозни проблеми со здравјето објаснува што му помага да издржи: „Се трудам да мислам на она што го прави Јехова, а не на она што јас сакам да го правам. За да му бидам верен на Бог, морам да мислам на неговите намери, а не на моите желби. Кога имам проблеми, не си мислам: ‚Јехова, зошто мене ми се случува ова?‘ Едноставно, продолжувам да му служам и останувам близок со него дури и кога ќе ме снајдат неочекувани тешкотии“.

Денес, вистинските христијани му служат на Јехова „со дух и со вистина“ (Јован 4:23, 24). Како група, тие никогаш не го забораваат Бог, како што направиле Израелците. Но, тоа што сме дел од собранието не е гаранција дека и самите ќе му останеме верни на Јехова. Исто како Халев и Исус Навин, секој од нас мора да покаже благодарност и истрајност во службата за Јехова. А имаме и добра причина да го правиме тоа, затоа што Јехова продолжува да нѐ води и да се грижи за секој од нас во овие тешки последни времиња.

Исто како споменикот од камења што го направил Исус Навин, записите за тоа како Бог го спасувал својот народ нѐ уверуваат дека тој нема да нѐ напушти. Затоа и ние, како псалмистот, да речеме: „Ќе се сеќавам на делата што ги направи Јах. Да, ќе се сетам на твоите дамнешни чудесни дела. Длабоко ќе размислувам за сите твои дела, ќе се зафатам со твоите постапки“ (Пс. 77:11, 12).

[Слика на страница 7]

Целиот Израел морал да оди низ „жедна земја без вода“

[Извор на слика]

Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.

[Слика на страница 8]

Кога Израелците биле улогорени кај Кадис-Варни, биле пратени извидници во Ветената земја

[Извор на слика]

Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.

[Слика на страница 9]

По долги години во пустината, Израелците требало да бидат благодарни за плодната Ветена земја

[Извор на слика]

Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.

[Слика на страница 10]

Ако се концентрираме на Јеховините намери, ќе можеме да истраеме под секаков испит